Прејди на содржината

Смртта на господинот Лазареску

Од Википедија — слободната енциклопедија

Смртта на господинот Лазареску (романски: Moartea domnului Lăzărescu) - романски филм од 2005 година, во режија на Кристи Пују (Cristi Puiu), кој е автор и на сценариото (засновано врз вистинит настан), заедно со Разван Радулеску (Razvan Radulescu). Во филмот настапуваат: Јон Фискутеану, Дору Ана, Моника Барладеану, Мими Бранеску, Драгош Букур, Дана Догару, Доријан Богута, Адријан Тициени, Клара Вода итн.[1] „Смртта на господинот Лазареску“ е првиот филм од планираниот серијал со наслов „Шест приказни од предградијата на Букурешт“. Притоа, филмот бил награден на Канскиот филмски фестивал, а бил номиниран и за Европските филмски награди во две категории. Вкупно, филмот освоил 24 награди и имал уште 19 номинации. Исто така, тој се смета за најважно остварување на новиот романски филм. Во најголем дел, филмот е снимен со камерата на раце, без музика и со изразен псевдодокументаристички стил.[2] [3]

Кристи Пуиу

Синопсис

[уреди | уреди извор]

Филмот ја прикажува агонијата на еден човек на ворзаст од речиси 63 години, кој чувствува силна главоболка, проследена со болка во стомакот и со повраќање. Поради тоа, Лазареску повикува брза помош коај го носи во една болница. Таму го прегледува дежурниот лекар, кој го упатува пациентот во друга болница. По извршеното снимање, лекарите утврдуваат дека пациентот страда од хематом во главата, но и од карцином на црниот дроб. Бидејќи болницата нема слободна оперативна сала, тој е упатен во друга болница, каде дежурниот лекар бара од него да потпише документ со која ги прифаќа ризиците од операцијата. Сепак, Лазареску е целосно исцрпен и не може да потпише, поради што лекарот одбива да го оперира. Најпосле, тој е одведен во трета болница, каде го подготвуваат за итна операција.[4]