Катедрала во Монца

Од Википедија — слободната енциклопедија
Катедралата Свети Јован Крстител во Монца
Катедралата во историските мемоари на Монца и нејзиниот двор (1794)
Мозе Бјанки, Внатрешноста на катедралата во Монца

Катедралата во Монца, официјално малата базилика на Сан Џовани Батиста, претставува религиозен објект подигнат до ранг на мала базилика,[1] помеѓу четиринаесеттиот и седумнаесеттиот век.

Катедралата е сместено на истоимениот плоштад во центарот на градот Монца. Посветена е на Свети Јован Крстител и е седиште на парохијата Сан Џовани Батиста.[2] Во објектот се наоѓа познатата железна круна, а камбанаријата претставува највисоката градба во целиот град.

Историја на катедралата[уреди | уреди извор]

Од почетокот на изградбта до XIV век[уреди | уреди извор]

Градот Монца не претставува класичен панорамски дел како и останатите помали населени места во миланската област. За време на владеењето на Остроготите Паоло Диаконо во својата книга насловена како Историја на Ломбардија, ја нагласува близината на гратчето Монца до големиот центар Милано и особено ја нагласува благопријатната клима. Тоа била главната причина што го навеле Теодорих да ја изгради својота Голема палата токму таму.[3]

Прозорецот розета и статуата на Свети Јован Крстител

Првата црква била изградена од страна на кралицата Теодолинда и тоа во вид на палатинска капела на нејзината Кралска палата во Монца, на просторот кој го заземала летната резиденција на ломбардскиот двор.Објектот за кој има некакви пишани записи бил посветен на Свети Јован Крстител, а подигнат во 595 година. Кралицата имала величествено украсена палата која била изградена во градот Монца. Градители биле величенствените мајстори од Ломбардија. Веднаш до палатата била основала базиликата која е посветена на Свети Јован Крстител. Кралицата за потребите на базиликата подарила многу златни и сребрени украси, но и доволни приходи потребни за нејзиното функционирање. Зачуваните информации кои се достапни за оригиналниот и почетен храм биле многу сиромашни. Единствениот достапен извор претставува Историјата на Ломбардија, напишана од Паоло Диаконо кој успеал да ја состави во самракот (почетните години) на владеењето на Ломбардите.

Од 603 година Црквата Сан Џовани Монзезе претставувала палатинска капела. Овој храм бил исклучително користен објект и тоа било местото каде што било извршено крштевањето на Адалоалдо, синот на кралицата Теоделинда и Агилулфо. Адалоалдо бил наследникот на ломбардскиот престол. Крштевањето го направиол Тренто Втори, кој во тоа време бил бенедиктински игумен, а воедно и советник на кралицата.[3]

Во таа, но и во други ситуации, папата Григориј I го изразил своето одобрување за политичкиот проект на кралицата Теодолинда. Затоа испратил голем број на подароци и писма, насочени кон нормализирање на односите помеѓу папската столица и ломбардскиот народ. Со тој чин направени се напори ломбардијците да се вратат од таканаречената аријанска ерес кон чистиот католицизам.

По смртта на кралицата во 627 година, нејзиниот погреб бил изведен во просторот на базиликата. Местото на погребот, кое и било дадено, било во знак за нејзината посветеност кон црквата и религијата. Нејзиното вечно почивалиште останало на тоа место сѐ до 1308 година, кога посмртните останки биле преместени во саркофаг, кој денес се наоѓа во капелата Теодолинда. Саркофагот станал предмет на почит долги векови. Секоја година, на годишнината од смртта на Теоделинда, а тоа било 22 јануари, се одржувала церемонија крај олтарот во капелата, во близина на нејзиниот гроб.

Од четиринаесеттиот век до денес[уреди | уреди извор]

Обновувањето на катедралата води потекло од 1300 година, кога протоерејот Авокато дели Авокати во годината на првиот јубилеј во историјата на христијанството, го поставил првиот камен за изградба на новиот храм.

Поранешниот евангелизатор на Матео да Кампионе бил во 18 век преадаптиран во место за црковен хор.
Погребен камен на Матео да Кампионе, заѕидан надвор од капелата на Бројаницата

Втората градежна офанзива била мотивирана од потребата да се прошири објектот (инспирација добиена од современите културни градби, како што бил на пример храмот Сан Франческо изграден на местото нарекувано „на големата ливада“ во самата Монца). Реконструкцијата била за да се прилагоди одреден простор кој бил потребен за враќањето на Ризницата од градот Авињон (во 1345 година) наметнат, некаде кон средината на векот. Архитектот на оваа втора градежна експанзија бил Матео да Кампионе,[4] експонент на градителското семејство на кои доаѓаат од езерската област помеѓу покраината Ломбардија и сегашниот кантон Тичино. Господинот Висконти кој бил владетел во тој период му нарачал на архитектот Матео голем број на градежни, но и украсни елементи за потребите на Војводството во текот на тристотините години од вториот милениум. Неговата погребна плоча (од 1396 година, била изѕидана надвор од капелата на Бројаницата) нè информира за неговата активност и тоа за завршувањето на големата фасада, потоа изградбите на говорницата и крстилницата. Сите градби сведочеле за престижот кој го постигнал и за неговата голема посветеност. Тој секако бил изведувач на стремежот и желбата на владетелот Висконти да изгради голема базилика каде ќе се извршуваат царските крунисувања.[4] Традицијата според германскиот начин на крунисување бил идниот цар да преземе вкупно три круни, сребрената во градот Ахен, златната во градот Рим и „ железната“ во Монца (или Милано). За сите овие традиционални моменти постои иконографско сведоштво поставено на големата плоча (порано ова иконографско сведоштво било поставено во позадинскиот дел на амвонот) која денес се наоѓа на влезот од просторот наречен сакристија.[5]

Поглед на високиот олтар и антепендиумот

Архитектот Матео бил одговорен и за изградбата на двете идентични капели од страните на главната апсида. Капелата од десната страна (порано посветена на Светиот нокт, а денес посветена на Светата Бројаница) била уредена и украсена некаде помеѓу 1417 и 1418 година (во внатрешноста е зачуван еден фрагмент од распетието Христово, изработено од страна на Мишелино да Бесоцо). Од левата страна се наоѓала другата идентична капела (посветена на кралицата Теодолинда) украсена помеѓу 1444 и 1446 година од страна на семејството Заватари, инаку ломбардски сликари кои го создале познатиот циклус составен од доцноготски фрески.[4]

Било потребно да помине повеќе од еден век за да се случи обновувањето на декоративните елементи. Тогаш се случиле и интервенции во деловите на краците на трансептите. Во втората половина на 16 век, во однос на трансформациите наметнати од Советот на градот Тренто, започнала изведбата на темелната реконструкција на областа од апсидата. Поради тие градежни зафати требало да се сруши позадинскиот ѕид на главната капела. Потоа се случила изградба на огромната презвитерија, која во потполност ги следела строгите доцноготски стилови.

Катедралата во Монца, внатрешноста

При крајот на векот, на левата страна од фасадата била изградена новата камбанарија, врз основа на проектот на архитектот Пелегрино Тибалди. За новата камбанарија биле користени тули таканаречени Кавалера кои биле носени од блиското село Орено. Во 1644 година бил излеан сводот за централниот кораб,[4] а во 1681 година била изградена октагоналната капела во тајниот простор наменет за сместување на ризницата. Првите децении на 18 век, коинцидирале со обновувањето на култот на Светиот нокт. Било постигнато силно декоративно закрепнување. Целата градба била трансформирана во еден вид на антологија на доцното барокно сликарство.

Стилот на неокласиката бил обележан со високиот олтар кој бил дизајниран од страна на Андреа Апијани (1798), но и со новата говорница изработена од Карло Амати (1808). За време на француското владеење или таканаречен француски период, две третини од златните и сребрените предмети кои биле чувани во катедралата во Монца биле доставени до миланската ковачница за да можат да се стопат и да се искористат за исплаќање на трошоците наменети за воени потреби. Наполен Бонапарта, во тој период ги поседувал богатствата на базиликата и библиотеката. Голем дел од тие вредни работи, особено од делот на библиотеката, биле испратени во Националната библиотека во Париз. По падот на Првата империја (француска -1815 година), жителите на Монца побарале да се вратат сите богатства одземени од страна на Французите. Kруната на Агилулфо, која била чувана во катедралата во Монца била стопена во Париз. Катедралата за време на француското владеење била подложена на големи наполеонови грабежи.

Некаде кон крајот на 19 век се случииле големите конзерваторски и стилско реставраторски активности во делот на капелата наречена Теодолинда. Поголеми зафати пред сè се случиле на просторот од внатрешните фасадни ѕидови. Овие конзерваторско реставраторски работи ги извршиле Лука Белтрами и Гаетано Ландријани. Конкретно, радикално биле трансформирани и обновени едикулите на врвот (повеќето биле отстранети некаде во 17 век со исклучок на еден) и соодветна замена на редовите со црн мермер со потекло од Варена. Дополнително била додадена и зелена серпентина наречена Оира, за со неа да се нагласи еден вид на хиперкорективизам или да се додаде таканаречена тосканска компонента врз кампионската фигуративна изведба.[4]

Во 2009 година скулпторот Алберто Џанфреда ја создал скулптурата именувана како Брациере или еден вид на преносна крстилница.[6]

Во месец август 2020 година, било отстрането последното скеле од делот на фасадата, која започнала да се реконструира во 2013 година. Новиот олтар бил завршен на 5 октомври 2014 година од страна на миланскиот архиепископ Анџело Скола. Завршениот олтар го задржал античкиот позлатен дрвен фронтал со потекло од Боргино дал Поцо. На фасадата биле вратени оригиналните нијанси кои ги имаат мермерите Кандоглиа и Мусо. Овие мермери со текот на времето биле делумно оштетени со процесот на оксидација.[7][8]

Декорација[уреди | уреди извор]

Свадбената прослава на Теоделинда, од фреските на капелата Теоделинда, во катедралата во Монца

Со исклучок на поставките во капелата Теодолинда, во останатите делови сепак малку е зачувано од претходната внатрешна декорација која водела потекло од времето на барокот. Овој факт длабоко влијаел врз изгледот на внатрешниот простор на катедралата.

Внатрешна декорација[уреди | уреди извор]

Трансепти[уреди | уреди извор]

Декорациите на внатрешните куполи во просторот на трансептите со својот изглед нè навраќаат во доцната маниристичка епоха. Јужната купола, односно трансептот, (изработен од страна на Алберо ди Џесе, Џузепе Арчимболди[4] и Џузепе Меда, во 1558 година) и северната (на која има приказ од Свети Јован Крстител, изработена од страна на Г. Меда и Џован Батиста Фиаменгино, во 1580 година).

Оргули[уреди | уреди извор]

Звучниот елемент е сместен во куќиште наречен Простор на евангелието. Тој претставува голем инструмент составен од 12 стапки и изграден во италијански ренесансен стил. Производството е на италијанската компанија Густаво Занин. Оваа оргула поседува 17 регистри и единечна тастатура со вкупно 54 ноти. На делот на педалата постои табла со 18 ноти.

Друг инструмент е сместен во Просторот на Посланието. Опусот му е со вредност од 617. Изработката е на престижниот швајцарски производител на оргули Мецлер Оргелбау.[9] Овој инструмент е со целосно механички менувач, има 29 регистри распоредени во две редици и една педала. Оргулата е изработена во 2002 година.

Презвитерство[уреди | уреди извор]

Декорацијата која се наоѓа на просторот кој го заземаат презвитериумот и хорот претставува најголемиот сликовен потфат за време на целиот седумнаесетти век. На тоа сликовно дело работеле: Стефано Данеди познат како Монталто, Исидоро Бјанки, Карло Кане и Ерколе Прокачини Помладиот, а квадратурата (површинскиот дел) била изработена од страна на Франческо Вила. Сводот пак на главниот кораб бил живописан кон крајот на векот од страна на Стефано Марија Лењани, познат и како Лењано, а квадратурата била изработена од страна на Кастелино (1693 година).

Просторите на Големите квадрати[уреди | уреди извор]

Десетте големи слики кои се сместени во просторот на централниот кораб претставуваат Приказни за кралицата Теодолинда и за железната круна. Делата биле создадени во периодот помеѓу 17 и 18 век. Изработени се од страна на различни сликари. Некои од тие сликари се: Себастиано Ричи, Филипо Абијати и Андреа Порта.

Капели[уреди | уреди извор]

Периодот, пред сè оној за време на XVIII век, бил период на внатрешно уредување на катедралата. Направен е спој помеѓу ломбардiската фигуративна култура од една страна и барокот како посебен елемент, но и како спој на барокот и рококото. Сликарот Пјетро Гиларди го насликал делот на светилникот со дела од светиот крст[4] (1718 - 19 година); уметникот Џовани Анџело Борони изработил слика која подоцна била поставена во капелата на Бројаницата (1719 - 21 година). Во просторот на крстилницата која е посветена на Санта Луција (1752 - 53); уметникот Матија Бортолони има поставено неколку свои дела. Истиот автор ја украсил и капелата наречена Корпус Домини[4] (1742 година).

Последната реконструктивна интервенција во катедралата била од страна на Карло Иноченцо Карлони, големиот мајстор на рококо стил со меѓународно реноме. Овој уметник бил активен во Австрија, Германија и во областа Бохемија (Чешка). Помеѓу 1738 и 1740 година, според програмата воспоставена од страна на језуитот Бернардино Каприат, Карло ги украсил сводовите на страничните кораби, триумфалната порта и западните ѕидови на трансептот.[4]

Железна круна и богатство на катедралата[уреди | уреди извор]

Железната круна
сочувана во капелата Теодолинда

Во катедралата во Монца се чува познатата железна круна, која со векови се користела за крунисувањето на кралевите во Италија. Според традицијата се верува дека оваа круна содржи еден од клинците кои биле користени при распнувањето на Христос. Црквата го препознала големиот реликтен карактер на круната и токму поради тоа било одлучено таа да се чува во црквата (а не во музејот).

Од страна на левиот трансеп, низ просторот на грациозниот манастир на гробиштата, кои водат потекло од осумнаесеттиот век, може да се влезе во музејот Серперо. Во овој музеј е сместено целокупното богатство на катедралата.

До 16 век, базиликата Сан Џовани Батиста била со административно автономна одвоеност од миланската епархија. Протоерејот на катедралата дури имал некои од овластувањата кои му припаѓаат на еден епископ. Документите од тоа време зборуваат дека во катедралата во Монца се изведувала таканаречена „Курија“, што претставувало еден вид на патријаршиски обред. Куриите биле својствени за епископски храмови.

Оваа ситуација била изменета од страна на свети Карло Боромео, кој ги укинал сите повисоки обреди освен обредите на амброзиски и римски карактер. Поради силното противење на жителите на градот Монца, тој бил приморан да се откаже од наметнувањето на амброзискиот обред за славење на Мисата, која била на сила во останатиот дел од епархијата. Денес во катедралата во Монца, празниците посветени на Бругерио и Виласанта се слават со миса исклучиво според римскиот обред.

Корпусот на Алабардиери[уреди | уреди извор]

Катедралата во Монца била единствената црква во светот (покрај онаа на Свети Петар во Ватикан која е обезбедувана од страна на швајцарската гарда на Ватикан) која може да има свои вооружени стражари. За време на најважните функции (проповоди, миси): вкупно дванаесет Алабардиери (вооруени лица) плус командант.

Основањето на корпусот составен од Алабардиери во делот на катедралата нема датум за кој со сигурност сведочат некакви документи. Се верува дека основањето на корпусот води потекло од крајот на 6 век. Тоа е периодот кој одговара на ломбардската ера. Овој корпус се претпоставува дека потекнува од единицата на почесни стражари на кралицата Теодолинда.

Униформата на алабардиерите се состои од долга јакна, елек и панталони со висина до колена. Ткаенината е во сина боја со украси со златен конец. Потоа има бела кошула, бели ракавици, сини чорапи со позлатен вез, и црни чевли со сребрена тока. На јаката на кошулата е поставена црна кадифена лента. Оригиналната капа била во вид на трирог, подоцна во 1807 година со одлука на Наполен Бонапарта заменета со дворог. Покрај единицата составена од обични Хелебарди, постои и таканаречен армигер (главен). Тој својот меч го носел на појасот изработен од брокатс со метална тока на која имало мала репродукција со формата на железната круна.

Ѕвоната на камбанаријата[уреди | уреди извор]

Камбанаријата има концертен дел со вкупно 8 ѕвона поставени во дијатонска скала наречена мајор од Ла2 позиционираност. Ѕвоната се конструирани во 1741 година од страна на Бартоломео Боци со потекло од градот Милано.[10] Истиот овој мајстор за изработка на ѕвона подоцна ги изработил и ѕвоната на базиликата Сан Амброџо. Оваа камбанарија ја има одликата да ги има камбаните што бијат во такт со „нишање“. Останатите катедрали во Миланската епархија го користеле другиот систем, односно таканаречениот „Амброзискиот“ систем (со удар во ѕвоното).

Ѕвонче Номинална нотна поставеност Основач Година Проценета тежина
Прво Ла3 Бартоломео Боци 1741 година 372 килограми
Второ Сол3 Бартоломео Боци 1741 година 414 килограми
Трето Фа3 Бартоломео Боци 1741 година 662 килограми
Четврто Ми3 Бартоломео Боци 1741 година 993 килограми
Петто Ре3 Бартоломео Боци 1741 година 1324 килограми
Шесто До3 Бартоломео Боци 1741 година 1656 килограми
Седмо Си2 Бартоломео Боци 1741 година 2401 килограми
Октава Ла2 Бартоломео Боци 1741 година 3315 килограми

Plenum delle 8 campane di Monza

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. (англиски) Catholic.org Basilicas in Italy
  2. „Parrocchia di San Giovanni Battista nel Duomo di Monza“. Архивирано од изворникот на 2020-01-29. Посетено на 2023-03-28.
  3. 3,0 3,1 P. Diacono, Historia Langobardorum, Libri III et IV
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 4,8 R. Conti, Il Duomo di Monza: 1300-2000. VII centenario della fondazione: guida storico-artistica, Silvana, 1999
  5. Duomo di Monza | La basilica, la parrocchia e i suoi parrocchiani - Home
  6. „Alberto Gianfreda opere“ (PDF).
  7. „Monza, il Duomo torna bicolore dopo un secolo“ (италијански). 1598768826969. Архивирано од изворникот на 2023-03-28. Посетено на 2023-03-28. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  8. „Duomo di Monza, via un'altra impalcatura: il ritorno alla bellezza originaria toglie il fiato“ (италијански).
  9. „Dom zu I-Monza, Op 617“. http://www.metzler-orgelbau.ch. Надворешна врска во |publisher= (help)
  10. Scheda completa sul campanile

Поврзано[уреди | уреди извор]

Други проекти[уреди | уреди извор]