Прнар
| Прнар | |
|---|---|
| Научна класификација [ у ] | |
| Царство: | Растенија |
| клад: | Скриеносеменици |
| клад: | Евдикоти |
| клад: | Розиди |
| Ред: | Буковидни |
| Семејство: | Буки |
| Род: | Даб |
| Вид: | Прнар |
| Научен назив | |
| Quercus coccifera Л. | |
| Распространетост | |
| Синоними[1] | |
|
Список
| |

Прнар (латински: Quercus coccifera) – вид даб што расте како шумјак, наменет за кастрење за добиточна храна.[2] Прнарот е зимзелено ниско дрво од родот дабови, по потекло од Средоземјето.
Распространетост
[уреди | уреди извор]Прнарот како самоник расте во јужна Европа, Мала Азија, северозападна Африка,[3] Сирија и Палестина. Неговиот ареал во Европа се простира долж целото Средоземје, најмногу на Пиринејскиот Полуостров, а потоа на југ на Балканскиот Полуостров. На Апенинскиот Полуостров го има во Апулија, а мал ареал се простира и во атлантското приморје. Извесна континенталност се гледа во продирањето во Шпанија и Македонија. Во Хрватска и Црна Гора се јавува долж брегот на Јадранското Море.[4][5]
Во Македонија се простира до надморска висина од 670 метри, во Бугарија на јужните Родопи до 800 метри, а во Грција до 1.100 метри.[5]
Опис
[уреди | уреди извор]Прнарот е ниско, зимзелено дрво. Ретко достига висина од 10 м, со граден пречник на стеблото од 10 до 50 см. Кората на стеблото е густо и плитко испукана. Крошната е густа. Младите гранчиња се покриени со ѕвездести влакненца, а изданоците се ситни, скоро голи.[4] Кореновиот систем се одликува со јако развиен централен корен со бројни странични жили.[6]
Листовите се ситни, долги 2 до 5, а некогаш и само 1 см, долгунесто јајчести. Кожести се, крути, со јака кутикула и голи, освен по нервите каде се видливи ситни влакненца. На лице се сјајни, зелени, на наличје бледо зелени. По ободот се брановити, трнливо назабени и повиен надолу. Петелката е долга 3 до 4 мм. Листовите на гранките остануваат 3−4 години.[4]
Цветовите се еднодомни и еднополни, собрани во соцветија. Машките цветови се во висечки реси, а женските седечки, на кратки дршки. Цвета од март до мај.[3] Плодот е кус и дебел желад, долг до 3 см и широк до 1,5 см, со купула која е скоро седечка (без петелка). Купулата е прекриена со лушпи (стипули) кои се тврди, зашилени, оддалечени од основата. Желадот е една третина, или повеќе, во купулата. Созрева во август−септември втората година.[4]
- Кора на стеблото
- Лист
- Машки соцветија
- Плодови
Живеалиште
[уреди | уреди извор]Прнарот е топлољубив вид, кој најдобро расте на присојни места. Поднесува и полусенка.[3] Му одговараат сиромашни, најчесто варовнички земјишта, но се јавува и на силикатни. Со другите средоземни видови гради макии и гариги[5] Гради шумјаци со црн јасен на јадранскиот брег и со Coccifero-Carpinetum orientalis во јужна Македонија.[4]
Има силна и трајна моќ за потерувања од пенушки и корени, па почесто се наоѓа на пенушки и корени, додека поединечни стебла добиени од семе, се многу ретки и може да се најдат главно во декоративни зелени површини.[5]
Употреба
[уреди | уреди извор]Во време на немаштија и глад и желадите од прнарите, како и желадите од многу други видови дабови, се користеле како храна.
Свежите лисја не би требало да се користата бидејќи танинот во нив делува на другите растенија како инхибитор на растот.[7]
Во рамките на природниот ареал, прнарот може да се користи за формирање високи живи огради.[4]
Занимливости
[уреди | уреди извор]- На дабјето често се јавуваат гали, израстоци предизвикани од активности на ларви на разни инсекти. Инсектите живеат во овие гали и од нив црпат хранливи материи. Во галите на прнарот живеат штитести вошки од родот кермес (Kermes vermilio). Од телата на мртвите женки на овие инсекти се добива крмуз боја (темноцрвена).[3] Името на видот coccifera потекнува од латинскиот збор coccum (алово црвено).[8] Од кората и семето, богати со танини, исто така се добива црна боја.[7]
- Дабот прнар е заштитен вид на сите природни живеалишта во Хрватска од 9 мај 1969 година.[5]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ ThePlantList kew-172199 Quercus coccifera L.
- ↑ „прнар“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- 1 2 3 4 „Quercus coccifera“. Missouri Botanical Garden. Посетено на 12 декември 2016.
- 1 2 3 4 5 6 Vukićević 1993, стр. 282−283
- 1 2 3 4 5 Najvirt, Željko; Miličević, Ante; Meštrović, Šime (јун 2008). „Areal hrasta oštrike (Quercus coccifera l.) u zapadnom dijelu poluotoka Pelješca“. Šumarski list. 132 (5–6): 253–258. Проверете ги датумските вредности во:
|date=(help) - ↑ „QUERCUS COCCIFERA L“. Moja bašta. Архивирано од изворникот на 3 март 2017.
- 1 2 „Quercus coccifera - L“. Plants For A Future. Посетено на 12 декември 2016.
- ↑ „Oštrika“. Priroda i biljke.
Литература
[уреди | уреди извор]- Vukićević, Emilija (1996). Dekorativna dendrologija. Beograd: Šumarski fakultet. ISBN 978-86-7299-041-6.
- Lanzara, Paola; Pizzetti, Mariella (1982). Drveće. Ljubljana: Mladinska knjiga.
- Vojin Gligić, (1953), Etimološki botanički rečnik, Sarajevo: "Veselin Masleša"
- Tsiouvaras, Constantinos N (новембар 1987). „Ecology and Management of Kermes Oak (Quercus coccifera L.) Shrublands in Greece: A Review“. Journal of Range Management. 40 (6): 542–546. Проверете ги датумските вредности во:
|date=(help)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]| „Прнар“ на Ризницата ? |
| „Quercus coccifera“ на Викивидовите ? |
- „Quercus coccifera L.“. Global Biodiversity Information Facility. Посетено на 13 декември 2016.
- „Quercus coccifera“. Oaks of the World. Посетено на 13 декември 2016.
- „Quercus coccifera“. EOL - Encyclopedia of Life. Посетено на 13 декември 2016.
|