Долно Лакочереј

Координати: 41°9′32″N 20°47′44″E / 41.15889° СГШ; 20.79556° ИГД / 41.15889; 20.79556
Од Википедија — слободната енциклопедија
Долно Лакочереј

Сред Село

Долно Лакочереј во рамките на Македонија
Долно Лакочереј
Местоположба на Долно Лакочереј во Македонија
Долно Лакочереј на карта

Карта

Координати 41°9′32″N 20°47′44″E / 41.15889° СГШ; 20.79556° ИГД / 41.15889; 20.79556
Општина Охрид
Население 608 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6000
Шифра на КО 19015, 19515
Надм. вис. 698 м
Долно Лакочереј на општинската карта

Атарот на Долно Лакочереј во рамките на општината
Долно Лакочереј на Ризницата

Долно Лакочереј — село во Општина Охрид, во околината на градот Охрид.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Долно Лакочереј се наоѓа во северниот дел од Охридската Котлина, во подножјето на ридот Градиште (936 м.) што претставува дел од планинскиот масив Копарница што ја дели Охридската од Струшката Котлина. Се наоѓа на 5 км северно од градот Охрид и се надоврзува на градот веднаш после населбата Радојца Новичиќ, на надморска висина од 698 м. Од западната и северната страна селото е заградено со ридесто земјиште, а од источната и јужната страна се простира Охридското Поле.

Подрачјето на селото Долно Лакочереј (каде катастарски влегува и селото Орман) зафаќа површина од 11,3 км2. Од север се наоѓа селското подрачје на Горно Лакочереј, од исток е подрачјето на селото Лескоец, од југ е градското подрачје на Охрид, а од западната страна се подрачјата на селата Подмоље и Оровник.

Пример за куќи во селото од збиен тип.

Селото е од збиен тип со издолжен облик во насока север-југ, што е како резултат на конфигурацијата на теренот и е поделено на три маали: Горна, Средна и Долна маала. Во последните години селото и брзо се проширува кон југоисток, вдолж патот и целосно е споено со градот.

Историја[уреди | уреди извор]

Антика[уреди | уреди извор]

Статуа од девојче со гулаб пронајдена во Долно Лакочереј.

Според пронајдените археолошки материјали во подрачјето на селото Долно Лакочереј може да се каже дека животот во овој простор започнал уште од најраните човекови периоди.

Во II век п.н.е. кога овој крај потпаднал под римска власт, во близина на местото каде што денес се наоѓа селото Долно Лакочереј минувал познатиот пат „Вија Егнација“ кој ги поврзувал западните со источните делови на Римската Империја. Тука живеело илирското племе Десарети.

Среден век[уреди | уреди извор]

Во триесеттите години од VII век охридската област била колонизирана од словенското племе Берзити, при што биле извршени коренити општествени промени.

Кон средината на IX век овој крај подпаднал под бугарска власт, а во 969 година цар Самуил завладеал во овие краишта, и Македонија воопшто. Во 1018 година [охридскиот крај повторно подпаднал под Римската Империја, од 1216 до 1230 година стапил под епирска власт, па потоа повторно се нашол под римска власт сè до 1334 година кога Охрид бил заземен од српскиот цар Душан. По смртта на цар Душан, охридскиот крај се одделил како самостојна феудална држава по управа на кралот Волкашин и Марко.

Османлиско завладејување[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIV бек оваа област потпаѓала под османлиската власт. Во овој период треба да се бара и почетокот на образување на населбата под име Долно Лакочереј, кое административно припаѓало на нахијата Охрид. Од податоците што ги дава Опширниот пописен дефтер од 1582 година на Охридскиот Санџак, може да се заклучи дека селото било мешано по народносен состав, така што во него живееле 21 христијанин и 10 муслимани. Заедно со селата Хрит Захрит, Биџово и Градец, селото Долно Лакочереј било меѓу најмалите села во нахијата Охрид.

Што се однесува до општествено-економските односи, со доаѓањето на Османлиите, бил воспоставен тимарско-спахиски систем,а земјата во поголем дел била државна сопственост. Феудално зависно население држело ограничени парчиња земја, наречени баштини, кои по правило се наоѓале во рацете на христијанското население. Според тогашните општествени норми, ако баштината не се обработувала од сопственикот, тогаш таа преминувала во заедничка сопственост на сите жители од селото. На тој начин почнале да се образуваат и чифлизите во Долно Лакочереј.

Во стопански поглед, во тоа време, населението главно се занимавало со земјоделство и сточарство. Веројатно уште тогаш било развиено и одгледувањето на овошје, со оглед на податоците од 1592 година, селото Горно Лакочереј се вбројува меѓу најголемите производители на ореви. Долно Лакочереј во тоа време се споменува меѓу најголемите производители на мед, така што плаќало по 150 акчиња годишен ушур (данок).

Кон крајот на XVIII век земјата во Долно Лакочереј била под непосредна управа на полунезависниот феудалец Џеладин-бег. По неговото владеење од 1830 година земјата била прогласена за царска своина (емљах).

Натамошниот период од XIX век е исполнет со разновидни револуционерни движења против османлиската власт на Балканскиот Полуостров, а со тоа економската состојба на населението била доста неповолна поради зголемените даноци и давачки за војните. Во овој период се засилува и активноста на албанските разбојнички банди кои го ограбувала и онака сиромашното население. Заради тешката економска положба, се зголемило и преселничкото движење на населението од ридско-планинските кон полските села во Охридско, така што овој период се смета како време кога селото Долно Лакочереј ја добило денешната физиономија.

20-21 век[уреди | уреди извор]

Од 1961 година низ селото била поставена водоводна и електрична мрежа.

Во 2012 година бил изграден нов водоводен систем во вкупна должина од 4.500 м. Истиот бил финансиран со средства од М.З. Долно Лакочереј. За реализацијата на овој капитален проект особен придонес дале лицата: Сотироски Насте, Трифуноски Гоце, Костоски Влатко, Сотироски Гоце, Јованоски Номче, Љаткоски Владо, Петрески Љубе и други.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948601—    
1953699+16.3%
1961747+6.9%
1971826+10.6%
1981889+7.6%
ГодинаНас.±%
1991931+4.7%
1994646−30.6%
2002728+12.7%
2021608−16.5%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долно Лакочереј живееле 140 жители, сите Македонци.[2] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Долно Лакочереј имало 200 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[3]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Долно Лакочереј е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 25 куќи.[4]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 450 Македонци.[5]

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 728 жители, од кои 727 Македонци и 1 Србин.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 608 жители, од кои 548 Македонци, 5 Албанци, 8 останати и 47 лица без податоци.[6]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 140 200 601 699 747 826 889 931 646 728 608
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[7]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[8]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]

Родови[уреди | уреди извор]

Во селото Долно Лакочереј живеат македонски православни родови, сите родови во селото се доселенички.

Според истражувањата од 1978 година, родови во Долно Лакочереј се:

  • Доселеници: Иљовци (20 к.) еден од најстарите родови во селото, доселени се од градот Поградец, во Албанија; Прдуловци (20 к.), Пидановци (13 к.) и Трајковци (8 к.) доселени се кога и Иљовци, доселени се од селото Велгошти; Илијовци (16 к.) доселени се од селото Лактиње во Дебрца. Во Илијовци се знае следното родословие: Ставре (жив на 71 г. во 1978 година) Јанаќи-Илија предокот кој се доселил од Лактиње. Споменатиот Илија имал браќа Стојан и Паунко, кои се населиле во селото Оровник, таму се познати под името Паунковци; Милевци (13 к.) доселени се од некое село во Струшко; Матевци (10 к.) доселени се од некое село во Дебрца; Крчевци (5 к.) и Речковци (6 к.) доселени се од селото Речица; Сметановци (12 к.) доселени се од селото Плаќе; Мутлаковци (6 к.), Устијановци (7 к.), Ликовци (5 к.) и Јовчевци (5 к.) се доселеници од непознато место; Сирулци (30 к.) најмлади доселеници, доселени се по Втората светска војна од селото Сирула.

Според истражувањата на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле:

  • Староседелци: Цапевци (3 к.), Бабачевци (1 к.), Шилигуновци или Димовци (2 к.), Маџуковци (1 к.), Тртевци (2 к.), Мутлаковци (3 к.), Сотировци (2 к.) и Грдановци (1 к.)
  • Доселеници: Пидановци (4 к.), Крчевци (2 к.), Сметеновци (3 к.), Колимачевци (2 к.) и Мартиновци или Ликовци (2 к.) доселени се, но не знаат од каде; Матевци или Милевци (9 к.) доселени околу 1850 година од селото Сошани во Дебрца; Прдуловци (8 к.) доселени се во исто време од селото Велгошти; Трајковци (2 к.) доселени се околу 1852 година од селото Оздолени во Дебрца; Пашичовци (1 к.) доселени се од селото Лешани во Дебрца; Маклијовци (4 к.) доселени се од селото Вапила; Јовевци (2 к.) доселени се околу 1880 година од селото Велмеј во Дебрца; Самарјановци или Илијовци (4 к.) доселени се околу 1880 година од селото Лактиње во Дебрца; Иловци (10 к.) доселени се околу 1885 година од селото Лин крај Охридското Езеро, денес во Албанија; Плаќановци или Трајчевци (1 к.) доселени се околу 1887 година од селото Плаќе; Лаптевци (2 к.) и тие се од Плаќе; Алачовци (4 к.) доселени се од селото Оровник; Грацковци (2 к.) доселени се од селото Вапила; Кадијовци (2 к.) доселени се од селото Сирула; Жилеви или Филиповци (2 к.) доселени се од селото Орман; Опеничани или Ѓоргијовци или Тодоровци (2 к.) доселени се во 1919 година од селото Опеница; Консуловци или Везировци (1 к.) доселени се од селото Ливоишта; Долгачовци (3 к.) доселени се во 1930 година од селото Сирула; Иловци или Терзија (1 к.) доселени се од селото Скребатно; Целевци или Опеничани (1 к.) доселени се во 1942 година од селото Опеница; Кулуман или Николовци (1 к.) доселени се од селото Косел.[11]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Новата зграда на училиштето.
Поранешната зграда на училиштето и денес седиште на Месната заедница.
Културниот центар „Македонија“.
  • ПОУ „Кочо Рацин“ - подрачно основно училиште на ОУ „Кочо Рацин“ - Охрид. Првично работело во старата училишна зграда во средиштето на селото, изградена уште во 1929 година која е целосно реновирана во 2002 година и која е користена за потребите на месната заедница. Во северниот дел на селото постои нова училишна зграда изградена 1966 година, целосно реновирана 2001 година во која е денес сместено.
  • Културен центар „Македонија“ - порано познат како Задружен дом кога бил изграден во 1948 година со доброволно ангажирање на жителите од селото. На крајот на 2007 годинак бил преименуван установата и била обновена градбата. Местото располага со современа културно уметничка сала за потребите на жителите од селото во која се одржуваат свечености за време на православните празници, како и современа кујна и канцеларија. Во приземјето била сместена една фабрика за конзервирање на зеленчук со седиште во Охрид. Истата почнала со работа во 2001 година.
  • Месна заедница - административно тело кое се занимава со инфраструктурниот и општествениот живот во Долно Лакочереј. Кадарот на месната заедница која раководела со селото во периодот 2000-2004 година, реализирала 20-тина значајни проекти за Долно Лакочереј. Во нејзиниот состав работеле: Ѓорѓиески Ило Папе (благајник), Крстаноски Ѓоре Мате (секретар), Ангелоски Злате Пидан и Илиески Тане. Во контролен одбор биле Сотироски Гоце и Здравески Димче.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви
  • „Св. Недела“ - црква која се наоѓа во Горна Маала и претставува селската црква која била обновена во 1974 година врз темелите на постара црква.
Археолошки наоѓалишта
Реки и извори
  • Опеничка Река - река која тече источно од селото.
  • Милигоец - извор кој се наоѓа непосредна близина на црквата „Св. Недела“. Изворот има добиено нов лик во 2003 година благодарение на месната заедница чиј претседател бил Насте Сотироски.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. Кѫнчовъ, Василъ. Македония. Етнография и статистика. София, Българското книжовно дружество, 1900. ISBN 954430424X. с. 252.
  3. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.162-163.
  4. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 29.
  5. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  6. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  7. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  8. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  9. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  10. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  11. Русиќ, Бранислав. Охридско Поле. Архивски фонд на МАНУ АЕ 87/1.
  12. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  13. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  14. 14,00 14,01 14,02 14,03 14,04 14,05 14,06 14,07 14,08 14,09 14,10 14,11 14,12 14,13 14,14 Смилески, Димитар (1986). Долно Лакочереј. Охрид: Месна заедница Долно Лакочереј. стр. 35.
  15. . Јасмина Дамјановска; Ленина Жила; Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  16. 16,00 16,01 16,02 16,03 16,04 16,05 16,06 16,07 16,08 16,09 16,10 16,11 16,12 16,13 16,14 16,15 16,16 16,17 16,18 16,19 16,20 16,21 16,22 16,23 16,24 16,25 16,26 16,27 16,28 16,29 16,30 16,31 16,32 16,33 16,34 16,35 16,36 16,37 16,38 16,39 16,40 16,41 16,42 16,43 16,44 16,45 16,46 16,47 16,48 16,49 16,50 16,51 16,52 16,53 16,54 16,55 16,56 16,57 16,58 16,59 16,60 Смилески, Димитар (1986). Долно Лакочереј. Охрид: Месна заедница Долно Лакочереј. стр. 67.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]