Таида

Од Википедија — слободната енциклопедија
Француското издание на романот од 1922 г.

Таида (француски: Taïs) е роман на францускиот писател Анатол Франс, првично објавен во 1890 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Романот се состои од дела:

  • Лотос
  • Папирус
  • Гозба
  • Млечка

Лотос[уреди | уреди извор]

Во Тебаида, на брегот на Нил, во една колиба живее калуѓерот-испосник Пафнуциј, кој веќе десет години ги поминува во пост и постојани молитви. Со потекло од богато семејство, во младоста живеел во Александрија, каде бил вљубен во убавата глумица и куртизана Таида. Еден ден, сеќавајќи се на своите гревови од световниот живот, тој си го оживува споменот на Таида и одлучува да ја ослободи од гревот и да ја претвори во калуѓерка. За таа цел, тој оди во Александрија, каде од својот богат пријател Никија позајмува убава облека и пари. Откако во театарот гледа претстава во која глуми Таида, тој ја посетува во нејзиниот дом.[1]

Папирус[уреди | уреди извор]

Во овој дел најпрвин е опишан животот на Таида која се родила во сиромашно семејство и детството го поминала запоставена од родителите. Единствена утеха и поддршка ѝ бил робот Ахмес, кој ја запознал со христијанството и ја покрстил. Подоцна, тој бил лажно обвинет за кражба и бил распнат на крст. По неговата смрт, Таида започнала да води блуден живот, а еден ден, го напуштила својот дом придружувајќи ѝ се на старицата Мерое, која ја обучувала за танчерка и за куртизана. Откако стекнала голема слава и богатство во Антиохија, таа заминала во Александрија, каде нејзината слава уште повеќе се зголемила. Еден ден, таму дознала дека робот Ахмес во меѓувреме станал христијански светец. За време на посетата на Таида, Пафнуциј ѝ ја посочува бедата на земниот живот, ѝ укажува на нејзината грешна душа и ја повикува да му се предаде на христијанството.[2]

Гозба[уреди | уреди извор]

Таида го поведува Пафнуциј на вечера во домот на префектот на морнарицата, Луциј Аурелиј Кота, каде тој ги слуша беседите на неколку мудри луѓе: свештеници, филозофи и поети. Вечерата завршува со општо пијанство и блуд, а филозофот Еукрит извршува самоубиство. Згрозени, Пафнуциј и Таида го напуштаат друштвото и заминуваат во нејзиниот дом, каде ги палат сите скапоцености што ги поседува таа. Набргу, на улицата се собираат жителите на Александрија кои го каменуваат Пафнуциј, но, за негова среќа, доаѓа Никија и го спасува од сигурна смрт. Пафнуциј и Таида бегаат од градот и пешачат до манастирот што го раководи познатата калуѓерка Албина. Таму, Пафнуциј со своја рака ја затвора Таида во ќелија со цел да се ослободи од гревовите.[3]

Млечика[уреди | уреди извор]

Пафнуциј се враќа во своето братство, во пустината, но таму постојано мисли на Таида и му се причинуваат демони и ѓаволи. Вознемирен, тој ја напушта ќелијата и се сместува во еден напуштен египетски храм, каде одлучува да живее на врвот на еден столб. Набргу, неговото чудно испосништво станува прочуено и тука никнува нов град, а тој станува славен како исцелител на болните. Воден од невидлив глас, Пафнуциј слегува до столбот и заминува во пустината, живеејќи во една напуштена стара гробница. Сепак, ниту таму не наоѓа мир, туку уште повеќе му се зголемуваат страдањата и привиденијата. Еднаш, во борбата со злите духови, тој паѓа во несвест, а го спасуваат едни калуѓери кои одат на последната средба со светецот Антониј. Во пустината се собираат бројни калуѓери од сите страни на Египет и тогаш Антониј им се обраќа на калуѓерите. Кога доаѓа до братството на Пафнуциј, малоумниот Павле ја кажува својата визија, соопштувајќи дека Таида умира и дека во рајот ја чека нејзиното место, додека Пафнуциј ќе биде грабнат од три ѓаволи кои ќе го одвлечкаат во пеколот. Слушајќи ја веста за смртта на Таида, Пафнуциј се менува од корен: сфаќа дека попусто го поминал животот и дека неговата верба во бога е бесмислена, а љубовта кон Таида е единствената вредна работа. Набрзина заминува во манастирот каде ја здогледува Таида токму во мигот кога таа умира. Во тој миг, преплашените калуѓерки бегаат од него, нарекувајќи го вампир.[4]

За романот[уреди | уреди извор]

„Таида“ е филозофска фабула во проза, иснпирирана од текстовите од животот на светците, во која Франс ги претставува противречностите на верскиот догматизам. Основната идеја во делото е дека силата на религијата е токму во тоа што таа создава безбожници.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Anatol Frans, Taida. Beograd: Rad, 1961, стр. 3-38.
  2. Anatol Frans, Taida. Beograd: Rad, 1961, стр. 39-67.
  3. Anatol Frans, Taida. Beograd: Rad, 1961, стр. 68-108.
  4. Anatol Frans, Taida. Beograd: Rad, 1961, стр. 109-151.
  5. N. Lalić, „Beleške o piscu“, во: Anatol Frans, Taida. Beograd: Rad, 1961, стр. 156-157.