Парабола за блудниот син

Од Википедија — слободната енциклопедија
Рембрант, Враќање на блудниот син, 1662 година.

Парабола за блудниот син (позната и како парабола за изгубениот син) една од најпознатите Исусови параболи. Приказната е за помладиот син кој го зема својот дел од имотот од својот татко и откако сè потрошил живеејќи развратно, се враќа дома покајувајќи се.

Приказната е запишана само во канонското Евангелие по Лука (15:11-32), каде што ѝ претходат две приказни со слична тема: парабола за загубената овца и парабола за загубената драхма.

Парабола[уреди | уреди извор]

Евангелието според Лука ја пренесува следнава Исусова приказна:

11. И рече: „Еден човек имаше два сина.

12. Помладиот од нив му рече на татка си: „Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!“ И таткото им го раздели имотот.
13. По неколку дена, помладиот син, кога собра сè, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно.
14. И откако потроши сè, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака;
15. па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи.
16. И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
17. А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад.
18. Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: „Татко, згрешив против небото и пред тебе,
19. и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници“.
20. Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.
21. И синот му рече: „Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!“
22. А таткото им рече на слугите свои: „Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете;
23. Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме,
24. оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде“. И почнаа да се веселат.
25. А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици.
26. Па, како повика еден од слугите, го праша: „Што е ова?“
27. А тој му рече: „Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.“
28. Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше.
29. А тој му одговори на татка си и му рече: „Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели;
30. а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле.“
31. А он му рече: „Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое;
32. но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.“

— Евангелие по Лука, 15:11-32 [1]

Толкувања[уреди | уреди извор]

Приказната за изгубениот син е последната од трите приказни за губење и искупување (пронајдена по парабола за изгубената овца и парабола за изгубената драхма), која Исус ја раскажува кога свештениците го обвинуваат дека се дружи со „грешниците“.[2] Со овие приказни, Исус доловува колку Бог му се радува на секој покаен грешник.

Барањето на помалиот син за неговото наследство, додека неговиот татко сѐ уште е жив, е дрско, речиси како да сака татко му да умре.[3] Меѓутоа, кога ќе го добие својот дел, тој нижи неуспех по неуспех и завршува со понижувачка работа во свињарник, завидувајќи им на свињите на нивната храна.[3] По враќањето дома, татко му го поздравува со великодушност многу поголема од онаа што имал право да очекува.[3] Спротивно на тоа, постариот син размислува за поимите „закон, заслуга и награда“, наместо „љубов и милост“, што може да ги претставува фарисејските свештеници кои го критикуваат Исус.[3] Татковата радост поради враќањето на изгубениот син алегорично ја претставува Божјата љубов и Божјата неограничена милост.[4]

Како и во многу други Исусови параболи, личноста за која најмалку се очекувало задобива милост. Приказната завршува малку неизвесно, без да се открие дали навредениот постар син на крајот им се придружил во радоста.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Свето евангелие според Лука“. Свето писмо. Посетено на 12 мај 2022.
  2. Richard N. Longenecker, The Challenge of Jesus' Parables, Eerdmans. Парабола за блудниот син
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 Arland J. Hultgren, The Parables of Jesus: A Commentary. Предлошка:Page1
  4. Scott Hahn, Curtis Mitch, and Dennis Walters, Gospel of Luke: The Ignatius Study Guide, 2nd ed. Предлошка:Page1

Надворешни врски[уреди | уреди извор]