Кантарион
| Кантарион | |
|---|---|
| Научна класификација [ у ] | |
| Царство: | Растенија |
| клад: | Скриеносеменици |
| клад: | Евдикоти |
| клад: | Розиди |
| Ред: | Малпигиовидни |
| Семејство: | Кантариони |
| Род: | Кантарион |
| Вид: | Кантарион |
| Научен назив | |
| Hypericum perforatum L. | |
| Подвидови | |
| |
| Синоними | |
| |
Кантарион или засекник[1] (науч. Hypericum perforatum) — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Hypericum и семејството кантариони (Hypericaceae).
Опис и распространетост
[уреди | уреди извор]
Кантарион е повеќегодишна тревна билка со разгранет корен. Стеблото е исправено, без лисја, со висината од 20 до 100 сантиметри. Има цилиндрична форма, со две тесни надолжни крилести линии, највидливи кај младите изданоци, сивозеленикаво, во основата црвенкаво, горе со црни точкести жлезди, со многу кратки вегетативни гранчиња во пазувите и завршува со бројни цветни гранчиња. Листовите се од јајцевидно-елиптични до линејни, приседнати или речиси приседнати, со заоблена основа, врвот е тап или понекогаш заострен, целосни, голи, со многу проѕирни жлезди, а по рабовите и понекогаш по површината има црни точкести жлезди. Цветовите се жолти и собрани во штитовидно-метличесто соцветие, додека плодот е како ѕвонче. Чашкините ливчиња се долги до 6 мм, копјести, издолжени или линејни, врвот постепено заострен, зелени, голи, целосни или малку назабени, рабовите со ретки црни точкести жлезди, а површината со линејни жолтеникави жлезди. Прашниците се пократки од венечните ливчиња; секоја антера има црна жлезда. Плодната кутијка е јајцевидна, долга 5-10 мм, со паралелни дорзални смолни канали или со коси кратки и меурести смолни жлезди. Семките се цилиндрични, долги 1-1,3 mm, темнокафеави, со брадавичесто набрана површина.[2] Цвета од мај до септември.
За да биде добро одгледано, земјиштето треба да биде средно богато со хранливи материи, топлината треба да е умерена како и светлината. Поради тоа, кантарионот најмногу успева во умерени предели и суптропска клима ширум светот. Расте на брдски и планински пасишта, каменливи места, покрај патишта, реки, потоци и меѓи. Ова е широко распространето растение низ цела Македонија до 2.000 метри надморска височина.[2]
Кантарионот се состои од: хиперицин, изохиперицин, хиперозид, кверцетин, рутин, кверцитрин, биапигенин, аменофлавон, катехин, епикатехин, хлорогенска киселина, кафена киселина, хиперфлорин, каротиноиди, стероли, леукоаноцијани, етерично масло.
Варијабилност
[уреди | уреди извор]- Hypericum perforatum var. perforatum - Листовите се пошироки од 3 мм, јајцевидни, елиптично-јајцевидни до елиптични. Соцветијата се ретки и заземаат скоро третина од растението. Чашкините ливчиња се долги до 7мм. Широко распространето растение низ цела Македонија.
- Hypericum perforatum var. microphyllum - Листовите се 2-3 мм широки и долги до 10 мм. Соцвети јата се збиени и собрани на врвот на стеблото. Чашкините ливчиња се долги 3-4 мм и широки 0,7-1 мм. Плодната кутијка е долга 4-6 мм и широка 3-4 мм. Се среќава на пл. Китка (Скопско); Дебар - с. Баниште; Штип; Кочани, с. Истибања; Радовиш; Кавадарци с. Ржаново; Прилеп - Плетвар; Демир Хисар - с. Слепче; Делчево - околината на градот, с. Киселица и с. Каменица; Нов Дојран, Асанли.
- Hypericum perforatum var. angustifolium - Листовите се 2-3 мм широки и подолги до 10 мм. Соцвети јата се збиени и собрани на врвот на стеблото. Чашкините ливчиња се долги 4-6 мм и широки 0,7-1,2. Плодната кутијка е долга 5-8 мм. Широко распространето растение низ цела Македонија.[2]
Лековити својства
[уреди | уреди извор]Кантарионот се користи како антидепресив, седатив и антибиотик, се користи надворешно и внатрешно. Активна супстанца е хиперфлорин. Екстрактот од кантарион ја зголемува концентрацијата невротрансмитера седатив и на адреналин во синапсите. Маслото од кантарион (Oleum hyperici) e најшироко познато и се користи за ублажување и лечење на изгореници. Се добива со преливање на свежи цветови на кантарионот со маслиново масло. Кантарионовото масло се користи за надворешна употреба и за јадење. Освен тоа може да ја штити кожата од воспалениe, помага и ја негува сувата и испуканата кожа и може да се употребува и за масажа преку опуштање на мускулите и помага кај слабата циркулација. Маслото од кантарион не треба да се користи за заштита од сонце, бидејќи е фотосензитивно и може да предизвика промени на кожата, но при изгореници истото може да биде користено.
При истражувања спроведени во 2015 година во врска со антидепресивното дејство на кантарионот, било утврдено дека не е делотворен како други антидепресиви, и дека лекувањето од депресија со кантарион се должи на плацебо ефектот.[3]
Галерија
[уреди | уреди извор]- Хербариумски примерок на Кантарион(Hypericum perforatum)
- Хербариумски примерок на Кантарион(Hypericum perforatum)
- Хербариумски примерок на Кантарион(Hypericum perforatum)
- Хербариумски примерок на Кантарион(Hypericum perforatum)
- Хербариумски примерок на Кантарион(Hypericum perforatum)
- Хербариумски примерок на Кантарион(Hypericum perforatum)
- Хербариумски примерок на Кантарион(Hypericum perforatum)
- Хербариумски примерок на Кантарион(Hypericum perforatum)
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „засекник“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- 1 2 3 Мицевски, Кирил (1995). Флора на Република Македонија, Том I, св. 3. Скопје: МАНУ. стр. 499–501.
- ↑ Linde K, Kriston L, Rücker G, Jamila S, Schumann I, Meissner K, Sigterman K, Schneider A (February 2015). „Efficacy and acceptability of pharmacological treatments for depressive disorders in primary care: systematic review and network meta-analysis“. Annals of Family Medicine. 13 (1): 69–79. doi:10.1370/afm.1687. PMC 4291268. PMID 25583895.
- ↑ Ian Popay (22 June 2015). „Hypericum perforatum (St John's wort)“. CABI. Посетено на 2 December 2018.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
|
|