Стара џамија (Равен)
Стара џамија (Равен) | |
---|---|
Поглед на селската џамија | |
Координати: 41°46′55″N 20°51′10″E / 41.78194° СГШ; 20.85278° ИГД | |
Место | Равен |
Општина | Општина Гостивар |
Држава | Македонија |
Местоположба | |
Изградена | o. 1830 г. |
Правец | сунитски ислам |
Архитектура | |
Стил | османлиски |
Минариња | 1 |
Стара џамија (Равен) — една од двете џамии во селото Равен, во Општина Гостивар, Македонија.[1]
Џамијата е прогласена за значајно културно наследство на Македонија.[2]
Денес не работи како храм, и верските потреби на селаните се задоволуваат во новата џамија.
Историја
[уреди | уреди извор]Џамијата е изградена во првата половина на XIX век, околу 1830 година.[2]
Во 1913 година е зафатена од пожар и потоа обновена; оттогаш направени се повеќе интервенции. Се користела за верски потреби сè до 2003 година кога била напуштена. Заштитена е со закон во 2015 година, а нејзиното реставрирање започнало кон крајот на 2020 година во изведба на Конзерваторскиот центар од Гостивар.[3]
Архитектура
[уреди | уреди извор]Џамијата има правоаголен облик и се состои од отворено високо приземје и махвил (галерија) на кат. На северозападниот дел се наоѓа предворието (хајатот), кој служи за намаз и молитви, ако во храмот нема место или за оние што задоцниле. Од хајатот се влегува во самата џамија. Над влезот има дрвена галерија (махвил) за муезинот, а во поново време и за сместување на жените. Махвилот стои на еден средишен и два странични дрвени столба, додека од горната страна има облога од штици за подна конструкција. До махвилот се стигнува преку скалите за минарето.[2]
На спротивната страна се наоѓа михработ, вдлабнат во ѕид на горниот дел со полуконусен облик, а десно од него е минберот, изработен од дрво. Минберот претставува скалеста проповедница со врата покриена со завеса, служи за верски проповеди, од каде во петоците и во првиот ден од двата Бајрама, имамот држи посебни предавања. Покрај левиот страничен ѕид се наоѓа шурси.[2]
Минарето има две шерефиња (балкони), и округло скалиште одвнатре кое води горе до шерефето. Скалите се со доста високо чело (околу 31 см), како и тесно нагазиште (околу 20 см).[2]
Градбата е изведена со масивни камени ѕидови и бондручни конструкции одвнатре. Покривот е од дрвени диреци и греди, со ќерамиди врз нив. Фасадата е појадисана бело. Прозорците се со дрвени рамки, сместени на четирите страни во облик на правоаголник. Минарето има четириаголна основа од бигор, што преминува во осумаголно тело од бетон. Под шерефето има сталактитни украси. Над второто шерефе минарето завршува со шилест оловен покрив.[2]
Фазата не е богато обработена и е обоена со бела боја, освен задната фасада која е од кал.[2]
Внатрешност
[уреди | уреди извор]Во внатрешноста подот е изведен од штици, а таванот е рамен, дрвен и малтерисан. Внатрешната украсеност не е особено богата. На внатрешните ѕидови на дното преовладува белата боја, а во останатите делови отворена зелена боја. Михработ е поставен на рамка со темнозелена боја со странично поставени осумаголници, кои се појавуваат со цитати од Куранот и потекнува од изградбата на храмот. Во минарето има стилизирани геометриски украси насликани со жолто, кафеаво, сино и зелено.[2]
Состојба
[уреди | уреди извор]Конструктивната стабилност на џамијата не е во многу добра состојба, со оглед дека е со нарушена архитектонска и градежна структура. Долготрајната изложеност на директните атмосферски влијанија предизвикале сериозни оштетувања не само на дрвените елементи од кровната и меѓукатната конструкција, туку и носивите ѕидови од камена ѕидарија се одликуваат со видливи оштетувања, како од надворешната така и од внатрешната страна. Оштетувањата кај надворешните ѕидови се манифестираат со појава на одвојување и отпаѓање на фрагменти од малтерот, особено на југоисточната и делумно кај другите фасади. Видливи се дополнителни интервенции и на внатрешните ѕидни површини од џамијата со кои се извршило премалтерисување на поедини делови од ѕидовите. Одредени оштетувања се појавуваат и кај вертикалното истакнување на џамијата односно минарето, конкретно на шерефот (балконот) од надворешната страна и телото на минарето. Дрвените и декоративните елементи во ентериерниот простор, заради отсуството на редовно одржување се наоѓаат во исклучително лоша состојба. Оштетувања од посериозен карактер се регистрирани кај профилираната таваница во махвилот (галеријата), каде има појава на нарушување на дел од таванскиот систем, односно дел од површината од таваницата е критично одвоен од дрвената конструкција. Воочливи се денивелации на подните површини од штици кај махвилот (галеријата), како резултат на делумно налегнување и разместување на дрвениот гредоред.[2]
Согласно отпочнатиот проект за конзервација, реставрација и реконструкција на џамијата, од 2019 година се изведени повеќе конзерваторско-реставраторски работи, како што се зацврстување на темелните партии, инјектирање и консолидација на ѕидовите и препокривање на џамијата. Во 2023 година е предвидена санација на фасадите и на столаријата на објектот.[4]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поглед на џамијата
-
Минарето
-
Внатрешноста
-
Михработ
-
Внатрешноста
-
Воздушен поглед
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 75.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 „Стара џамија во с. Равен“. Управа за заштита на културното наследство. Архивирано од изворникот на 2017-08-18. Посетено на 18 август 2017.
- ↑ М., З. Г. (17 декември 2020). „Започна реставрацијата на старата џамија во Равен, Гостиварско“. ММС. Архивирано од изворникот на 2022-02-05. Посетено на 6 февруари 2022.
- ↑ „Старата џамија во Равен ќе биде целосно обновена до крајот на 2023 година“. Министерство за култура. Посетено на 2023-02-06.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Стара џамија (Равен) на Ризницата ?