Татарска пустина
„Татарска пустина“ (италијански: Il deserto dei tartari) е роман од италијанскиот писател Дино Буцати, првобитно објавен во 1940 година.
Содржина
[уреди | уреди извор]Романот се состои од триесет глави и во него се раскажува за престојот на офицерот Џовани Дрого во пограничната тврдина „Бастијани“. Веднаш по унапредувањето во офицер, Дрого е распореден на служба во тврдината „Бастијани“ којашто се наоѓа далеку од неговиот град. Тврдината е сместена во пуст предел, опкружена со остри и сурови планински врвови, а на север од неа се простира пустината за која се верува дека во минатото била населена со Татари.
На патот до тврдината, Дрого го испраќа неговиот најдобар пријател Франческо Вескови, а Дрого е обземен со некое нејасно претчувство. По два дена јавање, тој пристигнува во тврдината, но таму е разочаран од нејзиниот изглед и веднаш бара да се врати назад во градот. Офицерот кој го прима му кажува дека е можно да се врати, ако обезбеди медицинска потврда дека има здравствени проблеми, така што Дрого прифаќа да остане во тврдината четири месеци. Сепак, по своето прво дежурство, Дрого е воодушевен од тврдината и сонува дека ќе стекне голема војничка слава, очекувајќи дека ќе се случи нешто важно. Затоа, по четири месеци, на 10 јануари, Дрого ја одбива понудата на лекарот да добие лажна медицинска белешка и решава да остане во тврдината. Така, постепено, совладан од монотониот живот во тврдината, Дрого се навикнува на војничкиот живот и постепено заборава на своето семејство и на пријателите, губејќи ја првичната желба да се врати во градот. Исто како и другите офицери, и тој живее во лажна надеж дека извршува многу важна задача и дека, секој момент, непријателот ќе ги нападне од северната пустина. Меѓутоа, деновите минуваат, а во тврдината не се случува ништо.
По две години од неговото пристигнување, Дрого сонува дека духови го носат на небо неговиот колега, офицерот Ангустина. Утредента, тој ја предводи стражата на новата тврдина и наеднаш забележува дека нешто се движи во далечината. Подоцна, се покажува дека тоа е некој избеган коњ. Кога стражата се враќа во тврдината, еден војник се искрадува со намера да го фати коњот, но кога доаѓа до тврдината, тој не ја знае лозинката за влез и ладнокрвно го убиваат. Набргу, стражарите забележуваат дека од пустината доаѓаат неколку колони непријателски војници и сите се возбудуваат, верувајќи дека ќе започне долгоочекуваната војна во која ќе можат да го покажат своето јунаштво. Меѓутоа, од градот пристигнува писмо дека војската на северното кралство е дојдена да ја обележи границата, така што возбудата веднаш исчезнува. Командантот на тврдината испраќа група војници во планините на кои треба да се обележи границата и таму умира од студ офицерот Ангустина.
Четири години подоцна, пролетта, Дрого се враќа дома на двомечесно отсуство. Таму, согледува дека животот си тече по вообичаениот тек, дека никому не му недостига, а и тој се одвикнал од градскиот живот. Тој попусто ги посетува старите пријатели и оди на здодевни забави, а и средбата со Марија, сестрата на неговиот најдобар другар Вескови, го остава рамнодушен. Неговата мајка му закажува средба кај командантот на дивизијата, на која Дрого бара да добие прекоманда во градот. Таму, тој дознава дека е планирано да се преполови персоналот на тврдината и дека неговите колеги веќе знаеле за тоа и поднеле молби за прекоманда. И навистина, кога се враќа во тврдината, дел од војската веќе си заминува, а Дрого со горчина открива дека цело време офицерите лажно ги подгревале приказните за непријателскиот напад од северната пустина.
Токму во моментот на заминувањето на дел од војската, еден офицер го известува Дрого дека забележал нешто во пустината на север. И навистина, војската на туѓинците започнува да гради пат низ пустината. Кај Дрого повторно се буди надежта, но туѓинците ги завршуваат работите дури по 15 години. Сепак, дури и тогаш, туѓата војска ја нема на видикот и во тврдината си продолжува вообичаениот живот. Дрого веќе има 54 години, добива чин мајор и станува помошник на новиот командант на тврдината. Неговото здравје се влошува и тој останува закован за постелата. Наеднаш, еден ден, во близина на тврдината се забележува туѓинската војска, а Дрого има само малку сила, доволна за да стане и да го погледне настанот којшто го очекува целиот свој живот. Во тврдината пристигнува засилување од градот, но Дрого е целосно немоќен и командантот на тврдината наредува да го пренесат во градот. Патем, неговата кочија пристигнува до една гостилница, каде што Дрого одлучува да преноќи. Ноќта, тој умира, без да дочека со свои очи да ја види војната за која сонувал целиот свој живот.[1]
За романот
[уреди | уреди извор]Романот „Татарска пустина“ е објавен во 1940 година и со него Буцати стекнал меѓународна слава. Така, само по две години, романот бил објавен во Германија, а набргу следело и француското издание, каде критиката (вклучувајќи ги и Албер Ками и Жан Пол Сартр) се изразила многу пофално за книгата. Оттога, романот доживеал стотина изданија на разни јазици. Романот се одликува со бавен, монотон стил, при што Буцати ја опишува приказната за еден недостижен идеал, за мрачните сили кои управуваат со животот, за човекот како жртва на времето и смртта како неговото крајно ослободување. Романот е напишан со ониричен стил, создаден од луцидни визии, од сенки, мистерии и митови, кои се универзални, вонвременски и секогаш актуелни.[2]
Самиот Буцати, во едно интервју, изјавил дека идејата за романот потекнала од „монотоната ноќна рутинска работа во редакцијата. Честопати имав впечаток дека таа монотонија е на добар пат неповратно да ми го истроши животот. Мислам дека кај најголемиот дел од луѓето се јавува тоа чувство, особено кога стануваат зависници од отчукувањето на часовникот... ми се чинеше дека ништо толку добро не може да го изрази бавното трошење на човечкиот живот во исчекувањето, како животот поминат во една тврдина на некоја далечна граница“.[1]
Изданија на македонски јазик
[уреди | уреди извор]Издание на „Ѓурѓа“ од 2007 година
[уреди | уреди извор]Книгата, издадена во склоп на библиотеката „Ризница“, има 256 страници, во мек повез, со обем од 20 страници. Преводот од италијански јазик го направил Радица Никодиновска (која е авторка и на предговорот), ликовното уредување го извршил Благоја Николоски-Кум, а јазичната редакција е дело на Студио „Ѓурѓа“. Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје, со меѓународна ознака ISBN 978-9989-920-92-9. Издавањето на книгата било финансиски поддржано од Министерството за култура на Македонија.[1]