Розетен прозорец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Розетниот прозорец на Стразбуршката катедрала, Франција.
Внатрешноста на розата на Стразбуршката катедрала

Розетен прозорец или розета (се употребува и катерински прозорец) — поим во архитектурата, кој се објаснува како кружен прозорец, вграден во црквите изградени во готски стил, кој обично е поделен со шпросни или орнамент. Поимот „розетен прозорец“ не се употребувал пред 17. век, а според Оксфордскиот речник на англискиот јазик, потекнува од англискиот збор rose, со значење роза.[1]

Поимот „прозорец-тркало“, исто така се употребува, но најчесто за оние прозорци кои се поделени со едноставни пречки, кои се оковани и ротираат во средината на прозорецот, додека пак „розетниот прозорец“ се однесува на оние прозорци, кои имаат посложена градба и кои по својот изглед наликуваат на роза со многу ливчиња. Кружниот прозорец без орнамент, којшто е карактеристичен за многу цркви во Италија е познат како окуларен прозорец.

Розетните прозорци се делумна карактеристика на готската архитектура и може да се забележат во сите големи катедрали во северна Франција, изградени во готски стил. Се смета дека потеклотона овие видови на прозорци е постаро, па розетните прозорци може да се најдат во различна форма во средновековните градби. Сепак, улогата во христијанските цркви на розите се намалила, но идејата за изградба на цркви со рози повторно оживеала во 19. век, со развојот на неоготската архитектура. Оттогаш, розите станале популарни и биле вградувани во многу цркви во светот.

Историја[уреди]

Окуларниот прозорец на римскиот Пантеон.

Потекло[уреди]

Потеклото на розетниот прозорец е во римскиот окулус (латински: oculus). Ваков кружен отвор имал и римскиот Пантеон, а целта за неговото вметнување било создавањето на извор на светлина и свеж воздух во затворената градба.

Во ранохристијанската и во византиската архитектура, постојат примери на употребата на вакви кружни отвори при изградбата на храмовите. Тие обично биле вградувани околу барабанот од градбата, каков што е случајот со Базиликата на Светиот Гроб во Ерусалим или во фронтонот како калкански прозорци, што е случај со црквата Сант Ањезе фуори ле мура во Рим и со катедралата Санта Марија Асунта.[2]

Во еден прозорец, кој се наоѓа во Венеција, а потекнува од 8. век, може да се забележи резба на неколку позадини, кои наликуваат на орнаменти, а врз кои се наоѓаат три окуларни прозорци. Во периодот од 6. до 8. век, познато е и дека постоеле издупчени полукружни прозорци, какви што подоцна биле карактеристични во Византија.[3]

Малите кружни прозорци, како оние во црквите Санта Ањезе фуори ле мура и Санта Марија Асунта, како и застаклените и украсени вдлабнатини продолжиле да се употребуваат при изградбата на црквите во Италија, со што стекнале голема популарност во идната романескна архитектура.

Друг важен фактор за популарноста и развојот на овој архитектонски елемент посочил германскиот историчар на уметност Ото фон Симсон, којшто сметал дека розетните прозорци потекнуваат од шесте припоени осумаголни форми на омејадската, изградена во Јордан во периодот на 740-тите. Според неговата теорија, Крстоносците го позајмиле дизајнот на прозорецот и со мали измени го вовеле во изградбата на црквите во Европа.

Розетните прозорци се наречени и Катерински прозорци, по светата Катерина Александриска, која била осудена на смрт со набодување на тркало со колец. Кога го допрела тркалото, тоа се скршило.

Црквата Сан Мигел де Лиљо, Овиедо, Шпанија.

Кружни прозорци во Шпанија[уреди]

Во Шпанија има неколку цркви на кои е забележливо присуството на некои форми на орнамент. Овие цркви се наоѓаат во близина на градот Овиедо, а биле изградени во 9. и 10. век и се едни од првите градби надвор од територијата на Византија, во кои бил вклучен овој елемент. Обликот наликува на мотивите, коишто се најдени на визнтиските резби на мермерни саркофази, свештенчки говорници, како и украсите на прозорците на градбите во Равена и Константинопол.

Црквата Сан Педро има правоаголен прозорец и е украсен со два круга кои се пресекуваат. Горниот круг содржи крст, чиишто краци се пресечени од линиите на круговите.

Во црквата Сан Мигел де Лиљо се наоѓа можеби најраниот пример на окуларен прозорец со орнамент. Црквата има неколку такви прозорци со различна големина, кои се украсени со крст, со што се појавува порабена форма на цвет, што ја најавува појавата на прозорците во облик на тркало, но и оние во облик на роза.

Романескни кружни прозорци[уреди]

Кружните прозорци и кружните вдлабнатини станале карактеристични елементи на многу романескни цркви и архитектури, пред сè изградени во Германија и Италија, каде што стилот постоел подолг временски период, надминувајќи го развојот на готската архитектура во Франција.

Во Германија, Вормскиот дворец има прозорци со облик на тркало, кои се наоѓаат на краевите од бродовите, како калкански прозорци, нешто слично како ранохристијанската базилика Санта Ањезе во Рим. Западниот апсиден завршеток има централен прозорец со облик на тркало со помали окуларни прозорци. Шпеерската катедрала има прозорец со облик на тркало, којшто е вграден во квадратен дел од фасадата.

Црквата на апостолите во Келн е украсена со окуларни и издолжени прозорци, кои формираат декорација на фронтонот, а посебно на „ренишкиот шлем“. Осмоаголната купола содржи прстен со окуларни прозорци од двете страни.[3]

Црквата Санта Марија Новела, Фиренца, Италија.

Во Тшебич, Чешка се наоѓа базиликата Свети Прокопиј, која е изградена во 12. и 13. век. На апсидата од црквата се наоѓаат прозорци, коишто се многу слични на оние од Вормскиот дворец, но во оваа градба, отворите се исполнети со орнамент во готска форма, којшто јасно го означува влијанието на новиот стил.

Во Италија, употребата на кружни мотиви во различни форми била неизбежен елемент на фасадите од црквите. Појавата на овие мотиви се појавува на ранохристијанските уметност, романескните, готските, ренесансните и барокните цркви. Познат пример се големите кругови на полихромираниот мермер, којшто го дополнува централниот прозорец на фасадата од црквата Санта Марија Новела во Фиренца.[4] Окуларните прозорци, исто така буиле вградувани на барабаните, кои биле градени како помошни елементи на куполите и како светла во осумаголните крстилници, како онаа во Кремона.

Романескни фасади со окуларни прозорци имат црквите: Сан Миниато ал Монте во Фиренца (изградена во 11. век), Сан Микеле во Павија (изградена околу 1117) и Пистојската катедрала во Пистоја (изградена околу 1150). Како што големината на прозорците се зголемувала во подоцнежниот романескен период, прозорците-тркала станале стандард, кој започнал да се применува. Тоа се потврдува со црквата Сан Цено Маџоре во Верона и катедралата во Монца.[3]

На романескната фасада на катедралата Сполето има изобилство од вдлабнати и орнаментни окуларни прозорци, коишто го обиколуваат розетниот прозорец, вметнат на квадратна позадина од мозаик од 1207 година.

Во Англија, постојат пет романескни прозорци-тркала, анајпознати се оние во црквите во Барфрестон и дворецот Хедингам.

Готика[уреди]

Западната страна на базиликата Сен-Дени, Париз, Франција.

Преминувањето на романескниот стил во готски, најмногу е проследено во градбите во Франција. Карактеристичен приемр е базиликата Сен-Дени во северен Париз, во чија изградба во периодот од 1130 до 1134, Сугериј вметнал карактеристични готски елементи, а со тоа навестувајќи го развојот на готскиот архитектонски стил.[5]

Розетниот прозорец, кој Сугериј го вметнал во фасадата на базиликата Сен-Дени, веројатно е навестување на многу други кружни прозорци од градбите, изградени во романескен стил, како што се црквите во Англија, базиликата Свети Прокопиј во Требиц, катедралата Сполето и фасадата на Шпееровата катедрала.

Сугериевиот прозорец не бил забележително готски. Тој повеќе ја нема оригиналната форма, а во средината на 19. век, во еден цртеж на Ежен Виоле ле Дук миоже да се забележи дека прозорецот имал многу голем окуларен простор во центаерот, стаклото било заштитено со железен прстен и обиколено со едноставни полукружни додатоци, кои биле отсечени од камената површина, со примена на техниката, позната како „орнаментна чинија“. Денес, прозорецот содржи готски орнамент, кој веројатно бил додаден од страна на Виоле ле Дук, кој бил загрижен поради отсуството на стабилност на целата фасада и кој ги обнобил кулите, откако една од нив ненадејно паднала.

Заедно со едноставните прозорци-тркала од доцниот нормански период во Англија, Германија и Италија, многу од прозорците од доцниот 12. век, сè уште опстојува прозорецот на Шартрската катедрала. Овој забележителен елемент содржи големо рондо во центарот, со блескави спици од прозорецот-тркало, обиколен со прстен во техниката „рамен орнамент“ и кој содржи помали светилки и фестонирани граничници. Прозорецот, опишувајќи го Страшниот суд, ја содржи оригиналната шема на застаклување, а од стаклото на прозорецот, голем дел е останато од оригиналното во 1215, иако постоела потенцијална опасност за време на Втората светска војна.[6]

По примерот на западниот прозорец на Шртрската катедрала, биле создадени прозорците на Колегијалната богородична црква во Мант и фасадата на Ланската катедрала, којашто содржи розетни прозорци на источната страна и на страничните краеви. Овие прозорци содржат големи светилки, распоредени на орнамент во полукружна форма, што наликува на листови кои се пресекуваат.

Централниот прозорец на познатата готска фасада на Богородичната црква во Париз е во готски стил, со шпросни на обете страни, коишто зрачат со одблесокот од централното рондо, при што секоја оделно ја прекинува соодветната арка. Овој прозорец бил завршен во 1225 година, што претставувало шема за многу други розетни прозорци, вклучувајќи ги и страничните прозорци на базиликата Сен-Дени и џиновските и сложени прозорци на јужната страна од Богородичната црква во Париз.[7]

Во Шартрската катедрала, страничните рози се вметнати во истиот стил, како и оригиналната роза од 12. век, со што се развива темата на контрастни форми. Јужната роза ги соединува тркалото со круговите и полукруговите, додека северната роза воведува квадратни светилки, коишто ротираат околу центарот и се поставени под различни агли, со што создаваат калеидоскопски ефект со голема енергија.[8]

Понатамошен развој[уреди]

Големината на розетниот прозорец, започнала постепено да се зголемува во однос на големината на прозорецот на Шартрската катедрала, што било резултат на развојот на разлилните стилови во готската архитектура. Во средината на 13. век, розата ги достигнала најголемите димензии. Тоа биле розите вметнато во Базиликата Сен-Дени и Богородичната црква во Париз.

Во фасадите на најголемиот број готски цркви во Франција, розата се вметнувала под арката. Таков е случајот со Богородилната црква во Париз, Шартрсдката катедрала, Базиликата Сен-Дени и Колегијалната богородична црква во Мант. Следен чекор во употребата на овој елемент во готскиот стил е неговото вметнување под работ на арката, како што било направено при изградбата на Ремската катедрала (1230). Оваа форма произлегла од унипштената црква Свети Никајс, која исто така се наоѓала во Ремс.

Розетниот прозорец често се вметнувал над цела низа од вертикално поставени светилки, при што неговиот врв и помалите сводови меѓу розата и понискиот ред биле исполнети со помали светилки во форма на роза, што е случај со страничните бродови на Базиликата Сен-Дени и Богородичната црква во Париз.

Последен чекор во развојот на готскиот стил било вметнувањето на розата во редот на пониските светилки и надвисувајќи ја со светилки, со што розата го зазела централното место на целиот прозорец, покривајќи го целиот крај на страничните бродови, што е случај со Руанската и Бовската катедрала. Распоредот на елементот од овој тип може да се забележи и на источниот крај од Миланската катедрала.

Розетните прозорци започнале да се вметнуваат на квадратни прозорци, а сводовите биле вдлабнати и исполнети со светилки, што е случај со Богородичната црква во Париз (вметнато околу 1257). Во Италија, повообичаени биле продолжените сводови, кои образуваат скулптури, како што се она на катедралата Сполето и оние на северните странични бродови од Вестминстерската катедрала и Стразбуршката катедрала.

Стил[уреди]

Oculus, Сиенска катедрала

Окуларни прозорци[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Окуларен прозорец.

Окуларните прозорци може да бидат отворени или полузатворени. Може да бидат застаклени или израбиотени од тенок алабастер. За време на доцниот готски период, многу големи окуларни прозорци биле вообичаени за градбите во Италија. Овие прозорци биле попрепорачливи од орнаментните и биле исполнети со витраж, кој бил изработуван од страна на најпознатите средновековни и ренесансни уметници, меѓу кои е вбројуваат и Дучио, Донатело, Учело и Гиберти.[а][9]

Прозорец-тркало- Беверли Минстер.

Прозорци-тркала[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Прозорец-тркало.

Прозорците со облик на тркала имале едноставни орнаментни спици, коишто зрачеле со одблесокот од централното рондо. Овој елемент бил популарен во времето на романескниот стил, а во Италија и во времето на готскиот стил. Денес, градби со овој елемент може да се најдат низ цела во Европа, но најбројни се во Германија и Италија.[б] Популарноста на прзорците-тркала се зголемила во 19. век, со појавата на неороманескната архитектура, па така можно е овој елемент да се забележи во поновите градби, изградени во 19. и 20. век.

Рамен орнамент[уреди]

Розетен прозорец со рамен орнамент на црквата во Аплетон ле Мур, Франција

Розетните прозорци со вдлабнати отвори, наместо орнаменти се појавиле со напуштањето на романескниот и развојот на новиот готски архитектонски стил. Карактеристични со овој елемент биле градбите во франција, како што е Шартрската катедрала. Овој елемент станал вообичаен и во англиската архитектура од овој период, а карактеристичен пример е прозорецот на северниот страничен брод на Врскаолновата катедрала, познат како „деканско око“. Овие прозорци може да се забележат и во некои градби од 19. век, кога овој елемент за одреден период повторно станал популарен.[10]

Раноготски прозорци[уреди]

Розетните прозорци со орнаметни сочинуваат пресекувачки арки, кои наликуваат на листови од цвет, кругови и квадрати. Оваа форма се појавила во северна Франција, а е забележителна во познатата Ланска катедрала. Формата се проширила и била применувана при изградбата на градбии во Англија и Италија. Овој стил на прозорец е каратеристичен за неоготската архитектура поради сличноста на формата со форма на цвет, а при неговото вметнување се обрнувало особено внимание на јубилејот Нашата господарка на розаријата.

Радијален готски прозорец- Бристолска катедрала, Англија.

Радијални готски прозорци[уреди]

Розетните прозорци се поделени на шпросни, кои зрачат со одблесок од централното рондо. Нивниот дизајн е сложен, при што секоја светилка којашто завршува во соодветна арка често е прошарана со со кружен крст или некои други форми. Голем дел од најголемите розетни прозорци во Франција се од овој вид. Познат пример се розетните пророрци на страничните бродови од базиликата Сен-Дени во Париз. Во Англија, најпознат пример претставува Вестминстерската катедрала. Овој стил е раширен низ готските цркви, а бил применуван и во градбите од неоготската архитектура.[в]

Племенити готски прозорци[уреди]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Племенета готика.
Племенит готски прозорец на црквата во Падин де Граса, Португалија

Овој стил се карактеризира со создавање на криви на орнаментот во форма на буквата „Ѕ“, што причинува секоја светилка да свети во „надмен“ облик. Многу прозорци се дизајнирани од прилично правилно обликувани светилки, при што богатството на украсниот дизајн зависи од бројноста на деловите. Познати примери за присуството на овој стил на прозорци се Бовската катедрала и црквата Сент Шапел во Париз.

Некои розетбни прозорци од доцниот готски период се посложени и при нивното вметнување лесто се користат елементи од готскиот стил на неочекуван начин. Одличен пример за тоа е фасадата на Амиенската катедрала. Иако дизајот обично е под влијание на централната точка, тој не може да биде симетричен во однос на секоја оска. Ова може да се забележи во надмените украсени готски прозорци, наречени „бискупски очи“ на Врскаолновата катедрала, на која дизајнот е во форма на две обетки со жито.

Ренесансен стил[уреди]

Развојот на ренесансната архитектура на правил прекин во готската архитектура и повторно оживување на калсичната. Едноставните окуларни прозорци, повторно започнале да се вметнуваат во градбите во овој стил, како дел од класичниот фронтон[11] или околу куполата на градбата (таков е случајот со капелата Паци во Фиренца).[12]

Баркоен стил - Катанијаpic. G. Dall'Orto

Барокен стил[уреди]

Во барокната архитектура, забележителна е честата примена ан окуларните прозорци, кои секогаш немаат кружен облик, туку понекогаш се со посложен јајчест облик. Овие прозорци биле украсени со шпросни во многу едноставна форма, но често со нив била додавана и резба. Целта на овие прозорци било суптилното осветлување на внатрешниот простор, без прибегнувањето кон големи прозорци, кои овозможуваат поголема надворешна видливост,. Тие ретко претставуваа доминантен елемент на фасадите од градбите, како што се прозорците во готскиот стил.[г] И покрај тоа, има познати исклучоци, при што карактеристични се излевањето на големо количество светлина на прозорците. Таков е пример е Базиликата Свети Петар во Рим.[13]

Современ стил[уреди]

Современите кружни прозорци, кои најчесто се од едноставен окуларен вид содржат голем број на современи елементи, како што се апстрактната уметност, илуминатори од брод и незастаклени кружни отвори, карактеристични за ориенталната архитектура.

Конструкција[уреди]

Во средината на 12. век биле напишани неколку книги, со заедничко име познати како Различни уметности[14], кои се смета дека се дела на презвитеријанецот Теофил. Овие книги претставуваат многу значајно дело, во кое се објаснети голем број занаети и вештини, како и нивната практична примена. Втората книга од циклусот Различни уметности, насловена Уметноста на изработка на стакло содржи приказ на целиот процес на создавање на витраж на прозорец, вклучувајќи ја изградбата на печките и топилниците.

Изработка на стаклото[уреди]

Во својата книга, Теофил посочил потреба од три вида на топилници. Топилница за обработка на стаклото, односно топилница во која стаклото едноставно се топи и обработува. Вториот вид на топилница е позната како „исината топилница“, а во неа стаклото е подложно на жарење и третата служи за проширување на големината на стаклото. Стакларите од 12. век се претпоставува дека стаклото го мешале со тоа што додавале 50% кварц (денес учеството на кварцот е дури 75%).[15]

Важен податок, секако е составот на стаклото. Методот на Теофил ја прикажува, само употребата на песок и пепел од буково дрво. Сепак, Теофил успеал да добие разнобојни стакла, по пат на едноставно менување на времетраењето на обработката на стаклото. Истражувањето покажало дека овие бои се резултат на големата концентрација на магнезиум во пепелта од буково дрво, заедно со железото кое се користело при обработката на стаклото. Тој исто така објаснил како Французите, користејќи ги стаклените садови од „древните пагански градби“ и притоа топејќи ги истите садови со бело стакло, успеале да добијат шарени парчиња стакло.

Витраж на розетниот прозорец на црквата во Касањ Бегон, Франција

Средновековните изработувачи на прозорци бил подучувани да изработуваат рамни дрвени табли, доволно големи за на нив да може да се изработат „две секции од секој прзорец“.[16] Таблата била попрашена со варовник, навлажнета и гумирана со платно, со цел да се исполнат отворите и да се овозможи создавање на светлобојна позадина. Потоа, секоја секција од прозорецот била насликувана на таблата, директно со шестари со оловни или калајни врвови. Тогаш, конечниот изглед на прозорецот бил составен од црвен или црн пигмент и го означувал слободниот простор (граничниците) потребен за оловните ками.

Следен чекор била употребата на стаклото. Обично, стаклото со попрашена површина било навлажнувано за да може полесно да се исчисти. Потоа, стаклото било сечено на парчиња во замислениот облик со помош на жежок железен алат.

Пигментот бил дел од орнаментот на прозорецот, пред сè, за да се добијат специфични бои и ефекти (како што се сенчањето и светлоста). Записот бил додаван, на тој начин што површината била покривана со нетранспаретниот пигмент, а пишувањето на буквите во пигменто било со помош на рачката од четката. Откако стаклото било насликано, тогаш пигментот се додавал на стаклото, со помош на негово печење.[17]

Испеченото стакло, тогаш се враќало надвор и се продолжувало според планот. Во понатамошната фаза на изработка, големо значење имале оловните ками меѓу парчињата стакло.

Создавање на орнаментите[уреди]

Иако стаклото ја заштитува бојата и убавината на витражот на прозорецот, рамката на орнаментот на прзорецот исто така е важна. Таа ја заштитва целосната шема и го засилува мотивот, претставен на прозорецот. Орнаментот, се разбира е работа на каменорезецот.

Геометрија[уреди]

Геометриски приказ на дизајнот на розетниот прозорец на Шартрската катедрала

Во средновековната архитектура, геометријата и пропорцијата претставувале основа за изградбата на многу цркви. Се сметало дека многу од нив имаат метафизичка важност и окултистичка моќ. Пред сè, од големо значење е бројот на столбови кои ќе ги содржи градбата или односот на нивоата на трифориумот. Како составен елемент на средновеовните градби, особено црквите, розетните прозорци исто така се засноваат на геометријата. Розетните прозорци ја користат геометријата на три нивоа: очевидно, скриено и симболично.[18] Геометријата на очевидно ниво се изразува преку визуелното влијание на розетниот прозорец. Секој простор е дефиниран со помала геометриска слика (детелина, кружен крст, роза или кружен триаголник). На ова ниво на геометрија се додава и изработката на стаклото. На второто ниво на геометрија, односно на нивото на скриена геометрија се определува точната поставеост на сите елементи, кои се составен дел на розетниот прозорец. Скриената геометрија содржи прецизност во одалеченоста на блескавите елементи или концентрините кругови од центарот. При дефинирањето на симболичката геометрија, посебно се обрнува внимание на нумеричката важност на дванаесет различни геометриски слики, кои обично се јавуваат како опис на ризетните прозорци. Секоја од овие геометриски слики, како и некои кои не се вклучени имаат определена симболика. Во продожение се наведени и објаснети неколку од дванаесетте геометриски слики, кои може да се појават на розетните прозорци:

  • кругот како симбол за единството на сите нешта;
  • двојственоста и парадоксот на спротивностите;
  • триаголникот како симбол на стабилната возвишена двојственост;
  • квадратот како симбол на материјата, елементите, ветровите, годишните времиња, насоките;
  • петоаголникот како симбол за човекот, магијата и Исусовите повреди;
  • еквилибриум и рамнотежа на душата (Соломонова душа);
  • мистичниот број како симбол за возраста, планетите, доблестите, духовните подароци и слободните уметности;
  • осумаголникот како симбол на крштевањето и реинкарнацијата;
  • совршеноста како симбол на универзумот, времето, апостолите, знаците на зодијакот, израелските племиња и скапоцените камења при изградбата на Новиот Ерусалим.

Значење[уреди]

Многу современи автори ги сметаат Јунговата психологија и резтните прозорци за мандала, што претставува „израз на човековите аспирации кон целоста и кохерентноста.“[19] Мандалите постоеле во источната религија и философија со векови и во современите размислувања се смета дека розетниот прозорец служи за истата цел. Рпзетниот прозорец работи на повеќе нивоа: духовно, медитивно и емоционално. Истражувањата на Сугериј истакнале колку длабоко емотивниот и духовниот акорд е осветлен со светлосните зраци, кои продираа низ стаклото. Набљудувајќи ги од наставна гледна точка, розетните прозорци се јасно видливи од страна на субјектите, избрани да ги нагласат цветните листови на прозорецот, кои може да се однесуваат на месеците во календарската година, доблестите и слабостите, светителите итн.

На многу сличен начин, како што центарот за источни мандали го опишува светот од „божји“ и доблесен аспект, така и розетниот прозорец го прави истото. Обично, ликот на Исус или ликовите на Исус и Богродица се наоѓаат во централната роза на најголемиот број прзорци. Во источната философија има многу начини на коишто може да се достигне божественото и тие се претставени со „портите“ на кардиналските точки на мандала. На ист начин, светците насликани на цветните листови на розетниот прозорец може да се толкуваат како посредници до Христа.

Со едноставно следење на шарите, втиснати на розетниот прозорец може да се обезбеди да се биде спокоен, со т.н. медитивно расположение. Медитацијата е многу погодна за молитва. Иако доведувањето во медитативна или молитвена состојба не може да се објасни директно со розетниот прозорец.

Мотиви и симболизам[уреди]

Северната роза на базиликата Сен-Дени во Париз, го прикажува Бог-создавачот, придружен со деновите на „Создавање“, небесниот ред, претставен со зодијакот и земјиниот ред, претставен со сликите за месеците. Во аглите се претставени Адам и Ева.

Често се случувало, мотивите кои биле опишувани со сликите на розетните прозорци да имаат одредена важност. Така, најчести мотиви, кои сликовите биле прикажувани биле годишните времиња, месеците, знаците на зодијакот, елементите, доблестите и слабостите, апостолите, светците или ангели.[20] Некои розетни прозорци биле многу специфични со својот мотив. Така на пример, на северниот страничник на бродот на Богородичната црква во Париз се претставени кралевите и пророците од Стариот завет. Мотивот на јужниот прозорец од Бовската катедрала, исто така е специфичен, бидејќи го опишува „Создавањето“, односно „Генезата“, како и делумен опис на „Искушението во рајот“ и „Протерувањето од рајот“. Западниот прозорец од Шартската катедрала го опишува „Страшниот суд“, а истиот мотив е опишан и на розетнито прозорец на Светата капела во Париз.

Покрај симболиката на мотивот, опишан на прозорецот, симболика има и вораспоредот на прозорците. Па, така, кога розетните прозорци се вметнати на завршетоците од страничните бродови, тогаш еден од овие прозорци и е посветен на Богородица Марија. Во современета католичка мисла, розетниот прозорец често се поврзува со Дева Марија, бидејќи според Светиот Бернард од Клерво, еден од нејзините наслови бил насловен „Мистична роза”. И покрај тоа, специфична врска меѓу Богородица марија и розетниот прозорец не постои во средниот век, бидејќи поимот „розетен прозорец“ не постоел, сè до 17. век, време во кое многу малку градби, кои се граделе го содржеле овој елемент. Сепак, во 19. и 20. век, со подемот на неоготската архитектура, витражот станал вообичаен украс на розетниот прозорец и ѝ бил посветен на Дева Марија.[д]

Галерија на слики[уреди]

Поврзано[уреди]

Белешки[уреди]

  • а  Катедралите во Фиренца и во Сиена содржат розетни прозорци со витражи, кои се дела на познатите италијански средновековни и ренесансни уметници.
  • б  Меѓу познатите гардби, чиј составен елемент е прозорецот-тркало се вбројуваат: Шпеерската катедрала, Катедралата Орвието и Петербуршката катедрала.
  • в  Катедралата Света Марија во Сиднеј претставува пример на неоготска градба со присуство на три розетни прозорци од овој стил.
  • г  Примери, кои го псоочуваат тоа се Карловата црква во Виена, Бревновиот манастир во Прага и црквата Свети Брајд во Лондон.
  • д  Одличен пример за посотењето на розетен прозорец, посветен на Дева Марија е оној од катедралата Света Марија во Сиднеј, изградена во 19. век.

Наводи[уреди]

  1. Oxford English Dictionary, s.v. "rose-window" ([f. ROSE n. + WINDOW n.]).
  2. Banister Fletcher, History of Architecture on the Comparative Method.
  3. 3,0 3,1 3,2 Banister Fletcher
  4. Joseph Rykwert, Leonis Baptiste Alberti, Architectural Design, изд. 49, бр. 5-6, Holland St, London
  5. Nikolaus Pevsner, An Outline of European Architecture
  6. Lawrence Lee, George Seddon, Francis Stephens, Stained Glass
  7. Wim Swaan
  8. Henry Adams, Mont-Saint-Michel and Chartres
  9. Wim Swaan, The Gothic Cathedral, Banister Flether
  10. The Dean's Eye, Lincoln Cathedral (англиски)
  11. See Madonna di S. Biagio, Montepulciano
  12. Giovanni Fanelli, Brunelleschi.
  13. Bannister Fletcher; James Lees-Milne, St Peter's.
  14. Theophilus (John G. Hawthorne and Cyril Stanley Smith, trans.). On Divers Arts. New York: Dover Publications, Inc. 1979. ISBN 0-486-23784-2.
  15. Theophilus (John G. Hawthorne and Cyril Stanley Smith, trans.). On Divers Arts. New York: Dover Publications, Inc. 1979. ISBN 0-486-23784-2.
  16. Theophilus (John G. Hawthorne and Cyril Stanley Smith, trans.). On Divers Arts. New York: Dover Publications, Inc. 1979. ISBN 0-486-23784-2.
  17. Theophilus (John G. Hawthorne and Cyril Stanley Smith, trans.). On Divers Arts. New York: Dover Publications, Inc. 1979. ISBN 0-486-23784-2.
  18. Medieval Architecture: The Rose Window (англиски)
  19. Cowen, Painton. Rose Windows. San Francisco: Chronicle Books. 1979, стр. 10 ISBN 0-87701-121-4
  20. Medieval Architecture: The Rose Window (англиски)

Корисна литература[уреди]

  • Henry Adams, Mont-Saint-Michel and Chartres, Paul Hamlyn, ISBN 0-7296-0204-0
  • Sarah Brown, Stained Glass- an Illustrated History, Bracken Books, ISBN 1-85891-157-5
  • Painton Cowen, The Rose Window, London and New York, 2005 (offers the most complete overview of the evolution and meaning of the form, accompanied by hundreds of colour illustrations.)
  • Robert Eberhard, Church Stained Glass Windows
  • Giovanni Fanelli, Brunelleschi, 1980, Becocci editore Firenze. ISBN unknown
  • Sir Banister Fletcher, A History of Architecture on the Comparative Method, first published 1896, current edition 2001, Elsevier Science & Technology ISBN 0-7506-2267-9
  • Helen Gardner, Art through the Ages, 5th edition, Harcourt, Brace and World, ISBN 07679933
  • John Harvey, English Cathedrals, 1963, Batsford, ISBN
  • Lawrence Lee, George Seddon, Francis Stephens, Stained Glass, Spring Books, ISBN 0-600-56281-6
  • Elizabeth Morris, Stained and Decorative Glass, Doubleday, ISBN 0-86824-324-8
  • Anne Mueller von der Haegen, Ruth Strasser, Art and Architecture of Tuscany, 2000, Konemann, ISBN 3-8290-2652-8
  • Nikolaus Pevsner, An Outline of European Architecture, Pelican, 1964, ISBN unknown
  • Joseph Rykwert, Leonis Baptiste Alberti, Architectural Design, Vol 49 No 5–6, Holland St, London
  • Otto von Simson (1956), The Gothic cathedral, Origins of Gothic architecture and the Medieval Concept of Order, 3rd ed. 1988, Princeton University Press, USA.
  • John Summerson, Architecture in Britain 1530-1830, 1977 ed., Pelican, ISBN 0-14-056003-3
  • Wim Swaan, The Gothic Cathedral, Omega, ISBN 0-907853-48-X
  • E.J. Beer, Die Rose der Kathedrale von Lausanne und der kosmologische Bilderkreis des Mittelalters, Bern 1952
  • H.J. Dow, The Rose-Window, in: Journal of the Warburg and Courtauld Institutes 20, 1957
  • Th. Rieger, Roses romanes et roses gothiques dans l'architecture alsacienne, in: Cahiers alsaciennes 22, 1979
  • R. Suckale, Thesen zum Bedeutungswandel der gotischen Fensterrose, in: Bauwerk und Bildwerk im Hochmittelalter.

Anschauliche Beiträge zur Kultur- und Sozialgeschichte, hg. von Karl Clausberg u. a., in: Kunstwissenschaftliche

Untersuchungen des Ulmer Vereins, Verband für Kunst- und Kulturwissenschaften 11, Gießen 1981, S. 259-294

  • W. Mersmann, Rosenfenster und Himmelskreise, Mittenwald 1982
  • P. Cowen, Die Rosenfenster der gotischen Kathedralen, Freiburg 1984

Надворешни врски[уреди]

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Статијата „Розетен прозорец“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).