Парабола за двајцата должници

Од Википедија — слободната енциклопедија
Оброк во куќата на Симон фарисејот, околу 15 век.

Парабола за двајцата должници (или Парабола за грешницата) — една од познатите Исусови параболи, запишана во новозаветното Евангелие според Лука (7:36-50). Параболата зборува за двајца должници кои му должеле на еден човек, едниот многу повеќе пари од другиот. Кога заемодавачот им ги простил долговите, поголемиот должник го засакал повеќе.

Преку параболата, Исус објаснува зошто грешницата, која му ги измила нозете, го бакнала и го помазала, го сака повеќе од неговиот домаќин свештеник, кој не му дал вода за нозете, ниту го целивал и помазал.

Парабола[уреди | уреди извор]

Евангелието според Лука известува дека фарисејскиот свештеник Симон го поканил Исуса на гости, по што една жена во градот позната како грешница тргнала по него. Додека Исус седел на масата, таа седела пред неговите нозе и плачела „и почнала да му ги мие нозете со солзите, му ги избришала со косата на главата, му ги бакнала нозете и ги помазала со миро“ (7:38). Неговиот домаќин си рекол: „Да беше пророк, ќе знаеше која и каква жена го допира: бидејќи таа е грешница“, а Исус како одговор му ја кажал следнава парабола:

36. Еден од фарисеите Го помоли да јаде со него; и Он, кога влезе во куќата на фарисејот, седна на трпеза.
37. И ете, една жена од градот, која беше грешница, штом чу дека Он седи на трпеза во куќата на фарисејот, донесе алабастрен сад со миро;
38. па, како застана при нозете Негови одзади, плачејќи, почна да ги мие нозете Негови со солзи и ги триеше со косата своја; и ги целиваше и помазуваше со миро.
39. А кога го виде тоа фарисејот, што Го беше поканил, рече во себе, велејќи: „Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, што се допира до Него, оти таа е грешница.”
40. Му одговори Исус и рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам.” А тој одврати: „Учителе, кажи!”
41. Исус му рече: „Двајца му беа должни на еден заемодавец: едниот му должеше петстотини динарии, а другиот педесет.
42. Но, бидејќи немаа да му вратат, тој им прости на обајцата. Кажи Ми, кој од нив повеќе ќе го милува?”
43. Симон одговори и му рече: „Мислам оној, кому повеќе му прости.” А Он му рече: „Право пресуди.”
44. И кога се сврте кон жената, му рече на Симона: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не Ми даде, а таа со солзи Ми ги обли нозете и со косата своја ги истри.
45. Ти не ми даде целив, а таа, откако влегов, не престана да ги целива нозете Мои.
46. Ти со миро не ја помаза главата Моја, а таа со миро ги помаза нозете Мои.
47. Затоа ти велам: нејзе ѝ се простуваат многу гревови, оти Ме возљуби многу; а кому малку се проштава, и љубов мала има!”
48. Нејзе, пак, ѝ рече: „Ти се простуваат гревовите!”
49. А оние што седеа со Него на трпезата, почнаа да говорат во себе: „Кој е Овој што и гревови проштава?”
50. На жената, пак, ѝ рече: „Верата твоја те спаси; оди си со мир!”

— Евангелие според Лука, 7:36-50 [1]


Толкувања[уреди | уреди извор]

Се чини дека оваа Исусова парабола не е напад на фарисеите, туку обид да се подучи свештеникот Симон да ја види жената низ неговите очи. [2] Описот на жената сугерира дека таа е позната проститутка[3] [2] [4], иако некои го оспоруваат овој заклучок.[5] Ако е проститутка, нејзиното присуство ја оцрнува ритуалната чистота на фарисејот.[3] [2] Џоел Грин забележува дека било лесно да се отфрли таква личност како неморална, нечиста и развратна, без да се земе предвид општествената стварност на жена која можеби била принудена на тоа поради материјални околности или продадена во сексуално ропство.[3] Потврдувајќи го простувањето на жената, кое Исус наводно и го дал за време на претходната средба [3] [5], Исус го поканува Симон да го види нејзиниот нов идентитет и „да ја прибере во заедницата на Божјите луѓе“.[3]


Жан Калвин од зборовите на Исус („Затоа ви велам, ѝ беа простени многу гревови, бидејќи имаше многу љубов; кому малку му се простува, малку се сака“.[6]) заклучува дека љубовта не е цел на простување, но доказ. Како и кај двајцата должници, долгот не бил простен поради љубовта на должникот, туку следела голема љубов поради простувањето на долгот. Калвин објаснува дека свештеникот мисли дека жената е грешница, но треба да се види дека таа не е грешница, според тоа што гревовите ѝ се простени. Нејзината љубов е доказ дека добила прошка, израз на благодарност за добиената корист. Љубовта е а постериори аргумент, кој се докажува со исходот. Исус јасно ѝ кажува врз основа на што таа добила прошка со зборовите: „Твојата вера те спаси!“[7] Значи, со вера добиваме прошка, а со љубов искажуваме благодарност и сведочиме за милоста Божја, заклучува Калвин. [8]

Меѓутоа, Амброзиј Милански, цитирајќи го истиот цитат од Исус („Затоа ти велам: ѝ се простуваат многу гревови, бидејќи таа имаше голема љубов.“[9]), тврди дека љубовта е услов за простување.[10]

Овие разлики во толкувањето се присутни и во различни преводи на библискиот текст:

„Затоа ти велам дека ѝ се простени сите гревови, затоа што покажа голема љубов.“[11] — Современа англиска верзија
„Затоа ти велам, нејзините многу гревови ѝ се простени, затоа што покажа голема љубов.“[12] — Нова американска библија

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Свето евангелие според Лука“. Свето писмо. Посетено на 1 септември 2023.
  2. 2,0 2,1 2,2 Ben Witherington, Women in the Ministry of Jesus: A study of Jesus' attitudes to women and their roles as reflected in his earthly life.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Joel B. Green, The Gospel of Luke, Eerdmans. Парабола за двајцата должници
  4. Carol Ann Newsom and Sharon H. Ringe, Women's Bible Commentary.
  5. 5,0 5,1 Barbara E. Reid, Choosing the Better Part?: Women in the Gospel of Luke.
  6. Еванђеље по Луки, 7:47 (превод Емилијана Чарнића)
  7. Еванђеље по Луки, 7:50 (превод Емилијана Чарнића)
  8. John Calvin, Institutes of the Christian Religion, Book III, Chaper 4 at CCEL.org.
  9. Евангелие според Лука, 7:47
  10. Ambrose, Concerning Repentance (Book I), Chaper 16 at NewAdvent.org.
  11. Luke 7:47, CEV. "So I tell you that all her sins are forgiven, and that is why she has shown great love."
  12. Luke 7:47, NAB. "So I tell you, her many sins have been forgiven; hence, she has shown great love."