Парабола за фарисејот и цариникот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Цариник и фарисеј на молитва.

Парабола за фарисејот и цариникот (или парабола за фарисејот и даночникот) — една од познатите Исусовите алегориски приказни која се наоѓа во Евангелието по Лука.

Параболата прикажува фарисејски свештеник, кој се фали со своите доблести, наспроти собирач на данок кој понизно му се моли на Бога за милост. Оваа приказна ја нагласува потребата од скромна молитва.

Парабола[уреди | уреди извор]

Лука пренесува дека Исус им ја кажал следнава приказна на некои кои биле убедени дека се праведни и ги презираат другите луѓе:

10. Два човека влегоа во храм да се помолат; едниот фарисеј, а другиот митник.

11. Кога застана, фарисејот вака се молеше во себе: „Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, несправедливи, прељубодејци, или како овој митник.
12. Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што придобивам.“
13. А митникот стоеше оддалеку; не смееше дури (н)и очите да ги подигне кон небото, туку се удираше в гради и велеше: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“
14. Ви велам: дека тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној; зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.”

— Евангелие по Лука, 18:10-14 [1]

Толкувања[уреди | уреди извор]

Во текот на 1 век, фарисеите биле познати по нивното строго почитување на Мојсеевиот закон. Фарисејот во оваа приказна е уште поревносен од своите пријатели, пости почесто отколку што е потребно, дава десеток на сѐ што ќе добие, дури и во случаи кога верските правила не го налагаат тоа.[2] Уверен во својата праведност, фарисејот не барал ништо од Бога и затоа не добил ништо.[2]

Од друга страна, публиканите (јавните службеници кои работеле за Рим) биле презрени Евреи кои соработувале со Римското Царство. Бидејќи биле најпознати по собирањето патарини и даноци, тие обично се опишуваат како цариници или даночници. Меѓутоа, оваа приказна не ја осудува нивното занимање (види и Лука 3:12-13), туку ги опишува како „ја признаваат својата состојба на недостојност пред Бога и ја признаваат својата потреба за помирување“.[2] Доаѓајќи кај Бога со понизност, даночникот ја добива милоста и помирувањето што ги барал“.[2]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Свето евангелие според Лука“. Свето писмо. Посетено на 12 мај 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Joel B. Green, The Gospel of Luke, Eerdmans. Парабола за фарисејот и цариникот

Надворешни врски[уреди | уреди извор]