Емил Затопек

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Емил Затопек
Fotothek df roe-neg 0006305 003 Emil Zátopek-2.jpg
Емил Затопек во 1951 година
Лични податоци
Роден(а) 19 септември 1922 (1922-09-19) (96 г.)
Копривњице, Чехословачка
Починал(а) 22 ноември 2000(2000-11-22) (воз. 78 г.)
Прага, Чешка
Висина &100000000000001820000001,82 м
Тежина 72 kg (159 lb)
Спорт
Земја Чешка Чехословачка
Спорт трки на долги патеки
Успеси и титули
Лични рекорди 5.000 метри: 13:57.0[1]
10.000 метри: 28:54.2[1]
Маратон: 2:23:04[1]

Емил Затопек (чешки изговор: [ˈɛmɪl ˈzaːtopɛk] ( слушнете); 19 септември 1922 – 22 ноември 2000) — чехословачки атлетичар на долги патеки најдобро познат по освојувањето на три златни медали на Летните олимписки игри 1952 во Хелсинки. Тој освоил златни медали на трките на 5.000 и 10.000 метри, а третиот златен медал го освоил на маратонската трка која била негова прва во кариерата, и за која се пријавил во последен момент.[1] Негов прекар бил "чешката локомотива".

Затопек бил првиот атлетичар кој ја соборил границата од 29 минути на трките на 10.000 метри (во 1954). Три години претходно, во 1951 година, тој за еден час истрчал 20 километри, со што поставил нов светски рекорд. Тој се смета за еден од најдобрите тркачи на 20. век и бил познат по бруталните методи на тренинг. Во 2013, уредниците на списанието Runner's World го одбрале него за најдобар тркач на сите времиња.[2] Тој е единствениот атлетичар со победи на трките на 5.000 и 10.000 метри и маратон на иста олимпијада.

Рани години[уреди | уреди извор]

Затопек бил шесто родено дете во скромна фамилија. На 16-годишна возраст, тој започнал да работи во фабриката за чевли Бата[3] во Злин. Затопек вели: "Еден ден, спортскиот тренер во фабриката, кој беше многу строг, покажа кон четири момчиња, вклучувајќи ме и мене, и ни нареди да трчаме на трка. Јас негодував дека сум слаб и не подготвен да трчам, но тренерот ме испрати на физички преглед, и докторот изјави дека сум совршено здрав. Па морав да трчам, и кога почнав, почуствував дека сакам да победам. Но на крајот сепак завршив на второто место. Така започна се."[4] Затопек завршил како втор од сто натпреварувачи. По тој момент, тој сериозно започнал да се интересира за трчањето. Тој се зачленил во локалниот атлетски клуб, каде развил своја тренинг програма, моделирана по тоа што прочитал за славниот фински олимпиец Паво Нурми.[5]

Само четири години подоцна, во 1944 година, Затопек ги соборил чехословачките рекорди на 2,000, 3,000 и 5,000 метри. По крајот на војната тој се приклучил на чехословачката војска, каде имал повеќе време за неговиот исцрпувачки тренинг режим.[5]

Натпреварувања[уреди | уреди извор]

Затопек бил избран за во чехословачката екипа за Европското првенство 1946 и завршил на петтото место на трката на 5.000 метри со време од 14:25.8 минути, соборувајќи го сопствениот чехословачки рекорд од 14:50.2 минути. На Летните олимписки игри 1948 во Лондон, Затопек победил на трката на 10.000 метри (негова втора трка во таа дисциплина) и го освоил второто место зад Гастон Рејф од Белгија на трката на 5.000 метри.

Затопек во 1951 година

Следната година, Затопек го соборил светскиот рекорд на 10.000 метри два пати, а во следните четири сезони истито рекорд успеал да го подобри три пати. Тој исто така поставил рекорди на 5.000 метри (1954), 20.000 метри (два пати во 1951), еден час трчање (два пати во 1951), 25.000 метри (1952 и 1955), и 30,000 метри (1952). Тој ги освоил златните медали на трките на 5.000 и 10.000 метри на Европското првенство 1950 и златниот медал на 10,000 метри на следното Европско првенство, завршувајќи пред Јозеф Ковач и Френк Сандо.

На Летните олимписки игри 1952 во Хелсинки, Затопек ги освоил златните медали на трките на 5.000 и 10.000 метри како и на маратонската трка, соборувајќи ги олимписките рекорди во сите три дисциплини. Тој е единствениот атлетичар со победи на трките на 5.000 и 10.000 метри и маратон на иста олимпијада. Неговата победа на трката на 5.000 метри дошла по жестокиот последен круг кој го истрчал за 57.5 секудни, и од четвртото место избил на првото место пред последната кривина, поминувајќи го најпрво французинот Ален Мимун, потоа Херберт Шаде од Западна Германија и на крајот британецот Крис Четавеј. Затопек не планирал да трча на маратонската трка, но во последен момент се пријавил за неа, и победил. Тоа било негова прва маратонска трка во кариерата. Неговата стратегија на трката била едноставна: тој трчал заедно со Џим Питерс, британскиот светски-рекордер. Во првите 15 километри во кои Питерс знаел дека се пренапрегнал себе си, Затопек го прашал англичанецот што мисли за трката досега. Зачуден, Питерс му рекол на чехот дека чекорот е "многу спор," со цел да го измори Затопек, кој во тој момент забрзал. Питерс не ја завршил трката, а Затопек победил поставувајќи нов олимписки рекорд.[5]

Затопек се обидел да го одбрани својот златен медал на Летните олимписки игри 1956 во Мелбурн; но сепак, тој заработил повреда на слабината пред игрите, и на маратонската трка завршил на шестото место.[5] Затопек ја завршил својата кариера во 1957 година.

Подоцнежни години[уреди | уреди извор]

Гробот на Емил Затопек во Рожнов под Радхоштјем

Херој во родната земја, Затопек бил влијателна личност во Комунистичката партија на Чехословачка. Сепак, тој се спротиставил на демократското крило во партијата, и по Прашката пролет во 1968 година, бил исклучен од комунистичката партија и од војската[5] и отстранет од сите важни позиции. Тој бил принуден да работа во рудник, да собира смет и да чисти улици со цел да ги задоволи своите егзистенционални потреби. По распадот на комунизмот, тој бил целосно рехабилитиран, добивајќи една од клучните улоги во чешкиот спортски сојуз. Лично од името на народот добил извинување од министерот за одбрана, а безброј пати добил признанија од претседателот Вацлав Хавел.

Затопек починал во Прага на 22 ноември 2000 година на 78-годишна возраст, по долго боледување. На неговиот погреб во националниот театар на Прага присуствувале многу значајни ликови од меѓународниот спорт.[5] Во декември 2000 година, тој постхумно бил одликуван со медалот „Пјер де Кубертен. Во 2012 година, тој бил еден од првите дванаесет атлетичари кој бил примен во куќата на славни на ИААФ.[6] Бронзен споменик во природна големина од Затопек бил претставен на стадионот на младоста во Злин во септември 2014 година.[7]

Личен живот[уреди | уреди извор]

Неговата сопруга Дана Затопкова (родена на ист ден и иста година како него) освоила златен медал во фрлање копје на Летните олимписки игри 1952, само неколку мигови по победата на Емил на трката на 5.000 метри. Таа исто така го освоила сребрениот медал на игрите во 1960 година. Пример за нивната весела врска бил моментот кога Емил сакал да земе заслуга за победата на својата сопруга на игрите во 1952 година, тврдејќи на прес-конференцијата дека неговата победа на 5.000 метри била нејзина „инспирација“. На тоа неговата сопруга одговорила: „Навистина? Добро, оди инспирирај некоја девојка и види дали таа ќе дофрли копје педесет метри!“.[8]

Во 1968 година, Затопек го поканил австралискиот алтетичар Рон Кларк да го посети во неговиот дом. Затопек знаел за лошата среќа која го следела Кларк; тој бил сопственик на голем број на светски рекорди на трките на средни патеки но немал среќа да освои златен олимписки медал. На крајот на посетата, Затопек му го дал на Кларк својот златен медал од трката на 10.000 метри кој го освоил на игрите во Хелсинки во 1952 година.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]