Прејди на содржината

Коњско (Охридско)

Координати: 41°3′0″N 20°48′48″E / 41.05000° СГШ; 20.81333° ИГД / 41.05000; 20.81333
Од Википедија — слободната енциклопедија
Коњско

Стари куќи во Коњско

Коњско во рамките на Македонија
Коњско
Местоположба на Коњско во Македонија
Коњско на карта

Карта

Координати 41°3′0″N 20°48′48″E / 41.05000° СГШ; 20.81333° ИГД / 41.05000; 20.81333
Регион  Југозападен
Општина  Охрид
Област Охридско
Население 115 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6000
Повик. бр. 046
Шифра на КО 19021
Надм. вис. 1.154 м
Коњско на општинската карта

Атарот на Коњско во рамките на општината
Коњско на Ризницата

Коњско (во поново време нарекувано Горно Коњско) — село во Општина Охрид, во околината на градот Охрид.

Потекло на името

[уреди | уреди извор]

Селото Коњско според народните преданија го заселиле сточари кои чувале коњи и дека заради тоа на селото му било дадено името Коњско.[2] Некои пак, сметаат дека името на селото води потекло од страна: дека некој овчар од прекупланинското село Коњско (Преспа) се заселил на тој простор и така поради тоа село и ова го нарекле Коњско.

Потеклото на името Коњско може да се бара и во апелативот на именката од турскиот збор „којин“ што значи овца и „којинлар“ – овци. Можно е селото да го добило по името Коњско, бидеќи основната дејност со која се занимавале жителите било сточарството: овци и коњи.

И научните толкувања кај Пјанка се засноваат на ваква поставка. Тој вели дека името потекнува од името на животното коњ и дека името има придавна форма. Исто така забележал дека месното население името на своето село го изговара како Коњско, Концко или Којнско. Жител на селото се вика коштанец (м), коштанка (ж) и коштанци (м.пл.). Придавката е коштански. Во овие форми консонатската група ншт, тешка за изговор, е упростена со опаѓањето на н, на што можеби влијаело и присуството на н во наредниот слог.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Поглед на Охридското Езеро од селото

Ова село се наоѓа во Охридско, во средишниот дел на територијата на Општина Охрид, недалеку од источниот брег на Охридското Езеро, чиј атар се издига до сртот на планината Галичица каде што се допира со подрачјето на Општина Ресен.[3] Селото е планинско, на надморска височина од 1.100 метри. Од градот Охрид, селото е оддалечено 11 километри.[3]

Селото се наоѓа на мала висорамнина на планината Галичица. Жителите се снабдувале со вода за пиење од селската чешма наречена Клаенец.[2]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Старо Село, Гумниште, Чоља, Горно Воје, Киселица, Гоедарица, Трнов Арен, Стар Извор, Готманово, Горно и Долно Студено, Бојазон, Широка Присојница, Елен Врв, Лелута, Мачелишта, Високи Врв, Трлишта, Длага Јама, Лески, Подушје, Мачука, Скала, Обори-бог, Чашкине, Мртви Ливаѓе, Бозје, Црквана, Св. Петка, Јамана, Гаранчео, Високо Церје, Папраѓе, Јасичиња, Куруглаеш, Красје, Горна Ледина, Турски Нивје, Јоној Нивишта, Св. Никола, Башково, Марконо, Ормансоно, Пот, Гургуњ, Чорбансконо, Синов Дол, Крастине и Дувалица.[2]

Коњско на север се граничи со атарот на селото Шипокно, а на југ со атарот на селото Елшани. На источната страна се издига гребенот на планината Галичица, додека од западната страна се наоѓа Охридското Езеро.[4]

Веднаш под селото на планинската падина сѐ до самиот брег на Охридското Езеро и патот кој води кон Пештани и манастирот „Свети Наум“ е изградена туристичката населба Долно Коњско со голем број на хотели, одморалишта, сместувачки капацитети, приватни викенд-куќи, вили и угостителски објекти. Во минатото, Долно Коњско претставувало составен дел на тогашното големо село Коњско, сместено високо на падините на планината Галичица.

Историја

[уреди | уреди извор]

За основањето на селото Коњско тешко може да се даде конкретен одговор заради оскудните податоци.

Постои предание дека некогаш селото се наоѓало на месноста Старо Село, каде денес се наоѓаат ниви, додека на денешната местоположба на селото тогашните мештани на ливадите ги напасувале своите коњи. Месноста се викала Коњско, поради што и денешното село го добило своето име.[2]

Обработливата земја во Коњско припаѓала на охридскиот род Топаловци (3 браќа) и Спиро Зиман од Пештани.[2]

Во XIX век, Коњско било село во Охридската каза на Отоманското Царство.

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Стара куќа во селото
Поглед на селото

Селото зафаќа простор од 20 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 780 хектари, на шумите отпаѓаат 574 хектари, а на обработливото земјиште 355 хектари.[3]

Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција.[3]

До Втората светска војна, мештаните се занимавале главно со сточарство и најмногу се одгледувале овци. Стоката била напасувана на планината Галичица, во месноста Асан Џура (порано Шербојца), која ја зазел некој Албанец со тоа име пред крајот на турското владение. Исто така, мештаните оделе на работа и во соседното преспанско село Отешево.[2]

Со иселувањето на населението, дошло до замирање на стопанската дејност. Преостанатите жители се занимаваат со сточарство.

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948600—    
1953599−0.2%
1961660+10.2%
1971706+7.0%
1981724+2.5%
ГодинаНас.±%
1991655−9.5%
1994590−9.9%
200222−96.3%
2021115+422.7%

Во книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. селото Коњско имало 40 домаќинства и 116 жители.[5]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Коњско живееле 360 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Коњско имало 320 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Конско е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 45 куќи.[8]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Македонци.[9]

Коњско било средно по големина село, кое што во 1961 година броело 660 жители, а во 1994 година 590 жители, македонско население. Сепак, во овие бројки влегувале и податоците за населените места Долно Коњско и населба Исток.[3][10]

Според пописот од 2002 година, во селото Коњско живееле 22 жители, сите Македонци.[11]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 115 жители, од кои 101 Македонец и 14 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 360 320 600 599 660 706 724 655 590 22 115
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Коњско е македонско православно село, родовите во селото се староседелски (поголемиот број) и многу малку доселеници.[2]

Родови во Коњско се:

  • Староседелци: Ничевци (40 к.), Иљовци (30 к.), Димовци (20 к.), Ламбевци (10 к.), Ристевци (10 к.), Степановци (8 к.) и Крстановци (7 к.), сите овие родови се староседелски.
  • Доселенички род: Тодоровци (15 к.), потекнуваат од предок Влав, кој на планината Галичица пасел стока. Потоа се населил во селото и основал род. Како место на старина се наведува селото Утово во долината на реката Вардар, Тиквеш.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Охрид, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната Општина Охрид.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Охрид.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Охрид.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Галичица, во која покрај селото Коњско, се наоѓале и селата Велгошти, Велестово, Елшани, Лескоец, Љубаништа, Пештани, Рамне, Скребатно, Трпејца и Шипокно. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Шипокно, во која влегувале селата Велестово, Коњско и Шипокно.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1294 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во Долно Коњско. Во избирачкото место се опфатени населените места: Коњско, Долно Коњско, Лагадин, населба Здравје и населба Исток.[17]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 647 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Поглед на главната селска црква „Св. Мина“
Археолошки наоѓалишта[19]
Цркви[20]

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави[2]
  • Свети Мина — црковна и селска слава

Личности

[уреди | уреди извор]
Родени во Коњско
Починати во Коњско

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Постари иселеници од Коњско има во градот Охрид (Апостоловци) и во низинското село Орман (Трајчески, 3 к., Младеноски, 2 к. и Ничевски, 1 к.).[2] Во поново време, горниот дел на селото е скоро целосно иселен.

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Трифуноски, Јован Ф. (1992). Охридско-струшка област : антропогеографска проучавања. Београд: Српска академија наука и уметности. ISBN 8670251582. OCLC 27418468.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 156. Посетено на 8 јануари 2019.
  4. Мишо Јузмевски: „Елшани - живот меѓу каменот и водата“, Елшани, 2009
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 100-101.
  6. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 252
  7. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 162-163.
  8. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 30.
  9. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  10. 36) Податоците за населените места Долно Коњско и Населба Исток, согласно важечките територијални организации за време на пописите од 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 година, се содржани во податоците за населеното место Коњско.
  11. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 8 јануари 2020.
  12. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  13. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  14. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  15. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  16. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  17. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 8 јануари 2020.
  18. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2020-01-02. Посетено на 8 јануари 2020.
  19. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  20. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  21. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]