Диви приказни (филм од 2014)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Диви приказни (шпански: Relatos salvajes) - аргентинско-шпански филм од 2014 година во режија на Дамијан Сифрон (Damián Szifron) кој е автор и на сценариото, заедно со Херман Сервидио (Germán Servidio). Улогите ги играат: Дарио Грандинети, Марија Маруљ, Рита Кортезе, Моника Виља, Оскар Мартинез, Ерика Ривас, Херман де Силва, Рикардо Дарин, Леонардо Сбараља, Диего Џентиле, Марија Онето, Валтер Донадо итн. Во 2015 година, филмот бил номинирана за „Оскар“ во категоријата за најдобар странски филм, а следната година ја освил наградата „БАФТА“ за најдобар странски филм.[1]

Синопсис[уреди | уреди извор]

Филмот е поделен на шест посебни приказни:

  1. Пастернак: За време на еден авионски лет, повеќе патници дознаваат дека сите имаат некаква врска со Габриел Пастернак, кој работи како главен стјуард во авионот. Тој се заклучува во пилотската кабина и предизвикува авионска несреќа. На тој начин, тој им се одмаздува на присутните патници кои во минатото на разни начини го повредиле (неговата поранешна девојка, професорот кој му ја одбил литературната творба итн.).
  2. Стаорци: Во еден ресторан влегува средовечен човек. Келнерката е потресена, зашто тој е поранешен мафијаш кој го упропастил нејзиното семејство. Таа ѝ кажува на готвачката, која става отров во храната што ја порачува мафијашот, иако келнерката не се согласува со таа идеја. Тогаш, во ресторанот влегува синот на мафијашот и кога почнува да ја јаде затруената храна, келнерката ја фрла храната во лицето на мафијашот, сакајќи да го спречи да јаде. Меѓутоа, тој не знае за отровот и ја напаѓа девојката, а тогаш готвачката го убива.
  3. Најсилниот: Млад човек вози, а патот му го препречува непознат возач на стар автомобил. Сепак, тој успева да го престигне и му упатува навредливи зборови на возачот. Малку подоцна, поради технички проблем, тој мора да застане крај еден мост. Тогаш, доаѓа возачот на стариот автомобил, кој почнува да го крши автомобилот на младиот човек. Потоа, насилникот влегува во својот стар автомобил, но другиот возач го турка во реката и си заминува. Гледајќи дека насилникот излегол од реката, возачот се враќа назад, меѓутоа сега неговиот автомобил паѓа во реката. Тогаш, насилникот влегува во автомобилот и двајцата се борат. Насилникот го пали автомобилот кој експлодира и двајцата погинуваат, а кога доаѓа полицијата, таа ги наоѓа само двете јагленосани тела.
  4. Мала бомба: Симон е минер кој треба да купи торта и да ја донесе дома за роденденот на ќерка му. Меѓутоа, додека ја купува тортата, пајак-возило му го крева автомобилот, а потоа тој заглавува во автомобилскиот метеж поради што задоцнува на роденденот. Неговата сопруга не сака да го прифати неговото објаснување. Сметајќи дека е неправедно казнет, Симон ја бара правдата, но заглавува во бирократскиот апарат и затоа прави неред поради што завршува в затвор. Поради тоа, тој е отпуштен од работата, а жена му бара развод. Кога пајак-службата повторно му го крева автомобилот, тој одлучува да се одмазди - става експлозив во автомобилот кој експлодира на паркингот на пајак-службата. Така, тој е обвинет за тероризам и затворен, а во затворот го слави својот роденден.
  5. Предлог: Младото момче Сантјаго прегазува бремена жена и бега од местото на несреќата. Набргу, жената умира, а заедно со неа и бебето, поради што јавноста е огорчена. Богатиот татко на Сантјаго му нуди на својот работник Хозе 500 000 долари за да ја преземе вината врз себе. Во домот на Сантјаго пристигнува полицијата, Хозе дава лажна изјава, но инспекторот не му верува. Тогаш, семејниот адвокат му нуди поткуп на инспекторот за да го заташкаат сллучајот. Инспекторот прифаќа, но и адвокатот бара пари за себе. Најпосле, кога Хозе излегува надвор, пред куќата е собрана голема толпа при што таткото на погинатата жена го убива Хозе.
  6. Свадба: За време на свадбата, Ромина дознава дека свршеникот Ариел има љубовница, која е присутна на свадбената веселба. Таа бега од салата и оди на покривот од хотелот каде води љубов со еден готвач. Ариел е сведок на сцената, а таа му се заканува дека ќе му го уништи животот. Ромина се враќа во салата и ја повредува љубовницата на Ариел, кој паѓа во шок. Побеснетата Ромина прави немили сцени и свадбата пропаѓа, но сепак двајцата се помируваат и водат љубов во хотелската сала.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]