Спомен-куќа на Васил Главинов
| Спомен-куќа на Васил Главинов | |
|---|---|
Општ изглед | |
| Општи податоци | |
| Статус | Отворен |
| Стил | Барокна форма |
| Класификација | Културно наследство во Општина Велес |
| Адреса | ул. „9 ноември“ бр. 28 |
| Град | Велес |
| Земја | Македонија |
| Завршена | XIX век |
Спомен-куќа на Васил Глвинов — спомен-куќа на Васил Главинов, познат во Македонската историографија како првиот пропагатор на социјализмот во Македонија.[1][2][3][4] Денес куќата е музеј посветен на неговиот живот и дело.
Куќата се смета за еден од најубавите белези на старатa велешка архитектура. На првиот кат од куќата се наоѓа чардакот кој од левата страна продолжува во гостинска одаја. Од десната страна на чардакот има две други простории. Гостинската одаја има врата со правилна форма. Прозорците се со хоризонтални и вертикални пречки, а завршуваат во барокна форма. На вториот кат се наоѓа чардак со неправилна форма.
Податоци
[уреди | уреди извор]Потекло
[уреди | уреди извор]
Архитектурата и градителството во Велес се застапени долги години наназад, меѓу кои најзначајна е карактеристичната велешка и староградска архитектура која има оставено најголем впечаток од периодот на македонската преродба, односно од средината на XIX и почетокот на XX век.
Густо населениот град кој се развивал на двата рида околу брегот на реката Вардар се одликувал со стилски воедначени куќи со свои специфични архитектонски и градителски белези. Како град на културата, во него живееле познати културни дејци чии куќи денес сведочат за архитектонските трагови и историјата на градот. Едни од поубавите куќи кои денес се градски обележја со назив на спомен куќи се куќата на Кочо Рацин, куќата на Јордан Хаџи Константинов Џинот и меѓу нив позната е и куќата на Васил Главинов.[5]
Куќата на Васил Главинов била изградена покрај крајот на XIX век или во почетокот на XX век за време на македонската преродба. Во 1968 година била откупена од македонската власт. Во 1969 година во чест на неговата четириесетгодишна смрт, куќата ја прогласиле како музеј посветена кон неговиот живот и творски дејства. Во 1972 година поради штетата од пожар, го затвориле музејот. После неколку години во 1979 година била целосно обновена и повторно отворена. Во 2009 година куќата паднала под склоп на велешкиот музеј.[6]
Местоположба
[уреди | уреди извор]Спомен-куќата на Васил Главинов во Велес е изградена на левата страна од брегот на реката Вардар. Сместена во ул. „9 ноември“ бр. 28 во непосредна близина на спомен-куќите на Јордан Хаџи Константинов Џинот и на Касапови, во месноста Долни Дуќани во стариот дел на градот.
Изложба
[уреди | уреди извор]Денес во просториите на куќата се поставени фотографии од животот и делото на Васил Главинов, како и предмети поврзани со него. Преку многубројни, документа, уводни текстови и легенди, дадени се најважните момента од социјалистичката и пропагаторска дејност на Васил Главинов, со посебно нагласување и на поважните момента од социјалистичко-работничкото движење во Македонија. Материјалот е групиран во 13 теми, за секоја тема има текст што давало резиме на изложениот материјал. Во самиот почеток се изложени фотографии од Васил Главинов, од неговиот мајчин град за време на XIX век, како и одделни но поважни цитати. После тоа е прикажана слика од учителот на Главинов — Јордан Хаџи Константинов Џинот. Заедно со портретот на Џинот содржи биографски податоци за двајцата револуционери.[7]
Подоцна се прикажани слики од првото читалиште на Главинов формирано во 1894 година во Велес со 60 членови.[8] Во врска со овие чекори се изведени фотографии од писмото на Главинов до Бакалов во 1895 година, известувајќи го за формирањето на Македонската социјалистичка група. Потоа прикажани се слики од работилницата на Васил Главинов сместена во булеварот „Марија Луиза“, Софија. Заедно со тоа се слики од весниците издадени од групата како „Револуција“ и „Политичка слобода“ и важни цитати од весниците. Блиску до весниците прикажано е програмата и манифестото на Македонската социјалистичка група. До тоа прикажано е слика на црвено знаме со написот „Ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци“ во една страна и написот „Македонија на Македонците“ во другата страна. Главниот дизајнер на знамето била Роза Попова, прв пат било веено знамето за време на првомајските прослави во Софија, 1898 година.[9][10][7]
После тоа се специјални прогласи од Главинов за првомајските прослави во 1896 и 1897 година заедно со некои од неговите социјалистички брошури. Содржи портрети од иницијаторите на социјалистичкиот конгрес одржавен во 1900 година во Крушево — Никола Карев, Веле Марков, Никола Русински, Лазар Главинов заедно со мислите на Димо Хаџи Димов и заклучоците од конресот. Слики од Илинденското востание и формирањето на Крушевската Република заедно со Крушевското манифесто. После тоа се прикажани слики од социјалистичките штрајкови меѓу 1900 и 1907 година заедно со истакнати претставници од Младотурската револуција. Слики од основачкиот конгрес на Солунската социјал-демократска организација и на Скопската социјал-демократска организација заедно со портрети од основачите — М. Цоков, И. Плавев, Д. Цекиќ и С. Дивлев.[7]
Партиски книшки заедно со насловната страница на првиот број на весникот „Социјалистичка Зора“ се исто така прикажани, заедно со портрет од уредникот на весникот Петре Георгиев, фотографии од првомајските манифестации во Скопје. Потоа се прикажани документи за иницијатива на формирање едиствена социјал-демократска организација која била формирана во суштина во 1910 година со конгресот во Солун, прикажан е список на претставниците во конгресот но само еден има портрет — социјалистот Алексо Мартулков. Последната тема во изложбата е слики и податоци за првата балканска социјалдемокраска конференција одржана во Белград со слики од претставниците од Македонија. Говорот на Д. Цоков при конференцијата и нејзината резолуција. Изложбата завршува со портрети од Васил Главинов и текст за неговата важност во македонската историја, особено во раното социјалистичко движење.[7]
Архитектура
[уреди | уреди извор]Куќата се наоѓа на аголот од две улици и е дел од старото градско тикво на Велес. Во куќата се пристапува од долната улица преку дрвена двокрилна порта потигната на две скали во малиот двор. Во дворот има чешма и тоалет, и преку него се пристапува во потонот.[5]
Куќата се состои од подрум, приземје и кат групирани во неправилна форма прилагодена спонтано да го одсликува градското јадро и начинот на градителската концепција, согласно стрмниот терен, густата и ситна структура и форма на парцелата. Преку неколку еднокраки скали се пристапува до приземјето кое се состои од две одаи и работилница и отворен трем во една неправилна форма присопособена на соседите и парцелата. Преку тремот низ дрвени скали се качува на катот кој се состои од еден убав чардак насочен кон погледите на реката и другиот брег од градот, а преку него се пристапува до кујната, и две одаи. Овде се наоѓа и најрепрезентативната одаја во куќата која освен со големи прозорски отвори се карактеризира и со голем балкон или чардак.[5]
Чардаците постепено по катовите се испуштаат од габаритот на куќата и се насочуваат кон улицата и околината. Структурата на овие еркерно испуштени простори го дава вистинскиот дух по кој се карактеризираат овие типологии на куќи.[5]
Градени со примена на локалните градежни материјали во комбинирани системи на камени ѕидови и лесна дрвена конструкција, потонот е изграден од камен, а приземјето и катот од бондручна конструкција чија бела фасада доминира со убаво обликуваните прозорци и нивните дрвени опшиви. Покривот е изведен од дрвена конструкција и покриен со ќерамиди. Преку специфичноста и значењето на историското наследство на традиционалната велешка куќа, оваа куќа на Васил Главинов е прогласена за културен споменик и спомен-музеј за животот и делото на Главинов.[5]
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| „Спомен-куќа на Васил Главинов“ на Ризницата ? |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Ивановски, Орде (1970). Балканските социјалисти и македонското прашање, од 90-тите години на XIX век до создавењето на третата интернационала. Култура. стр. 19.
- ↑ Зографски, Данчо (1990). За македонското прашање. Мисла. стр. 435. ISBN 9788615001636.
- ↑ Стојановски, Александар (2003). Историја на македонскиот народ. Институт за национална историја. стр. 167.
- ↑ Константинов, Душко (1971). Даме Груев 1871-1971. Генијален револуционер, идеолог и организатор на македноскиот народ. Друштво за проучување на Илинденските настани "2. август 1903". стр. 52–53.
- 1 2 3 4 5 Крстевска, Моника (12 октомври 2016). „Спомен куќа на Васил Главинов – Велес / крај на 19 век“. Македонска архитектура.
- ↑ А1 (19 март 2014). „Oдбележани 145 години од раѓањето и 85 години од смртта на Васил Главинов“. А1on.mk. Архивирано од изворникот на 2015-02-17. Посетено на 2025-05-11.
- 1 2 3 4 А., Ј. (1969). Изложба за Басил Главинов во Титов Велес (PDF). ЗИРМ. стр. 248–249.
- ↑ Влахов, Димитар (1970). Мемоари. Заедница за издавачка дејност при НИП "Нова Македонија". стр. 161.
- ↑ Станковиќ, Далибор (1 мај 2023). „Кога Македонците за првпат го одбележаа 1 Мај“. Нова Македонија.
- ↑ Станковиќ, Далибор (2020). Социјалистите во Македонското револуционерно движење (1893-1912) (PDF). УКИМ. стр. 55–56.