Фудбалски клуб Железничар е фудбалски клуб од Сараево, Босна и Херцеговина и еден од најголемите и најуспешните клубови во земјата. Името Железничар значи "железнички работник", а клубот го носи ова име токму порад фактот дека бил основан од страна на група на железнички работници. Во Босна, клубот традиционално е познат по производството на талентирани играчи, наместо нивно купување. Клубот обично се потпира на продажба на своите најталентирани играчи на крајот на секоја сезона[2] за да преживее финансиски.
Во времето на поранешна Југославија, ФК Железничар биле шампиони еднаш во сезоната 1971-1972, квалификувајќи се за Европскиот куп во 1972-1973 сезоната, каде што биле елиминирани во првата рунда. Клубот исто така завршил како вицешампион еднаш во лигата, и бил финалист во Купот на Југославија во сезоната 1980-1981. Во Европа, клубот е најпознат по достигнувањето до полуфиналето на Купот на УЕФА за време на сезоната 1984-1985 и четвртфиналето во сезоната 1971-1972.
Железничар е првиот босански клуб кој успеал да стигне до полуфиналето на Купот на УЕФА и еден од ретките тимови од Југославија кои некогаш успеале да го сторат тоа. Железничар е исто така најуспешниот фудбалски тим во денешна Босна и Херцеговина, со освоени 6 првенства на Босна и Херцеговина, 5 купа и 3 суперкупа. Клубот никогаш не успеал да се квалификува за Лигата на шампионите (во ерата пост Европскиот куп), а како најдобар резултат на клубот би можело да се истакне достигнувањето до третото (последно) квалификациско коло во сезоната 2002-2003, во кое загубиле од Њукасл Јунајтед со вкупен резултат 0-5. Според списокот на IFFHS од Топ 200 европски клубови на 20-от век, организација призната од страна на ФИФА, Железничар е највисоко рангираниот босански клуб, на делба на 110-тотот место на листата заедно со АЗ Алкмар и Виторија Сетубал.[3]