Животот е сон

Од Википедија — слободната енциклопедија

Животот е сон (шпански: La vida es sueño) – драма во стихови на шпанскиот писател Педро Калдерон де ла Барка од 1635 година.

Ликови[уреди | уреди извор]

  • Базилиј – крал на Полска
  • Сигизмунд – кнез, син на Базилиј
  • Астолфо – московски кнез
  • Клоталдо – старец, благородник
  • Росаура – негова ќерка
  • Кларин – сплеткар, придружник на Росаура
  • Стела - принцеза
  • Војници, стражари, свирачи, дворјани, дами, слуги, народ.

Содржина[уреди | уреди извор]

  • Прв чин: Прв чин: Росаура, облечена во машка облека, и Кларин слегуваат по стрмен рид и здогледуваат тврдина со затвор. Таму е затворен Сигизмунд кому Росаура му остава голем впечаток. Тогаш пристигнува Клоталдо, придружен од неколку војници, кои ги заробуваат Росаура и Кларин, зашто посетите на Сигизмунд се најстрого забранети. Клоталдо го препознава својот меч и поради тоа помислува дека Росаура е неговиот син. Во меѓувреме, кралот Базилиј ги повикува благородниците во својот дворец за да им соопшти кому ќе му го остави кралството. На присутните им ја открива својат тајна: кога неговата жена останала бремена, ѕвездите му претскажале лоша судбина и затоа својот син Сигизмунд го затворил во тврдината, далеку во планините. Меѓутоа, сега, Базилиј сака да му даде можност на Сигизмунд да ја скрши клетвата и затоа одлучува да го ослободи и да му го предаде престолот. Клоталдо ги изведува Росаура и Кларин пред кралот Базилиј, кој им ги простува животите. Росаура му кажува на Клоталдо дека дошла во Полска за да му се одмазди на московскиот кнез Астолфо за нанесената навреда.[1]
  • Втор чин: По наредба на кралот, Клоталдо го успива Сизигмунд и го пренесува во дворецот. Росаура, служејќи се со лажното име Астреа, станува дворска дама, како придружничка на принцезата Стела. Клоталдо му кажува на Сизигмунд дека е принц и наследник на престолот, а тој, пак, се разбеснува поради долгото време поминато во затворот и му се заканува на Клоталдо со смртна казна. Исто така, тој е груб и со слугите, а еден од нив го фрла од балконот во езерото. Единствено кон Кларин покажува добар однос. Кога пристигнуваат Астолфо и кралот Базилиј, Сизигмунд се однесува грубо и кон нив, а кралот го советува да биде скромен. Набргу, Сигизмунд ја среќава Росаура и грубо ѝ се наметнува, а таа го напаѓа поради грубоста и гордоста. Тогаш, тој ја напаѓа, а кога Клоталдо застанува во нејзина одбрана, Сигизмунд се обидува да го убие. Астолфо го брани Клоталдо и почнува борба меѓу него и Сигизмунд која ја прекинува кралот. Потоа, Астолфо ѝ се додворува на Стела, но таа му вели дека неговата љубов не е искрена, зашто тој го чува портретот на друга жена. За да ја разубеди, Астолфо ветува дека ќе И го поклони портретот. Стела ѝ ја раскажува случката на Астреа (Росаура) и ја замолува да ја земе сликата од Астолфо. Кога ја среќава Росаура, кај Астолфо се буди старата љубов и не сака да ѝ ја даде сликата. Потоа пристигнува Стела, а Росаура успева да ја измами, со цел да не се открие себеси. Во меѓувреме, Сигизмунд повторно го опиваат и го враќаат во затворот, а тој мисли дека случките на кралскиот двор биле само сон. Заедно со него е затворен и Кларин за да не може да ја открие тајната.[2]
  • Трет чин: Откако Базилиј го назначува Астолфо за наследник на круната, војската и народот се креваат на бунт и го ослободуваат Сигизмунд. Росаура бара од Клоталдо да го убие Астолфо, но тој одбива да го направи тоа. Поради тоа, Росаура му се придружува на Сигизмунд кому му ја раскажува својата историја и бара да ја спречи свадбата меѓу Астолфо и Стела. Сигизмунд го совладува своите чувства кон неа и прифаќа да ја одбрани нејзината чест. Кога Сигизмунд го напаѓа дворецот, уплашениот Кларин се крие, но сепак е смртно застрелан. Иако Клоталдо и Астолфо го убедуваат да побегне, Базилиј останува во дворецот и паѓа на колена пред Сигизмунд. Тој му простува на својот татко, бара од Астолфо бара да се ожени со Росаура, Клоталдо јавно признава дека таа му е ќерка, а Сигизмунд ја бара Стела за жена. Притоа, тој ветува дека животот ќе го помине правејќи добри дела.[3]

Осврт кон делото[уреди | уреди извор]

Нестварното дејство и нестварните ликови во драмата, кои всушност претставуваат симболи, му овозможиле на Калдерон да ги искаже своите размислувања за улогата на воспитувањето во човечкиот живот, за моќта на судбината, за силата на разумот и слободната волја, за односот меѓу сонот и стварноста и за минливоста на сè. Во ликот на Сигизмунд е отелотворена драмата на човековата личност, достоинството и егзистенцијата. Уште на почетокот, во познатиот монолог, тој прашува во што се состои неговата вина и дали неговиот грев е во тоа што се родил. Притоа, тој го поставува важното прашање за човековото право на слобода, т.е. дали смее еден човек (кралот Базилиј) да ја употреби својата слобода за да му ја одземе слободата на друг човек (Сигизмунд)? Веднаш потоа, Калдерон го поставува и прашањето на судбината: дали човекот е немоќен пред она што го одредиал вишата сила или пак со својата волја може да ја промени судбината? На ова прашање, Калдерон дава двоен одговор: на случајот на Кларин, покажува дека не можеме да побегнеме од судбината, но на друго место вели дека, со помош на разумот и моќта на волјата, човекот може да се спротивстави на вишата сила. Освен тоа, Сигизмунд ја победил судбината, откако најпрвин се совладал себе, откако увидел дека сè на светот е минливо, дека животот е само сон и поради тоа треба да ги бараме трајните духовни вредности.[4]

Во ова дело истовремено се одвиваат мисловната и театарската драма, трансцендентното и интригата, симболиката и стварноста. Иако се чини дека дејството е намерно конструирано за да се истакнат мисловно-философските текови, сепак понекогаш се добива впечатокот дека писателот се откажал од некои свои ставови затоа што ги негирала стварноста. Можеби, токму во тоа лежи драмската вредност на делото, во тоа што содржи внатрешна спонтаност, што симболиката и стварноста се во синтеза. Авторот ја набљудува човечката душа тврдо, речиси сурово аналитички. Навистина, оптоварен од христијанските догми и постојниот морал, тој не бил способен да ги разреши сите тајни и мрачни прашања на човечката егзистенција, но неговата големина се состои во тоа што се осмелил да се зафати со тие прашања. Притоа, треба да се има предвид дека Калдерон не е само мислител, туку и поет, па таму каде што била немоќна неговата философска мисла, таму се воздигнувала неговата поетска имагинација. Употребувајќи ја поетската фантазија, тој си поигрува со многуте сомнежи со кои се зафаќа во оваа драма, служејќи се со барокната раскошност. Борејќи се со тие сомнежи, тој час се крева час паѓа, зПоради сето тоа, „Живото е сон“ е едно од најголемите дела на европската драмска книжевност.[5]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Pedro Kalderon de la Barka, Život je san. Beograd: Rad, 1977, стр. 7-38.
  2. Pedro Kalderon de la Barka, Život je san. Beograd: Rad, 1977, стр. 39-80.
  3. Pedro Kalderon de la Barka, Život je san. Beograd: Rad, 1977, стр. 81-117.
  4. Nikola Milićević, „Između sna i jave“, во: Pedro Kalderon de la Barka, Život je san. Beograd: Rad, 1977, стр. 124-125.
  5. Nikola Milićević, „Između sna i jave“, во: Pedro Kalderon de la Barka, Život je san. Beograd: Rad, 1977, стр. 125-126.