Прејди на содржината

Алкибијад

Од Википедија — слободната енциклопедија
Алкибијад
Ἀλκιβιάδης   Alkibiádēs

Alcibiades
ПочиналФригија (404 п.н.е.)
ДржаваАтина
(415–412 п.н.е. Спарта)
(412–411 п.н.е. Персија)
ЧинГенерал (Strategos)
Битки/војниБитката кај Абидос (410 п.н.е.)
Битката кај Кизик (410 п.н.е.)
Опсадата на Бизантиум (408 п.н.е.)

Алкибијад (грчки: Ἀλκιβιάδης Κλεινίου Σκαμβωνίδης; 450 г. п.н.е. Атина - 404 г. п.н.е. Фригија) бил истакнат атински државник, оратор и генерал. Тој бил последен член и претставник на познатото аристократско семејство, Алкемениди. Алкибијад одиграл голема улога во развојот на настаните во текот на Пелопонеските војни (431-404 п.н.е.). Во неколку наврати ја променил политичката приврзаност и стратегија. Во неговата родна Атина во последните децении на V век п.н.е. тој се залагал за агресивна надворешна политика а бил и истакнат поборник за остварување на Сицилиската експедиција, но откако неговите политички противници против него поднеле обвинение за сквернавење, успеале да го одтргнат од политичката сцена во Атина. Тој во 415 г. п.н.е. преминал во Спарта каде што служел како стратегиски советник, предложувајќи неколку напади насочени кон Атина. Но и во Спарта стекнал политички непријатели и во 412 г. п.н.е. бил приморан да ја напушти и да пребега во Персија. Таму служел како советник на сатрапот Тисаферн сè додека неговите политички приврзаници не го повикале назад во Атина каде што повторно бил назначен за Атински генерал (стратег), но по неколку години на неговите политички противници им успеало по вторпат да го протераат од Атина.

Алкибијад се служел со невообичаени воени тактики, најчесто ги добивал градовите по пат на предавство, подкуп или преговори отколку со опсада. Но неговиот талент на многупати се покажал како вреден за почит и корисен на било кој полис или држава која го имала во своја служба. Но неговата склоност да си создава моќни непријатели не дозволувала тој да остане на висока позиција подолго време.

Рани години

[уреди | уреди извор]

Алкибијад е роден во Атина, во познато аристократско семејство. Неговата мајка Дејномаха била братучетка на Перикле а неговиот дедо, со исто име - Алкибијад, бил пријател на Клејстен - познатиот реформатор од доцниот VI век п.н.е и на Милтијад - херојот од Маратинската битка. По смртта на неговиот татко Клиниј во Битката кај Коронеја (447 п.н.е.) негов старател станал Перикле. Според Плутарх, Алкибијад бил многу вешт оратор, надарен со различни способности и од природата и од околностите. Тој имал неколку познати учители, меѓу кои и Сократ.[1] Алкибијад учествувал во Битката кај Потидаја (432 п.н.е.) каде што Сократ му го спасил животот. Тој бил многу приврзан со Сократ и според Плутарх, тој имал голема страхопочит кон него и ги презирал другите негови љубовници. Неговата блискост со Сократ се должи на тоа што тој бил единствената личност која успеала да поттикне сериозност во младиот амбициозен Алкибијад. Од прво изгледало дека тој ќе успее да го скроти Алкибијад и неговата немирна природа да ја претвори во послушност и служба на државните интереси, достојно за неговите познати предци. Но како што времето минувало, Алкибијад со неговата горделивост почнал на Сократ да гледа како личност која ги попречува неговите животни задоволства, па затоа тие тргнале по различни патишта. Алкибијд бил оженет со Хипарета, со која имал две деца.

Политичка кариера

[уреди | уреди извор]

Иако идеолошки и политички идеали и принципи не биле една од неговите карактерни одлики, сепак Алкибијад се решил да се стави во улога на демократски водач, и да го стави народното сообрание во негова служба. Алкибијад за првпат се издигнал на висока позиција кога почнал да пропагира поагресивна надворешна политика по потпишувањето на Мирот на Никија во 421 г. п.н.е. за кој во Пелопонеските војни по една декада војување двете страни се согласиле и обврзале на одржување на мир помеѓу нив во наредните 50 години. По повод потпишувањето на овој мир, Алкибијад изјавил дека тие "години" најверојатно ќе потраат само неколку месеци. Алкибијад и покрај противењето на неговиот политички соперник Никија, предводник на Аристократската струја во Атина, успеал да го убеди сообранието да склучи договор со полисот Аргос на Пелопонез, вечен непријател на Спарта, што за Спарта значело нова провокација. Во 418 п.н.е. се одиграла најголемата копнена битка во Пелопонеските војни, Битката кај Мантинеја во која Спарта излегла како победник против сојузниците Атина и Аргос. 416 п.н.е. Атина пратила флота за опсада на островот Мелос откако неговите жители одбиле да се приклучат на Делоскиот морски сојуз, и градот бил приморан да се предаде. Народното сообрание изгласало да се изврши погубување на сите машки воени заробеници, а жените и децата да се дадат во ропство, а Мелос да биде повторно населен со Атински колонисти.

Сицилиска Експедиција
[уреди | уреди извор]

Следната година, пратеници од градот Сегеста на Сицилија пристигнале во Атина да побараат воена помош во нивната борба притив најмоќниот град на островот - Сиракуза. Грчките градови во Сицилија биле дел од големата мрежа на грчки колонии во Средоземјето формирани во раното железно доба. Околу 415 г. п.н.е. Сиракуза која пак била Дорска колонија, се обидувала да го прошири нејзиното влијание на другите градови во Сицилија, што значело дека доколку таа добие супрематија на Сицилија, и Спарта ќе ја има нивната наклонетост. Покрај фактот што Сиракуза била сојузник на Спарта, на Атина и била неопходна поддршка од надвор за самиот нејзин опстанок. За разлика од течението на реката Еурота која во Спарта обезбедувала плодни региони, Атика подолго време се соочувала до недостаток на вегетација и плодно земјиште, поради што тамошното население во урбанизирана средина се соочувало со сериозни недостатоци на многу производи. Основни производни дејности биле виното и маслинките кои заедно со грнчарските производи биле користени во надворешната трговија, на источното Средоземје. Воспоставувањето на нови колонии на плодни региони или стекнување зависност од веќе постоечките, било од големо значење. А Сицилија под доминација на Сиракуза во ова време била една од главните извозници на жито во Грчкиот свет. Со Сицилиската експедиција Алкибијад согледувајќи ја ваквата можност, го изнесол предлогот пред Атинското сообрание, убедувајќи го во поволностите и придобивките од ваквиот подфат. Пролетта 415 г. п.н.е. советит изгласал да се испрати Атинска флота, под здружена команда на Алкибијад и неговиот стар политички непријател Никија. Но една ноќ за време на подготовките за експедицијата, во Атина се случил скандал откако Атињаните ги посведочиле резултатите од сквернавење на статуите на богот Хермес, во кое сите херми биле вандализирани. Атињаните не само што сметале дека ваквиот акт ја осудува на целосна пропаст Сицилиската експедиција, туку и за негов поттикнувач го обвиниле Алкибијад и неговите пријатели. Судењето било одложено, па Алкибијад со Атинската флота тргнал на Сицилиската експедиција од пристаништето Пиреј, a неговите противници успеале да го осудат во отсуство за сквернавење на хермите и богохулство за време на Елеузинските мистерии, и испратат пратеници кои ќе го повикаат назад во Атина да се појави заради спроведување на смртна казна.

Пребегнување во Спарта и Персија
[уреди | уреди извор]

Тогаш Алкибијад наместо во Атина, заминал пред спартанскиот совет. Иако на почеток, спартанците го дочекале со недоверба, тој успеал да ги убеди во неговите искрени намери и неговиот план за пораз на Атина. Со голем напор, Алкибијад го променил имиџот од човек кој ужива во земските задоволства и доживеал трансформација налик на Спартијат. Одел босоног и со груба наметка, дури и уживал во истата т.н. "црна супа" направена од крв, сол и оцет познат специјалитет на спартанската војска. Во врска со случувањата на Сицилија, Алкибијад дал предлог Спарта да испрати помошни одреди на Сиракуза. Во меѓувреме Никија поставил опсада на Сиракуза и од копно и од море, но откако спартанците испратиле засилување, работите тргнале во лоша насока за Атина и била донесена одлука за повлекување. Но Атинската флота била заробена во заливот на пристаништето и единствена опција била испловување на копно. Откако атињаните ги напуштиле бродовите, непријателската војска ги запалила Атинските бродови. Преостанатата 40.000на војска се повлекла во внатрешноста на островот, мртвите останале непогребани а ранетите и болните оставени на секаква немилост. Уморни од глад и жед, армијата се поделила на два два дела, еден предводен од Никија а друг од Демостен. Демостен со еден дел од војската бил нападнат и принуден да се предаде а Никија со другиот дел од војската во потрага по вода пристигнале до реката Асинаро, во која многу војници загинале заради нередот кој настанал во обид да се измијат и напијат вода, а од другата страна на брегот ги дочекала војска од Сиракуза, и биле принудени да се предадат. Така завршила Сицилиската експедиција во 413 г. п.н.е.

Алкибијад, во Спарта успеал да ја заведе жената на спартанскиот басилеј Агис II додека тој бил отсутен во војна, дури јавно говорел дека детето кое таа го носи и кое еден ден ќе седне на престолот, е негово. Откако добил закани по неговиот живот, Алкибијад пребегал во Персија, во служба на Персискиот сатрап Тисаферн, и овој пат се трансформирал во брилијантен персиски дворјанин. По кратка служба бил повторно повикан во Атина. Иако исходот од војната веќе бил очигледен, поради катастрофалниот пораз кај Сиракуза, Атина повеќе не можела да се бори со исто темпо. Последниот удар го дибила во поморската битка кај Ајгоспотами во 405 г. п.н.е. каде Спартанската флота под команда на Лисандар ги уништила преостанатите Атински морски сили, поставувајќи опсада на градот по копно и по море, и без достава на храна. Војната била завршена, а Спарта станала хегемон на Грција, сè додека во 371 година, во Битката кај Леуктра, тебанскиот генерал Епајменонда не ставил крај на Спартанската хегемонија.

Подоцнежни години и смрт

[уреди | уреди извор]

По поразот во Битката кај Ајгоспотами 405 г. п.н.е., Алкибијад го преминал Хелеспонт и побарал засолниште во Фригија. Многу работи околу неговата смрт се неразјаснети, поради контрадикторност во историските извори. Според Плутарх: "Лисандар испратил пратеник до Фарнабаз кој потоа го пратил неговиот брат во Фригија каде што Алкибијад живеел со неговата љубовница, Тимандра. Во 404 г. п.н.е. подготвувајќи се да оди во Персискиот дворец, неговото живеалиште било опкружено и запалено. Не гледајќи можност да избега, ги нападнал неговите убијци со нож во раката, но бил убиен со дожд од стрели."

Во Стара Грција, Алкибијад бил поделена политичка фигура. Тукидид смета дека Алкибијад бил необично амбициозен, и ја предложил Сицилиската експедиција со цел да се стекне со слава, богатство и подобра репутација, но и покрај неговата претерана амбициозност, не го обвинува за ситуацијата во која се нашла Атина во текот на Пелопонеските војни. Плутарх го гледа како брилијантен карактер со голема смелост за големи потфати. Демостен за Алкибијад вели дека неговите постапки биле одлика на неговиот патриотски дух и во името на демократијата.

  1. „Beleške“, во: Erazmo Roterdamski, Pohvala ludosti. Beograd: Rad, 2016, стр. 122.