Роберт Бојл

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Роберт Бојл

Роберт Бојл (25 јануари 1627 во Вотерфорд во Ирска - 30 декември 1691 во Лондон, Англија)[1] бил физичар и хемичар, наречен “татко на хемијата”, познат по Бојл-Мариотов закон и хидростатичкиот парадокс. “ Би бил среќен кога светот би мислел дека само сум читал книги за природата и ништо друго” позната мисла на Бојл.[1]

Биографија[уреди | уреди извор]

Роберт Бојл бил познат како “ татко на хемијата”, ги отфрлил старите алхемичарски идеи и ги дефинирал елементите. Со помош на Роберт Хук, тој спровел сеопфатно истражување на вакуумот, како и на врските меѓу притисокот и зафатнината кај гасовите. Бојл бил роден во 1627г. во замокот Лисмор, во ирскиот округ Вотерфорд. Бил седми син и четиринаесетто дете на Ричард Бојл, кој станал голем ерл од Корк во 1602г., кога го купил Лисмор од авантуристот сер Волтер Релиј ( тогаш во затвор). Бојл бил сведок како татко му ги венчавал децата главно заради финансиска корист или општествен статус, па веројатно поради тоа го замразил бракот. Како осумгодишно момче бил пратен во Итон, познато англиско приватно училиште. Тој ја сакал академската работа, но го презирал задолжителното физичко воспитание. Четири години подоцна Бојл и брат му Френсис ги зел учителот Французин во обиколка на Европа. Тие завршиле во Италија, каде што во Фиренца ја поминале зимата 1641-1642г. Кога во 1642г во Италија починал Галилеј, реакцијата на јавноста го навела на Бојл да се заинтересира за истите идеи.[1]

Сиромаштија[уреди | уреди извор]

По враќањето во Англија во 1644г., Бојл ја затекнал земјата зафатена со граѓанска војна. Татко му починал, а тој останал без скршена пара бидејќи немал повеќе приходи од имотот во Ирска. Прво се населил во Столбриџ, во Дорсет, но заминал во Лондон да ја посети омилената сестра Катарина. Одушевен од науката, “ новата филозофија”, Бојл во куќата на Катарина запознал група истомисленици што себеси се нарекувале “невидлив колеџ”. Меѓу нив биле Џон Вилкинс, хроничарот Џон Ивлин, Роберт Хук и Вилијам Пети пронаоѓачот на катамаранот. Тие се собирале на колеџот Грешам во Лондон, а подоцна и во кабинетот на Бојл во Оксфорд, на безбедна оддалеченост од Оливер Кромвел, суров владетел на Англија и противник на науката. Идеите ги разменувале во писма или преку коментари на маргините на прочитаните книги. Во 1652г. Бојл ја посетил Ирска, во тоа време растргната од бунт и со помош на Вилијам Пети ги довел во ред своите имоти, што значело дека парите повторно почнале да пристигаат. Потоа до крајот на животот бил имотен.[1]

Заедничка научна работа[уреди | уреди извор]

Во 1654г. Бојл го зел за помошник Роберт Хук, и иако Хук бил од многу понизок општествен сталеж, било очигледно дека заедно работеле како рамноправни научници. Бојл имал многу идеи, а Хук бил вистинската личност што можела да ги спроведе во дело. Тие го проучувале вакуумот на Торичели, а можеби токму тие откриле дека висината на столбот со жива на Торичели зависи од времето, на тој начин пронаоѓајќи го барометарот. Кога Хук ја конструирал воздушната пумпа, што постојано ја користеле и демонстрирале, таа набрзо станала позната како “mashina Boyleana”. Две години по смртта на Кромвел во 1658г., Чарлс II се вратил од прогонство и бил крунисан за крал, а занимавањето со науката било повторно дозволено. Во истата година “ невидливиот колеџ” се преобразил во Кралско друштво во Лондон за промовирање на природното знаење. Бојл бил еден од основачите.[1]

Бојлов закон[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Бојл-Мариотов закон.

Во 1661г. Бојл добил писмо од Ричард Таунли, астроном и прв англичанец кој систематично го мерел количеството врнежи. Тој и неговиот лекар Хенри Пауел на 27 април се искачувале на ридот Пенд, висок 557м, во Ланкашир, со барометри во рацете. Тие откриле дека воздушниот притисок на врвот на ридот бил понизок отколку во подножјето, а дека заробениот воздух имал поголема зафатнина кога притисокот е понизок. Бидејќи Хук ги проверил тие тврдења, во 1662г. Бојл ги објавил резултатите, а истото го направил и Пауер во 1663г. Иако Бојл оваа работа ја нарекол “ Претпоставка на господин Таунли” и рекол дека Хук се проверил, трудот бил познат како Бојлов закон. Во Европа истото откритие му се припишува на Едме Мариот, но тој го објавил дури во 1676 година. Благодарение на големиот приход од ирските имоти, Бојл можел да се посвети на научната работа, да објавува книги и да плаќа помошници, но останал скромен. Ја одбил благородничката титула и понуда да стане бискуп, како и именувањето за претседател на Кралското друштво.[1] “ Постои еластичност, или еластична сила, во воздухот во кој ние живееме.” Роберт Бојл, од “ Нови огледи од физика и механика”. 1660г.[1]

Временска одредница[уреди | уреди извор]

  • 25 јануари 1627г Роберт Бојл бил роден во замокот Лисмор, во округот Вотерфорд на јужниот брег на Ирска. Тој бил четиринаесетто дете и седми син на првиот ерл од Корк
  • 1635г. Го пратиле во Итон, приватно училиште во близина на Винздор.
  • 1639г. Патува низ Европа со братот Френсис ( кој се оженил пред самото патување) и со учителот Французин. Тие заминале за Франција, потоа за Женева, а на крајот престојуваат во Италија.
  • 1641г. Зимата ја поминуваат во Фиренца, каде што наредната година умрел остарениот Галилеј. Бојл бил инспириран од интересирањето на јавноста, па ги чита трудовите на Галилеј и продолжува по неговите стапки.
  • 1644г. Се вратил во Англија и почнал да работи на “ новата филозофија”, т.е. на идеите на експерименталната наука што ги заговарал Френсис Бејкон пред 20 години. Тој станал еден од водечките претставници на науката што почивала на набљудување и факти, а не на претпоставки.
  • 1652г. Со Вилијам Пети заминал во Ирска, во која беснеел бунт, за да ги доведе во ред имотите што ги имал таму. Потоа тој имал постојани приходи.
  • 1654г. Се преселил во Оксфорд и изнајмил стан. Денес во таа зграда е истакната спомен-плоча. Го вработил Роберт Хук како помошник.
  • 1659г. Бојл и Хук ја конструирале воздушната пумпа според примерот на Ото фон Герике. Таа се употребувала во низа експерименти, докажувајќи дека воздухот е неопходен за пренесување на звукот, за одржување на пламенот и за животот воопшто.
  • 1660г. Ги објавил резултатите од огледите со воздушната пумпа: Нови огледи од физика и математика, елестичност на воздухот и неговото влијание. Трудот наидува на осуда од англскиот научник Францикус Линус. Била водена жестока филозофска расправа за природата на вакуумот.
  • 1661г. Ја објавил книгата Скептичен хемичар, обид да воведе научни идеи во алхемијата, но и основи на хемијата каква што денес ја познаваме.
  • 1662г. Во второто издание на Нови огледи од физика и механика, Бојл го објавил Бојловиот закон, иако не полагал право на него. Кралското друштво било официјално основано, а Бојл бил еден од основачите.
  • 1668г. Тој се преселил во Лондон кај омилената сестра Катарина, која била 14 години постара од него. Никогаш не се оженил, ниту е познато дека имал сериозна врска.
  • 1669г. Ја објавил Paradoxa hidrostatica novis experimentis, во која ги опишал хидростатичките парадокси.
  • 1691г. Катерина починала на 24 декември, а Роберт Бојл 30 декември истата година.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Користена литература: Општа наука (Енциклопедија за секое семејство и дом) – Младинска книга Скопје, главен уредник Адам Харт-Дејвис