Карлов мост

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Карлов мост
Karlův most
Charles Bridge - Prague, Czech Republic - panoramio.jpg
Носи пешачки
Минува В’лтава
Место Прага
Други називи Камен мост, Прашки мост
Особености
Вид камен
Материјал песочник
Вк. должина 515,8 м[1]
Ширина 9,5 м[1]
Најдолг распон 13,4 м[1]
Потпростор 13 м[1]
Историја
Проектант Петар Парлер
Почнат 1357[1]
Завршен 1402[1]

Карлов мост (чешки: Karlův most) — историски мост на реката В’лтава во Прага, Чешка. Почнал да се гради во 1357 г. под покровителство на светиот римски цар Карло IV, а завршен на почетокот на XV век.[2] Изграден е како замена за стариот Јудитин мост (изг. 1158–1172) кој претрпел големи штети во поплавата од 1342 г. Се до 1870 г. мостот го носел името Камен мост (Kamenný most) или Прашки мост (Pražský most).[2] Во минатото, градбата уживала големо значење како единствен премин преку В’лтава во Прага (сè до 1841 г.), поврзувајќи ги Прашкиот и Стариот град и неговата околина. Ова овозможувало клучна врска во трговијата помеѓу Источна и Западна Европа.

Мостот е долг 621 м, а широк околу 10 м, по пример на Камениот мост во Регенсбург. Има 16 лака, под кои стојат заштитни мразобрани.[2] Има три мостобрани — два од Малата Страна и еден на страната на Стариот град. Староградскиот мостобран се смета за една од највпечатливите готски градби во светот. По мостот се наредени 30 статуи, претежно во барокен стил, подигнати околу почетокот на XVIII век, а денес заменети со реплики.

Поправките започнуваат кон крајот на 2019 г. и траат 20 години.

Историја[уреди | уреди извор]

XIX век[уреди | уреди извор]

Староградскиот мостобран за време на револуцијата од 1848 г.
Карловиот мост за време на поплавата во 1872 г.
Мостот од видиковец

Во текот на историјата, Карловиот мост повеќепати страдал во непогоди и посведочил важни историски настани. Според едно предание, изградбата на мостот почнала во 5:31 изутрина на 9 јули 1357 г., а првиот камен го поставил самиот Карло IV. Царот придавал големо значење на времето на отпочнување бидејќи бил убеден следбеник на нумерологијата и сметал дека палиндромот кој го образуваат броевите (1357 9, 7 5:31) ќе му донесе особена сила.[3] Мостот е завршен во 1402г. по 45 години изградба.[4] Во 1432 г. се случила поплава која оштетила три столба. Во 1496 г. третиот лак (сметајќи од страната на Стариот град) попуштил поради делумното потонување на еден столб поткопан од водата. Овие поправки се завршени во 1503 г. Една година по Битката на Бела Планина, на 21 јуни 1621 г. се погубени 27-те водачи на бунтот против Хабсбурзите, а нивните глави се закачени на Староградскиот мостобран како предупредување за населението. Кон крајот на Триесетгодишната војна во 1648 г. западниот брег на В’лтава подлегнал под шведска окупација; во обидот да стасаат до Стариот град, окупаторските сили стапиле во жестока борба со бранителите на самиот мост. Во текот на борбите, Староградскиот мостобран претрпел голема штета, и подоцна градските власти биле принудени да ги отстранат речиси сите готски украси поради големата оштетеност. Кон крајот на XVII и почетокот на XVIII век мостот го добил денешниот изглед со поставување на две низи барокни статуи. Во 1784 г. мостот е погоден од голема поплава, во која значајно настрадале пет столба; иако сводовите не пропаднале, извесно време сообраќајот бил значајно намален.

Првобитното скалиште до островот Кампа во 1844 г. е заменето со ново. Следната година мостот го погодила уште една поплава, но за среќа немало значајни оштетувања. Во револуцијата од 1848 г. Карловиот мост бил поштеден од топовските канонади, со исклучок на неколку статуи. Во 1866 г. на балустрадата се поставени певдоготски газиени ламби, кои подоцна се заменети со електрични светилки. Во 1870-тите по мостот почнал да сообраќа првиот редовен запрежен омнибус, потоа заменет со коњски трамвај.[2] Од 1874 до 1883 г. е извршена темелна реставрација на мостобраните.

На 2–5 септември 1890 г. во Прага надошла уше една катастрофална поплава. На мостот се нафатиле огромен број на парчиња од сплавови, диреци и пловен материјал и образувале огромна брана. Ова направило голем притисок под кој се срушиле три лака и два поткопани столба. Оштетувања имало и на другите лаци и столбови. Статуите на св. Игнациј Лојолски и св. Франциск Ксаверски (дела на Фердинанд Броков) паднале во реката. Св. Игнациј подоцна е заменет со статуа на сесловенските светители Кирил и Методиј (дело на Карел Дворжак), а св. Франциск е заменет со реплика. Поправките траеле две години и чинеле 665.000 круни.

XX век до денес[уреди | уреди извор]

На почетокот на XX век мостот почнал да станува многу прометен со тешки возила. Во 1905 г. е укината последната запрежна линија и заменета со електричен трамвај, а во 1908 г. со автобуси. Кон крајот на II светска војна, мостобранскиот влез бил забарикадиран. Од 1965 до 1978 г. се изведени значајни поправки во соработка со научни и културни установи. Обезбедена е стабилноста, заменети се сите скршени камени блокови и отстранет е асфалтот. Оттогаш Карловиот мост е забранет за возила. Поправките чинеле 50 милиони круни.

Во 1990-тите се јавиле критики за извршената работа и предлози за понатамошни зафати. На почетокот на XXI век, највеќето стручњаци се сложувале со недостатоците на зафатот, но не препорачувале повеќе поправки. Сепак, во 2002 г. надошла низа поплави (кои нанеле само ситни штети на мостот), поддршката за обнова пораснала. Решено е да се стабилизираат два столба (8 и 9) од кај Малата Страна. Поправките траеле од 2008 до 2010 г. и опфатиле структурно зајакнување на столбовите, како и одново поплочување и замена на многу камења од ѕидовите. Ова поттикнало голема критика поради несмасноста на изведувачите, кои немале искуство со историски градби.[5] [6]Во 2010 г. Одборот на светското наследство на УНЕСКО утврдил дека работата е изведена без достатно советување со конзерватори.[7]

Статуи на мостот[уреди | уреди извор]

Поглед кон мостобранот со статуи по страните.

Мостот има 30 статуи, претежно во барокен стил. Највеќето се поставени помеѓу 1683 и 1714 г.[2] На нив се овековечени ликовите на разни светци почитувани во Чешка. Украсувањето на мостот го вршеле најистакнатите чешки вајари од тоа време како Матијаш Браун, Јан Броков и синовите Михаил Јосиф и Фердинанд Максимилијан.

Меѓу најзначајните статуи се св. Лутгарда, Распетието и светецот Јован Непомучки. Позната е и статуата на витезот Брунцвик, подигната по страната два века подоцна.

Од 1965 г. сите статуи се заменети со реплики, а оригиналите се изложени во Лапидариумот и Националниот музеј.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 „Charles' Bridge (Karluv most)“. Prague Spot. http://www.prague-spot.com/charles-bridge. посет. 19 ноември 2013 г. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Dana Shanberg. „Charles Bridge (Karlův most)“. myCzechRepublic. http://www.myczechrepublic.com/prague/sightseeing/charles_bridge.html. посет. 23 октомври 2014 г. ; „Charles Bridge“. A View On Cities. http://www.aviewoncities.com/prague/charlesbridge.htm. посет. 23 октомври 2014 г. 
  3. Frucht, Richard (2005). Eastern Europe : an introduction to the people, lands, and culture. 1. Santa Barbara, CA: ABC-CLIO. стр. 251. ISBN 9781576078013. 
  4. Brook, Stephen (2010). Prague & the Czech Republic. Washington, D.C.: National Geographic. стр. 98. OCLC 833442607. 
  5. Photogallery from the online petition by the Association for the Conservation and Development of the Cultural Heritage (ASORKD)
  6. Czech Republic -- The Botched Restoration of Charles Bridge на YouTube
  7. Decision 34COM7B.82

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Координати: 50°5′11.21″N 14°24′42.68″E / 50.0864472°СГШ 14.4118556°ИГД / 50.0864472; 14.4118556