Штрумпфови

Од Википедија — слободната енциклопедија
Штрумпфови
АвторПејо
Изворен насловLes Schtroumpfs
Земја Белгија Белгија
Јазикфранцуски
Жанрстрип
Издадена
1958
Страници34 тома

5 тома Штрумпфетерии 7 тома Светот на штрумпфовите 2 тома 300 финти 1 том Специјално издание

Назив на оригиналното издание: "Флејтата со шесте дупки" (француски: "La Flûte à six trous") (1958) во стрип Јохан и Пјуит

Штрумпфови (француски: Les Schtroumpfs, холандски: De Smurfen) — белгиски стрип и телевизиска серија посветена на група мали сини измислени суштества наречени Штрумпфови, создадени и за првпат претставени како низа на стрипови од белгискиот карикатурист Пејо (псевдонимот на Пјер Килифор) на 23 октомври 1958 година. Оригиналниот збор и сета останата придружна терминологија Пејо ги измислил за време на оброк со неговиот колега и пријател Андре Франкен на белгиското крајбрежје[1]. Во моментот, заборавајќи го зборот “сол”, Пејо го замолил пријателот да му го подаде онаквото, односно, штрумпфот. Франкен шегувовито му одговорил: “Еве ти го штрумпфот – кога ќе завршиш со штрумпфување, штрумпфни го назад...” и двајцата го поминале викендот зборувајќи на “штрумпфски јазик”. Името подоцна било преведено на холандски како Smurf, кое било усвоено и на англиски јазик.

Јохан и Пирлуи[уреди | уреди извор]

Пејо во 1990.

Во времето кога ја добил идејата за Штрумпфовите, Пејо бил творец, уметник и писател на француско-белгиски стрип серии со наслов Јохан и Пирлуи (преведени на англиски во Јохан и Пјуит) со центар на случување во Европа за време на средновековието, вклучувајќи елементи со мечеви и волшепства. Јохан му служи на кралот како млад храбар благородник, а Пирлуи (се изговара Пиир-луу-и) врши улога на негов верен џуџест придружник, макар што наперчен и измамник.

Во 1958 година, списанието Спиру (ориг. Spirou) започнало да ја објавува приказната за Јохан и Пирлуи, Флејтата со шест дупки[2]. Авантурата ги вовлекува во наоѓање на магична флејта, за што било потребно малку магија од волшебникот Омнибус. На тој начин тие ќе сретнат едно мало суштество што личи на човек и има сина кожа, облечено во бело по име Штрумпф[2], кој го следат голем број на суштества кои изгледаат исто како него, со постар водич кој носел црвена облека и имал бела брада. Нивното прво појавување е објавено во Спиру на 23 октомври 1958 година. Ликовите постигнале голем успех, а првите независни приказни за Штрумпфовите се појавиле во Спиру во 1959 година, заедно со првата реклама[3]. Штрумпфовите споделиле повеќе авантури со Јохан и Пирлуи, добиле свои серии и сите наредни изданија на оригиналната приказна, која е преименувана во Флејтата на шесте штрумпфови (исто како насловот на филмската верзија на приказната).

Со комерцијалниот успех на Штрумпфовите дојде и рекламната империја на штрумпфовски минијатури, модели, игри и играчки. Цели колекционерски клубови се посветени на собирање пластични штрумпфови и друга штрумпфовска трговска стока. Во 2011 година, Мекдоналдс пуштил линија играчки, вклучувајќи ги сите познати ликови, како Веле Штрумпф и Бебе Штрумпф.

Во светот на штрумпфовите[уреди | уреди извор]

Штрумпфови[уреди | уреди извор]

Сапарина (Smilax aspera), омилената храна на штрумпфовите

Дејствието било со тенденција на едноставна приказна за храбра авантура. Ркипата со едноставна структура каде речиси сите ликови во суштина изгледаат исто. Повеќето се машки (освен три женски: Штрумпфета, Сасета и Штрумпфдадилка), ниски (високи само 3 јаболки), со сина кожа, со панталони со дупка за нивните кратки опашки, бела капа во стилот на фригиските капи и понекогаш со дополнителни додатоци кои ја карактеризираат личноста (на пример, штрумпфот “Мајсторче” носи панталони со прерамки наместо стандардни панталони, капа со рабови и молив над увото). Штрумпфовите може да пешачат и да трчаат, но често се движат и со скокање со двете нозе. Обожаваат да јадат листови од сапарина која е вид на грмушка (од видот смилакс), чии зрнести плодови штрумпфовите нормално ги нарекуваат “штрумпфоплодови” (штрумпфоплодовите ги има само во цртаниот филм; во оригиналните стрипови, штрумпфовите ги јадат само листовите од сапарината).

Ликовите[уреди | уреди извор]

Штрумпфовите исполнуваат едноставни архетипови на секојдневни луѓе: штрумпфот Мрзливко, штрумпфот Лутко, штрумпф Текнувало и така натаму. За сите штрумпфови, со исклучок на Веле Штрумпф, Штрумпфета, Штрумпфдадилка и Дедо Штрумпф, се вели дека се стари 100 години. Прво имало 99 штрумпфови, но овој број се зголемил со појавувањето на нови штрумпф ликови, како Сасета и Дадилката. Во почетокот сите штрумпфови биле машки; подоцна биле додадени женските Штрумпфета и Сасета – Штрумпфета како производ на волшебникот Гаргамел, додека Сасета била создадена од штрумпфовите.

Веле Штрумпф е водачот на заедницата. Тој се разликува од останатите по облеката. Неговата е црвена и има брада. Другите штрумпфови носат имиња според нивниот карактер или според професијата (пр. штрумпфот Лутко). Првиот женски лик е Штрумпфета, создадена од Гаргамел којашто Веле Штрумпф потоа ја променил во русокоса. Ликовите што не се Штрумпфови се непријателите Гаргамел и неговата мачка Азриел како и кумот на Гаргамел, Балтазар. Други кои не се штрумпфови а се нивни пријатели се младиот благородник Јохан и младиот пријател Пирлуи, како и волшебникот Омнибус[4].

Јазикот[уреди | уреди извор]

Карактеристично за јазикот на штрумпфовите е зачестената употреба на зборот штрумпф и зборови изведени од него, со различно значење. Штрумпфовите заменуваат доволно именки и глаголи во секојдневниот говор со “штрумпф”, како би го направиле нивните разговори одвај разбирливи: “Ќе одиме да штрумпфуваме на реката Штрумпф.” Кога го употребуваат како глагол, зборот “штрумпф” обично значи “прави”, “глаголот сум”, “допаѓа” или “направи”.

Луѓето мислеле дека замената на обичните зборови со терминот “штрумпф” по случаен избор не е доволно. Во една авантура, Пјуит им објаснува на другите дека исказот “Штрумпфувам до штрумпфот” значи “Одам во шумата”, но еден од штрумпфовите го поправа, велејќи дека правилниот исказ би бил “Штрумпфувам во штрумпфот”, додека тоа што Пјуит го кажал значело “Чрчорам во зората”. Така, “Штрумпфувам во штрумпфот” не е исто со “Штрумпфувам во штрумпфот”[5].

Во анимираните серии, само некои зборови (или дел од зборот) се заменети со зборот “штрумпф”. Контекстот овозможува сигурно разбирање на овој начин на зборување, но вообичаениот жаргон ја опфаќа и напомената дека нешто е “баш штрумпфно” или “штрумпфастично”.

Во Зелениот штрумпф и штрумпфот зелен[6], (на англ. Штрумпф против Штрумпф, Smurf Versus Smurf) издаден во Белгија во 1972 година, било откриено дека селото е поделено на север и југ, и дека штрумпфовите од двете страни имаат различни идеи за тоа како терминот “штрумпф” треба да се употребува: на пример, северните штрумпфови го нарекувале некој предмет “шише штрумпфорач”, додека јужните штрумпфови го викале “штрумпф отворач”. Приказната се смета за пародија на сè уште актуелната јазична војна (taalstrijd) помеѓу француските и холандските јазични заедници во Белгија[7][8].

Селото[уреди | уреди извор]

Куќа на штрумпф во забавен парк во Анкара

Кога за првпат се појавиле во 1958 година, штрумпфовите живееле во дел од светот наречен “Проклетата Земја”[9]. За да се стигне до таму била потребна магија или патување низ густи шуми, длабоки мочуришта, жешки пустини и високи планински вериги. Самите штрумпфови користат штркови за патувања на долги растојанија, како што е кралството каде што живеат Јохан и Пирлуи, и да останат во тек со настаните во надворешниот свет.

Во приказните за Јохан и Пирлуи, селата на штрумпфовите се направени од куќи во вид на печурки во различни форми и големини во пусти и карпести земјишта со само неколку дрва. Меѓутоа, во филмови Штрумпфови печуркастите куќи се послични една на друга и се наоѓаат во една чистинка во густа шума со трева, река и вегетација. Луѓето како Гаргамел се прикажани дека живеат во близина, иако е речиси невозможно за странец да го пронајде селотото на штрумпфовите, освен ако дотаму не го однесе некој штрумпф.

Заедницата[уреди | уреди извор]

Заедницата на штрумпфовите е облик на соработка, споделувачка и пријателска средина врз основа на принципот дека секој штрумпф е добар за нешто, а со тоа придонесува за штрумпф општеството како што знае и умее. За возврат, секој штрумпф го добива потребното, од живеалишта и облека до храна без потреба од пари за возврат.

Влијанието на штрумпфовите[уреди | уреди извор]

Штрумпфовите имале големо влијание на децата кои растеле во 80-тите години на минатиот век[10] најмногу поради истоимената популарна телевизиска анимирана серија. Во 1998 година, писателот Марк Шмид напишал пародична статија наведувајќи ги Штрумпфовите како пример за влијанието на социјализмот во континенталната европска култура[11][12]. Францускиот социолог Антоан Буено, во книга од 2011 година ги опишал како тотална расистичка утопија[13]. Директорот на студиото Пејо, Тјери Килифор, синот на Пејо, ги отфрлил обвинувањата на Буено како “апсурдни и безначајни”.

50-годишнината од постоењето на Штрумпфови и 80-годишнината од раѓањето на нивниот создавач Пејо, биле одбележани со издавање на колекционерски монети со висока вредност: белгиската комеморативна монета од 5 евра по повод 50-годишнината од Штрумпфовите, искована во 2008 година.

Во 2011 година, излезе филм по име Штрумпфови.

Телевизиски серии[уреди | уреди извор]

Штрумпфови (1981 ТВ серија)[уреди | уреди извор]

Штрумовите си го обезбедиле своето место во северноамериканската поп култура во 1981 година, кога цртаната серија Штрумпфови, во продукција на Хана и Барбера, се емитувала на NBC од 1981 до 25 август 1990 година. Шоуто продолжило да се емитува на американската мрежа до 1993 година, по што следувала и на Cartoon Network до 2003 година. Штрумпфовите сѐ уште се емитуваат на станицата Бумеранг низ Соединетите Американски Држави. Шоуто постигнало голем успех со неочекуван профит, речиси секоја година. Штрумпфовите биле номинирани неколкупати за Еми, и добиле награда за Најдобра детска забавна серија во периодот од 1982-1983 година. Во сериите, како музика во позадина се слушаат многу класични музички ремек дела меѓу кои Недовршена симфонија на Франц Шуберт (Симфонија бр. 8 во б-мол), Пер Гинт на Едвард Григ и Слики на изложба од Модест Мусоргски.

Репризи од шоуто се прикажувале на сестринскиот канал на Cartoon Network , Бумеранг.

Телевизиското шоу Штрумпфови имало континуиран успех сѐ до 1990 година, кога, по речиси цела успешна деценија, NBC го откажале заради намалување на гледаноста.

На 31 август 2017, IMPS и Dupuis Audiovisuel објавиле дека ќе работат на нов ТВ серијал Штрумпфови, со CGI анимација.[14][15][16]

Филмови[уреди | уреди извор]

Во 1965 година, црнобел 87-минутен анимиран филм наречен Авантурите на Штрумпфовите бил издаден во кината во Белгија. Се состоел од пет кратки цртани филмови. Познато е дека постојат германски копии и копии со холандски преводи. Приказните се засновани врз веќе постоечките приказни за штрумпфовите како Црните штрумпфови и Штрумпфовите и јајцето, а ги создале писателот Морис Рози и уметникот Еди Рајзак од малото студио Дипуи[17]. Вкупно создале десет анимирани краткометражни филмови помеѓу 1961 и 1967 година, првите серии во црнобела техника, а подоцнежните во боја.

Во 1976 година, била издаден филмот Флејтата на шесте штрумпфови (адаптација на оригиналната приказна за “Јохан и Пирлуи”) . Мишел Легранд обезбедил музички запис за филмот. Во 1983 година филмот ќе биде издаден во Соединетите Американски Држави (по популарноста на анимираните серии таму) во синхронизирана верзија на англиски јазик, под наслов Штрумпфовите и магичната флејта. Уште неколку долгометражни филмови биле направени, од кои најзабележителни биле Бебето штрумпф и Еве ги штрумпфовите[18], создадени од епизоди на цртаната телевизиска серија на Хана и Барбера.

Филмското студио Сони (Sony Pictures) најавил трилогија филмови за Штрумпфови, со издавање на првиот филм на 29 јули, 2011 година. Анимираниот филм Штрумпфови: изгубеното село, излегол на 7 аплил 2017.[19]

ДВД изданија[уреди | уреди извор]

На 26 февруари 2008 година, Ворнер Брос ја издава Сезона 1 дел 1 на ДВД, која ги содржи првите 19 епизоди. На 7 октомври 2008 година, Ворнер Брос ја издава Сезона 1 Дел 2 на ДВД, која ги содржи преостанатите 20 епизоди од првата сезона. Иако Ворнер Брос одлучиле да го прекинат збирот сезони и наместо тоа, да ги издадат деловите на еден диск, но наводно тие сѐ уште го следат правилниот редослед на епизоди.

Магна Хоум Ентертеинмент во Австралија издале колекција од 9 дискови по повод 50-годишнината, што содржи вкупно 52 епизоди. Во септември 2009 година, била достапна колекција на тема Штрумпфета со 25 епизоди, по што следувала и Веле Штрумпф Колекција во декември 2009 година со 26 тематски епизоди. Во јули 2010 година, и двете колекции на Штрумпфета и Веле Штрумпф биле вклучени во специјална “Колекција на Миленици”. Исто така, истовремено бил издаден и првиот игран филм на Штрумпфовите (издаден во 1975 година), Штрумпфовите и магичната флејта, за првпат достапен на ДВД во Австралија.[20]

На 3 ноември 2010 година, биле издадени две колекции “Баш штрумпфно”, двете со епизоди кои сѐ уште не биле издадени на ДВД на австралискиот пазар. На 3 декември 2010 година на пазарот излегла и третата колекција. Четврта колекција била планирана за 2 март 2011 година.

Реклами[уреди | уреди извор]

Бенко Инстант Чоко е популарен холандски чоколаден пијалак. Маскотата на компанијата е Бенко шишенце со лице, раце и нозе. Низа на реклами во форма на стрип од една страна биле објавени во стрипови во Европа со Бенко кој живеел со штрумпфовите и го користел својот чоколаден пијалак со цел да ги реши нивните проблеми; како што е спречувањето на штрумпфот Текнувало да им држи предавања на другите штрумпфови, будење на штрумпфот Мрзливко од длабок сон или награда за напорната работа. Целата авантура објавувана во текот на цела недела ги донела до соочување со една од злобните интриги на Гаргамел. Овие приказни биле објавени во Спиру (оригиналниот стрип на Штрумпфовите) и конкурентските изданија како Дневникот на Мики (според Светот на Мики Маус и Пајо Паторот на Волт Дизни). Исто така, била направена и ТВ реклама.

Компанијата БП ги користела штрумпфовите во низа реклами во 70-те и 80-те.

Штрумпфовите ги имало на два вида житарки во 80-те. Штрумпф тестенини биле создадени од готвачот Бујарде (конзервирани спремни за јадење) ДелВерде (спремни за готвење и јадење) исто така произведени во 80-те.

Забавни паркови[уреди | уреди извор]

Околу 1984 година, штрумпфовите започнале да се појавуваат во забавните паркови во Северна Америка во сопственост на компанијата Кинг Ентертеинмент (KECO). Во секој парк имало штрумпфовска атракција и ликови на штрумпфови што се движеле наоколу. Во 1989 година, во францускиот регион Лорена, групацијата Сорепарк отворила комплетен Штрумпфпарк, наречен Биг Бенг Штрумпф. Во 1991 година, паркот го купила успешната белгиска групација Валиби и го прекрстила во Валиби Штрумпф со нови атркации.

Неколку години, канадскиот Вондерленд имал комплетно Штрумпф село за шетање, завршувајќи со замокот на Гаргамел.

Каровиндс на Парамаунт имал вештачки остров кој, неколку години за време на 80-те и 90-те, бил наречен Штрумпф остров и имал комплетно Штрумпф село – вклучувајќи печуркасти куќи во кои можело да се влегува.Во 2020 забавен парк ќе биде отворен во Лида, во Каталонија[21] а во Шпанија, повеќе години како атракција постоело шпанското село Јуцар, на Коста дел Солa кое привлекувало туристи благодарение на Штрумпфовите[22].

Видео игри[уреди | уреди извор]

Штрумпфовите се појавуваат во видео игри направени за повеќето големи конзоли за игри (вклучувајќи ги Нинтендо НЕС, Супер НЕС, и Гејм Бој системите, Атари, КолекоВижн, Сега Гејм Геар, Мастер Систем, Мега Драјв и Мега ЦД Системите, и оригиналните Сони Плејстејшн) и за компјутери. Во 2010 година, Штрумпфовите се прошириле во светот на апликации за Андроид, iPad, iPhone и iPod на допир со играта Штрумпф село.

Наслови:[уреди | уреди извор]

  • Штрумпф: Спасување од замокот на Гаргамел[23]
  • Штрумпф Играј и учи[24]
  • Штрумпфовите ја спасуваат ситуацијата[25]
  • Штрумпф Сликај и играј работилница[26]
  • Штрумпфов летен одмор[27]
  • Роденден на Штрумпфета[28]
  • Штрумпфови (Инфогрејмс) (1994)
  • Штрумпфови 2: Патување низ светот (1996)
  • Штрумпфови 3 (1997)
  • Кошмарот на Штрумпфовите (1998)
  • Штрумпфови (Плејстејшн) (1999)
  • Авантурите на Штрумпфовите (2000)
  • Штрумпф тркач! (2001 година)
  • Одмаздата на Штрумпфовите (2002 година)
  • Селото на Штрумпфовите (2010 година)
  • Игранката на Штрумпфовите (2011 година)
  • Штрумпфови ДС (2011 година)
  • Грабнувачот на Штрумпфови (2011 година)
  • Штрумпфови и Ко (Фејсбук) (2011 година)

УНИЦЕФ[уреди | уреди извор]

Во 2005 година, реклама со штрумпфовите била емитувана во Белгија во која селото на штрумпфовите е уништено од воени авиони[29]. Оваа УНИЦЕФ реклама, направена со одобрување на семејството на починатиот творец на штрумпфовите, Пејо, била прикажана на националната телевизија по 9 часот навечер, за да не ја гледаат децата туку само возрасните. Таа помогнала во кампањата за собирање на средства на белгискиот огранок на УНИЦЕФ за рехабилитацијата на децата на поранешни војници во Бурунди и Демократската Република Конго – двете поранешни белгиски колонии.

Во чест на нивната 50-годишнина во 2008 година, Штрумпфови започнале едногодишна “Среќен штрумпфден европска турнеја” поврзана со УНИЦЕФ. Штрумпфовите посетиле 15 европски земји на денот на нивниот 50-ти штрумпфден во вид на јавно делење на бели украсни статуетки. Добитниците можеле да ги декорираат и да ги пратат на натпревар. Резултатите од овој натпревар биле понудени на аукција и собрале вкупна сума од 124,700 евра за потребите на УНИЦЕФ.[30]

Преводи[уреди | уреди извор]

И стриповите и цртаните филмови се преведени на многу јазици. Во повеќето случаи, оригиналното име “Schtroumpf” било заменето со нов термин. Најчести се варијантите “Smurf”, додека другите имиња го назначуваат нивниот џуџест изглед.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Schtroumpf alors!“. originedesmots.blogspot.mk. Посетено на 2017-10-04.
  2. 2,0 2,1 „Johan et Pirlouit #9 - La Flûte à Six Trous (Issue)“. Comic Vine (англиски). Посетено на 2017-10-04.
  3. „Smurfs preparing big 50th birthday celebrations“. The China Post. Agence France-Presse. January 16, 2008. Посетено на 2008-10-20.
  4. „Smurfs (Team) - Comic Vine“. Comic Vine (англиски). Посетено на 2017-10-04.
  5. Le Sortilège de Maltrochu (French for "Maltrochu's Spell"), written and drawn by Peyo, published in 1967
  6. „Les Schtroumpfs, tome 9 : Schtroumpf Vert et Vert Schtroumpf - Babelio“. www.babelio.com. Посетено на 2017-10-04.
  7. „Les Flamands et les Wallons - Problèmes communautaires en Belgique“. www.histoire-des-belges.be (француски). Посетено на 2017-10-04.
  8. „CBC News: Reports from abroad, Nov 2007“. Cbc.ca. November 6, 2007. Посетено на 2009-05-07.
  9. La Flûte à six Schtroumpfs (1958) и Le Pays maudit (1961), напишани и нацртани од Пејо
  10. „97, The Smurfs“. IGN. January 23, 2009. Архивирано од изворникот на 2009-01-19. Посетено на 2009-01-23.
  11. „Smurfs: Metaphor for Socialism?“. Koreatimes.co.kr. Посетено на 2012-02-10.
  12. Schmidt, Marc (1998). „Socio-Political Themes in The Smurfs“. Архивирано од изворникот на 2017-06-10. Посетено на 2017-10-04.
  13. Flood, Alison (2011-06-06). „Smurfs accused of antisemitism and racism“. The Guardian (англиски). ISSN 0261-3077. Посетено на 2017-10-04.
  14. „New SMURFS TV Series In Development“. Newsarama. August 31, 2017. Посетено на September 22, 2017.
  15. „IMPS & Dupuis Plan New 'Smurfs' Series“. Animation Magazine. August 31, 2017. Посетено на September 22, 2017.
  16. http://www.c21media.net/smurfs-to-return-to-tv/
  17. „Koninklijk Belgisch Filmarchief“ (холандски). Koninklijk Belgisch Filmarchief. Архивирано од изворникот на May 10, 2007. Посетено на 2008-01-16.
  18. IMDb entry for The Baby Smurf, IMDb entry for Here are the Smurfs
  19. Flores, Terry (June 14, 2015). „Demi Lovato, Rainn Wilson, Mandy Patinkin Join 'Get Smurfy' Voice Cast“. Variety. Посетено на July 25, 2015.
  20. The Smurfs and the Magic Flute, Magna Home Entertainment
  21. NacióLleida. „El parc temàtic dels Barrufets serà una realitat a les Basses“ (каталонски). Посетено на 2017-10-04.
  22. „Шпанско „штрумпф" село ќе плаќа за авторски права“. http://novamakedonija.com.mk. Посетено на 2017-10-04. Надворешна врска во |work= (help)[мртва врска]
  23. Smurf: Rescue in Gargamel's Castle (1982)
  24. Smurf Play & Learn (1982)
  25. The Smurfs Save The Day (1983)
  26. Smurf Paint 'n' Play Workshop (1983)
  27. A Smurfin' Summer Holiday (1987)
  28. Smurfette's Birthday (создадена за Атари 2600 и Интелвижн, но никогаш не била издадена)
  29. „Did UNICEF bomb the Smurf Village?“. bluebuddies.com. Посетено на 2014-09-13.
  30. „Charity auction of 15 celebrity Smurfs on 50th anniversary“. 3news.co.nz. Associated Press. October 25, 2008. Архивирано од изворникот на 2012-01-12. Посетено на 2010-11-23.