Парабола за синаповото зрно

Од Википедија — слободната енциклопедија
Семе од синап.

Параболата за синаповото зрно — една од пократките Исусови параболи, која го споредува Царството Небесно со синапово зрно.

Забележена е во канонските евангелија според Матеј, Марко и Лука, како и во неканонското евангелие според Тома. Во евангелијата според Матеј и Лука, таа веднаш и претходи на параболата за квасецот, со која ја споделува темата за растот на Небесното Царство од мали зачетоци.

Парабола[уреди | уреди извор]

Според Матеј[уреди | уреди извор]

Евангелието според Матеј ја пренесува следнава Исусова парабола:

31. И друга парабола им кажа, кога рече: „Царството небесно прилега на зрно синапово, кое човек го зема и посеа на нивата своја;
32. тоа е најмало од сите семиња, но, кога ќе израсне, поголемо е од сите растенија, па станува дури и дрво – така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.”

— Евангелие според Матеј, 13:31-32 [1]

Според Марко[уреди | уреди извор]

Евангелието според Марко го пренесува следново:

30. Пак продолжи: „Со што да го споредиме царството Божјо, или со каква парабола да го прикажеме?
31. Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите семиња земни;
32. а кога се посее, израснува и станува поголемо од сите растенија, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат птиците небески.”

— Евангелие според Марко, 4:30-32 [2]

Според Лука[уреди | уреди извор]

Евангелието според Лука го пренесува следново:

18. А Он рече: „На што прилега царството Божјо и со што да го споредам?
19. Тоа е како синапово зрно, што го зема човек и го посадува во градината своја, каде што израстува и станува големо дрво; па и птиците небески си прават гнезда на неговите гранки.”

— Евангелие според Лука, 13:18-19 [3]

Според Тома[уреди | уреди извор]

Евангелието според Тома го пренеува следново:

Царството небесно е како синапово зрно, најмалото од сите семиња; но кога ќе падне на обработлива земја, расте и станува засолниште за птиците небесни. — Евангелие според Тома, изрека 20

Толкувања[уреди | уреди извор]

Синапово стебленце.

Растението за кое се зборува во параболата се смета дека е црн синап[4], големо едногодишно растение високо до три метри што расте од пословично мало семе (чија маленѕавост се користи како алегорија и на други места, во Матеј 17:20 и Лука 17 : 6). Според рабински извори, Евреите не го одгледувале ова растение во бавчите[4], што е во согласност со описот на Матеј за раст во поле. Лука, напротив, вели дека синапот расте во бавча, што се објаснува со прилагодување на параболата за слушатели надвор од Палестина.[4]

Во стварноста, стеблото на синап тешко може да послужи како гнездо за птици, па се верува дека Исус намерно го пренагласил ова во својата аналогија.

Во оваа парабола има и „субверзивен“ елемент, кој се гледа во брзиот раст на растението синап, што го прави „малиген плевел“ со „опасни својства за ширење“. Плиниј Постариот во 1 век од нашата ера пишува дека синапот е исклучително добар за здравјето и забележува:

Расте потполно див, иако се подобрува со пресадување: но од друга страна, откако ќе се засади, тешко се ослободува од него, бидејќи семките што паѓаат веднаш извртуваат.[5]

Царството Небесно е исто така сеприсутно, како и плевелот, што може да биде уште еден пример за Исусовата употреба на сатира.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Свето евангелие според Матеј“. Свето писмо. Посетено на 20 јануари 2023.
  2. „Свето евангелие според Марко“. Свето писмо. Посетено на 20 јануари 2023.
  3. „Свето евангелие според Лука“. Свето писмо. Посетено на 20 јануари 2023.
  4. 4,0 4,1 4,2 I. Howard Marshall, The Gospel of Luke: A commentary on the Greek text, Eerdmans. Парабола за синаповото зрно
  5. Pliny the Elder, Natural History, translated by Harris Rackham, Loeb, 1950, Book XIX, Chapter LIV.
  6. Ben Witherington, The Gospel of Mark: A socio-rhetorical commentary, Eerdmans. Парабола за синаповото зрно

Надворешни врски[уреди | уреди извор]