Нормандија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Нормандија
нормандски: Normaundie
француски: Normandie
Регион во Франција
Знаме на Нормандија
Знаме
Грб на Нормандија
Грб
Normandy in France 2016.svg
Земја  Франција
Префектура Blason Rouen 76.svg Руан
Департмани
Управа
 • Претседател Ерве Морен (Нов центар)
Површина
 • Вкупна 29.906 km2 (11,547 sq mi)
Население (2013)
 • Вкупно 3.322.757
 • Густина 110/km2 (290/sq mi)
Демоним Нормани[1]
Часовен појас CET (UTC+1)
 • Лете (DST) CEST (UTC+2)
БДП (2015) Грешка во Lua: Грешка во изразот: Непрепознаен збор „th“ во земјата
Вкупно &1000000000000090400000090,4 млј 
По жител

{{Пб/Грешка во изразот: Непрепознаен збор „k“

 |1=Грешка во изразот: Непрепознаен збор „k“
}}27,2k 
Мреж. место www.normandie.fr

48°52′48″ СГШ 0°10′12″ ИГД / 48.88, 0.17

Нормандија (/ˈnɔːrмəndi/; француски: Normandie, се изговара [nɔʁmɑ̃di], нормански: Normaundie, од старофранцуски Normanz, множина на Normant, со потекло од зборот "northman" во неколку скандинавски јазици)[2] е еден од 18-те региони на Франција и приближно одговара на историското Војводство Нормандија.

Административно, Нормандија е поделена на пет департмани: Калвадос, Ер, Манш, Орн и Поморска Сена. Регионот опфаќа 29 906 km².[3] Со население од 3 328 364 жители согласно пописот од 1 јануари 2016 (RP INSEE 2013), населеноста на Нормандија изнесува 111 жители на km² формирајќи околу 5% од територијата на Франција. Климата е океанска. Средните температури се 6°C во зима и 17,5°C во лето[3].

Жителите на регионот се Нормандијци кои водат потекло од Норманите. Јазикот е нормандски.

Историскиот регион на Нормандија го подразбира денешниот регионот Нормандија, како и мали области кои сега се дел од "департманите," или областите Мајен и Сарт. Каналските Острови (кои Французите ги нарекуваат воедно Англо-нормандски острови) историски се дел од Нормандија; тие покриваат 194 км2[4] и се состојат од: Гернзи и Џерси, кои денес се под власта на Британската Круна и каде кралицата Елизабета II е Војвода на Нормандија.[5]

Името на Нормандија е изведено од населбата главно составена од дански и норвешки викинзи (Нормани) од 9 век, и потврдено со договор во 10 век помеѓу кралот Карло III од Франција и ерлот Роло од Мере, Норвешка. Век и половина по норманското освојување на Англија во 1066, Нормандија и Англија биле поврзани со нормански и франкиски владетели.

Историја[уреди | уреди извор]

Римскиот театар во Лилбон
Таписерија Баје (Сцена 23): Харолд II дава заклетва на светите мошти на Вилијам Освојувачот

Археолошките наоди, како пештерски цртежи, докажуваат дека луѓе биле присутни во регионот уште во праисторијата.

Келтите (познати и како Белги и Гали) на неколку наврати ја напаѓале Нормандија од 4 до 3 век пред нашата ера. Кога Јулиј Цезар ја нападнал Галија, имало девет различни галски племиња кои живееле во Нормандија.[6] Романизацијата на Нормандија се постигнала со вообичаените методи: изградба на римски патишта и воведување на политика на урбанизација. Класицистите имаат сознанија за многу гало-римски вили во Нормандија[7].

Во доцниот 3 век, варварите ја опустошиле Нормандија. Крајбрежните населби биле разрушени од саксонските пирати. Христијанството почнало да се воспоставува во тек на овој период. Во 406 година, германските племиња започнале со освојување од исток, додека Саксонците го заземале крајбрежјето. Римскиот император се повлекол од поголемиот дел на Нормандија. Во 487, просторот меѓу реката Сома и реката Лоара паднале под контрола на франкискиот владетел Клодовик.

Викинзите почнале да ја напаѓаат долината на Сена во средината на 9 век. Уште во 841 година, викиншката флота се појавила на устието на Сена, главниот пат по кој тие навлегле во Британија.[8] По напаѓањето и уништувањето на манастирите, ја искористиле предноста при распадот на империјата на Карло Велики за да го заземат северниот дел на Франција. Војводството Нормандија било создадено за норвешкиотот викиншки водач Хролфр Рагнвалдсон, или Роло (познат и како Роберт од Нормандија). Роло под опсада го држел Париз, но во 911 прифатил вазалство кај кралот на Западните Франки (Карло Простиот), со Спогодбата од Сен Клер сир Епт. Со оваа спогодба на Роло законски му ја потврдиле територијата која тој и неговите викиншки сојузници претходно ја освоиле во битка. Името "Нормандија" го одразува викиншкото (односно норманското) потекло на Роло.

Потомците на Роло и неговите следбеници го усвоиле локалниот галоромански јазик и стапувале во брак со локалното население. Така се создале Нормандијци кои се мешавина од Нормани, Франки и Келти.

Роловиот потомок Вилијам, Војвода на Нормандија, станал крал на Англија во 1066 во норманското освојување на Англија кое кулминирало во Битката кај Хестингс, кога Вилијам го задржал Војводството Нормандија за себе и за неговото идно поколение.

Експанзија на Норманите[уреди | уреди извор]

Норманско освојување во 12 век

Покрај норманското освојување на Англија и последователните освојувања на Велс и Ирска, Норманите се прошириле и во други области. Норманските семејства, како оние на Танкред од Отвил, Рејнулф Дренго и Гимонд од Мулен одиграле важна улога во норманското освојување на јужна Италија и во крстоносните војни.

Династијата Дренго и синовите на Танкред, Вилхелм Железата Рака, Дрого од Отвил, Хамфри од Отвил, Роберт Гискар и Рожер Големиот Гроф прогресивно освојувале територии во Јужна Италија се до основањето на Кралството Сицилија во 1130. Тие и нивното поколение обезбедиле свој дел и во Крстоносните држави од Мала Азија и во Светата Земја.

Норманскиот истражувач од 14 век, Жан де Бетанкур основал царство на Канарските Острови. Бетенкур ја добил титулата Крал на Канарските Острови, но како свој господар го признал Енрике III од Кастилја, којшто му помогнал за време на освојувањето.

Нормандија помеѓу Англија и Франција[уреди | уреди извор]

Јованка Орлеанка гори на клада, во градот Руен, слика од Жил Ежен Ленепве

Во 1204, за време на владеењето на Јован Безземниот во Англија, копнениот дел на Нормандија од Англија преминал во Франција, за време на Филип II од Франција. Островскиот дел на Нормандија (Каналските Острови) останале под англиска контрола. Во 1259, Хенри III од Англија ја признал законитоста на француското поседување на копното Нормандија, со Париската спогодба од 1259. Неговите наследници, сепак, честопати се бореле да ја вратат контролата на копнениот дел на Нормандија.

Норманската повелба на  Луј X од Франција во 1315 (и подоцна пак потврдена во 1339) – исто како Магна картата во Англија по 1204 – гарантирала слободи и привилегии на провинцијата Нормандија.

Француската Нормандија била окупирана од Англија за време на Стогодишната војна во 1345-1360 и повторно во 1415-1450. Нормандија изгубила три-четвртини од населението во текот на војната.[9] Потоа се вратил просперитетот во Нормандија се до верските војни во Франција кога многу нормански градови (Алансон, Руан, Каен, Кутанс, Баје) се приклучиле на протестантската реформација. На Каналските Острови, периодот на калвинизмот по реформацијата бил задушен кога англиканизмот се наметнал по Англиската граѓанска војна.

Самуел де Шамплен тргнал од пристаништето на Онфлер во 1604 и ја основал Акадија. Четири години подоцна, тој го основал градот Квебек. Оттогаш-наваму, Норманите се вклучиле во политиката за експанзија во Северна Америка. Тие продолжиле да го истражуваат Новиот Свет: Рене-Роберт Кавелје де ла Сал отпатувал во областа на Големите Езера, а потоа на Реката Мисисипи. Пјер Ле Моан Дибервил и брат му Лемоан де Бјенвил ја основале Луизијана, Билокси, Мобајл и Њу Орлеанс. На териториите кои се наоѓаат помеѓу Квебек и делтата на Мисисипи се создале Канада и Луизијана. Колонистите од Нормандија биле меѓу најприсутни во Нова Франција, составена од Акадија, Канада, и Луизијана.

Онфлер и Авр биле двете главни пристаништа на Франција за трговијата со робови.

Модерна историја[уреди | уреди извор]

Иако земјоделство останало значајна гранка, индустриите како што се ткаењето, металургија, рафинирање шеќер, керамика и бродоградбата биле воведени и се развивале.

Во 1780, економската криза и кризата на Стариот режим ја погодила Нормандија, како и другите делови на државата, што довело до Француската револуција. Лошите жетви, техничкиот напредок и ефектите од Едемскиот договор потпишан во 1786 влијаеле на вработувањето и економијата на провинцијата. Нормандијците работеле под тежок товар од даночни давачки. Во 1790 петте департмани на Нормандија ја замениле поранешната провинција. На 13 јули 1793, Шарлота Корде го убила јакобинскиот лидер Жан Пол Мара.

Нормандијците реагирале малку на многуте политичките пресврти карактеристични за 19 век. Главно тие ги прифаќале промените на режимот (Првата француска империја, Бурбонската реставрација, Јулиската монархија, Втората француска република, Втората француска империја, Третата француска република).

По Француските револуционерни војни и Наполеонските војни (1792-1815) имало економска преродба (механизација на текстилното производство, првите возови и сл.).

Една нова економска активност го поттикнала брегот: крајбрежниот туризам. 19-тиот век го означува раѓањето на првата туристичка плажа.

Сојузничката инвазијата на Нормандија, Денот Д, 1944

За време на Втората светска војна, по капитулацијата на 22 јуни 1940 година, копнениот дел на Нормандија бил дел од германската окупирана зона на Франција. Каналските Острови биле под окупација од страна на германските сили од 30 јуни 1940 до 9 мај 1945 година. Во градот Дјеп се случил неуспешниот Напад на Дјеп (познат и како „Операција Рутер“) од страна на канадските и британските воени сили, на 19 август 1942.

Сојузниците, вклучувајќи ја Британија, САД, Канада и Слободна Франција, координирале голем дотур на војници и материјали за поддршка на големиот напад на Нормандија на Денот Д на 6 јуни 1944 година под кодно име Операција Оверлорд. Каен, Шербур, Карентан, Фалез и други градови изгубиле многу жртви во Битката за Нормандија, која продолжила до затворање на т.н. Фалезиски јаз помеѓу Шамбоа и Мон Ормел. Следело ослободувањето на Авр. Ова било значајна пресвртница во војната и довело до обнова на француската република. Остатокот на Нормандија бил ослободен на 9 Мај 1945 година, на крајот на војната, кога завршила и окупацијата на Каналските Острови.

Помеѓу 1956 и 2015 Нормандија била поделена на два административни региони: Долна Нормандија и Горна Нормандија; регионите биле споени во еден регион на 1 јануари, 2016 година. Горна Нормандија (Haute-Normandie) се состоела од француските департмани Поморска Сена и Ер, а Долна Нормандија (Basse-Normandie) на департманите Орн, Калвадос, и Манш.

Географија[уреди | уреди извор]

Средновековниот остров Мон Сен Мишел е најпосетуван споменик во Нормандија,
Арш и Егиј на карпите на Етрета
Типична куќа во Нормандија

Историското Војводство Нормандија порано било независно војводство кое се наоѓа во долниот дел на реката Сена, подрачјето Пеј де Ко и регионот на запад накај Пеј Дож па се до Котентенскиот полуостров.

Западна Нормандија припаѓа на Армориканскиот масив, иако поголемиот дел од регионот му припаѓа на Парискиот басен. Најстарите карпи во Франција се во Жобур[10] на Котентенскиот полуостров. Регионот долж северниот брегот се граничи со Англискиот Канал. Постојат гранитни карпи во западниот и варовнички карпи во источниот дел. Постојат долги плажи кои се протегаат во средина на областа. Забележливата карактеристика на пејзажот се создава од меандрите на Сена како што таа се приближува до својата утока. Највисоката точка е Сињал Декув (417 м) во Армориканскиот масив.

Нормандија нема многу шуми:[11] 12.8% од територијата е пошумена, во споредба со францускиот просек од 23.6%, иако процентот варира помеѓу департманите. Ер има најмногу шума (21%), додека Манш има најмалку (4%) што воедно е карактеристично и за Островите.

Главни агломерации во Нормандија се :[уреди | уреди извор]
  • Руан (650 000 жители)
  • Каен (400 000)
  • Авр (300 000)
  • Шербур (115 000)
  • Евре(100 000)
  • Дјеп (82 000)
  • Алансон (67 000)
  • Сен-Ло (66 736)[3]

Каналски Острови[уреди | уреди извор]

Каналските Острови културно и историски се сметаат како дел на Нормандија. Сепак, тие се под Британската Круна и не се дел од денешниот француски регион Нормандија,

Иако Британија го предала копнениот дел на Нормандија, како и друг француски имот во 1801, монархот на Обединетото Кралство ја задржува титулата Војвода на Нормандија за Каналските Острови.[12] Каналските Острови (освен Шосе) денес остануваат под Британската Круна. На тој начин службената здравица на Каналските Острови е "Кралицата, нашиот Војвода" (француски: La Reine, notre Duc). Како што пишува во Парискиот мировен договор од 1259, британскиот монарх се подразбира дека не е Војвода на копното Нормандија.

Реки[уреди | уреди извор]

Сена во Лез Андели
Брезла

Реките во Нормандија се:

  •  Сена и нејзините притоки:
    • Андел
    • Епт
    • Ер
    • Ризла
    • Робек

И многу крајбрежни реки:

  • Брезла
  • Куезнон, која традиционално ја одбележува граница помеѓу Војводството на Бретања и Војводство Нормандија
  • Див
  • Орна
  • Се
  • Селин
  • Тук
  • Вел, најкусата француска река
  • Вир

Политика[уреди | уреди извор]

Историска фотографија на Касарната Јованка Орлеанка во Руан, денес е седиште на Нормандиското регионално собрание

Денешниот регион Нормандија бил создаден со територијалната реформа на француските региони во 2014 година со спојувањето на Долна Нормандија, и Горна Нормандија. Новиот регионот стапил на сила на 1 јануари, 2016 година, по регионалните избори во декември 2015 година.[13]

Влада[уреди | уреди извор]

Регионалниот Совет има 102 членови кои се избираат според систем на пропорционална застапеност. Извршната власт се состои од претседател и потпретседатели. Ерве Морен од партијата на центарот бил избран за претседател на советот во јануари 2016 година.

Економија[уреди | уреди извор]

Поголемиот дел од Нормандија е претежно земјоделска, со сточарството како најважен сектор (иако во опаѓање после врвот кој го достигнал во 1970-тите и 1980-тите). Областите во близина на Сена (поранешна Горна Нормандија) содржат поголема концентрација на индустрија. Нормандија е значаен производител на цидра во регионот, а произведува и калвадос, дестилирана цидра или ракија од јаболки. Други важни економски активности се производство на млечни производи, лен (60% од производството во Франција), одгледување коњи (вклучувајќи и две француски национални фарми на пастуви), риболов, морска храна, и туризам. Регионот содржи три француски нуклеарни централи. Преку Нормандија лесен е пристапот до и од Велика Британија преку пристаништата во Шербур, Каен (Уистреам), Авр и Дјеп.[14]

Година Област Работна сила во земјоделството Работна сила во индустријата Работна сила во услуги
2003 година
Горна Нормандија[15]
2.30 %
36.10 %
61.60 %
2006 година
Долна Нормандија[16]
6.50 %
25.00 %
68.50 %
2006 година
Франција[17]
2.20 %
20.60 %
77.20 %
Област БДП (во милиони Евра)[18] (2006) Невработеноста (% од работна сила)[19] (2007)
Горна Нормандија
46,853
6.80 %
Долна Нормандија
34,064
7.90 %
Франција
1,791,956
7.50 %

Демографија[уреди | уреди извор]

Во јануари 2006 година, населението на Нормандија (вклучувајќи го и делот на Перш кој се наоѓа во Орн, но со исклучок на Каналските Острови) се проценува на 3,260,000 со просечна густина од 109 жители на км2, што е под францускиот национален просек, но се зголемува на 147 за Горна Нормандија.

Куќи во Руен со фасади од дрвени греди

Поголемите градови (според население од пописот во 1999) се Руан (518,316 во градското подрачје), главен град од 2016 година на провинцијата и претходно на Горна Нормандија; Каен (420,000 во градското подрачје) и поранешен главен град на Долна Нормандија; Авр (296,773 во градското подрачје); и Шербур (117,855 во градското подрачје).

Култура[уреди | уреди извор]

Знаме[уреди | уреди извор]

Традиционалното провинциско знаме на Нормандија, црвено со два златни леопарда се користи во денешните региони. Историската верзија со три леопарда (позната на нормандиски како les treis cats, "трите мачки") се користи од страна на некои здруженија и поединци, особено оние кои го поддржуваат обединувањето на регионите и културни врски со Каналските Острови и Англија. Џерси и Гернзи ги користат трите леопарди во нивните национални симболи. Трите леопарди ја претставуваат силата и храброста на Нормандија кон соседните провинции.

Неофицијална химна на регионот е песната "Моја Нормандија".

"Два леопарда" која е главната верзија на грбот на Нормандија.
 
"Три леопарда"
 
Верзија со нордиски крст
 
Знаме кое го користат морнарите во Нормандија 
Знаме кое се користи во родното место на Вилијам Освојувачот
"Два леопарда" знаме на Сарк
 
Грбот на Гернзи
 
Грбот на Џерси
 

Јазик[уреди | уреди извор]

Нормандискиот јазик се зборува во областа од малкумина население на копнениот дел и на островите, со концентрација во Котентенскиот полуостров. Истиот разликува 2 дијалекта: на запад, котентенски дијалект, а во Пеј де Ко, на исток има кошки дијалект. Во топонимијата се гледа нордиското влијание во овој оилски јазик; на пример -бек (поток), -fleur (река), -hou (остров), -dal или -dalle (долина) и -hogue (рид).[20] Францускиот јазик е единствениот официјален јазик во копнениот дел на Нормандија а англиски јазик е службен јазик на Каналските Острови.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Нормандски стил на градба во Довил

Во архитектурата, катедралите, опатиите (како што е Манастирот на Бек) и замоците на Нормандија се карактеристични за поранешното Војводство и за норманската архитектура во Англија по норманското освојување во 1066.

Архитектурата во Горна Нормандија се карактеризира со згради чии фасади се со греди налик на англиската архитектура, иако селските куќи во Пеј де Ко се повеќе одговор на социоекономските и климатските императиви. Доста од архитектонското наследство било уништено за време на Битката за Нормандија, во 1944. Поствоената и урбана обнова, како во Авр и Сен Ло, може да се рече, дека ги покажува и доблестите и недостатоците на модернистичките и нападни трендови на 1950-тите и 1960-тите години. Авр, градот изграден од страна на Огист Пере, бил додаден на списокот на светското наследство на УНЕСКО во 2005 година.

Традиционалната архитектура во Долна Нормандија ја претставуваат градби од гранит кој е доминантен локален градежен материјал. На Каналските Острови, исто така, го има ова влијание – Шосе со години бил извор на гранит, вклучително и оној за изградба на Мон Сен Мишел.

Јужниот дел на Бањол де Лорн е исполнет со буржоаски вили во Belle Époque стил со полихромни фасади, сводести прозорци и уникатни кровови. Оваа област, изградена меѓу 1886 и 1914, има автентичен "бањолески" стил и е типичен пример на селски туризам на високата класа на тоа време. Црквата Свети Герман во Керкевил со својот трилистен под вклучува елементи на еден од најстарите места за христијанска богослужба во Котентен. Таа му е посветена на Герман од Нормандија.

Гастрономија[уреди | уреди извор]

Нормандиска крава

Делови на Нормандија се пространи села со пасиштата за говеда и овоштарници насадени со јаболкници. Широк спектар на млечни производи се произведуваат и извезуваат. Нормандските сирења ги вклучуваат Камамбер, Ливаро, Пон Левек, Брија-Саварен, Нешател, Пети Суис и Бурсен.[21] Нормандскиот путер и кајмак се користат во гастрономските специјалитети.

Цидра од Нормандија

Рибата и морските плодови се со супериорен квалитет во Нормандија.[се бара извор] Школките од Котентенскиот полуостров се голем деликатес низ цела Франција. Нормандија е главен одгледувач и извозник на остриги и разни видови на школки, во Франција.

Нормандија е главен производител на цидра во регионот (многу малку вино се произведува). Пери исто така се произведува, но во помалку значајни количини. Ракијата од јаболка, од кои најпозната сорта е калвадос, исто така е популарна. "Нормандска дупка" (trou normand) е пауза за чашка калвадос со цел да се подобри апетитот и да се направи простор за следното јадење, и овој обичај се уште се применува во многу домови и ресторани. Помо е аперитив произведен со мешање на неферментирана цидра и ракија од јаболка. Друг аперитив е нормандиски кир, една доза крем де касис се надополнува со цидра. Бенедиктин се произведува во Фекамп.

Јаболката се исто така широко се користи во готвење: на пример, нормандски школки (moules à la normande) се школки варени со јаболка, павлака и сирење, бурдело се јаболки печени во тесто, и сите места во областа имаат некоја своја варијанта на пита од јаболка, која популарно ја викаат тан тан тан тан, зашто луѓето не може да го изговорат точно француското име "Tarte Tatin". Класично јадење од тесто за регионот е нормандискиот тарт, варијанта на пита со јаболки.

Други регионални специјалитети вклучуваат каенско чкембе (tripes à la mode de Caen), јагула (andouilles), кошка салата (salade cauchoise), јагнешко, морска храна (школки, скалеп, јастог, скуша...), и тергул (вид на сутлијаш, зачинет оризов пудинг).

Нормандските јадења вклучуваат руанско пате, иветско запржено пилешко и динстана гуска. Зајак се приготвува со печурки или на аврски начин, полнет со свински нозе. Други јадења се овчо на руански начин, телешко, телешки црн дроб со моркови и говедско (или мисирка) во павлака и со печурки.

Нормандија, исто така, е позната и колачите. Оттука потекнува бриош и дујон (круши печени во тесто), колачите краклен, рулет (craquelins, roulettes) во Руан, фуак (fouaces) во Каен, фали во Лизие, сабле (sablés) во Лизе. Други колачи и слатки од регионот вклучуваат руански јаболков шеќер, карамели од Инсињи, берлинго од Фалез, марципан од Авр,крокети од Аржентен и макарон од Руан.

Нормандија е родната земја на Тајеван готвачот на кралевите од Франција, Шарл V и Шарл VI. Тој го напишал најстариот француски готвач насловен Le Viandier. Млечниот џем исто така бил направен во Нормандија, околу 14 век.

Литература[уреди | уреди извор]

Вас го претставува неговиот Роман за Роло на Хенри II илустрација 1824

Војводите од Нормандија давале овластување и ја инспирирале епската литература за да се запише и легитимира нивното владеење. Вас, Ордерик Виталис и Стефан Руански биле оние кои пишувале во служба на војводите. По поделбата во 1204, француската книжевност била модел за развој на книжевноста во Нормандија. Меѓу позначајните нормандиски писатели на француски јазик се Жан Маро, Реми Бело, Ги де Мопасан, Жил Барбе д'Одервили, Густав Флобер, Октав Мирбо, и Реми де Гурмон, и Алексис де Токвил. Браќа, Пјер и Тома Корнеј, родени во Руан, биле големи фигури на француската класична литература.

Давид Феран (1591-1660) во неговата Нормандска Муза оставил белег врз литературата нашишана нормандски јазик. Во 16 и 17 век, работниците и трговци на Руан воспоставиле традиција на полемична и сатирична литература во форма на јазик наречена parler purin. На крајот на 18 век и почетокот на 19 век, новото движење се појавило на Каналските Острови, предводено од страна на писатели како што се Жорж Метевје, што поттикнало книжевна преродба и на копнениот дел на Нормандија. Во егзил во Џерси, а потоа на Гернзи, Виктор Иго се заинтересирал за традиционална литература. Работниците на морето е добро познат роман од Иго кој се случува на Каналските Острови. Романот Забет од Андре Луј од 1969 година е првиот роман објавен на нормандски.

Сликарство[уреди | уреди извор]

Клод Моне, Жена со чадор - Госпоѓата Моне со синот, 1875

Нормандија има богата традиција на сликарство и на Франција ѝ дала некои од нејзините најважни уметници.

Во 17-ти век некои од поголемите француски сликари биле Нормандијци како Никола Пусен, роден во Лез Андели и Жан Жувене.

Романтизмот забележал сликари на Каналскиот брег на Нормандија. Ричард Паркс Бонингтон и Џ. М. В. Тарнер од Велика Британија дошле на брегот на Нормандија, привлечени од светлината и пејзажите. Теодор Жерико, роден во Руан, бил значајна фигура во романтичното движење, а делото Сплавот на Медуза (оригинал: Radeau de la Méduse) се сметало за пробив на сликарскиот романтизам во Франција кога официјално било прикажано во салонот во 1819. Од реалистите, забележлива фигура е Жан-Франсоа Просо, роден на Ла Хаг. Пејзажниот сликар Ежен Буден, роден во Онфлер, имал влијание на импресионистите и бил многу ценет од страна на Моне.

Робер Антоан Пиншон, Едно попладне на островот, Руан, масло на платно, 50 x 61.2 cm

Оттргнувајќи се од формализирани и класични теми на почетокот на 19-тиот век, сликарите импресионисти претпочитале да се сликаат на отворено, во природна светлина, и да се концентрираат на пејзажи, градови и сцени од секојдневниот живот.

Водачот на движењето и таткото на модерното сликарство, Клод Моне е еден од најпознатите импресионисти и главен лик во ликовно наследство на Нормандија. Неговата куќа и градините во Живерни е една од најпосетуваните туристички локации во регионот. Градините се познати по убавината и нивните водни лилјани и биле значајни за уметничка инспирација на Моне. Нормандија била инспирација на неговото творештво, од сликите на Руанската катедрала до познатите слики на карпите во Етрета, плажата и пристаништето во Фекамп и изгрејсонцето на Авр. Сликата на Моне Импресија, Изгрејсонце, довела до движењето во сликарството наречено Импресионизам. По Моне, сите главни авангардни сликари на 1870-тите и 1880-тите дошле во Нормандија да ги сликаат нивните пејзажи и менувањето на светлината, главно долж долината на Сена и нормандското крајбрежје.

Пејзажи и сцени од секојдневниот живот биле, исто така, овековечени на платно со уметници како Вилијам Тарнер, Гистав Курбе, Онфлер роден како Ежен Буден, Камиј Писаро, Алфред Сисли, Огист Реноар, Гистав Кајбот, Пол Гоген, Жорж Сера, Пол Сињак, Пјер Бонар, Жорж Брак и Пабло Пикасо. Додека сликите на Моне украсуваат галерии и збирки низ целиот свет, значителна количина импресионистички дела можат да се најдат во галериите низ Нормандија, како што се Музејот на Уметноста во Руан, Музејот Ежен Буден во Онфлер или Музејот Андре Малро во Авр.

Морис Дени, еден од водачите и теоретичарите на Набис движењето во 1890-тите години, бил роден во Гранвиј, во департманот Манш.

Нормандиското здружение за модерно сликарство било формирано во 1909 од страна на Пјер Димон, Роберт Антоан Пиншон, Ивон Барбие и Ежен Тирвер. Жан Дибифе, еден од водечките француски уметници од 1940 година и 1950-тите години е роден во Авр.

Религија[уреди | уреди извор]

Руанска катедрала

Христијанските мисионери воспоставиле монашки заедници на територијата во 5 и 6 век. Некои од овие мисионери дошле од другата страна на Каналот. Влијанието на келтското христијанство се уште може да се најде во Котентен. Со одредбите на Договорот од Сен Клер сир Епт, Роло, викиншки паганин, го прифатил христијанството и бил покрстен. Војводството Нормандија затоа е формално христијанска држава уште од основањето. Катедралите на Нормандија имале влијание низ вековите и во верата и во политиката. Кралот Хенри II од Англија, отишол на покајание во катедралата во Авранш на 21 мај 1172 за убиството на Томас Бекет. Мон Сен Мишел е историско место за аџилак.

Нормандија нема еден генерално прифатен светец-заштитник, иако оваа титула е му се припишува на Свети Михаил, и на Свети Уан. Многу светители се почитувале во Нормандија низ вековите, вклучувајќи ги:

  • Свети Обер кој е запаметен како основач на Мон Сен Мишел
  • Свети Маркуф и Лауд кои се важни светци во Нормандија,
  • Елије и Самсон Долски кои се крстители на каналските Острови
  • Томас Бекет, англо-нормандиец чии родители биле од Руан, кој бил предмет на значителен култ во копното Нормандија по неговото мачеништво
  • Јованка Орлеанка кој била маченичка во Руан, и кој е особено запаметен во тој град
  • Тереза од Лизије чие родно место Алансон а подоцна и Лизије се фокус на верските поклоници.
  • Герман од Нормандија

Галерија на слики[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

  • Војводство Нормандија
  • Војводи на Нормандија

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Norman“. http://www.wordreference.com/definition/norman. 
  2. „Norman“. Online Etymology Dictionary. http://www.etymonline.com/index.php?term=Norman. 
  3. 3,0 3,1 3,2 l'Intérieur, Ministère de. „Géographie de la Normandie / Géographie / Portrait de la région / Région et institutions / Accueil - Les services de l'État en préfecture de région Normandie“ (на fr-FR). www.prefectures-regions.gouv.fr. http://www.prefectures-regions.gouv.fr/normandie/Region-et-institutions/Portrait-de-la-region/Geographie/Geographie-de-la-Normandie. посет. 26 ноември 2017 г. 
  4. Michel Badet (29 мај 2010). „Découvertes touristiques Cap Breizh – Les îles Anglo-Normandes“. capbreizh.com. http://www.capbreizh.com/pratique/anglo-normandes/anglo-normandes.htm. 
  5. „Provides the full title of the British Monarch“. http://www.heraldica.org/topics/britain/royalstyle_uk.htm#Normandy. 
  6. „César et les Gaulois“ (на fr). pagesperso-orange.fr. http://pagesperso-orange.fr/ridel/histnorm/Gaulois1.htm. 
  7. Bromwich, James. The Roman Remains of Brittany, Normandy and the Loire Valley: A Guidebook. стр. 53. 
  8. Neveux, Francois. The Normans: The conquests that changed the face of Europe. стр. 48. ISBN 978-0-7624-3371-1. 
  9. Emmanuel Le Roy Ladurie (1987). The French Peasantry: 1450-1660. University of California Press. стр. 32. ISBN 978-0-520-05523-0. https://books.google.com/?id=VT9rIMQFt2MC&pg=PA32. 
  10. Bay of Écalgrain and Bay of Cul-Rond Website Lithothèque de Normandie.
  11. Normandie, Bonneton, Paris 2001
  12. „Channel Islands“. The official website of The British Monarchy. http://www.royal.gov.uk/MonarchUK/QueenandCrowndependencies/ChannelIslands.aspx. 
  13. „La carte à 13 régions définitivement adoptée“ (на french). Le Monde. 17 декември 2014. http://www.lemonde.fr/politique/article/2014/12/17/la-carte-a-13-regions-definitivement-adoptee_4542278_823448.html. посет. 13 јануари 2015 г. 
  14. Houses and properties for sale. Normandy Property. Retrieved on 19 September 2014.
  15. (француски) L’état des régions françaises 2004, page 189
  16. (француски) INSEE, Emploi-Chômage
  17. "France in CIA factbook"
  18. (француски) INSEE
  19. (француски) INSEE
  20. „The Vikings in Normandy: The Scandinavian contribution in Normandy“. http://www.viking.no/e/france/contribution.html. 
  21. „Norman cheeses: History“. fromages.org. http://www.fromages.org/fdn/fdn_histoire_en.html. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]