Битка кај Хејстингс

Координати: 50°54′43″N 0°29′15″E / 50.91194° СГШ; 0.48750° ИГД / 50.91194; 0.48750
Од Википедија — слободната енциклопедија
Битка кај Хејстингс
Дел од Норманско освојување на Англија

Harold Rex Interfectus Est: "Кралот Харолд е убиен". Сцена од таписеријата Баје што ја прикажува битката кај Хестингс и смртта на Харолд.
Датум 14 октомври 1066 г.
Место Батл во близина на Хејстингс, Источен Сасекс, Англија
50°54′43″N 0°29′15″E / 50.91194° СГШ; 0.48750° ИГД / 50.91194; 0.48750
Исход Победа на Норманите
Завојувани страни
Нормани Англосаксонска Англија
Команданти и водачи
Вилијам од Нормандија
Алан Црвениот
Вилијам ФицОзберн
Евстак

II, гроф од Булоњ

Харолд Годвинсон 
Гирт Годвинсон 
Леофвин Годвинсон 
Сила
Непознато, проценките се движат од 7.000 до 12.000 Непознато, проценките се движат од 5.000 до 13.000

Битката кај Хејстингс [б 1] се водела на 14 октомври 1066 година помеѓу норманско-француската војска под водство на Вилијам, војводата од Нормандија, и англиската војска водена од англосаксонскиот крал Харолд Годвинсон, а по оваа битка започнало норманското освојување на Англија. Битката се одржала на околу 11 км северозападно од Хејстингс и завршила со одлучувачка победа на Норманите.

Харолд средината на 1066 година ја поминал на јужниот брег на Англија. Тој со голема војска и флота го чекал Вилијам да ги нападне. На 8 септември, откако видел дека Норманите не напаѓаат, ја распуштил војската затоа што војниците требало да ги жнеат посевите.[1] Тој во средината на септември, дознал за норвешката инвазија и се упатил на север[2] и попатно собирал војска. Ги изненадил Норвежаните и на 25 септември ги победил во битката кај Стемфорд Бриџ. Харалд Хардрада и Тостиг биле убиени во битката, а Норвежаните претрпеле огромни загуби. Меѓутоа, ова било скапа победа за Англичаните затоа што армијата на Харолд била ослабнета и далеку од јужниот брег.[2]

Повод и причини[уреди | уреди извор]

Во 911 година, каролиншкиот владетел Карло Едноставниот дозволил група Викинзи да се населат во Нормандија.[3] Тие брзо се приспособиле на домородната култура, се откажале од паганството и го прифатиле христијанството[4] и склучувале бракови со локалното население.[5] Со тек на времето, границите на војводството се прошириле на запад.[6] Во 1002 година, англискиот крал Етелред II се оженил со Ема, сестра на Ричард II, војводата од Нормандија.[7] Нивниот син Едвард Исповедникот поминал многу години во егзил во Нормандија, и го наследил англискиот трон во 1042 година.[8] Едвард во Англија довел многу нормански дворјани, војници и свештеници и за да ја зајакне власта ги назначувал на високи позиции, претежно во Црквата. Едвард немал потомство и бил вовлечен во конфликт со моќниот гроф Годвин од Весекс и неговите синови, а можеби и ги охрабрил амбициите на војводата Вилијам од Нормандија за англискиот трон.[9]

Наследна криза во Англија[уреди | уреди извор]

Кралот Едвард пред својата смрт на 5 јануари 1066 г.,[10] не назначил јасен наследник на англискиот трон.[11] По неговата смрт се појавиле неколку претенденти кои тврделе дека треба да го наследат тронот на Англија.[11] Непосреден наследник на Едвард бил ерлот од Весекс, Харолд Годвинсон, најбогатиот и најмоќниот меѓу англиските аристократи и син на Годвин, претходниот соперник на Едвард. Харолд бил избран и крунисан за крал од Англискиот Витенаџмот.[11][12] Харолд веднаш бил предизвикан од двајца моќни соседни владетели. Војводата Вилијам тврдел дека кралот Едвард му го ветил тронот и дека Харолд се заколнал дека ќе се согласи со тоа.[13] Харалд Хардрада од Норвешка, исто така, го оспорил наследувањето. Тој се повикувал на договорот помеѓу неговиот претходник, Магнус Добриот, и претходниот англиски крал (Хартакнут), според кој ако еден од нив умре без наследник, другиот ќе ги наследи Англија и Норвешка.[14][14] Вилијам и Харалд почнале да собираат војска и бродови за да ја нападнат Англија.[15] [б 2]

Инвазијата на Тостиг и Хардрада[уреди | уреди извор]

На почетокот на 1066 година, прогонетиот брат на Харолд, Тостиг Годвинсон ја нападнал југоисточна Англија со флота што ја регрутирал во Фландрија, а подоцна и се придружиле и други бродови од Оркинските Острови. Под закана од флотата на Харолд, Тостиг заминал на север и извршил напад на Источна Англија и Линколншир. Неговиот напад го одбиле браќата Едвин, Ерл од Мерсија и Моркар, Ерл од Нортамбрија. Откако го напуштиле многу од неговите следбеници, Тостиг се повлекол во Шкотска и почнал да регрутира нови сили.[21] Хардрада на почетокот на септември со 300 брода и петнаесет илјадна војска ја нападнал северна Англија. Кон неговата војска се приклучиле и силите на Тостиг, кои ја поддржувале претензијата на норвешкиот крал за тронот. На 20 септември, во битката кај Фулфорд Норвежаните ја поразиле англиската војска и продолжиле да напредуваат кон Јорк.[22] Хардрада го зазел Јорк, и на 24 септември со првенците од градот како заложници Норвежаните се преселиле во близина на селото Стемфорд Бриџ.[23]

Англиската војска и подготовките на Харолд[уреди | уреди извор]

Англиската армија била организирана по регионална припадност, со локални регрути, под команда на локален магнат – гроф, бискуп или шериф.[24] Кралот исто така имал група лични вооружени лица, познати како куќни карли, кои го сочинувале столбот на кралските сили. Некои грофови, исто така, имале свои куќни карли. Тегните, локалните земјопоседнички елити, или се бореле заедно со кралските куќни крали или се придодавале кон силите на некој гроф или друг магнат.[24] Англиската армија немала голем број стрелци.[25]

Харолд средината на 1066 година ја поминал на јужниот брег на Англија каде што со голема војска и флота го очекувал нападот на Вилијам. Неговите сили во најголем дел биле милиции кои требало да ги жнеат своите култури, така што на 8 септември Харолд ги распуштил милицијата и флотата.[1] Откако дознал за норвешката инвазија, брзо се упатил на север, и попатно собирал сили. Успеал да ги изненади Норвежаните, и ги поразил во битката кај Стемфорд Бриџ на 25 септември. Во битката биле убиени Харалд Хардрада и Тостиг, а Норвежаните претрпеле огромни загуби така што биле потребни само 24 од првичните 300 бродови за да ги однесат преживеаните. Цената на оваа победа била висока, затоа што армијата на Харолд била значително ослабната и била далеку од англискиот југ.[2]

Подготовки и инвазија на Вилијам[уреди | уреди извор]

Откако стигнал во Певенси, Вилијам изградил тврдина врз урнатините на римската крепост.[26]

Вилијам собрал огромна армија од Нормандија и од други делови во Франција, меѓу кои и големи контингенти од Бретања и Фландрија.[27] Потрошил речиси девет месеци во подготовки. Според одредени нормански хроники обезбедил и дипломатска поддршка, иако точноста на овие записи е предмет на дебата меѓу историчарите. Најпознато е тврдењето дека папата Александар II во знак на поддршка му дал папски транспарент, кој се споменува само во извештајот на Вилијам од Поатје, но не и во посовремените наративи.[28]

Вилијам своите сили ги стационирал во Сен Валери-сур-Сом и бил подготвен да го премине Ла Манш околу 12 август.[29] Но, преминувањето било одложено, или поради неповолните временски услови или за да не биде пресретнат од моќната англиска флота. Норманите пристигнале во Англија неколку дена по победата на Харолд над Норвежаните, и се искрцале во Певенси во Сасекс на 28 септември.[27] Силите на Вилијам изградиле дрвен замок во Хејстингс, од каде што ги напаѓале околните места.[27] Уште неколку други утврдувања биле подигнати во Певенси.[30]

Норманските сили во Хејстингс[уреди | уреди извор]

Нормански витези и стрелци во битката кај Хестингс, претставени на таписеријата од Баје

Не е познат точниот број и состав на силите на Вилијам.[31] Во тогашен документ се тврди дека Вилијам имал 776 бродови, но можеби оваа цифра е преувеличена.[32] Тогашните автори претеруваат за големината на армијата, а бројките варираат од 14.000 до 150.000 војници.[33] Денес историчарите проценуваат дека Вилијам располагал со 7.000–8.000 луѓе, од кои 1.000 до 2.000 биле коњаници;[34] 10.000 до 12.000 војници;[33] 10.000 војници, од кои 3.000 коњаници;[35] или 7.500 војници.[31] Армијата се состоела од коњаница, пешадија и стрелци, а бројот на коњаниците и стрелците бил приближно еднаков, а бројот на пешаци бил еднаков на другите два типа заедно.[36]

Харолд оди на југ[уреди | уреди извор]

Откако ги поразил својот брат Тостиг и Харалд Хардрада на север, Харолд оставил голем дел од својата војска на север, а со останатиот дел се упатил на југ за да се справи со заканата од норманската инвазија.[37] Не е познато кога Харолд дознал дека Вилијам се истоварил во Англија, но најверојатно е тоа се случило додека тој патувал на југ. Ноќта на 13 октомври Харолд кампувал на ридот Калдбек, место одалечено на околу 13 км од замокот на Вилијам во Хејстингс.[38] Некои од тогашните рани француски извештаи споменуваат емисар или емисари испратени од Харолд до Вилијам, и тоа е веројатно. Двете страни не успаеле да се договорат.[39]

Иако Харолд се обидел да ги изненади Норманите, норманските извидници го најавиле пристигнувањето на Англичаните. Вилијам ја повел својата војска и напредувал кон непријателот.[39] Харолд зазел одбранбена позиција на врвот од ридот Сенлак (денешен Батл во Источен Сасекс) на околу 9,7 км од тврдината на Вилијам во Хестингс.[40]

Се смета дека бројката на англиски војници кај Хејстингс се движела помеѓу 7000 и 8000 војници.[25][41]

Битка[уреди | уреди извор]

Бојното поле гледано од северната страна

Битката започнала околу 9 часот на 14 октомври 1066 година (сабота) и траела до самрак.[42] Битката се одржала на 11 км северно од Хестингс во денешниот град Батл,[43] меѓу два рида – Ридот Калдбек на север и ридот Телхам на југ. Областа се одликувала со густа шума и мочуриште во непосредна близина.[44]

Распоредување на силите и тактики[уреди | уреди извор]

Распоредување на силите

Силите на Харолд биле распоредиле во мала, густа формација на врвот од стрмна падина,[45] а крилата биле заштитени од шума и мочуриштето пред нив.[46] Англичаните формирале заштитен ѕид, каде што предните редови ги држеле своите штитови еден до друг и дури и се преклопувале за да се заштитат од напад.[47] Изворите се разликуваат за точното место на кое се бореле Англичаните: некои извори го наведуваат местото на опатијата,[48][49][50] но некои понови извори велат дека тие биле на ридот Калдбек.[45][51]

Од другата страна, Вилијам своите сили ги поделил на три дивизии, според потеклото на војниците. Од лево биле Бретонците,[52] заедно со војниците од Анжу, Поату и Мејн. Во центарот биле Норманите,[52] под директна команда на војводата Вилијам.[47] Од десната страна биле Французите,[52] заедно со војници од Пикардија, Булоњ и Фландрија.[47] Фронтовата линија била составена од стрелци, а зад нив била линија од пешадија вооружени со копја.[52] Коњаницата била чувана како резерва,[52] а мала група свештеници и слуги сместени во базата на ридот Телхам не требало да учествуваат во борбите.[47]

Почеток на битката[уреди | уреди извор]

Поглед од бојното поле кон ридот Сенлак

Откако започнала битката норманските стрелци стрелале нагоре кон ѕидот од англискиот штит, без посебен ефект. Поради аголот на угорнината стрелите или се одбивале од штитовите на Англичаните или летале преку врвот од ридот.[52] Тоа што немало англиски стрелци го попречувал напредокот на норманските стрелци, бидејќи немало стрели кои можат да ги соберат и повторно да се употребат.[53] По нападот на стрелците, Вилијам ги испратил копјаниците да ги нападнат Англичаните, а тие возвратиле со канонада од проектили - копја, секири и камења.[52] Пешадијата не успеала да го пробие штитниот ѕид, па коњаницата тргнала да им помогне.[53] Коњаницата, исто така, не успеала да го пробие ѕидот, и започнало општо повлекување, за кое се обвинува бретонската дивизија од левата страна на Вилијам.[54] Се расчуло дека војводата е убиен, што дополнително ја подгреало збунетоста. Англиските сили почнале да ги гонат напаѓачите кои бегале, а Вилијам јавал меѓу своите сили, им го покажувал лицето и викал дека се уште е жив.[55] Потоа, војводата повел контранапад против англиските сили и Англичаните кои се собрале на едно ритче биле совладани.[54]

Не се знае дали потерата на Англичинате била по наредба од Харолд или била спонтана. Вејс вели дека Харолд им наредил на своите луѓе да останат во својата формација, но ниеден друг извештај не го споменува овој детал.[56]

Лажни повлекувања[уреди | уреди извор]

Сцена од таписеријата од Баје на која се прикажани нормански коњаници како се борат со англосаксонската пешадија

Попладнето имало затишје, и веројатно била потребна пауза за одмор и храна.[56] Можеби на Вилијам му требало време за да воведе нова стратегија, најверојатно инспирирана од англиската потера и нивниот пораз потоа од Норманите. Ако Норманите ја пратат својата коњаница до ѕидот на штитот и потоа ги намамат Англичаните да ги бркаат, тогаш може да се растури англиската линија.[57] Вилијам од Поатје вели дека оваа тактика била искористена двапати.[56] Некои историчари тврдат дека приказната за употребата на лажно бегство како намерна тактика била измислена по битката; сепак повеќето историчари се согласуваат дека оваа тактика ја користеле Норманите во Хестингс.[58]

Иако лажните повлекувања не ги разбиле линиите, сепак го истенчиле ѕидот од англискиот штит.

Смртта на Харолд[уреди | уреди извор]

Камен што го означува местото каде што умрел Харолд [59]

Харолд најверојатно умрел кон крајот на битката, иако извештаите во различните извори се контрадикторни. Вилијам од Поатје само ја споменува неговата смрт, без да даде детали за тоа како се случила. Таписеријата не помага зошто прикажува лик како држи стрела закачена за неговото око веднаш до борец кој паѓа откако е прободен со меч. Над двата лика (фигури) стои изјава „Овде е убиен кралот Харолд“.[60] Нејасно е која фигура е Харолд, или можеби се мисли на двете.[61] Првиот пишан извор на традиционалната приказна за Харолд кој умира од стрела во окото датира од 1080-тите од историјата на Норманите напишана од италијанскиот монах, Аматус од Монтекасино.[62] Летописецот Вилијам од Малмсбериски вели дека Харолд умрел од стрела која му го пробола окото и навлегла во мозокот и дека истовремено витез го ранил Харолд. Кармен наведува дека војводата Вилијам го убил Харолд, но тоа е малку веројатно, бидејќи таков подвиг би бил заведен и на друго место.[60] Современиот биограф на Харолд, Ијан Вокер, вели дека Харолд најверојатно умрел од стрела во окото, иако тој исто така вели дека е можно Харолд да бил погоден од нормански витез додека бил смртно ранет во окото.[63] Друг биограф на Харолд, Питер Рекс, имајќи ги предвид различните верзии, заклучува дека не е можно да се каже како умрел Харолд.[64]

По смртта на Харолд англиската армија останала без водач и почнала да се распаѓа.[57] Многумина од војниците избегале, но војниците на кралот се собрале околу телото на Харолд и се бореле до крај.[60] Норманите почнале да ги бркаат трупите кои бегале, а битката била завршена.[57]

Причини за исходот[уреди | уреди извор]

Поразот на Харолд се должи на неколку околности. Една од причините е потребата да се одбрани од две речиси истовремени инвазии. Фактот дека Харолд ги распушил своите сили во јужна Англија на 8 септември, исто така, придонел за поразот. Многу историчари го обвинуваат Харолд што брзал кон југ и попатно не собрал поголема војска пред да се соочи со Вилијам кај Хесјтингс.[65] Поврзано со брзината на напредувањето на Харолд до Хејстингс е веројатноста Харолд да не им верувал на Едвин од Мерсија и Моркар од Нортамбрија откако нивниот непријател Тостиг бил поразен и затоа одбил да ги доведе сосе нивните сили на југот од Англија.[65] Денешните историчари истакнуваат дека една од причините за брзањето на Харолд да започне битка било за да ги ограничи грабежите на Вилијам и да го спречи да ја прошири територијата со која тој тогаш располагал.[66]

Најголем дел од причините за поразот лежат во настаните од самата битка.[65] Вилијам бил поискусен војсководец,[67] а тоа што на англиската страна ѝ недостигала коњаница му ги ограничувало тактичките опции.[68] Некои автори го критикуваат Харолд дека не ја искористил можноста откако на почетокот на битката се разгласило дека Вилијам е убиен.[69] Изгледа дека Англичаните згрешиле што не останале во строга дефанзива, бидејќи кога ги гонеле Норманите кои се повлекувале, ги изложиле своите крила на напад. Нејасно е дали тоа се должи на неискуството на англиските команданти или на недисциплината на англиските војници.[67] На крајот, одлучувачка за исходот била смртта на Харолд по што во англиските сили завладеал неред и се распаднале.[68]

Последици[уреди | уреди извор]

Ден по битката, телото на Харолд било идентификувано, или по неговиот оклоп или по белезите на телото. Неговиот личен стандард му бил претставен на Вилијам,[70] и подоцна испратен до папството.[60] Телата на загинатите Англичани, како и некои од браќата и роднините на Харолд, биле оставени на бојното поле.[71] Мртвите Нормани биле погребани во голема заедничка гробница, која не е пронајдена.[72]

Една приказна раскажува дека Гита, мајката на Харолд, му понудила на Вилијам злато колку што тежи телото на нејзиниот син за да ѝ го предаде, но тој ја одбил понудата. Вилијам наредил телото на Харолд да се фрли во морето, но не може со сигурност да се потврди дали е тоа сторено.[71] Според друга приказна Харолд бил закопан на врвот на едно ритче.[72] Опатијата Волтам, која била основана од Харолд, подоцна тврдела дека неговото тело тајно било погребано таму.[71] Други легенди тврдат дека Харолд не умрел во Хестингс, туку избегал и станал пустиник во Честер.[73]

По победата кај Хејстингс, Вилијам очекувал да стане англиски крал, но Витенаџмот за крал го прогласил Едгар Етелинг.[74] Затоа Вилијам преку Кент тргнал за Лондон. Попатно ги поразил англиските сили кои го нападнале кај Саутворк, но не можејќи да го нападне Лондонскиот мост, тој се обидел да стигне до главниот град по заобиколен пат [75]

Вилијам ја преминал Темза кај Валингфорд (во Беркшир). Едгар не можел да собере доволно војска за да му се спротивстави на Вилијам, и затоа неговите главни поддржувачи го напуштиле, а англиските водачи му се предале на Вилијам во Беркхамстед, Хертфордшир. На 25 декември 1066 година, во Вестминстерската опатија, Вилијам бил крунисан за крал на Англија.[75]

И покрај тоа што англиските благородници биле потчинети, отпорот продолжил во следните неколку години.[76] Имало бунтови во Ексетер кон крајот на 1067 г., инвазија на синовите на Харолд кон средината на 1068 г., и востание во Нортамбрија во 1068 година.[77] Во 1069 година, Вилијам се соочил со дополнителни проблеми од Нортамбриските бунтовници, инвазијата на данската флота и бунтовите на југот и западот на Англија. Тој безмилосно ги задушувал различните бунтови, што кулминирало со т.н. „ Опустошување на Северот“ кон крајот на 1069 и почетокот на 1070 година кога опустошил делови од северна Англија.[78] Бунтот од Хереард Вејк во 1070 година кралот исто така го поразил по битката кај Ели.[79]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Walker Harold pp. 144–150
  2. 2,0 2,1 2,2 Walker Harold pp. 158–165
  3. Bates Normandy Before 1066 pp. 8–10
  4. Bates Normandy Before 1066 p. 12
  5. Bates Normandy Before 1066 pp. 20–21
  6. Hallam and Everard Capetian France p. 53
  7. Williams Æthelred the Unready p. 54
  8. Huscroft Ruling England p. 3
  9. Stafford Unification and Conquest pp. 86–99
  10. Fryde, et al. Handbook of British Chronology p. 29
  11. 11,0 11,1 11,2 Higham Death of Anglo-Saxon England pp. 167–181
  12. Walker Harold pp. 136–138
  13. Bates William the Conqueror pp. 73–77
  14. 14,0 14,1 Higham Death of Anglo-Saxon England pp. 188–190
  15. Huscroft Ruling England pp. 12–14
  16. Huscroft Norman Conquest pp. 96–97
  17. Huscroft Norman Conquest pp. 132–133
  18. Stafford Unification and Conquest pp. 86–87
  19. Bates William the Conqueror pp. 103–104
  20. Thomas Norman Conquest pp. 33–34
  21. Walker Harold pp. 144–145
  22. Walker Harold pp. 154–158
  23. Marren 1066 p. 73
  24. 24,0 24,1 Nicolle Medieval Warfare Sourcebook pp. 69–71
  25. 25,0 25,1 Gravett Hastings pp. 28–34
  26. Porter Pevensey Castle pp. 4, 26–27
  27. 27,0 27,1 27,2 Bates William the Conqueror pp. 79–89
  28. Huscroft Norman Conquest pp. 120–122
  29. Douglas William the Conqueror p. 192
  30. Lawson Battle of Hastings p. 179
  31. 31,0 31,1 Gravett Hastings pp. 20–21
  32. Bennett Campaigns of the Norman Conquest p. 25
  33. 33,0 33,1 Lawson Hastings pp. 163–164
  34. Bennett Campaigns of the Norman Conquest p. 26
  35. Marren 1066 pp. 89–90
  36. Gravett Hastings p. 27
  37. Carpenter Struggle for Mastery p. 72
  38. Marren 1066 pp. 94–95
  39. 39,0 39,1 Lawson Battle of Hastings pp. 180–182
  40. Marren 1066 pp. 99–100
  41. Marren 1066 p. 105
  42. Marren 1066 p. 114
  43. Gravett Hastings p. 91
  44. Marren 1066 p. 101
  45. 45,0 45,1 Gravett Hastings p. 59
  46. Bennett Campaigns of the Norman Conquest p. 40
  47. 47,0 47,1 47,2 47,3 Gravett Hastings p. 64
  48. Hare Battle Abbey p. 11
  49. English Heritage Research on Battle Abbey and Battlefield
  50. Battlefields Trust Battle of Hastings
  51. Lawson Battle of Hastings pp. 190–191
  52. 52,0 52,1 52,2 52,3 52,4 52,5 52,6 Bennett Campaigns of the Norman Conquest p. 41
  53. 53,0 53,1 Gravett Hastings pp. 65–67
  54. 54,0 54,1 Bennett Campaigns of the Norman Conquest p. 42
  55. Gravett Hastings p. 68
  56. 56,0 56,1 56,2 Gravett Hastings pp. 72–73
  57. 57,0 57,1 57,2 Bennett Campaigns of the Norman Conquest p. 43
  58. Marren 1066 p. 130
  59. Gravett Hastings p. 79
  60. 60,0 60,1 60,2 60,3 Gravett Hastings pp. 76–78
  61. Lawson Battle of Hastings pp. 207–210
  62. Marren 1066 p. 138
  63. Walker Harold pp. 179–180
  64. Rex Harold II pp. 256–263
  65. 65,0 65,1 65,2 Lawson Battle of Hastings pp. 217–218
  66. Marren 1066 p. 152
  67. 67,0 67,1 Lawson Battle of Hastings pp. 219–220
  68. 68,0 68,1 Huscroft Norman Conquest p. 130
  69. Walker Harold pp. 180–181
  70. Rex Harold II p. 253
  71. 71,0 71,1 71,2 Huscroft Norman Conquest p. 131
  72. 72,0 72,1 Marren 1066 p. 146
  73. Gravett Hastings p. 81
  74. Douglas William the Conqueror pp. 204–205
  75. 75,0 75,1 Douglas William the Conqueror pp. 205–206
  76. Douglas William the Conqueror p. 212
  77. Bennett Campaigns of the Norman Conquest pp. 49–50
  78. Bennett, Campaigns of the Norman Conquest, pp. 51–53
  79. Bennett Campaigns of the Norman Conquest pp. 57–60

Наводи[уреди | уреди извор]

 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]


Грешка во наводот: Има ознаки <ref> за група именувана како „б“, но нема соодветна ознака <references group="б"/>.