Пораз (роман)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Пораз (руски: Разгром) – роман на рускиот и советскиот писател Александар Фадеев од 1927 година.

Содржина[уреди | уреди извор]

Дејството на романот се одвива во Сибир, на крајниот исток на Русија, каде Црвената армија војува со јапонската војска. Романот се состои од три дела:[1]

Прв дел[уреди | уреди извор]

Првиот дел се состои од девет глави:

  1. Мороска
  2. Мечик
  3. Со мирисот
  4. Сам
  5. Селани
  6. Јагленарското племе
  7. Левинсон
  8. Непријателите
  9. Првиот поход

Левинсон, командир на еден партизански одред го испраќа ордонансот Мороска во извидница. Мороска гледа како еден друг партизански одред е разбиен, а притоа спасува еден тешко ранет партизан. Ранетиот се вика Мечик, кој пред три недели им се придружил на партизаните, оставајќи ја љубената девојка во градот. Додека закрепнува во импровизираната болница, Мечик ја запознава сопругата на Мороска, Варја и чувствува привлечност кон неа, зашто таа е единствената што се однесува добро со него. Подоцна, Мороска сака да украде лубеници и дињи и командирот Левинсон свикува собир на селаните, со цел да му пресудат на крадецот. Сепак, сите се свесни дека станува збор за лесен престап и Мороска минува без казна. Во меѓувреме, Левинсон е загрижен, бидејќи дознава дека јапонската војска опасно се приближува, насекаде нанесувајќи им тешки загуби на партизанските одреди. Плашејќи се дека и неговиот одред ќе биде разбиен, тој предлага повлекување. Мороска ја посетува својата сопруга Варја во болницата и сфаќа дека таа го сака Мечик и поради тоа станува непријателски настроен кон него, но се оддалечува од Варја. Кога се враќа во одредот, тој бара да не биде повеќе ордонанс и се враќа во својот вод. Ноќта, Левинсон дава наредба за узбуна и одредот го напушта селото.[2]

Втор дел[уреди | уреди извор]

Вториот дел се состои од пет глави:

  1. Мечик во одредот
  2. Почеток
  3. Страдања
  4. Патеки и распаќа
  5. Товар

Штом закрепнува, Мечик му се придружува на одредот на Левинсон, но таму воопшто не е задоволен од приемот, а истовремено, другите партизани не го пречекуваат пријателски. Во меѓувреме, јапонската војска опасно му се приближува на одредот. Еден ден, Левинсон ги праќа својот помошник Бакланов и Мечик во извидница. Тие одат во едно од блиските села и таму наеднаш се соочуваат со неколку јапонски војници при што Мечик убива еден од нив, прикажувајќи се како храбар војник. Меѓутоа, по враќањето во одредот, тој е многу уплашен во престрелката со јапонската војска. Принуден на повлекување, одредот ја евакуира болницата при што Левинсон наредува да биде отруен тешкоранетиот војник Фролов, со цел да не го забавува повлекувањето. Мечик го слуша тоа и многу се вознемирува поради што се однесува непријателски кон Варја. Мороска повторно е вознемирен поради љубовта на Варја кон Мечик, а таа, пак, е разочарана од однесувањето на Мечик. Најпосле, кога оди да се помири со него, Мечик е повторно рамнодушен кон неа, а еден војник ја силува. Мечик не може повеќе да го издржи животот со партизаните, така што му се јавува желбата да побегне од одредот.[3]

Трет дел[уреди | уреди извор]

Третиот дел содржи четири глави:

  1. Извидувањето на Метелица
  2. Три смрти
  3. Мочуриште
  4. Деветнаесетмина

Левинсон го испраќа Метелица, еден од своите најдобри борци, во извидница. Метелица среќава едно дете, му го остава својот коњ и потоа оди во блиското село, каде го прислушкува разговорот меѓу неколку офицери. Тој е заробен од Козаците, но наспроти мачењето, не им кажува ниту збор. Пред очите на селаните, Козаците го доведуваат детето, но тоа одбива да признае дека го видел Метелица. Кога водачот на Козаците му се нафрла на детето, Метелица го напаѓа него, но Козакот успева да го убие. Бидејќи Метелица не се враќа во одредот, Левинсон наредува да тргнат во потрага по него и тогаш се судираат со козачката војска. Во нападот, Мороска го губи својот коњ, Мечик му ја нуди својата помош, но Мороска ја одбива. Вечерта, одредот влегува во селото, каде Мороска се опијанува во друштво со Мечик. Варја пристигнува во селото подоцна и го наоѓа пијаниот Мороска. Разочарана, таа повторно му се враќа на својот сопруг. Подоцна, Козаците го напаѓаат селото и одредот мора да се повлече во шумата, но таму заглавува во мочуриште. Кога се чини дека нема спас, Левинсон наредува да направат премин преку мочуриштето и партизаните успеваат да се извлечат. Кога излегуваат на државниот пат, Левинсон ги испраќа Мечик и Мороска во извидница. Нив ги пресретнуваат Козаци и Мечик, наместо да сигнализира за опасноста, бега во шумата. Сепак, Мороска дава сигнал, но него го убиваат Козаците. Со последните сили, успеваат да ја пробијат заседата, но гинат многу партизани, меѓу кои и Бакланов, помошникот на Левинсон. Во шумата, Мечик најпрвин е очаен поради предавството, но потоа се смирува и одлучува да замине во градот. По завршувањето на пукотницата, Левинсон утврдува дека успеале да се спасат само 19 членови на одредот. Погоден од смртта на Бакаланов, за првпат во животот, Левинсон почнува да плаче, а потоа го води одредот надвор од шумата.[4]

Осврт кон романот[уреди | уреди извор]

Пред да биде објавен како книга во 1927 година, романот „Пораз“ најпрвин излегувал во разни весници и списанија во текот на 1925-1926 година. Во 1932 година, на состанокот на еден московски книжевен кружок, Фадеев ја раскажал историјата на создавањето на романот, велејќи дека идејата му се родила во 1921/1922 година, а почнал да го пишува романот дури во 1925 година. Според неговите зборови, во тоа време му се испреплетувале темите на „Пораз“ и на „Последниот од Удеге“ и тој немал идеја дека ќе напише два посебни романа. Подоцна, средувајќи ги материјалите, тој решил да напише две посебни дела, но не бил задоволен од напишаното. Дури во 1925 година почнал систематски да работи на „Пораз“. Инаку, идејата за „Пораз“ непосредно произлегува од учеството на Фадеев во руската граѓанска војна во која тој се борел против белогардејците и против јапонската војска. Така, ликот на Левинсон, командантот на партизанскиот одред во „Пораз“ е заснован врз вистински личности - командантите на Сучанскиот партизански одред, Петров, Тетерин и особено Певзнер. Фадеев отворено го признал тоа во статијата „Специјалниот комунистички одред“ во која го опишал своето заминување во партизани. Самиот фадеев напишал дека работата врз романот била многу тешка при што секоја глава ја преработувал и препишувал по четири-пет пати, а некои глави ги препишувал и повеќе од 20 пати.[5]

Во едно свое предавање пред група млади писатели, Фадеев ги образложил основните идеи на „Пораз“ на следниов начин: прво и основно, во граѓанската војна се прави селекција на луѓето. Сè што е непријателско - револуцијата го брише. Сè што е неспособно за вистинска борба, што случајно се нашло во таборот на револуцијата - тоа отпаѓа, а сето она што израснало од вистинските корени на револуцијата, од милионските народни маси - тоа се кали, расте и се развива во таа борба.[6]

Романот „Пораз“ доживеал огромен успех кај публиката и доживеал три изданија само за една година. Во едно писмо до Сергеев-Ценски, Максим Горки го нарекол Фадеев „сериозен талент“, а романот го оценил како „широка, вистинита и многу надарено дадена слика на граѓанската војна“. Меѓутоа, критиката различно ја оценила вредноста на романот. Така, А. Воронски му забележувал на Фадеев дека ропски го имитира Толстој, а О. Бирк сметал дека авторот многу философира, наместо на читателот да му ги даде животните факти, зашто само фактите ги мотивираат постапките на јунаците. Од друга страна, раповците го прогласиле „Пораз“ за пример на правилно сликање на револуцијата и за првото дело на социјалистичкиот реализам. Самиот Фадеев им се спротивставил на пофалбите. На пример, во говорот одржан на шестото заседание на здружението на московските пролетерски писатели, тој рекол: „За Пораз пишуваат дека небаре во него е остварен нов реалистички метод на уметничкото творештво, дека отворил нова епоха во пролетерската книжевност... А, кога би било така, другари, тогаш би било непотребно да се пишуваат резолуции за потребата од хегемонија на пролетерската книжевност, зашто тоа би значело дека веќе сме ја постигнале хегемонијата. Во тој случај, мене би ми преостанало само да умрам. Но, мене не ми се умира. И затоа, дозволете да погледнеме дали критиката правилно го оценила делото?“[7]

Ликовите во романот[уреди | уреди извор]

Во романот, Фадеев опишал неколку херојски ликови, но без вообичаените ефектни пози и силните тонови на новинарските репортажи, туку тој ја прикажал и грдата страна на хероизмот. На пример, Метелица не кажува ни збор за време на неговото мачење, во мигот на смртта, тој не одржува никаков возвишен говор, а во неговото однесување го нема шаблонското презирање на смртта. Напротив, како секој млад човек, тој сака да живее, така што откако освестува во шупата, тој ги собира своите последни сили, обидувајќи се да најде излез. Но, кога мора да се умре, тој избира да умре машки, достоинствено и храбро, водејќи сметка да не ги изневери своите другари. На сличен начин, и Дубов, Бакланов и Мороска умираат едноставно и молкум, така што нивната смрт сама по себе зборува за хероизмот. Оттука, често се поставувало прашањето, дали главниот лик во романот (Левинсон) е идеализиран? На прв поглед, се чини дека Левинсон нема никаква човечка слабост, но во неколку наврати Фадеев навлегува во душата на Левинсон, која е различна од неговото надворешно однесување. Така, него често го мачи сомнежот, тој се двоуми, во писмото до сопругата користи нежни и топли зборови, а на крајот од романот, тој е уморен, потиштен, малодушен и исплашен, а по смртта на Бакланов, за првпат во животот заплакува. Сето тоа покажува дека Фадеев не создал икона од својот јунак, туку во неговото сликање имал уметничка храброст и совест.[8]

Отсуството на идеализиарање се гледа и во прикажувањето на единствениот женски лик во романот - партизанската болничарка Варја која воопшто не е симпатична. Нејзината личност постојано е на работ на моралното паѓање, но Фадеев се труди убедливо да ја мотивира нејзината личност, покажувајќи му на читателот дека токму животот ја направи Варја таква. И покрај тоа што околностите морално ја осакатиле, во неа сè уште постои стремежот за убавината, за што сведочи нејзината љубов кон Мечик. Оттука, нејзината судбина заслужува сожалување, а не осуда. Единственото нешто што не може да одбрани во романот е тоа што Фадеев пристапил шематски кон ликовите на интелектуалците, бидејќи двајцата негативни ликови во романот, Мечик и Чиж, се интелектуалци. Во таа смисла, авторот не дава одговор на прашањето: Ако Мечик е толку ништожен, зошто тогаш ги напуштил удобниот живот во градот и саканата девојка за да им се придружи на партизаните, ризикувајќи го својот живот? Можеби, со подобро однесување на неговите другари, тој ќе можел да изразне во добар борец, но наспроти тоа, партизаните отворено му покажуваат дека не го сакаат и постојано го исмеваат. Оттука, тој се чувствува осамен и отфрлен и логично си го поставува прашањето за смислата на неговото останување во одредот. Всушност, преку ликот на Мечик, Фадеев го покажува длабокиот јаз меѓу потчинетите и господата во тогашното руско општество. Во тие околности, партизаните (рудари и селани) се неспособни да сакаат некого со нежни раце, некој што е чист и што зборува убаво, т.е. тие чувствуваат инстинктивна недоверба кон Мечик. Поради тоа, веднаш откако ќе му го спаси животот, Мороска помислува дека Мечик не му се допаѓа, иако нема рационални причини за таквите чувства. Сликајќи ги ликовите во романот, како надарен реалист, Фадеев објективно ја дава можноста денес неговите ликови да се оценуваат поинаку, независно од неговите субјективни ставови.[9]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. A. Fadejev, Poraz. Beograd: Rad, 1963.
  2. A. Fadejev, Poraz. Beograd: Rad, 1963, стр. 3-62.
  3. A. Fadejev, Poraz. Beograd: Rad, 1963, стр. 63-118.
  4. A. Fadejev, Poraz. Beograd: Rad, 1963, стр. 119-167.
  5. Milosav Babović, „Poraz A. Fadejeva“, во: A. Fadejev, Poraz. Beograd: Rad, 1963, стр. 169-170.
  6. Milosav Babović, „Poraz A. Fadejeva“, во: A. Fadejev, Poraz. Beograd: Rad, 1963, стр. 170.
  7. Milosav Babović, „Poraz A. Fadejeva“, во: A. Fadejev, Poraz. Beograd: Rad, 1963, стр. 171.
  8. Milosav Babović, „Poraz A. Fadejeva“, во: A. Fadejev, Poraz. Beograd: Rad, 1963, стр. 171-172.
  9. Milosav Babović, „Poraz A. Fadejeva“, во: A. Fadejev, Poraz. Beograd: Rad, 1963, стр. 173-175.