Прејди на содржината

Светски фонд за природа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Светски фонд за природа
World Wide Fund for Nature
ОсновачиПринц Бернард Џулијан Хаксли [1]
Макс Николсон
Питер Скот
Гај Маунтфорт
Годфри А. Рокфелер [2]
Типдобротворна
Основана29 април 1961
(првата канцеларија е отворена на септември 1961 во Морж, Швајцарија)
СедиштеЊујорк, САД
КадарВојводата од Единбург
(почесен претседател)
Јоланда Какабаѕе
(претседател)
Џејмс Лип
(ген. дир.)
Опслужувано подрачјецел свет
Задршкаприродозаштита, екологија
Методлобирање, научна дејност, советување
Приход525 млн. (2010) [3]
Мото„За жива планета“
(For a Living Planet)
Мреж. местоwwf.org
panda.org

Светски фонд за природа (крат. WWF; англ. World Wide Fund for Nature), со поранешно име Светски фонд за дива природа (World Wildlife Fund)[4] — меѓународна невладина организација што се занимава со заштита, научно истражување и обнова на животната околина. Ова е најголемата независна организација од ваков тип во светот, со преку 5 милиони поддржувачи ширум светот и активности во повеќе од 100 земји со вкупно 1.300[5] проекти за запазување на животната средина. WWF е фондација[6] која се финансира 57% од средства дарувани од физички лица и организации, 17% од владини извори (како Светската банка, DFID, USAID) и 11% од претпријатија.[3]

Групата има за задача „да го запре и поправи уништувањето на животната околина“. Активностите де насочени кон три биоми што го опфаќаат најголемиот дел од биоразновидноста во светот: шумите, слатководните екосистеми и океаните и бреговите. Меѓу другото, организацијата се занимава со загрозени видови, загадување и климатските промени.

Историја

[уреди | уреди извор]

Фондот е основан по иницијатива на хотелиерот Виктор Столан доставена до биологот Џулијан Хаксли, откако ги прочитал неговите написи за животните во Африка во часописот The Observer и решил предложи започнување на организација што ќе ги спасува животните.[7] Организацијата е снована на 29 април 1961 г. под името „Светски фонд за дива природа“ (World Wildlife Fund), а првата канцеларија е отворена на 11 септември истата година во Морж, Швајцарија. Важна улога во создавањето на фондот одиграл и претприемачот Годфри А. Рокфелер, кој го составил првиот кадар.[2] Со основањето, потпишан е документот „Моршки манифест“[8] каде се пропишани согледувањата и намерите на органзацијата. По некое време, кон организацијата е припоено и Американското здружение за заштита на природата (American Conservation Association).[9]

Принцот Бернард во 1942 г.

WWF има ограноци во голем број земји низ светот. Во почетокот, дејноста се состоела од прибирање на средства и нивно доделување на невладини организации согласно најдобрите научни сознанија на располагање и со првична задршка на заштитата на загрозени видови. Со стекнувањето на сè повеќе ресурси, организацијата ја проширила дејноста на други полиња како запазувањето на биоразновидноста, одржлива употреба на природните реурси, намалувањето на загадувањето и климатските промени. Воедно фондот почнал со свои проекти за заштита и запазување, сопствени кампањи и постратешки приод кон целите.

Во 1986, организацијата го менува името во „Светски фонд за природа“ (World Wide Fund for Nature) како посоодветно на нејзиниот делокруг, но заджувајќи ја кратенката WWF. Старото име и понатаму важи во САД и Канада.[10]

Во 1990-тите, WWF ја дополнува својата задача да: „ја запре деградацијата на природната околина и да изгради иднина во која луѓето ќе живеат во склад со природата“ со следново:

  • да се залага за запазување на биоразновидноста во светот
  • да се залага за одржлива употреба на обновливи природни извори
  • да се залага за намалување на загадувањето и неодговорната потрошувачка.”

Научниците на WWF востановиле 238 екорегиони кои ги претставуваат биолошки најзначајните копнени, слатководни и морски живеалишта, утврдени со иновативна анализа на биоразновидноста.[11] На почетокот на 2000-тите, организацијата се задржувала на дел од нив, во подрачјето на заштитата на шумските, слатководните и морските живеалиштата, заштитата на загрозените видови, климатските промени и исфрлање на најтоксичните хемикалии.

Во 1996, организацијата добила општ советодавен статус од УНЕСКО.

Пандата како симбол

[уреди | уреди извор]
Пандата е симбол на WWF

Маскота на организацијата е џиновската панда, земена за пример за загрозен вид, а инспирирана од пандата Чи Чи - единствената џиновска панда во западниот свет во тоа време.[12][13]

Пристап кон проблематиката

[уреди | уреди извор]

Според тековниот приод кон остварувањето на целите, организацијата се задржува на повраток на бројноста на 36 видови од важност за нивниот екосистем или луѓето (како слонови, туни, китови, делфини и морски свињи) и еколошкиот отпечаток во 6 подрачја (јаглеродни гасови, прехранбени култури, пасишта, риболовот, шумарството и водите).

Организацијата работи и на ред глобални проблеми што предизвикуваат губиток на биоразновидноста и неодржливото искористување на природните ресурси. Во второспоменатото спаѓаат финансово-деловните навики, законските рамки и потрошувачките навики на населението. Локалните ограноци се посветуваат и на проблемите од државно или регионално значење.[14]

За остварување на зацртаните цели, фондот работи со голем број на организации од невладиниот сектор, влади, стопанственици, инвеститорски банки, научници, рибната индустрија, земјоделците и месните заедници. Воедно организира и јавни кампањи со намера да влијае врз одлуките на разни групи и да ја подигне свеста кај луѓето за потребата од правилен пристап кон животната околина.

Стручни изданија

[уреди | уреди извор]

WWF го објавува пописот Living Planet Index во соработка со Зоолошкото друштво на Лондон. Заедно со пресметките на еколошките отпечатоци, индексот се користи за подготовка на двегодишниот изшветај „Жива планета“ (Living Planet Report) кој дава преглед на влијанието на човековите активности во светот.[15]

Покрај ова, организацијата редовно издава извештаи, фактографски билтени и други документи поврзани со нејзината работа, а со цел да ја подигне свеста и информираноста на сите оние што играат улога во носењето на одлуки и политики.[16]

Значајни програми и кампањи

[уреди | уреди извор]
  • „Замена на долг за природа“ (Debt-for-Nature Swap)
  • Час на Земјата“ (Earth Hour)
  • „Здраво одгледано“ (Healthy Grown)
  • Совет за рибно раководство (Marine Stewardship Council)

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „WWF во 60-тите“. Светски фонд за природа. Посетено на 19 август 2012. (англиски)
  2. 2,0 2,1 Ин меморијам: Годфри А. Рокфелер - Светски фонд за дива природа, 29 јануари 2010 (англиски)
  3. 3,0 3,1 Годишна ревизија на WWF-INT (PDF). Светски фонд за дива природа. 2010. стр. 43. Посетено на 21 јули 2011. (англиски)
  4. Организацијата сè уште се води под поранешното име во Канада и САД
  5. http://www.panda.org/about_wwf/where_we_work/project/
  6. „Како работи WWF?“. Посетено на 21 јули 2011. (англиски)
  7. Scott, P. (1965). The launching of a new ark: first report of the President and Trustees of the World Wildlife Fundan international foundation for saving the world's wildlife and wild places; 1961–1964. Collins
  8. http://assets.panda.org/downloads/morgesmanifesto.pdf
  9. „Американско здружение за заштита на природата“. SourceWatch. Посетено на 19 август 2012. (англиски)
  10. Кратки факти за WWF (англиски)
  11. „За глобалните екорегиони“. Светски фонд за природа. Архивирано од изворникот на 2010-04-22. Посетено на 19 август 2012. (англиски)
  12. http://wwf.panda.org/who_we_are/history/sixties/
  13. „WWF - Џиновска панда - Преглед“. Worldwildlife.org. Посетено на 19 август 2012. (англиски)
  14. „Со што се занимава Светскиот фонд за природа?“. Светски фонд за дива природа. Посетено на 19 август 2012. (англиски)
  15. „Извештај „Жива планета". Светски фонд за природа. Посетено на 19 август 2012. (англиски)
  16. Изданија на WWF Архивирано на 25 април 2010 г. (англиски)

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]