Црква „Св. Троица“ - Ропотово

Координати: 41°27′06.3″N 21°22′24.2″E / 41.451750° СГШ; 21.373389° ИГД / 41.451750; 21.373389
Од Википедија — слободната енциклопедија
Света Троица

Поглед на црквата

македонска православна црква
Епархија Преспанско-пелагониска
Архијерејско намесништво Прилепско
Парохија Ропотовска
Местоположба

Карта

Координати 41°27′06.3″N 21°22′24.2″E / 41.451750° СГШ; 21.373389° ИГД / 41.451750; 21.373389
Место Ропотово
Општина Долнени
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свето Тројство
Завршено 1859
Архитектонски опис

Свети Троица — главна селска црква во селото Ропотово.[1] Црквата претставува седиште на Ропотовската парохија.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Црквата се наоѓа на возвишение коешто ѝ дава доминантна положба во однос на остатокот од селото. Местоположбата на црквата е грижливо одбрана. Имајќи предвид дека во дворот на црквата има и една ниска карпа со култни обележја, може да се претпостави дека ритчето има долга историја на светост, односно култно-религиска традиција со подлабоки корени во времето. Се работи за карпа со елипсовидна, приближно хоризонтална површина, со насока север–југ, на која е издлабено помало корито со правоаголна форма, а во негово продолжение има и крст. Двата изработени објекти зафаќаат насока како и самата карпа, со тоа што коритцето е на јужната, а крстот во продолжение од северната страна. Каменот има необично својство, односно постојано чува вода во малото корито, без да се намалува или испарува, а водата од него според жителите на селото има чудотворна моќ да помага на луѓе со разни здравствени проблеми. Во него секогаш имало вода, без разлика на временските услови, но во последно време, се случувало и да ја снема, бидејќи ја пиеле кучиња скитници, кои особено се намножиле во селото.

Историја[уреди | уреди извор]

Црквата била изградена во 1859 година и била осветена од страна на пелагонискиот митрополит Бенедикт.[2] На нејзино место имало постара црква со помали димензии. Тоа може да се забележи и на самиот ѕид на црквата, особено на источната страна, над апсидата, каде јасно се одделува надѕидокот на градбата, која била пониска. Според месните жители, на старата порта, која денес се наоѓа во дворот на црквата, имало натпис на кој стоела годината 1937. Денешната црква е подигната по иницијатива и заложба на тукашниот свештеник Ристе Здравески, чиј гроб се наоѓа од јужната страна на апсидата, во мошне распадната положба.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Црквата претставува еднокорабна градба, изградена од камен и малтер, со полукружна апсида расчленета на пет ниши.[2] Таа, надворешно, остава силен естетски впечаток, кој го создаваат каменот со жолтеникаво-кафеава боја и белиот малтер. На нејзиниот покрив, иако мала форма, остава впечаток мермерниот крст со сончеви симболи на краците со динамична форма.

Црквата е оградена со камено-метална ограда, а во дворот се сместени камбанарија, помошни објекти и селските гробишта. Камбанаријата има квадратна основа и на секоја страна во горниот дел има по една бифора. Влезот на камбанаријата се наоѓа на западната страна.

Фрескоживопис[уреди | уреди извор]

Живописот на црквата го изработиле Димитриј, Ефтим и Ѓорѓи од селото Гари, Дебарско.[2] Како што се гледа од натписот на јужниот ѕид, тоа се браќата Димитрија, Евтим и Георги Андонови од селото Гари. Имињата на двајцата браќа зографи, Димитрија и Ѓорѓи се среќаваат и во црквата „Св. Спас“ во селото Кален, Прилепско, која ја насликале во 1891 година. Третиот зограф Ефтим, кој се споменува на натписот од Ропотово, всушност е братучед на Димитриј и Ѓорѓи од нивниот чичко Спас.

На живописот во црквата забележливи се потемни бои, што по малку потсетува на стилот на крушевските тајфи. Во 1970-тите години, живописот го освежувал мајстор од Крушево. Малата архитектонска форма на црквата во Ропотово влијаела и на богатството од живописните содржини, па видлива е нешто посиромашната библиска приказна, иако тоа не го намалува општиот впечаток на нагласеното мајсторство од завидно ниво.

Почнувајќи во олтарот со Мајката Божја, Рождеството Христово, трите мудреци кои доаѓаат при раѓањето на Исус Христос, озаглавени како Царие Персиски, Композиција со Светиот Син, Светиот Отец и Светиот Дух и други ликови од Библијата, живописот продолжува хронолошки, со раскажувањето на библиските содржини, сè до западниот ѕид на кој се среќава богата содржина во композицијата на Страшниот Суд. На самиот свод, особен впечаток создаваат портретот на Исус Христос Седржител и Мајката Божја, Ширшаја или Небесна. Во површината на ѕидот во светиот престол е насликан портрет на Исус Христос – Велики Архијереј. За жал, иако помали, и на овој живопис се забележуваат неколку оштетувања на живописните полиња, особено на деловите на сводот, кој е направен од дрвен материјал. Забележавме најмалку две поголеми оштетувања – едно при источниот, а другото при западниот ѕид, двете на сводестиот дел блиску до вертикалниот ѕид. Првото е на сликата со Светиот Отец, Светиот Син и Светиот Дух, а второто на сликата со портретот на Пророкот Мојсеј.

Галерија[уреди | уреди извор]

Надворешност
Внатрешност
Објекти во дворот на црквата

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 19. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 2,2 Црква „Света Троица“, село Ропотово“. OldPrilep. 5 октомври 2012.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]