Доверливо од ЛА (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Доверливо од ЛА (англиски: L.A. Confidential) — американски филм од 1997 година заснован на истоимениот роман на Џејмс Елрој од 1990 година, а трет од циклусот романи „ЛА Четврт“. И филмот и романот ја раскажуваат приказната за група полицајци од Лос Анџелес во 1950-тите и полициската корупција во судир со гламурот на Холивуд. Филмската адаптација била продуцирана и режирана од Куртис Хенсон кој, исто така, е и автор на сценариото, заедно со Брајан Хелгеланд. Главните улоги во филмот ги играат: Расел Кроу, Кевин Спејси, Гај Пирс, Дени Девито и Ким Бејсингер. Во тоа време, Гај Пирс и Расел Кроу биле релативно непознати глумци во Северна Америка и еден од покровителите на филмот, Арнон Милкан, бил загрижен за отсуството на ѕвезди во главните улоги. И покрај тоа, тој го поддржал изборот на Хенсон што му дало сигурност на режисерот да ги ангажираКим Бејсингер, Дени Девито и Кевин Спејси. Кога Хенсон му го дал сценариото на Спејси, му порачал да мисли на Дин Мартин кога ќе ја толкува улогата. Севкупно, филмот има добра критика, имајќи 98% „потврдени“ свежи рејтинзи на „Ротен Томејтос“, од кои 59 од 60 осврти се позитивни. Филмот бил номиниран за девет награди „Оскар“ а добил два - Бејсингер за глумица во споредна улога и Хелгеланд и Хенсон за најдобро адаптирано сценарио.

Синопсис[уреди | уреди извор]

Во ерата на сјајот, гламурот, жестината и црнилата на Лос Анџелес од 1950-тите, тројца полицајци од градот се зафатени во корупција, секс, лаги и убиства по масовното убивање во клубот „Ноќна утка“. Приказната во суштина испреплетува организиран криминал, политичка корупција, хероин, порнографија, проституција, жолт печат, институционален расизам, пластични операции и Холивуд. Притоа, секој од тројцата полицајци работи на свој начин: Ед Екслеј е примерен и талентиран полицаец кој е подготвен на сè за да напредува, но не сака да се откаже од своите принципи. Бад Вајт е подготвен да ги заобиколи правилата во името на правдата, но ретко успева да ја контролира својата насилна страна. Џек Винкенес секогаш е во потрага по славните личности за да дојде до лесна заработка, но совеста го тера да им се придружи на Екслеј и Вајт во откривањето на мрачниот свет на Лос Анџелес.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. https://www.rts.rs/page/tv/ci/story/17/rts-1/4226633/poverljivo-iz-el-eja.html РТС, Поверљиво из Ел Еја (пристапено на 26.1.2021)