Тајната на кнегинката де Кадињан
Тајната на кнегинката де Кадињан (француски: Les secrets de la princesse de Cadignan) е роман на францускиот писател Оноре де Балзак. Романот, напишан во јуни 1839 година, е посветен на Теофил Готје.
Содржина
[уреди | уреди извор]По Јулската револуција од 1830 година, кнегинката Дијана де Кадињан (чие вистинско име било војвоткињата де Мофрињез) го изгубила своето богатство, а нејзиниот сопруг ја напуштил Франција, придружувајќи го пребеганиот крал. Така, таа се откажала од јавниот живот и продолжила да живее скромно, далеку од очите на јавноста, со една единствена грижа – да ја обезбеди иднината на својот син. Во минатото, оваа 36. годишна жена била најголемата атракција во високото општество, позната по бројните љубовни авантури и по способноста за трошење на своето и туѓото богатство.
Еден ден, во мај 1833 година, кнегинката и нејзината најдобра пријателка, маркизата д’Еспар (нејзината поранешна голема соперничка) разговараат за љубовта, за среќата и притоа, кнегинката се присетува на еден свој искрен обожавател, Мишел Кретјен, кој подоцна погинал во борбите меѓу републиканците и монархистите. Тогаш, госпоѓата д’Еспар ѝ предложува на Дијана да ја запознае со познатиот писател Даниел д’Артез кој му бил најдобар пријател на Мишел.
Осум дена подоцна, во домот на д’Еспар се одржува вечера на која се запознаваат Дијана и Даниел, кој ѝ раскажува колку многу ја сакал Мишел. По вечерата, Дијана се обложува со госпоѓата д’Еспар дека ќе ја придобие љубовта на Даниел д’Артез. И навистина, набргу тој започнува да ја посетува при што долго време тој ѝ раскажува за Мишел Кретјен и за себе. Еден ден, Дијана му ја раскажува својата животна приказна: нејзината мајка му била љубовница на нејзиниот сопруг, војводата де Мофрињез, кој тогаш бил многу постар од неа; за да остане во врска со војводата, мајка И ја омажила за него; кога младата Дијана созреала, таа ја открила врската меѓу мајка ѝ и војводата, па разочарана и во знак на одмазда, започанала да одржува врски со многу љубовници; најпосле, наспроти љубовниците и озборувањата, таа секогаш била несреќна жена, гладна за вистинска љубов.
Наивниот Даниел д’Артез воопшто не се сомнева дека Дијана ја измислила целата приказна и, потресен од нејзината „несреќна“ судбина, паѓа пред нејзините нозе, исполнет со чиста љубов кон неа. По таа средба, Дијана го наговара Даниел да ја посети маркизата д’Еспар, каде сите му се потсмеваат, а тој со жар ја брани честа на Дијана.[1]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Onore de Balzak, Tajne kneginje de Kadinjan - Feragus. Beograd: Bigz, 1975.