Богородична црква (Париз)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Западна фасада на Богородичната црква
Богородичната црква гледана од врвот на кулата Монпарнас
Надворешност на апсидата на Богородичната црква
Арбутани (надворешни потпорни арки) на Богородичната црква
Богородичната црква навечер од југоисточната страна
Розетата на јужниот трансцепт е со дијаметар 13,10 метри

Богородичната црква или Нотр Дам (француски: Notre Dame de Paris) е готска катедрала на источната половина на островот Сите на реката Сена во Париз, Франција, со главен влез од западната страна. Ова е катедралата на Париз и седиштето на архиепископот на градот. Богородичната црква се смета за најубавиот пример за француската готска архитектура. Виоле-ле-Дик, еден од најпознатите француски архитекти, ја обновил и сочувал од уривање. Името „Нотр Дам“ на француски значи „Нашата Госпоѓа“ (Богородица или Дева Марија). Ова е една од најубавите готски катедрали во светот, градена низ целиот готски период. Скулптурите и витражите се одликуваат со големо влијание од натурализмот, за разлика од пораната романескна архитектура.

Богородичната црква е една од првите цркви во светот каде се употребени арбутани (надворешни потпорни арки). Зданието првично не било предвидено да има арбутани околу хорот и бродот. По започнувањето на изградбата, откога потенките ѕидови (популаризирани во готиката) израснале уште повисоко, почнале да се јавуваат пукнатини од напон, како што ѕидовите притискале нанадвор. За да го решат проблемот, архитектите изградиле потпори на ѕидовите однадвор, и подоцнежните доградби продолжиле да се вршат на тој начин.

За време на радикалната фаза на Француската револуција (1790-ти г.), катедралата настрадала од сквернавење, кога голем дел од верската иконографија бил оштетен или уништен. Истата била обновена во текот на XIX век, и така катедралата го добила својот поранешен изглед.

Изградба[уреди]

Во 1160 г., бидејќи црквата во Париз станала „парохиска црква на европските кралеви“, епископот (бискупот) Морис де Сили сметал дека постоечката париска катедрала е недостојна за оваа благородна функција. Така, штом се здобил со титулата Епископ на париз, тој ја урнал. Според едно предание, Сили имал визија за величенствена нова катедрала во Париз, и ја нацртал во калта, во дворот на постоечката црква. За овозможување на изградбата, епископот урнал неколку куќи и и зградил нов пат кој би овозможил пренос на материјалите за изградба на новата катедрала.

Изградбата започнала во 1163 г., за време на владеењето на кралот Луј VII. Не се знае со сигурност дали каменот-темелник го удрил епископот де Сили, или пак папата Александар III, бидејќи обајцата биле присутни на таа свеченост. Потоа епископот де Сили го посветил својот живот и богатство на изградбата на катедралата.

Изградбата на западната страна, со двете карактеристични кули, започнала околу 1200 г., пред завршувањето на бродот, што е спротивно на вообичаената градежна практика. За време на периодот на изградба, на проектот работеле многубројни архитекти, како што може да се види по различните стилови и висини на западниот дел и кулите. Помеѓу 1210 и 1220 г., се вклучил и четврт архитект кој го изградил нивото со розетен прозорец и големите сали под кулите. Кулите биле завршени околу 1245 г., а самата катедрала била завршена околу 1345 г.

Хронологија на изградбата[уреди]

  • 1160 Морис де Сили (прогласен за Епископ на Париз) наредува да се урне старата катедрала.
  • 1163 Удирање на камен-темелник — изградбата започнува.
  • 1182 Завршување на апсидата и хорот.
  • 1196 Завршување на бродот. Епископот де Сили умира.
  • 1200 Започната е изградбата на западната фасада.
  • 1225 Завршена е изградбата на западната фасада.
  • 1250 Завршени се западните кули и северниот розетен прозорец.
  • 1250–1345 Довршени се останатите елементи.

Ѕвона[уреди]

Богородичната црква има пет ѕвона. Големото бурдонско ѕвоно наречено „Емануел“ е сместено во јужната кула, и тежи околу 13 тона, и се ѕвони за да се означат часовите, како и по разни прилики и богослужби. Во северната кула има уште четири додатни ѕвона на тркала, кои се звонат со нишање. Овие одѕвонуваат за разни богослужби и празници. Некогаш тие се ѕвонеле рачно, но денес работата ја вршат електромотори. Ѕвоната имаат и надворешни токмаци и со нивна помош се свират мелодии на мала клавијатура.

Црквата низ бројки[уреди]

Посетители[уреди]

  • Околу 13 милиони посетители и верници ја посетуваат црквата годишно, или во просек околу 30.000 дневно. Во најфреквентните денови, над 50.000 луѓе дневно влегуваат во катедралата.

Служби[уреди]

  • По 5 богослужби дневно се одржуваат од понеделник до сабота, а во недела по 7. Кога на тоа ќе се додадат празничните и други специјални служби, излегува дека преку 2.000 богослужби годишно се одржуваат во црквата.

Димензии на зданието[уреди]

  • Висина до сводот: 33 m
  • Висина до покривот: 43 m
  • Висина на страничните бродови: 10 m
  • Висина на кулите: 69 m (се искачува по 380 скалила)
  • Висина на зашилената кула: 96 m
  • Висина на бродот: 60 m
  • Вкупна должина: 128 m
  • Должина на западната фасада (главниот влез): 43 m
  • Вкупна ширина на зградата: 40 m
  • Пречник на северната и јужната розета: 13,10 m
  • Пречник на западната розета: 9,7 m
  • Површина: 4.800 m²
  • За дрвената градба се употребени 1.300 дабови дрва, или 21 хектар шума.
  • На северната кула се наоѓаат 4 ѕвона од XIX век со тежини од 767 kg до 1915 kg.
  • На јужната кула има едно ѕвоно од XV век, прелеано во 1681 на барање на Луј XIV, кое тежи 13 тони.

Занимливости[уреди]

  • Нултата точка“ на Франција, која е референтна точка за растојанијата долж автопатиштата кои започнуваат од Париз, се наоѓа на плоштадот пред катедралата.
  • За време на раниот XIX век, катедралата била запуштена, и градските урбанисти почнале да размислуваат да ја уриваат. Писетелот Виктор Иго, кој бил голем обожавател на катедралата, го напишал романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“ делумно од причина да ја подигне јавната свест за ова културно-историско богатство, што предизвикало повторен интерес за оваа црква. По ова следела кампања за собирање на средства за обнова, и катедралата започнала да се реставрира во 1845 г.
  • На врвот од катедралата стојат 13 обезбоени статуи. Дванаесет гледаат нанадвор и ги прикажуваат Дванаесетте апостоли, додека на тринаесеттата е прикажан самиот архитект, како гледа навнатре, со раширени раце.

Видете исто така[уреди]

Наводи[уреди]

  • Jacobs, Jay, уредн. The Horizon Book of Great Cathedrals. New York, New York: American Heritage Publishing, 1968.
  • Janson, H.W. History of Art. 3rd Edition. New York, New York: Harry N. Abrams, Inc., 1986.
  • Myers, Bernard S. Art and Civilization. New York, New York: McGraw-Hill, 1957.
  • Michelin Travel Publications. The Green Guide Paris. Hertfordshire, UK: Michelin Travel Publications, 2003.
  • Tonazzi, Pascal. Florilège de Notre-Dame de Paris (антологија), Editions Arléa, Paris, 2007, ISBN 2-86959-795-9

Надворешни врски[уреди]