Прејди на содржината

Калифорниски морски лав

Од Википедија — слободната енциклопедија
Калифорниски морски лав
Научна класификација
Царство: Животни
Класа: Цицачи
Ред: Ѕверови
Подред: Перконоги
Семејство: Ушести фоки
Потсемејство: Морски лавови
Род: Калифорниски морски лавови
Вид: Калифорниски морски лав
Научен назив
Zalophus californianus
(Лесон, 1828)
Распространетост на калифорнискиот морски лав — размножувалиште: темносино, вкупна застапеност: светлосино

Калифорниски морски лав (науч. Zalophus californianus) — крајбрежен вид на морски лав од западните делови на Северна Америка, од југоисточна Алјаска до средно Мексико, вклучувајќи го Калифорнискиот Залив. Се одликуваат со полов диморфизам — каде мажјакот е поголем од женката, има подебел врат и истакната челенка. Кога не се во вода, сместуваат претежно на песочни и каменливи плажи, но неретко и на вештачки објекти како сидришта и пристаништа. Се хранат со разни видови риби и лигни, а самите претставуваат плен за китовите-убијци и белите ајкули.

Овие животни можат да се видат во Зоолошката градина во Скопје.[2]

Морските лавови се многуженци. Се размножуваат од мај до август, при што мажјаците воспоставуваат свои територии и во нив привлекуваат женки. Женките пак, слободно се движат од една до друга територија, без присила од мажјаците. Мајките се грижат за младенчињата во периодот на одмор помеѓу ловните походи. Морските лавови општат со низа огласувања, од кои позабележителен е лаежот и мајчините повици на младите. Вон сезоната на парење, најголемиот дел од времето го проведуваат во морето, навраќајќи се на брегот да се митарат.

Ова се особено интелигентни животни и затоа се дресираат за извршување на разни задачи. Поради ова, калифорниските морски лавови се чести жители на зоолошките градини, циркусите и океанариумите ширум светот, каде најчесто се именуваат како „фоки“. Покрај ова, морнарицата на САД ги користи и како обучени извршители на извесни воени дејства. Според Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП/IUCN), за видот го носи заштитниот статус „најмала загриженост“ (LC) поради неговата многубројност.

Таксономија

[уреди | уреди извор]
Литографија од Џозеф Смит.

Калифорнискиот морски лав бил опишан од Рене Примевер Лесон, француски натуралист, во 1828 година. Тој е групиран со други морски лавови и крзнени фоки во семејството ушести фоки. Ушестите фоки, исто така познати како Otariidae, се разликуваат од вистинските фоки со тоа што имаат надворешни ушни школки и пропорционално поголеми предни перки и пекторални мускули. Заедно со галапагоскиот морски лав и изумрениот јапонски морски лав, калифорнискиот морски лав припаѓа на родот калифорниски морски лавови односно научно Zalophus кој потекнува од грчките зборови „за“ што значи „интензивен“, и „лофос“ што значи „грб“.[3] Ова се однесува на испакнатиот сагитален грб на мажите, што ги разликува членовите на родот.[4]

Традиционално, галапагоскиот морски лав и јапонскиот морски лав биле класифицирани како подвидови на калифорнискиот морски лав. Сепак, генетска студија во 2007 година открила дека сите три се всушност посебни видови.[5] Се чини дека лозата на калифорнискиот и јапонскиот морски лав се разделила пред 2,2 милиони години за време на плиоценот.[6] Калифорнискиот морски лав се разликува од галапагоскиот морски лав по својот поголем полов диморфизам.[4] Стелеровиот морски лав е најблискиот роднина на родот на калифорниските морски лавови, кој е сестринска врста.[7]

Изглед и движење

[уреди | уреди извор]
Костур на калифорниски морски лав

Поради половиот диморфизам, мажјаците и женките на калифорнискиот морски лав се меѓусебно разликуваат по големина, облик и боја. Мажјаците обично се долги по 2,4 м и тежат до 350 кг, а женките имаат должина од 1,8 м и тежина до 100 кг.[4] Женките и младенчињата имаат портокалово-кафеаво крзно,[4] а по митарењето добиваат привремена светлосива или сребрена боја.[8] Мажјаците можат да бидат од светлокафеави до црни, но најчесто крзното има темнокафеава боја.[4] Ликот може им биде прилично светол. Новороденчињата имаат црно или темнокафеаво крзно.[8] Иако ова е вид со витка става, возрасните мажјаци имаат силен врат, гради и рамена.[8] Кај нив се забележува и истакнатата челенка, која дава впечаток на високо чело;[9] од бели влакна.[4] Покрај ова, имаат и грива, која е помалку развиена од онаа кај јужноамериканските морски лавови.[9] Обата пола имаат тесни издолжени муцки.[8]

Како и сите други перкари, калифорнискиот морски лав се движи во водата со перки (пераи). Телото е мазно и хидродинамично отпор. ’Рбетот им е прилично свитлив, што значи дека можат да го свиткаат вратот наназад сè до задните перки, и со тоа да прават нагли грбни свртувања, задржувајќи го хидродинамичното држење.[10] Кога оди на копно, морскиот лав ги мести задните перки нанапред, што му овозможува да оди четириношки, но чекорењето е претежно условено од движењата на главата и вратот.[11] Во вода достигнуваат брзина од 10,8 км/ч,[12] и нуркаат до длабочина од 274 м во траење до 9,9 минути, иако најчесто одат до 80 м и се задржуваат помалку од 3 минути.[13]

Морски лав како плива под вода

Морските лавови гледаат во боја, но ограничено на сините и зелените подрачја на бојниот спекатар, што претставува еволутивно приспособување на морската средина.[14] Имаат прилично остар слух, во честотен опсег од 0,4 до 32 kHz.[15] Подводните вибрации ги чувствуваат со нивните мустаќи (вибриси), кои се помазни и помалку наменски насочени од оние на обичната фока.[16]

Екологија

[уреди | уреди извор]

Распространетост и живеалиште

[уреди | уреди извор]

Калифорнискиот морски лав живее на западното крајбрежје и островски групи на Северна Америка, од југоисточна Алјаска до средно Мексико. Со анализа на митохондриската ДНК во 2009 г. се утврдени 5 посебни населенија: тихоокеанско умерно население од САД, тропско население на западниот дел на полуостровот Долна Калифорнија, како и населенијата од јужниот средниот и северниот дел на Калифорнискиот Залив.[7]

Морски лавови во Санта Круз, Калифорнија.

За време на сезоната за парење, морските лавови се собираат на песокливи или каменливи брегови, а во топлите денови лежат поблиску до морето. Навечер и кога е постудено одат повнатре на копното, на повисоки места.[8] Единките што не се парат се собираат на сидришта, пристаништа, па дури и на пловки за бродови. Морските лавови можат привремено да живеат и во слатка вода, како што е случај со единките кај браната „Бонивил“ на реката Колумбија.[17]

Исхрана и непријатели

[уреди | уреди извор]

Морските лавови се хранат со различни морски животни. Најголем удел имаат лигните и рибите, но напати јадат и школки. Најзастапени во исхраната се лососот, осличот, сарделата, харинга, морскиот костреш, змиулката и морските кучиња.[18] Порагата по храна се одвива претежно по континенталните кражјбрежни води, околу континентални прагови и кај подводните планини.[8] Можат да јадат сами, во помали или поголеми групи, во зависност од количеството на расположлива храна. Понекогаш соработуваат со други грабливци како делфинот, морската свиња и морските птици кога се одвива лов на големи јата рибил[19], а знаат и да ги следат делфините, искористувајќи ги нивните ловни напори.[4] Возрасните мажјаци се хранат 10–100 км од брегот,[12] а кога водата е потопла, одат дури до 450 км од брегот.[20]

Непријатели на морските лавови се китовите-убијци, белите ајкули и ајкулите мако, кои ги напаѓаат од заседа додека се одмораат на површина.[21]

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. Zalophus californianus. IUCN Red List. Version 2008. International Union for Conservation of Nature. 2008. Посетено на 30 January 2009.
  2. „Морски лавови - нови жители на Скопската зоолошка“. Дневник. 4 септември 2015. Архивирано од изворникот на 2015-09-07. Посетено на 20 септември 2015.
  3. Allen, Sarah G.; Mortenson, Joe; Webb, Sophie (2011). Field Guide to Marine Mammals of the Pacific Coast: Baja, California, Oregon, Washington, British Columbia. University of California Press. стр. 403. ISBN 978-0520265455.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 Heath, Carolyn B.; Perrin, William F. (2008). „California, Galapagos and Japanese Sea Lions Zalophus californianus, Z. wollebaeki and Z. japonicus“. Во Perrin, William F.; Würsig, Bernd; Thewissen, J.G.M. (уред.). Encyclopedia of Marine Mammals (2. изд.). стр. 170–75. ISBN 978-0123735539.
  5. Wolf, Jochen B.W.; Tautz, Diethard; Trillmich, Fritz (2007). „Galápagos and Californian sea lions are separate species: Genetic analysis of the genus Zalophus and its implications for conservation management“. Frontiers in Zoology. 4: 20. doi:10.1186/1742-9994-4-20. PMC 2072946. PMID 17868473.
  6. Sakahira, F.; Niimi, M. (2007). „Ancient DNA analysis of the Japanese sea lion (Zalophus californianus japonicus Peters, 1866): preliminary results using mitochondrial control-region sequences“. Zoological Science. 24 (1): 81–85. doi:10.2108/zsj.24.81. PMID 17409720. S2CID 10824601.
  7. 7,0 7,1 Schramm, Yolanda; Mesnick, S. L.; de la Rosa, J.; Palacios, D. M.; Lowry, M. S.; Aurioles-Gamboa, D.; Snell, H. M.; Escorza-Treviño, S. (2009). „Phylogeography of California and Galápagos sea lions and population structure within the California sea lion“ (PDF). Marine Biology. 156 (7): 1375–1387. doi:10.1007/s00227-009-1178-1. ISSN 0025-3162.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 8,5 Reeves, Randall R.; Stewart, Brent S.; Clapham, Phillip J.; Powell, James A. (2002). National Audubon Society Guide to Marine Mammals of the World. Alfred A. Knopf. стр. 90–93. ISBN 0375411410.
  9. 9,0 9,1 Lavigne, David M.; Harwood, John (2001). „Eared seal species“. Во David, MacDonald (уред.). The Encyclopedia of Mammals (2. изд.). Oxford University Press. стр. 171. ISBN 0760719691.
  10. Fish, Frank E.; Hurley, Jenifer; Costa, Daniel P. (2003). „Maneuverability by the sea lion Zalophus californianus: turning performance of an unstable body design“ (PDF). The Journal of Experimental Biology. 206 (Pt 4): 667–674. doi:10.1242/jeb.00144. PMID 12517984.
  11. English, Arthur Wm. (1976). „Limb movements and locomotor function in the California sea lion (Zalophus californianus)“. Journal of Zoology. 178 (3): 341–364. doi:10.1111/j.1469-7998.1976.tb02274.x.
  12. 12,0 12,1 Lowry, M.S.; Carretta, J.V. (1999). „Market squid (Loligo opalescens) in the diet of California sea lions (Zalophus californianus) in southern California (1981–1995)“ (PDF). Reports of California Cooperative Oceanic Fisheries Investigations. 40: 196–207. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-04-12. Посетено на 2015-09-20.
  13. Feldkamp, Steven D.; DeLong, Robert L.; Antonelis, George A. (1989). „Diving patterns of California sea lions, Zalophus californianus“. Canadian Journal of Zoology. 67 (4): 872–883. doi:10.1139/z89-129.
  14. Griebel, U.; Schmid, A. (1992). „Color vision in the California sea lion (Zalophus californianus)“. Vision Research. 32 (3): 477–482. doi:10.1016/0042-6989(92)90239-F. PMID 1604834.
  15. Reichmuth, Colleen; Southall, Brandon L. (2012). „Underwater hearing in California sea lions (Zalophus californianus): Expansion and interpretation of existing data“ (PDF). Marine Mammal Science. 28 (2): 358–363. doi:10.1111/j.1748-7692.2011.00473.x. Архивирано од изворникот (PDF) на 2013-05-13. Посетено на 2015-09-20.
  16. Gläser, N.; и др. (2011). „Hydrodynamic trail following in a California sea lion (Zalophus californianus)“. Journal of Comparative Physiology A, Neuroethology, Sensory, Neural, and Behavioral Physiology. 197 (2): 141–51. doi:10.1007/s00359-010-0594-5. PMID 20959994.
  17. „Columbia River Sea Lion Management: Restoring balance between predators and salmon“. Washington Department of Fish & Wildlife. Архивирано од изворникот на 2017-10-21. Посетено на 23 May 2012.
  18. „Sea Lion Diet“. Southwest Fisheries Science Center. Посетено на 2 September 2007.
  19. Riedman, M. (1991). The Pinnipeds: Seals, Sea lions, and Walruses. University of California Press. стр. 168. ISBN 0520064984.
  20. Weise, Michael J.; Costa, Daniel P.; Kudela, Raphael M. (2006). „Movement and diving behavior of male California sea lion (Zalophus californianus) during anomalous oceanographic conditions of 2005 compared to those of 2004“ (PDF). Geophysical Research Letters. 33 (L22S10). Bibcode:2006GeoRL..3322S10W. doi:10.1029/2006GL027113. Архивирано од изворникот (PDF) на 2010-06-08. Посетено на 2015-09-20.
  21. Harris, Jeffrey D.; Melin, Sharon R.; DeLong, Robert L. „Shark-inflicted Lesions on California Sea Lions (Zalophus californianus) at San Miguel Island, California: a New Phenomenon“ (PDF). National Marine Mammal Laboratory – Alaska Fisheries Science Center. Архивирано од изворникот (PDF) на 2012-07-12. Посетено на 23 May 2012.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]