Свиништа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Свиништа

Поглед на селото

Свиништа во рамките на Македонија
Свиништа
Местоположба на Свиништа во Македонија
Свиништа на карта

Карта

Координати 41°12′11″N 20°56′34″E / 41.20306° СГШ; 20.94278° ИГД / 41.20306; 20.94278Координати: 41°12′11″N 20°56′34″E / 41.20306° СГШ; 20.94278° ИГД / 41.20306; 20.94278
Регион  Југозападен
Општина  Охрид
Област Охридско
Население 22 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6306
Повик. бр. 046
Шифра на КО 19041
Надм. вис. 1.192 м
Слава Свети Никола Летен
Свиништа на општинската карта

Атарот на Свиништа во рамките на општината
Свиништа на Ризницата

Свиништа — село во Општина Охрид, во околината на градот Охрид.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Свиништа погледнато од патот кој води до селото Плаќе

Ова село се наоѓа во североисточниот дел на Охридското Поле, во повисокиот источен дел на Општина Охрид, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Ресен.[2] Селото е планинско, на надморска височина од 1.140 метри. Од градот Охрид селото е оддалечено 22 километри, а од патот Охрид-Ресен помалку од два километри.[2]

Свиништа се наоѓа лево од Коселска Река, сместено во нејзиниот извориштен дел. Реката го одвојува од соседното село Речица, кое се наоѓа на нејзината десна страна. Во минатото, мештаните со вода за пиење се снабдувале од извори и од бунари.[3] Денес, селото има изграден селски водовод.[4]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Полце, Милошев Рид, Буково, Голи Врв, Длабока Падина, Средни Рид, Соп, Св. Недела, Сопирачиште и други.[3]

Селото во основа има збиен тип. Одредени делови од селото се нарекуваат по родови, како што се: Смилевци, Чандаровци, Муренковци и други.[3]

Свиништа е сместено на преминот меѓу Плакенска и Петринска Планина, на патот Охрид-Ресен.

Соседни села на Свињишта се селата: Плаќе и Речица од север; Завој и Расино од запад; Илино, Горно Крушје и Лева Река од југ и Боиште и Церово од исток.

Историја[уреди | уреди извор]

Споменик посветен на илинденците и борците во НОБ на влезот од селото

Подрачјето околу Свиништа е населено уште од неолитот, за што сведочи наоѓалиштето Пирчишта на околу 4 км југозападно од селото.[5]

Народното предание говори дека на денешната положба на селото не се наоѓало ништо, туку дека на околните пасишта престојувале Власи со црни овци. Некои кажуваат дека биле од Крушево.[3] Денешното село потекнува од 1820 година кога било населено со доселеници од познатото Смилево, од областа Железник.[3]

Во XIX век, Свиништа било село во Охридската каза на Отоманското Царство.

Во пред и по илинденскиот период населението на селото активно учествувало во помагање на востаниците, а и меѓу самите востаници имало млади луѓе и од селото Свиништа. Како попознати дејци на ВМОРО од Свиништа се знаат: Анѓеле Муренкоски, Тодор Ѓорчев (кој биле еден од раководителите на свиништани), Иљо Смилески, Трајче Здравески, Лазе Толески, Ставре Станојоски, Илија Секулев, Јон Богојов и други.[6]

Во 1901 година во Свиништа престојувал Никола Петров Русински. Негов главен соработник од селото му бил Тодор Ѓорчев, како раководител на свинишката чета за набавка на оружје. Русински го насобрал народот и му говорел за борбата против угнетувачот. Потоа заколнал многу свиништани во редовите на ВМОРО.[6]

После некое време дејците на ВМОРО од Свиништа и Никола Петров Русински повторно се сретнале во селото, овој пат со цел за набавка на оружје која требало да пристигне. Но, сепак тоа не можеле да го сторат во селото, затоа што биле предадени од двајца свиништани, Раде Кузман и Никола Котев (биле поткупени од Турците за 400 турски лири). Откако ги фатиле двајцата предавници, најпрво ги однеле надвор од селото за да сослушаат зошто го сториле тоа. Потоа, Никола Петров Русински сакал да ги покрсти во организацијата, но четниците се разбунтувале и не сакале да бидат примени во организацијата. На крај, предавниците биле убиени.[6]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот е голем и зафаќа простор од 26,5 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.837 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 574 хектари, а на пасиштата само 23 хектари.[2]

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.[2]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948744—    
1953840+12.9%
1961833−0.8%
1971701−15.8%
1981354−49.5%
ГодинаНас.±%
1991136−61.6%
1994130−4.4%
200264−50.8%
202122−65.6%

Во книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. селото имало 40 домаќинства и 110 жители.[7]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Свиништа живееле 475 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Свиништа имало 480 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Свиништа е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 60 куќи.[10]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.[11]

Од ова планинско село се иселил голем број од населението и тоа преминало од големо во мало село, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 833 жители, а во 1994 година бројот се намалил само на 130 жители.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Свиништа живееле 64 жители, сите Македонци.[12]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 22 жители, од кои 18 Македонци и 4 лица без податоци.[13]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 475 470 744 840 833 701 354 136 130 64 22
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]

Родови[уреди | уреди извор]

Свињишта е чисто македонско православно село. По народното предание селото е настанато околу 1820 година од доселеници од селото Смилево. Сите родови кои дошле од Смилево имаат подалечно потекло од мијачкиот крај.[3]

Родови во Свињишта се: Смилевци (30 к.), доселени од селото Смилево, подалечно потекло од мијачкиот крај, го знаат следното родословие: Ѓорѓе (жив на 68 г. во 1980 година) Смиле-Петре-Смиле кој се доселил од Смилево; Чавдаровци (20 к.), и тие се доселени од Смилево, подалечно потекло од мијачкиот крај; Муренковци (10 к.), исто така доселени од Смилево, каде имаат кумови, подалечно потекло од мијачкиот крај; Аџиовци (10 к.), доселени се од соседното село Опеница; Таневци (10 к.) и Огненовци (7 к.), доселени се од соседното село Куратица. Огненовци потекнуваат од домазет.

И покрај тоа што повеќето родови се со потекло од Смилево, сепак брачни врски не одржувале со населението од Смилево, поради големата оддалеченост. Најмногу брачни врски свињиштани одржувале со околните охридски и ресенски села.

Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле:[18]

  • Староседелци: Аџијовци (11 к.), Чавдаровци (13 к.), Блажевци (10 к.), Сагламовци или Славевци (3 к.), Рочовци (3 к.), Ковчеровци (2 к.), Огненовци (7 к.), Радевци (9 к.), Кашкаровци (3 к.), Муренковци или Шмагевци (5 к.), Станојовци (6 к.), Смилевци и Колимагаре (14 к.), Ѓорчевци и Китиновци (6 к.), Толевци (12 к.), Крстановци (4 к.) и Трајковци (10 к.).

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Улица во селото
  • Поранешно основно училиште

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Охрид, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.

Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната рурална Општина Косел.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Охрид.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Косел.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Косел, во која селото покрај селото Свиништа, се наоѓале и селата Вапила, Горно Лакочереј, Долно Лакочереј, Завој, Косел, Куратица, Ливоишта, Опеница, Орман, Плаќе, Расино, Речица и Сирула. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Речица, во која влегувале селата Плаќе, Речица и Свиништа.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1342 според Државната изборна комисија, сместено во приватен објект. Во избирачкото место се опфатени и селата Плаќе и Речица.[19]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 97 гласачи.[20]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Поглед на главната селска црква „Св. Никола“
Археолошки наоѓалишта[5]
  • Дабје — средновековна црква
  • Долиште — населба и топилница од доцноантичко време
  • Манастириште — раносредновековна црква
  • Пирчишта — населба од неолитот и средновековна тврдина
Цркви[21]
Параклиси
Споменици
  • Споменик за загинатите илинденци и борци во НОБ од селото

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[3]
  • Свети Никола Летен — црковна и селска слава

Личности[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Постари иселеници има во селата Биџево (Чавдарци, 2 к.), во Орман (Мицкоски, 1 к.) и во Горно Лакочереј (Тодоровци, 10 к.). После Втората светска војна од 150 куќи, селото се намалило на 80 куќи. Иселениците после војната главно заминале во градот Охрид и во охридското село Лескоец. Малкумина се иселиле во градот Ресен и ресенското село Јанковец.[3]

Во XVIII век, во селото живеел некој човек Цветко. Тој во тоа време се иселил од селото во Крушево. Таму добил син, Демир Трајко, кој бил македонски ајдутин. Демир Трајко имал двајца синови Никола и Каре. Од Никола потекнувала лозата на Никола Киров Мајски. Додека од Каре потекнувало познатото револуционерно семејство Кареви, меѓу кои и Никола Карев. Така што познатите македонски револуционери потекнуваат од предок иселен од охридското село Свиништа.[6]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 267. Посетено на 18 ноември 2019.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Трифуноски, Јован Ф. (1992). Охридско-струшка област : антропогеографска проучавања. Београд: Српска академија наука и уметности. ISBN 8670251582. OCLC 27418468.
  4. „ВО ПЕТ ОХРИДСКИ СЕЛА ВОДАТА ОД ЧЕШМИТЕ Е НЕБЕЗБЕДНА“. Сакам Да Кажам. 2018-03-07. Посетено на 2019-11-18.
  5. 5,0 5,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 276. ISBN 9989-649-28-6.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Ристо Николоски и Ѓорги Тодороски (2018). Свиништа. Охрид.
  7. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 100-101.
  8. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 252.
  9. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 162-163.
  10. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 29.
  11. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  12. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 18 ноември 2019.
  13. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  14. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  15. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  16. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  17. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  18. Русиќ, Бранислав. Охридско Поле-Свиништа. Архивски фонд на МАНУ АЕ 87/1.
  19. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 18 ноември 2019.
  20. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 18 ноември 2019.
  21. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  22. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том I, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  23. 23,0 23,1 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  24. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IЈасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том III, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија., дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)
  25. 25,0 25,1 . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]