Менструален циклус

Од Википедија — слободната енциклопедија
Менструален циклус
Физиолошки промени прикажани за време на менструален циклус.
Податоци
ЛатинскиMensis
СтарогрчкиGaster

Менструалниот циклус е процес во кој се исфрлаат неоплодените (изумрените) јајце-клетки од претходниот циклус заедно со слузта, од матката. Првата менструација го означува и почетокот на овулацијата во женското тело и е знак дека жената може да забремени. Ако жената не забремени ендометриумот и неоплодената јајце-клетка се одделуваат од матката, се распаѓаат и ја напуштаат матката во форма на менструално крвавење, кое минува низ грлото на матката и вагината. Менструалниот период е само дел од месечниот менструален циклус на жената, циклус од физиолошки промени, кои можат да се појават кај плодните лица од женски пол.

Причини за појава[уреди | уреди извор]

Поради забрзаното лачење на хормони од хипофизата и јајниците се појавува предменструалниот синдром (ПМС). Предменструален синдром претставува нормален дел од менструалниот циклус и вклучува физички и емоционални симптоми кои се појавуваат непосредно пред менструацијата, како: акни, подуеност, истоштеност, болки во половината, чувствителни и отечени гради, главоболки, зголемен апетит, раздразливост. Стимулирано од естрогенот, чија количина во фоликуларната фаза постепено се зголемува, менструацијата станува се помалку обилна сè додека не запре, а ѕидот на матката се задебелува. Фоликулите во јајчникот (лат. ovarium) започнуваат да се развиваат под влијание на сложено заемно дејство на хормони и по неколку дена еден или понекогаш два фоликули стануваат доминантни (недоминантните фоликули атрофираат и умираат). Приближно кон средината на циклусот, односно 24 – 36 часа откако лутеинизирачкиот хормон (LH) почнал да забрзано да се лачи, доминантниот фоликул (Графов фоликул) испушта јајце (лат. ovum) при процес наречен овулација. По овулацијата, доколку нема оплодување, јајце-клетката живее само 24 часа или помалку, додека остатоците од доминантниот фоликул во јајниците се претвораат во жолто тело (лат. corpus luteum). Примарната функција на ова тело е да лачи големи количини на прогестерон. Под влијание на прогестеронот, ендометриумот (внатрешниот ѕид на матката) подлегнува на промени за да се подготви за можното всадување ембрион за да настане забременување. Доколку не се случи всадување во рок од две недели, жолтото тело пропаѓа, со што се предизвикува силен пад на нивото на прогестеронот и естрогенот. Падот на нивото на овие два хормони го предизвикува исфрлањето на внатрешниот ѕид на матката, кое се случува во процес наречен менструација.

За време на менструалниот циклус се случуваат промени во женскиот репродуктивен систем, како и во други системи (коишто на пример ги предизвикуваат болките во градите или промените на расположението). Првата менструација на жената се нарекува менархе и обично се случува околу 12-годишна возраст. Крајот на женската репродуктивна фаза се нарекува менопауза, што најчесто настапува помеѓу 45-годишна и 55-годишна возраст.

Терминологија[уреди | уреди извор]

Менархето е еден од подоцнежните стадиуми на пубертет кај девојчињата. Просечната возраст за менархето кај луѓето е околу 12 годишна возраст, но сепак било која возраст помеѓу 8 и 16 години се смета за нормална. Престанокот на менструалните циклуси на крајот на репродуктивниот период на жената се нарекува менопауза. Во индустријализираните земји како Велика Британија просечната возраст на појавата на менопауза кај жените е 52 години, при што за нормална возраст се смета помеѓу 45 и 55 години. Појавата на менопауза пред 45 години во индустријализираните земји се смета за предвремена. Возраста на појава на менопаузата е во голема мера резултат на генетиката, меѓутоа болестите, одредени операции или медицински третмани може да предизвикаат порана појава на менопаузата.

Времетраењето на менструалниот циклус кај жените обично варира, при што некои циклуси се пократки, а некои подолги. Се смета дека жената има нормални ментруални циклуси, доколку нејзиниот најдолг и најкраток менструален циклус имаат разлика во времетраење пократка од 8 дена. Варирањата на времетраењето на циклусот кои се пократки од 4 дена се невообичаени. Варирање на времетраење помеѓу 8 и 20 дена се појавува кај циклуси, кои се сметаат за умерено неправилни. Но варијацијата на времетраењето на циклусот од 21 ден или повеќе, сметано помеѓу најкраткиот и најдолгиот циклус, се појавува кај многу неправилни циклуси.

Фази[уреди | уреди извор]

Менструалниот циклус може да се подели на неколку различни фази. Првите 3 фази се однесуваат на промени кои се случуваат на внатрешниот ѕид на матката, додека последните 3 фази се однесуваат на случувањата во јајчникот.

Име на фазата Просечен почетен ден (претпоставувајќи дека циклусот трае 28 дена) Просечен завршен ден
Фаза на регенерација (менструација) 1 4
Фаза на пролиферација (некои извори ја вклучуваат и менструацијата во оваа фаза) 5 13
Изохемиска фаза 27 28
Фоликуларна фаза 1 13
Овулаторна фаза (овулација) 13 16
Лутеинска фаза (фаза на секреција) 16 28

Менструација[уреди | уреди извор]

Менструацијата исто така се нарекува менструално крвавење или мензис. Протокот на мензисот обично служи како показател дека жената не е бремена. (Но сепак ова не може да се смета за сигурност, бидејќи постојат многубројни фактори, коишто можат да предизвикаат крвавење за време на бременост. Некои фактори се карактеристични за раната бременост, а некои можат да предизвикаат и обилно крвавење.) За време на репродуктивните години пропустот на менструација може да се смета како прв показател дека жената можеби е бремена.

Со поимот еуменореја се означува нормална и редовна менструација, која трае неколку дена (обично од 3 до 5 дена, но од 2 до 7 дена се сметаат за нормални). Просечната загуба на крв за време на менструацијата е 35 милилитри, при што за нормално се смета од 10 до 80 ml. (Поради загубата на крв, жените се повеќе подложни на недостаток на железо во крвта отколку мажите.) Ензимот наречен плазмин го спречува засирувањето на менструалната течност.

Нивоа на влијанијата на хормоните: естроген, прогестеронот, лутеинизирачки хормон и фоликул-стимулирачки хормон за време на менструалниот циклус

Болните грчеви во стомакот, грбот или горниот внатрешен дел од бутовите се сметаат за нормални за време на првите денови од менструацијата (поголемиот дел од жените искусуваат барем некоја од болките за време на менструацијата). Силните болки во матката за време на менструацијата се нарекуваат дизменореја и најчесто се појавуваат кај адолесцентките и помладите жени (погодува околу 67,2 % од адолесцентките). Кога менструацијата почнува, симптомите на предменструалниот синдром (ПМС), како болките и надразливоста на градите, се намалуваат. Постојат многу рекламирани производи за одржување хигиена за време на менструацијата.

Фоликуларна фаза[уреди | уреди извор]

Фоликуларната фаза исто така се нарекува фаза на пролиферација, бидејќи за време на оваа фаза, под влијание на хормон, внатрешниот ѕид на матката се задебелува т.е. расте (proliferate - расте). Преку влијанието од покаченото ниво на фоликулостимулирачкиот хормон (FSH) за време на првите денови од циклусот се стимулираат неколку овариумски фоликули. Фоликулите кои биле присутни уште од раѓање и се развивале скоро една година во процес наречен фоликулогенеза, се натпреваруваат меѓу себе за доминација. Под влијание на неколку хормони, сите освен еден фоликул престануваат да растат, додека пак тој еден доминантен фоликул продолжува да расте во јајчникот додека не созрее. Фоликулот кој ќе достигне зрелост се нарекува терцијален или Графов фоликул и тој ја создава јајце-клетката. Како што созреваат, фоликулите лачат сè поголеми количини на естрадиол, еден од естрогените хормони. Естрогените хормони го предизвикуваат создавањето на нов слој на ендометриум во матката, којшто хистолошки се нарекува пролиферативен ендометриум.

Овулација[уреди | уреди извор]

За време на фоликуларната фаза, естрадиолот го спречува лачењето лутеинизирачки хормон (LH) од аденохипофизата. Кога јајце-клетката е скоро созреана, нивото на естрадиолот достигнува точка, која доколку се премине, тој ќе почне да стимулира лачење LH. Спротивните реакции на LH на естрадиолот се овозможуваат преку присуството на два различни рецептори за естрадиол во хипоталамусот: алфа рецептор на естрадиол, кој ја остварува негативната повратна врска помеѓу естрадиолот и LH, и бета рецептор на естрадиол, кој ја остварува позитивната повратна врска помеѓу естрадиолот и LH. Кај просечниот циклус, лачењете на LH започнува околу 12-тиот ден од циклусот и може да трае до 48 часа. Лачењето LH го предизвикува созревањето на јајце-клетката и го ослабува ѕидот на фоликулот во јајчникот, со што предизвикува целосно развиениот фоликул да го испушти секундарниот ооцит. Секундарниот ооцит брзо созрева и станува оотид, а потоа се доразвива во зрела јајце-клетка. Пречникот на зрелата јајце-клетка изнесува околу 0,2 mm. Не постои позната врска на координација помеѓу левиот и десниот јајчник. Понекогаш се случува и двата јајчници да испуштат јајце-клетка и ако и двете јајце-клетки се оплодат, тоа резултира со двојајчани близнаци. Откако се испушта од јајчникот, јајце-клетката се внесува во јајцеводите со помош на фимбријата, која што е ткиво на крајот на секој јајцевод. По период од околу еден ден неоплодената јајце-клетка се разградува или раствора во јајцеводот.

Оплодувањето од страна на сперматозоид, ако се случи, обично се одвива во ампулата, најширокиот дел од јајцеводот. Оплодената јајце-клетка веднаш започнува со процесот на ембриогенеза или развиток на ембионот. На ембрионот, кој е во процес на создавање, му се потребни околу 3 дена да стигне до матката, а уште 3 дена за да се всади во ендометриумот. Обично за време на всадувањето ја има достигнато фазата на бластоцист.

Кај некои жени овулацијата е придружена од карактеристична болка, која се нарекува средна болка (mittelschmerz). Брзата промена на хормони за време на овулацијата може понекогаш да предизвика и слабо крвавење на средина на менструалниот циклус.

Менструален циклус

Лутеинска фаза[уреди | уреди извор]

Лутеинската фаза се нарекува и фаза на секреција. Жолтото тело, тврдо тело кое се создава во јајчникот по испуштањето на јајце-клетката од јајчникот во јајцеводите, има многу важна улога во лутеинската фаза. Телото продолжува да расте одреден период по овулацијата и лачи значителна количина на хормони, особено прогестерон. Прогестеронот игра важна улога при подготвувањето на ендометриумот за да биде способен да го издржи всадувањето на бластоцистот и раната бременост. Тој исто така го предизвикува споредниот ефект на кревање на базалната телесна температура кај жената. На крајот на секреторната фаза има и лачење пролактин.

По овулацијата, гонадотропните хормони FSH и LH ја предзвикуваат преобразбата на преостанатите делови од доминантната фоликула во жолто тело, кое што лачи прогестерон. Зголеменото ниво на прогестерон во надбубрежните жлезди го започнува и предзвикува лачењето на естрогенот. Хормоните кои ги лачи жолтото тело исто така го потиснуваат лачењето FSH и LH, коишто му се потребни на жолото тело за да се одржува. Како последица со текот на времето нивото на FSH и LH брзо се намалува и жолтото тело атрофира. Нивото на прогестеронот, кое брзо опаѓа, ја активира менструацијата и почетокот на наредниот циклус. Времетраењето на процесот од овулацијата до намалувањето на прогестеронот и почетокот на меструацијата обично изнесува околу 2 недели, со тоа што од 10 до 16 дена се сметаат за нормални. Кај одделни жени времетраењето на фоликуларната фаза често варира од циклус до циклус. Но, за разлика, кај истите жени времетраењето на лутеинската фаза е прилично доследно од циклус до циклус. Атрофирањето на жолтото тело може да се спречи со оплодување на јајце-клетката. Создадениот ембрион произведува хорионски гонадотропин (hCG), кој е многу сличен на LH и може да го зачува жолтото тело. Поради тоа што хормонот се лачи исклучиво од страна на ембрион, најголемиот дел од тестовите за бременост бараат присуство на хормонот.

Надзор на плодните денови[уреди | уреди извор]

Најплодниот период (периодот, за време на којшто се најголеми шансите за настанок на бременост како резултат на полов однос) трае отприлика од 5 дена пред овулацијата до 1 или 2 дена по неа. Ако се работи за просечен менструален циклус од 28 дена со лутеинска фаза од 14 дена, овој период одговара на втората и почетокот на третата недела. Но мал број циклуси се токму како просечниот. Постојат разновидни методи, кои се развиле за да им помогнат на жените да проценат кои се нивните релативно плодни, а кои нивните релативно неплодни денови од циклусот што се викаат системи за проценка на плодните денови.

Методите, кои се потпираат само на евиденција за времетраење на циклусот, се нарекуваат календарски методи. Методите кои бараат набљудување на еден или повеќе од трите можни знаци за плодност (базална телесна температура, секретите од грлото на матката и местоположбата на грлото на матката) се попознати како методи засновани на симптоми. Постојат и помагала за тестирање урина, кои го забележуваат напливот на LH, што се случува 24 до 36 часа пред овулацијата. Алатки се попознати како помагала за предвидување овулација. Компјутеризираните направи, кои ја покажуваат базалната телесна температура, резултатите од тестирањето на урината или промените кај секретите се нарекуваат надзорни монитори на плодноста.

И возраста исто така влијае на плодноста на жената. Со оглед на тоа што целосната залиха на јајце-клетки кај жената се создава уште во периодот кога била фетус, за да бидат исфрлени децении подоцна, се претпоставува дека оваа „старост“ на јајце-клетките може да го направи нивниот хроматин поподложен на проблеми при делење, кршење и мутации отколку хроматинот на спермата, која мажот ја произведува за време на целиот репродуктивен период.

Јајник пред исфрлање на зрела јајце-клетка

Влијание врз други системи[уреди | уреди извор]

Некои жени кои страдаат од невролошки заболувања искусуваат зголемена активност на симптомите во отприлика истото време секој менструален циклус. На пример, познато е дека намалувањето на нивото на естроген ја активира мигрената (невролошки синдром мигрена), особено ако жената, која страда од мигрена, исто така прима и контрацептивни средства. Кај многу жени кои страдаат од епилепсија се случува најголемиот дел од нападите да бидат во склоп на шема, која е поврзана со менструалниот циклус и е позната како катаменијална епилепсија. Постојат различни шеми (како напади, кои се совпаѓаат со времето на менструација или со времето на овулација) и сè уште не е точно утврдена честотата на нивното појавување. Доколку се разгледа една од дефинициите, група научници открија дека околу една третина од жените со постојано парцијална епилепсија имаат катаменијална епилепсија. Постои претпоставка дека намалувањето на нивото на прогестерон и зголемувањето на нивото на естроген ги активира нападите. Неодамна, со помош на некои испитувања, се покажа дека големите дози на естроген можат да ги предизвикаат или влошат нападите, додека пак големите дози на прогестерон можат да делуваат како антиепилептички лек. Други испитувања покажаа дека веројатноста за жените кои добиваат мензис да извршат самоубиство е 1,68 пати поголема.

Нивото на естрогенот може да влијае на штитната жлезда. На пример, за време на лутеинската фаза (кога нивото на естроген е ниско) брзината на проток на крв во штитната жлезда е помала отколку за време на фоликуларната фаза (кога нивото на естроген е повисоко).

Абнормалности на менструалниот циклус[уреди | уреди извор]

Ретката или нередовна овулација се нарекува олигоовулација. Недостатокот на овулација се нарекува ановулација. Нормалното менструално крвавење може да се случи и ако не му претходи овулација: тоа се нарекува ановулаторен циклус. Кај некои циклуси фоликуларниот развој може да започне, но да не биде довршен. И покрај тоа, естрогените хормони го формираат и стимулираат задебелувањето на ендометриумот. Ановулаторното крвавење како резултат на многу дебел ендометриум, кој е задебелен поради одолговлеченото и продолжено задржување на високото ниво на естрогенот, се нарекува крвавење поради покачување на естрогенот. Ановулаторното крвавење предизвикано од ненадејното опаѓање на нивото на естрогенот се нарекува крвавење поради повлекување на естрогенот. Ановулаторните циклуси често се случуваат пред менопаузата (перименопауза) и кај жени со синдром на полицистични јајчници.

Појавата на многу мал проток на крв (помалку од 10 ml) се нарекува хипоменореја. Редовните менструации, кои се појавуваат на интервали од 21 ден или помалку, се нарекуваат полименореја. Честата, но нередовна менструација е позната како метрорагија. Ненадејното обилно менструално крвавење (повеќе од 80 ml) се нарекува менорагија. Обилната менструација, која се случува често и нередовно е наречена менометрорагија. Називот за циклуси, во коишто менструациите се појавуваат на интервали подолги од 35 дена е олигоменореја. Поимот аменореја се однесува на повеќе од 3 до 6 месеци без мензис (во случај кога нема бременост) за време на репродуктивните години на жената.

Потиснување на овулацијата[уреди | уреди извор]

Хормонска контрацепција[уреди | уреди извор]

Додека некои начини на контрола на бременоста не влијаат врз менструалниот циклус, хормонската контрацепција делува на тој начин, што го нарушува менструалниот циклус. Негативната повратна врска на прогестогенот ја намалува честотата на лачење гонадотропен ослободувачки хормон (GnRH) од хипоталамусот, што пак го намалува лачењето на фоликулостимулирачки хормон (FSH) и лутеинизирачки хормон (LH) од аденохипофизата. Намаленото ниво на FSH го спречуваат развивањето на фоликулите, што пак го спречува покачувањето на нивото на естрадиолот. Негативната повратна врска на прогестогенот и недостатокот од позитивна повратна врска на естрогенот кон излачениот LH го спречуваат лачењето LH на средината на циклусот. Спречувањето фоликуларен развој и недостатокот од лачење LH ја спречуваат овулацијата. Степенот на потиснување на овулацијата при терапија со контрацептивни средства со исклучиво прогестогенска база зависи од дејството и дозата на прогестогенот. Малите дози на контрацептивни средства со исклучиво прогестеронска база, како традиционалните пилули со исклучиво прогестогенска база, поткожните импланти од Норплант и Жадел или интравенозниот систем Мирена, ја спречуваат овулацијата во околу 50 % од случаите и за нивната контрацептивна ефикасност главно се потпираат на други ефекти, како на пример згуснување на секретите од грлото на матката. Средните дози на контрацептивни средства со исклучиво прогестогенска база, како пилулата со исклучиво прогестогенска база Церазет и поткожниот имплант Импланон, дозволуваат развој на фоликулите до некој степен, но во 97 – 99 % од случаите сигурно ја спречуваат овулацијата. Истите промени на секретите од грлото на матката се случуваат и при користење многу мали дози на прогестогени. Големите дози на контрацептивни средства со исклучиво прогестогенска база, како инјекциите Депо-Провера и Нористерат, целосно го спречуваат развојот на фоликулите и овулацијата.

Комбинираните хормонски контрацептивни средства содржат и естроген и прогестоген. Негативната реакција на естрогенот кон аденохипофизата значително го намалува лачењето FSH, што ги прави комбинираните контрацептивни средства поефикасни при спречување развој на фоликулите и спречување овулација. Естрогенот исто така ја намалува честотата на неправилните крвавење поради покачување на естрогенот. Неколку видови на комбинирани хормонски контрацептивни средства, како апчињата, вагиналниот прстен НуваРинг и контрацептивниот фластер, обично се користат на начин, што предизвикува редовно крвавење поради повлекување на естрогенот. Кај нормален циклус менструацијата се случува кога нивото на естрогенот и прогестеронот брзо паѓа. Привременото нередовно користење комбинирани хормонски контрацептивни средства (користење плацебо лекарства една недела, некористење фластер или прстен една недела) има сличен ефект како да предизвикувате распаѓање на ендометриумот.

Внатрешни женски репродуктивни органи

Лактозна аменореја[уреди | уреди извор]

Доењето предизвикува негативна повратна врска на ненадејното лачење гонадотропен ослободувачки хормон (GnRH) и лутеинизирачки хормон (LH). Зависно од јачината на негативната повратна врска, жените кои дојат можат да искусат целосно отсуство на развојот на фоликулите, може развојот на фоликулите да се случи, но да нема овулација, или пак може да си имаат нормални менструални циклуси. Поголема е веројатноста да се случи целосно отсуство на овулација доколку доењето е почесто. Лачењето пролактин како одговор на доењето е важно за да се одржи лактозната аменореја. Во просек, жените кои исклучиво ги хранат нивните новороденчиња со доење и чиишто новороденчиња често цицаат доживуваат враќање на менструацијата 14 и пол месеци постнатално. Но сепак има многу видови реакции на жените кои дојат, некои го доживуваат враќањето на менструацијата на два месеци постнатално, додека некои остануваат аменореични и до 42 месеци постнатално.

Етимолошки и биолошки асоцијации[уреди | уреди извор]

Ноќно осветлување и месечина[уреди | уреди извор]

Зборот менструација етимолошки се поврзува со месечината. Поимите менструација и мензис се изведени од латинскиот поим mensis (месец), што пак се поврзува со грчкиот збор mene (месечина) и со основите на англиските зборови за месец и месечина - month и moon, потпирајќи се исто така на фактот дека исто така на месечината и се потребни 27,32 дена за да направи круг околу Земјата. Синодскиот месечев месец, односно периодот помеѓу појавата на две млади месечини (или две полни месечини) трае 29,53 дена. Некои автори веруваат дека жените од традиционалните општества без ноќно осветлување овулирале кога се појавувала полната месечина, а добивале менструација кога се појавувала младата месечина. Неколку истражувања врз луѓе и животни покажале дека вештачкото светло, кое се вклучува навечер, влијае врз менструалниот циклус на луѓето и врз еструсот кај глувците (т.е. циклусите се поредовни кога навечер не се користи вештачко светло), но и покрај тоа ниеден од случаите не покажал знаци на синхронизација на менструалниот циклус кај жените со месечевиот циклус. Исто така се претпоставува дека изложувањето на силно светло наутро ја поттикува редовноста на циклусите. Еден автор ја објави својата претпоставка дека чувствителноста на циклусите на жените кон ноќното осветлување се предизвикува од нутриционен недостаток од одредени витамини и минерали.

Менструалните циклуси на други животни можат драстично да се разликуваат од месечевите циклуси. Додека просечното времетраење на циклусот кај орангутаните е исто како и кај луѓето – 28 дена, просекот за кај шимпанзата е 35 дена. Некои го сфаќаат ова како доказ дека просечната должина на меструалниот циклус кај жените е најверојатно случајност.

Еструс и менструација[уреди | уреди извор]

Женките од повеќето видови цицачи ја покажуваат нивната плодност на мажјаците со визуелни знаци во поглед на однесувањето, со феромони или пак и со двете. Овој период кога се „рекламира“ плодноста се нарекува еструс или период на парење. Кај видовите кои искусуваат еструс, женките се можат да се парат само кога се во тој период (делфините се ислучок). Доколку нема оплодување во рамките на еструсот, кај повеќето плацентни цицачи матката повторно го апсорбира ендометриумот. Пропаѓање на ендометриумот без да се исфрли преку вагината понекогаш се нарекува „обратна“ менструација. Менструацијата (проследена со крвавење преку вагината) се случува најмногу кај луѓето и кај нивните еволутивно блиски видови, како шимпанзата. Некои видови, како домашните кучиња, искусуваат мало вагинално крвавење кога се во периодот на парење, но ова крвавење има различна физиолошка причина.

Неколку цицачи не покажуваат очиглендни и видливи знаци за плодност (прикриена овулација). Кај луѓето пак, додека жените можат да се научат како да го препознаат нивното степен на плодност (системи на проценка на плодните денови), сè уште е дискутабилно дали мажите можат да ја забележат плодноста кај жените. Некои неодамнешни истражувања дадоа противречни резултати. Орангутаните исто така не покажуваат видливи знаци за претстојната овулација. Исто така се тврди дека подолгиот еструс кај бонобото (женките, кои се во нивните репродуктивни години, се во период за парење 75 % од времето во рамките на нивниот менструален циклус) има сличен ефект како недостатокот од „период на парење“ кај луѓето.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]