Рамзес II

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Рамзес II (староегипетски: rꜥ-ms-sw; ~ 1303 п.н.е - јули или август 1213 г. п.н.е), наречен и Рамзес Велики — третиот египетски фараон од XIX династија,кој владеел од 1279 год.п.н.е па се до 1213 г.п.н.е.Често се смета за најголемиот,најпознатиот и најмоќниот фараон на египетската империја.Неговите наследници,кои подоцна станале Еѓипќани го нарекувале “Големиот предок”.Рамзес II предводел неколку воени експедиции во Левант со цел повторно да ја наметне египетската контрола врз Ханаан.Тој,исто така,предводел експедиции на југ,во Нубија,кои се впишани во натписите во Беит Ел-Вали и Герф Хусеин.

На 14 годишна возраст,Рамзес бил назначен како принц-регент од страна на неговиот татко Сети I. Според современите историски записи и на Манетон и на Египет, се верува дека тој стапил на престолот за време на неговите доцни тинејџерски години и познато е дека владеел со Египет од 1279 год.п.н.е до 1213 год.п.н.е,односно 66 години и 2 месеца.За него, еднаш било речено дека живеел 99 години,но поверојатно е дека умрел на 90 или 91 година.Ако тој станал фараон во 1279 год.п.н.е,како што денес веруваат повеќето египтолози,тој ќе го преземал тронот на 31 мај,1279 год.п.н.е,врз основа на познатиот датум на стапување на престолот на 27миот ден од третата последна сезона од египетскиот календар(на египетски: шему).За време на неговото владеење,Рамзес прославил 14 хеб-сед фестивали(првиот се одржувал по триесет години од владеењето на фараонот,а потоа на секои три години),повеќе од кој било друг фараон.По неговата смрт,тој бил погребан во гробница во Долината на Кралевите.Подоцна,неговото тело било преместено во кралското почивалиште каде што било откриено во 1881 година,а сега е изложено во музејот во Каиро.

На почетокот на неговото владеење тој бил заинтересиран за градење на градови,храмови и споменици.Тој го основал градот Пер-Рамзес во делтата на реката Нил и го поставил како престолнина и главна база за неговите походи во Сирија.Овој град бил основан врз остатоците од градот Аварис,тогашниот главен град на Хиксите кога тие го презеле,и во овој град се наоѓал главниот храм на богот Сет. Во грчките извори,тој е познат и како Озимандија,од транслитерација на грчки на дел од престолното име на Рамзес, Usermaatre Setepenre,”силната вистина(маат) на Ра,изберено од Ра”

Походи и битки[уреди | уреди извор]

Во својата младост,Рамзес II тргнал на бројни походи со цел да ги обезбеди границите на Египет и да ги врати назад претходно поседуваните територии кои биле во рацете Нубијците и Хетејците.Тој,исто така,бил одговорен за задушување на некои нубијски востанија,како и за организирање на поход во Либија.Иако битката кај Кадеш често се наметнува во научниот поглед на воените вештини и моќта на Рамзес II,сепак тој извојувал повеќе целосни победи врз непријателите на Египет.За време на неговото владеење,се проценува дека египетската војска достигнала број од околу 100.000 мажи,што претставувала страшна сила која тој ја користел за да го зајакне египетското влијание.


Битката против морските пирати Шaрдани[уреди | уреди извор]

Во втората година од владеењето,Рамзес II убедливо ги поразил морските пирати Шaрдани кои предизвикале хаос на медитеранското крајбрежје на Египет и ги напаѓале натоварените бродови кои пловеле по поморските патишта кон Египет.Шaрданите најверојатно доаѓале од брегот на Јонија или пак можеби од југозападна Анадолија.Рамзес испратил војници и бродови на стратешки места долж крајбрежјето и стрпливо им дозволил на пиратите да го нападнат нивниот плен пред вешто да ги изненади во поморската битка и да ги зароби сите со една борба.Една стела од градот Танис сведочи за нивното доаѓање “во нивните воени бродови од средината на морето,и никој не можел да застане пред нив “.Морало да има поморска битка некаде близу устието на реката Нил,бидејќи набрзо потоа многу Шердани биле видени како стражари на фараонот, и биле забележливи поради нивните рогати шлемови со испакната топка на средина,поради кружните штитови и големите мечеви од типот Нау II со кои биле прикажани во натписите на битката кај Кадеш.Во таа поморска битка,фараонот,исто така,ги поразил народите Лука(можеби подоцнежните Ликијци)и народите Шекелеш.

Првиот сириски поход[уреди | уреди извор]

Непосредните настани кои и претходеле на битката кај Кадеш биле раните походи на Рамзес II во Ханаан.Се чини дека неговиот прв поход се случил во четвртата година од неговото владееење и бил одбележан со поставување на стела близу денешен Бејрут.Поради атмосферски влијанија,натписот е речиси целосно неразбирлив.Неговите записи ни кажувааат дека тој бил принуден да се бори против принцот од Ханаан,кој бил смртно ранет од еден египетски стрелец,и чијашто војска подоцна била распуштена.Рамзес ги однел принцовите од Ханаан како живи затвореници во Египет.Тогаш,Рамзес ги ограбил владетелите на областите на денешен Среден исток и за да му се оддаде почит, секоја година се враќал во неговите командни места во Ривла.Во четвртата година од неговото владеење,за време на сирискиот поход,тој ја заробил хетејската вазалска држава Амуру.

Вториот сириски поход[уреди | уреди извор]

Во петтата година од своето владеење,Рамзес организирал поход на територија на Сирија против хетејските армии на Муватали ,во кој најважна битка била онаа кај Кадеш.Фараонот сакал победа кај Кадиш,и за да ги ги прошири египетските граници во Сирија и за да го следи примерот на татко му Сети I кога триумфално влегол во градот пред една деценија.Тој,исто така,го изградил новиот главен град Пер-Рамзес,каде што изградил фабрики за производство на оружје,бојни кочии,штитови,и кои наводно произведувале 1000 парчиња оружје за една недела,околу 250 бојни кочии за две недели,и 1000 штитови за недела и половина.По овие подготовки,Рамзес тргнал да ја нападне територијата кај Левант,која припаѓала на еден непријател посилен од кој било друг со кој тој се соочил претходно.Тоа била Империјата на Хетејците.

Иако војската на Рамзес била во помал број кај Кадеш и била фатена во заседа од страна на Хетејците,Рамезес се борел до крај и се вратил дома како херој.Војската на Рамзес претрпела големи загуби, особено во дивизијата “Ра” која за време на битката била распуштена по првиот напад на хетејските кочии .Откако се вратил во Египет,Рамзес рекол дека извоил голема победа.Тој ги изненадил сите со тоа што речиси победил во битка која била изгубена.Битката кај Кадеш била личен триумф за Рамзес,кога по паѓањето во заседа на Хетејците,младиот крал храбро ја обединил неговата расфрлана војска да се бори на бојното поле,додека тој избегнал смрт или заробување. Сепак,многу историчари ја сметаат оваа битка како стратегиски пораз за Египќаните бидејќи не успеале да го окупираат градот или територијата околу Кадеш.Рамзес ги украсил своите споменици со релјефи и натписи кои го опишуваат походот во целост,а особено битката претставена како голема победа.Натписите за неговата победа ги украсуваат ѕидовите на храмовите Рамесеум,Абидос,Карнак,Луксор и Абу Симбел.На пример,на ѕидовите на храмот Луксор,блиската катастрофа била претставена како чин на херојство:

“Неговото височество ги заклал сите вооружени хетејски војници,нивните големи владетели и нивните браќа...нивната пешадија и кочии паднале ничкум,едни врз други.Неговото височество ги убил...и тие испружено легале пред нивните коњи.Но,неговото височество бил сам,никој не го придружувал.”

Третиот сириски поход[уреди | уреди извор]

Влијанието на Египет сега било ограничено до Ханаан,додека Сирија паднала во рацете на Хетејците.Хананејските принцови,навидум охрабрени од неможноста на Египет да ја наметне својата волја како и потикнати од страна на Хетејците,покренале бунт против Египет.Уште еднаш,Рамзес II се вратил во Сирија,но овој пат се покажал поуспешен против непријателите Хетејци.За време на походот,тој ја поделил својата војска во две армии.Едната била предводена од неговиот син Амонхеркепешеф,и ги бркала воините на племињата Хасу преку Негев,па се до Мртвото Море,и го заробила Едом-Сир,а потоа и Моаб.Другата армија,која била предводена од Рамзес,го нападнала Ерусалим и Ерихон.Потоа,тој,исто така , во Моаб каде што се приклучил на неговиот син.Потоа,обединетата војска продолжила кон Хесбон,Дамаск,до Кумиди,за на крај да го зароби Упи(земјиштето околу Дамаск) и повторно да го воспостави влијанието на Египет.

Подоцнежни походи во Сирија[уреди | уреди извор]

Рамзес продолжил со воените успеси во осмата и деветтата година од своето владеење.Ја преминал реката Дог(Нар ал - Калб)и се упатил на север кон Амуру.Неговата војска успеала да стигне до Дапур каде што подигнал своја статуа.Па така,египетскиот фараон се нашол во северен Амуру,доста далеку од Кадеш,каде што не бил виден ниту еден египетски војник уште од времето на Тутмос III,речиси пред 120 години.Првин го опколил градот,а потоа го заробил.Н еговата победа се покажала како краткотрајна.Во деветтата година од владеењето,Рамзес подигнал стела во Бејт-Шеан.Откако повторно ја воспоставил својата власт во Ханаан,Рамзес се упатил на север заедно со својата војска. Таму, веројатно во десетата година била поставена една стела,која поголемиот дел е нечитлива и се чини дека датира од втората година од владеењето на кралот,.Тенкиот појас земја помеѓу Амуру и Кадеш не бил доволен за стабилно владеење.Во рок од една година,тие се вратиле кај хетејскиот дол,така што Рамзес уште еднаш морал да се упати кон Дапур во неговата десета година од владеењето.Овој пат тврдел дека се борел во битката и го облекол својот оклоп дури по два часа откако започнала битката.Шест синови на Рамзес,кои се уште ги носеле страничните плетенки,учествувале во ова освојување.Тој заземал градови во Ретену и Тунип во Нахарин,кои подоцна биле испишани на ѕидовите на Рамесеумот.Вториов успех бил исто толку значаен како првиот,бидејќи ниту една моќ не можела убедливо да ја порази другата во битка.

Мировен договор со Хетејците[уреди | уреди извор]

По неуспешните завери да го отстрани својот чичко од престолот,поразениот хетејски крал Мурсили III побегнал во Египет-неговата непријателска земја.Хатушили III одговорил со тоа што му побарал на Рамзес II да го предаде неговиот внук назад во земјата на Хетите.

Ова барање ги заладило односите помеѓу Египет и земјата на Хетите бидејќи Рамзес велел дека не знае каде се наоѓа Мурсили во неговата земја,со што двете империи сериозно се приближиле кон војна.Конечно,за да стави крај на конфликтот,Рамзес решил да склучи договор со новиот хетејски крал Хатушили,во Кадеш,во дваесет и првата година од своето владеење(1258 год.п.н.е).Претстојниот документ е најраниот познат мировен договор во светската историја.

Мировниот договор бил запишан во две верзии кои опстанале, од кои едната била запишана со египетски хиероглифи,а другата со акадски со клинесто писмо.Таквото двојазично запишување е често за многу последователни договори.Сепак,овој договор се разликува од другите по тоа што двете јазични верзии се различно формулирани.Иако, поголемиот дел од текстот е идентичен,хетејската верзија вели дека Египќаните дошле да молат за мир,додека пак египетската верзија го вели спротивното.Договорот бил предаден на Египет во вид на сребрена спомен-плоча, и оваа верзија со облик на џебна книга била однесена назад во Египет и врежана во храмот на Карнак.

Договорот бил склучен помеѓу Рамзес II и Хатушили III во дваесет и првата година од владеењето на Рамзес.(околу 1258 година).Неговите 18 членови повикуваат на мир помеѓу Египет и земјата на Хетите,а потоа налага да се одржува мирот што нивните богови го бараат. Во овој договор, границите не се исцртани,но тие можат да се заклучат од други документи.На папирусот Анастаси I се опишува Ханаан за време на последниот период од владеењето на Рамзес и таму се набројуваат и именуваат феникиски крајбрежни градови под египетска контрола. Пристанишниот град Сумур,кој се наоѓал северно од Библос,се споменува како најсеверниот град кој припаѓа на Египет,што укажува дека имало египетски гарнизон.

По склучувањето на мировниот договор,не се спомнуваат понатамошни египетски походи во Ханаан.Се чини дека северната граница била безбедна и мирна,па власта на фараонот била цврста се до неговата смрт и слабеењето на династијата.Кога кралот Мира се обидел да го вклучи Рамзес во непријателска акција против Хетејците,фараонот одговорил дека времињата кога се ковале завери во корист на Мурсили III се одамна поминати.Хатушли III му го напишал истото на Кандашман-Енлил II,(кралот на Вавилон) и го потсетил на времето кога неговиот татко,Кандашман-Тургу,му понудил да се бори против Рамзес II,кралот на Египет.Хетејскиот крал го поттикнал Вавилонецот да се спротивстави на друг непријател,кој морало да биде асирскиот крал,чии сојузници го убиле гласникот на египетскиот крал.Хатушли го поттикнал Кадашман-Енлил да му помогне и да ги спречи Асирците да ја прекинат врската помеѓу ханаатската провинција Египет и Мурсили III,сојузникот на Египет.

Походи во Нубија[уреди | уреди извор]

Рамзес II,исто така,водел походи јужно од првиот рид во Нубија.Кога Рамзес имал околу 22 години,двајца од неговите синови му се придружиле во походот,вклучувајќи го и синот Амонхеркепешеф.Додека Рамзес да стапи на власт,Нубија била колонија двесте години,но нејзиното освојување е прикажано во украсувањата на храмовите кои ги изградил Рамзес II во Беит Ел-Вали(кое за време на 60тите години од минатиот век беше подложено на епиграфска работа од страна на Ориенталниот Институт во кампањата за заштита на Нубија).Герф Хусеин и Калабша во северна Нубија.На јужниот ѕид од храмот Беит Ел-Вали,е прикажан Рамзес како јури кон Нубијците во воена кочија,додека неговите два сина Амонхеркепешеф и Хаемуас се наоѓаат зад него,исто така во воена кочија.На еден од ѕидовите од храмовите на Рамзес се вели дека во една од битките со Нубијците тој морал да се бори сам без никаква помош од своите војници.

Походи во Либија[уреди | уреди извор]

За време на владеењето на Рамзес II,постојат докази дека Египќаните биле присутни на површина од 300 километри(190 милји) која се протегала долж медитеранскиот брег,барем се до Завијет Ум ел-Ракан.Иако не се јасни точните случки околу основањето на крајбрежните тврдини,морало да има одреден степен на политичка и воена контрола за да се овозможи изградбата на тврдините.

Иако нема детални прикази од преземањето на воени акции на Рамзес против Либијците,постојат само неконкретни записи за нивното освојување и уништување,кои можат или не можат да се однесуваат на конкретни настани кои инаку не биле запишани.Можеби некои од овие записи говорат за времето кога Рамзес бил дел од походите на татко му во Либија,како што е стелата од Асуан од неговата втора година.Можеби токму Сети I бил тој кој ја постигнал оваа наводна контрола врз регионот, и кој планирал да воспостави одбранбен систем сличен на оној со кој ги обновил системите на исток.

Религиозно влијание[уреди | уреди извор]

Рамзес II бил фараонот кој се смета за најодговорен за бришењето на амарнскиот период од историјата.Тој,повеќе од кој било друг фараон,се обидел намерно да ги ишара амарнските споменици и да го смени карактерот на верските структури и структурата на свештенството,за да се обиде да ги врати назад каде што биле пред владеењето на Ехнатон.

Фестивалот Сед[уреди | уреди извор]

По 30 годишно владеење,Рамзес се вклучил на избрана група која вклучувала мал број од кралевите на Египет со најдолг животен век.Според традицијата,во триесетата година од своето владеење Рамзес прославил јубилеј кој се нарекувал фестивал Сед,за време на кој фараонот ритуално бил претворен во бог.Само на половина од неговото 66 годишно владеење,Рамзес со своите достигнувања веќе ги засенил малкуте големи кралеви.Тој воспоставил мир,ги задржал египетските граници и подигнал големи и бројни споменици низ империјата.Неговата држава била понапредна и помоќна од што била пред скоро еден век.Со станувањето бог,Рамзес драстично ја сменил не само неговата улога како владетел на Египет,туку и улогата на неговиот првороден син Амонхеркепешеф.Како избраниот наследник,командант и шеф на египетската војска,неговиот син успешно станал владетел на се,освен на името.

Градежна дејност и споменици[уреди | уреди извор]

Рамзес низ Нубија и Египет градел во голема мера,и неговите картуши може да се видат дури и на споменици што тој всушност не ги изградил.Приказите за неговата чест се издлабени на камен,статуи,остатоци од палати и храмови,особено кај Рамесеумот во западна Теба,како и камените храмови во Абу Симбел.Тој го прекрил со споменици земјиштето од Делта до Нубија на таков начин на кој ниту еден крал претходно не го направил.За време на неговото владеење,тој исто така,основал нова престолнина во Делта,наречена Пер-Рамзес,која претходно,за време на владеењето на Сети I служела како летна палата.

Неговиот спомен храм Рамесеум,бил само почеток на опседнатоста на фараонот со градењето.Кога градел,градел на ниво различно од речиси било што друго порано.Во третата година од своето владеење,Рамзес започнал со изградба на најамбициозниот градежен проект по пирамидите кои биле изградени 1500 години порано.Народот бил принуден да гради за да се измени изгледот на Египет.Во Теба биле изменети древните храмови,така што секој од нив ја изразувал честа на Рамзес како симбол на неговата наводна божествена природа и моќ.Рамзес одлучил да се овековечи и на камен,па затоа наредил измени во методите кои ги користеле неговите ѕидари.Префинетите,но површни релјефи на претходните фараони лесно биле менувани,па така нивните слики и зборови можело лесно да се избришат од страна на нивните наследници.Рамзес настојувал неговите резби да бидат подлабоко врежани во каменот,што направило да бидат не само помалку подложни на подоцнежни промени,туку и да бидат видливи на египетското сонце,што го одразувало неговиот однос со богот на сонцето,Амон Ра.

Рамзес изградил многу големи споменици,вклучувајќи го археолошкиот комплекс Абу Симбел,како и погребниот храм познат како Рамесеум.Тој градел на високо ниво за да обезбеди неговото наследство да го преживее забот на времето.Рамзес ја користел уметноста како средство за пропагирање на неговите победи врз надворешни инвазии,кои се прикажани на бројни релјефи на храмови.Исто така,Рамзес подигнал колосални статуи од себе повеќе од било кој друг фараон.Тој и присвоил многу постоечки статуи со тоа што испишал свои картуши на нив.

Пер-Рамзес[уреди | уреди извор]

Рамзес II ја преместил престолнината на неговото кралство од Теба во долината на Нил на ново место во источна Делта.Неговите мотиви не се сигурни,но можеби сакал да биде поблиску до своите територии во Ханаан и Сирија.Во новиот град Пер-Рамзес(или неговото цело име Pi-Ramesses Aa-nakhtu,што значи Град на Рамзес,Велик во победа),преовладувале големи храмови и огромната палата на кралот,заедно со своја зоолошка градина.Едно време,местото било погрешно утврдено како Танис,поради бројот на статуи и други материјали од Пер-Рамзес кои биле пронајдени таму,но сега е утврдено дека остатоците од Рамзес кај Танис биле донесени таму од некое друго место,и дека вистинскиот Пер-Рамзес се наоѓа околу 30 км јужно,близу денешен Кантир.Колосалните нозе од статуата на Рамзес се речиси се од она што денес преостанало над земјата,остатокот е затрупан во полињата.

Рамесеум[уреди | уреди извор]

Храмот-комплекс кој бил изграден од Рамзес II помеѓу Курна и пустината е познат како Рамесеум уште од 19ти век.Грчкиот историчар Диодор Сицилиски се восхитувал на овој огромен и познат храм,кој денес е сведен на само неколку урнатини.

Ориентиран северозападно и југоисточно,на самиот храм му претходеле два двора.Пред првиот двор стоела огромна кула,со кралската палата на левата страна и каде што се наѕирала огромната статуа на кралот.Останале само делови од основата и торзото од сиенитската статуа на устоличениот фараон која е висока 17 метри(56 стапки) и тешка повеќе од 1000 тона(980 долги тони ;1100 кратки тони).На кулата се претставени сцени каде што големиот фараон ги победува хетејските војски кои бегаат пред Кадеш.Во остатоците од вториот двор се вклучени делови од внатрешната фасада на кулата и дел од тремот на Озирис од десната страна.На ѕидовите се повторуваат сцени од војната и наводниот пораз врз Хетејците кај Кадеш.На горните регистри е прикажана гозбата и честа на фалускиот бог на плодноста Мин.На спротивната страна од дворот неколкуте преостанати столбови на Озирис можат да ја надополнат идејата за првобитната возвишеност.

Исто така,може да се видат расфрлани остатоци од двете статуи на седнатиот крал,една од розев гранит,а друга од црн,кои некогаш го опкружувале влезот на храмот.Во средните редови на големата сала со столбови,се уште стојат триесет и девет од четириесет и осум столбови.Тие се украсени со различни сцени од кралот пред различни богови.Зачуван е и делот од таванот украсен со златни ѕвезди на сина позадина.На неколу ѕидови од левата страна,во колона се прикажани децата на Рамзес.Светилиштето било составено од три последователни соби,со осум столба и ќелијата со четири столба.Преостанале само дел од првата соба со таван украсен со ѕвездени сцени и неколку остатоци од втората соба.Околу храмот се протегале огромни складови изградени од тули од кал.Меѓу урнатините биле пронајдени траги од училиште за писари.

Некогаш,на десната страна од салата со столбови се наоѓал храмот на Сети I,од кој денеска преостанале само темелите.

Абу Симбел[уреди | уреди извор]

Во 1255 год.п.н.е,Рамзес и неговата кралица Нефертари отпатувале во Нубија за да го отворат новиот храм,големиот Абу Симбел.Тоа е его претставено на камен.Човекот кој го изградил имал намера да стане не само најголемиот египетски фараон,туку еден од неговите богови.

Големиот храм на Рамзес II во Абу Симбел бил откриен во 1813 год. од страна на познатиот швајцарски стручњак по ориенталистика и патник Јохан Лудвиг Буркхарт.Сепак,дури по четири години можело да се влезе во храмот,бидејќи огромен куп песок речиси целосно ја покрил фасадата и колосалните статуи и го попречувал влезот.Овој подвиг го постигнал големиот истражувач од Падова,Џовани Батиста Белцони,кој успеал да стигне до внатрешноста на 4 август 1817 година.

Други споменици во Нубија[уреди | уреди извор]

Покрај познатиот храм во Абу Симбел,Рамзес оставил и други споменици од себе во Нубија.Неговите рани походи се насликани на ѕидовите на Беит Ел-Вали(сега преместени во Њу Калабша).Други храмови посветени на Рамзес се Дер и Герф Хусеин(исто така преместени во Њу Калабша).

Гробот на Нефертари[уреди | уреди извор]

Гробот на најважната и најпознатата сопруга на Рамзес бил откриен од страна на Ернесто Скиапарели во 1904 година.Иако во древните времиња бил ограбуван,гробот на Нефертари е исклучително важен,бидејќи неговиот величествен ѕид украсен со слики се смета за едно од најважните достигнувања на египетската уметност.Неколку скали направени од камен даваат пристап до претсобјето,кое е украсено со слики врз основа на поглавјето 17 од Книгата на мртвите.Овој астрономски таван ги претставува небесата и е насликан со темно сина боја и огромен број златни петокраки ѕвезди.Источниот ѕид на претсобјето е испрекинат со огромен отвор опкружен со прикази од Озирис на лево и од Анубис на десно.Ова,пак,води кон страничната соба која е украсена со сцени од принесување на жртви пред кои се наоѓа претсобје во кое е насликана Нефертари каде што ја претставуваат на боговите кои ја пречекуваат.На северната страна од претсобјето се наоѓаат скали кои што водат долу кон гробницата.Гробницата претставува огромна четириаголна соба која што зафаќа површина од 90 метри квадратни,астрономскиот таван кој е поставен врз четири целосно украсени столбови.Првично,црвениот саркофаг од гранит на кралицата бил поставен на средината на собата.Според религиозни доктрини од времето,токму во оваа соба,која што Египќаните ја нарекувале златна сала,се случувало препородувањето на починатиот.Овој украсен пиктограм на ѕидовите на гробницата бил инспириран од поглавјата 144 и 146 од Книгата на мртвите.На левата половина од собата,има пасуси од поглавјето 144 кои што се однесуваат на портите и вратите на кралството на Озирис,неговите чувари,како и магичните зборови што починатиот требало да ги изговори за да ги помине вратите.

Гробницата КВ5[уреди | уреди извор]

Во 1995 година,професорот Кент Викс,водачот на Тебан Мапинг Проџект(Theban Mapping Project),повторно го открил гробот КВ5.Докажано е дека претставува најголема гробница во Долината на кралевите и првично во неа се наоѓале мумифицирани остатоци од околу 52 сина на овој крал.Според истражувањето од 2006 год.во оваа гробница имало приближно 150 ходници и соби,а гробницата би можела да има околу 200 соби и ходници.Според откриените натписи,остракони и канопски вази во гробницата ,се верува дека најмалку 4 од синовите на Рамзес се закопани таму,вклучувајќи го Мератум,Сети, Амонхеркепешеф(неговиот првороден син),и Главниот кралски син ,Генералисимус Рамзес.Џојс Тилдсли пишува дека досега

“откриени се само оштетени гробници и дека има малку значителни погребни остатоци:илјадници керамички парчиња,фајанс шабти фигури,монисти,амајлии,делови од канопски вази,од дрвени ковчези,но нема неоштетени саркофази,мумии или сандаци за мумии кои што укажуваат дека можеби поголемиот дел од гробницата не бил користен. Гробовите во гробницата КВ5 биле целосно ограбени во античките времиња,и биле оставени со малку или без воопшто остатоци.

Колосална статуа[уреди | уреди извор]

Колосалната статуа на Рамзес II била обновена и подигната на плоштадот Рамзес во Каиро во 1955 година.Во август 2006 година,градежните изведувачи ја преместиле неговата статуа стара 3200 години од плоштадот Рамзес за да ја заштитат од издувните гасови кои ја влошувале состојбата на оваа статуа која е тешка 83 тона.Првично,статуата била земена од храмот во Мемфис.Новото место ќе биде во близина на идниот Голем Египетски музеј.

Смртта и наследството[уреди | уреди извор]

Пред да почине на 90 годишна возраст,Рамзес страдал од тешки стоматолошки проблеми и имал артритис и стврднување на артериите.Тој го збогатил Египет со сите резерви и богатства што ги собирал од другите империи.Тој надживеал многу од неговите сопруги и деца и оставил споменици насекаде низ Египет,особено во чест на неговата сакана прва кралица Нефертари.Во негова чест,уште 9 фараони го зеле името Рамзес ,но никој не бил велик како него.Речиси сите од неговите поданици биле родени во текот на неговото владеење.Рамзес II станал легендарна фигура, што толку очајно сакал да стане,но тоа не било доволно за да се заштити Египет.Нови непријатели ја нападнале империјата,која исто така имала внатрешни проблеми и не можела да трае вечно.По помалку од 150 години од неговата смрт паднала египетската империја и се распаднало Новото египетско кралство.

Мумија[уреди | уреди извор]

Првобитно,Рамзес бил погребан во гробницата КВ7 во Долината на кралевите,но поради грабежите,свештениците подоцна го префрлиле телото во зона на одржување,повторно го завиткале и го ставиле во гробницата на кралицата Инхапи.По седумдесет и два часа повторно било преместено во гробницата на врховниот свештеник Пинеџем II.Се ова е запишано со хиероглифи на платното кое го покривало телото.Денес,неговата мумија се наоѓа во египетскиот музејот во Каиро.

Од мумијата на фараонот,која е висока околу 1,7 м, може да се види орловскиот нос и силната вилица.Неговиот последен наследник бил неговиот тринаесетти син Мернептах.

За време на една посета во 1974 година,египтолозите забележале дека состојбата на мумијата се влошува и ја однеле во Париз за испитување.На Рамзес II му бил издаден египетски пасош и како професија било наведено “крал(починат)”.Мумијата била пречекана на аеродромот Ле Бурже,во близина на Париз ,со сите воени почести кои му доликуваат на еден крал.

Во Париз,било откриено дека мумијата на Рамзес била нападната од габи ,против кои било интервенирано.За време на испитувањето ,научните анализи откриле рани од битки и стари скршеници како и артритисот и слабата циркулација на фараонот.

Се верува дека Рамзес II во суштина бил осакатен од артритисот и одел со свиткан грб за време на последните децении од неговиот живот.Едно неодамнешно истражување го исклучило анкилопоезниот спондилитис како можна причина за артритисот на фараонот.Била откриена една забележлива дупка во долната вилица на фараонот.Истражувачите забележале “еден гноен чир кај неговите заби кој бил доволно сериозен за да предизвика смрт од инфекција,иако ова не може да се тврди со сигурност.”.Гастон Масперо,кој ја одвиткал мумијата на Рамзес, пишува “на слепоочниците има неколку слаби влакна, но на врвот влакната се доста дебели и се обликуваат мазни и лесни локни долги околу пет центиметри.За време на смртта тие биле бели,а во текот на животот можно е да биле костенливи,тие се обоени во светло црвена боја со помош на зачини(к’на) која се користи во балсамирањето..мустаќите и брадата се тенки..Влакната се бели,како оние на главата и веѓите..кожата е кафенкаста,исфлекана со црно...лицето на мумијата дава добра претстава за лицето на живиот крал.

Микроскопски преглед на корените на косата на Рамзес покажал дека косата на кралот првобитно била црвена,што укажува дека тој потекнувал од семејство на црвенокоси.Ова има повеќе од само козметичко значење:во древниот Египет луѓето кои имале црвена коса биле поврзувани со богот Сет,убиецот на Озирис и името на таткото на Рамзес ,Сети I,значи “следбеник на Сет”.Сепак,на еден веб-сајт уредуван од страна на компанијата Лореал,стои дека микроскопските прегледи од страна на истражувачите на Лореал откриле дека”фараонот бил природно рус и дека користел агенс за боење(веројатно к’на) за да добие црвени прамени на косата."

Претседателот Анвар Садат и неговата сопруга ја посетиле мумијата на Рамзес II откако била вратена во Египет.

Популарна култура[уреди | уреди извор]

Рамзес II се сметал за инспирација за познатата поема “Озимандија” на Перси Биш Шели.Врз основата на една од своите скулптури,Диодор Сицилиски испишал “ Јас сум кралот над кралевите,Озимандија.Ако некој би знаел колку сум славен и каде лежам ,нека надмине едно од моите дела”.Ова е парафразирано во поемата на Шели.

Животот на Рамзес инспирирал голем број фиктивни дела ,вклучувајќи го историскиот роман на францускиот писател Кристијан Жак,серијата Рамзес,графичкиот роман “Watchmen”,во кој ликот на Адријан Веид го користи Рамзес II како иснпирација за неговото алтер-его,познато како Озимандија,потоа романот на Норман Мејлер "Ancient Evenings",кој се однесува на животот на Рамзес II,иако од гледна точка на Египќаните кои живееле за време на владеењето на Рамзес IX,како и книгата на Ен Рајс ‘Мумија”,или “Проколнатиот Рамзес” од 1989 година,во која главниот лик е Рамзес.

Рамзес е еден од популарните кандидати за Фараонот на Егзодус.Оваа улога му била доделена во новелата на Томас Ман од 1944 година наречена Das Gesetz(“Законот”).Иако не го толкувал главниот лик,Рамзес се појавува во “So Moses Was Born”,раскажан во прво лице од Небунефер,братот на Рамосес,кој го опишува животот на Рамосес од смртта на Сети,кој бил исполнет со акција,сплетки како и заговорите за вршење атентат,и ги прикажува односите со Бент-Анат,кралиците Тиа,Нефертари, како и со Мојсеј.Рамзес бил прикажан и во филм.Јул Бринер го толкувал Рамзес во класикот од 1956 година на Сесил Б.ДеМиј наречен “Десетте заповеди”.Тука, Рамзес бил главен антагонист и бил претставен како одмаздољубив тиранин кој го презирал татко му бидејќи бил повеќе наклонет кон Мојсеј отколку кон својот сопствен син.Анимираниот филм “Принцот од Египет”исто така го споменува Рамзес(гласот го позајмил Ралф Фајнс),и го претставува како посвоениот брат на Мојсеј,кој на крајот всушност излегува негативец.Во 2006 година,Кевин Ерли го глумеше Рамзес во “Десетте заповеди:Мјузикл”. Во “Хрониките Кејн”,Рамзес е предок на главните ликови Сејди и Картер Кејн.