Парабола за сејачот

Од Википедија — слободната енциклопедија
Икона што го прикажува Христос како сејач, Романија.

Парабоала за сејачот — една од најпознатите Исусови алегориски приказни. Станува збор за сејач кој фрла семе наоколу (на пат, на карпа, меѓу трње) и најголемиот дел од семето се губи. Меѓутоа, мал дел од семето паѓа на добра почва и повеќекратно раѓа.

Оваа приказна е запишана во канонските евангелија според Матеј, Марко и Лука, како и во неканонското евангелие според Тома.

Парабола[уреди | уреди извор]

Параболата започнува така што Исус еден ден излегол од домот и седнал покрај морето, а околу него се собрало мноштво луѓе. После тоа, тој се качил на лаѓата и држел проповед, додека народот стоел на брегот.[1]

Според Матеј[уреди | уреди извор]

Џејмс Тисо, Исус проповеда од лаѓата.

Евангелието според Матеј ја раскажува следнава Исусова парабола:

3. И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, излезе сејач да сее;

4. и кога сееше, едни зрна паднаа покрај патот, долетаа птици и ги исколваа.
5. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу проникнаа, оти земјата не беше длабока.
6. Но, штом изгреа сонцето, тие свенаа, па, како да немаа корен, се исушија.
7. Некои паднаа во трње и израсна трњето и ги задуши.
8. Други паднаа на добра земја и дадоа добар плод: едно сто, друго шеесет, а друго триесет.
9. Кој има уши да слуша, нека чуе!”

— Евангелие според Матеј, 13:3-9

Според Марко[уреди | уреди извор]

Евангелието според Марко го пренесува следново:

3. Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее;

4. и се случи, кога сееше, едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа птиците небески и ги исколваа.
5. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу изникнаа, оти земјата не беше длабока;
6. а кога изгреа сонцето, тие свенаа, па како немаа корен, се исушија.
7. Некои паднаа во трње; и израсна трњето, и ги задуши, и не дадоа плод.
8. А други паднаа на добра земја и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесоа; кое триесет, кое шеесет, кое сто.”
9. И им рече: „Кој има уши да слуша, нека чуе!”.

— Евангелие според Марко, 4:3-9

Според Лука[уреди | уреди извор]

Евангелието по Лука го пренесува следново:

5. Излезе сејач на семе; и кога сееше, едно падна покрај патот и беше изгазено, и птиците небески го исколваа;

6. а друго падна на камен, па штом никна, се исуши, оти немаше влага;
7. едно, пак, падна меѓу трње; и израсна трњето, па го задуши;
8. а друго падна на добра земја, и кога изникна, донесе стократен плод.” Откако го рече ова, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!”

— Евангелие според Лука, 8:5-8

Толкувања[уреди | уреди извор]

По завршување на проповедта, Исус им дал толкување на оваа парабола на своите ученици. Кога го прашале зошто им зборува на луѓето во параболи, Исус одговорил: „ Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на оние што се надвор во параболите“ (Марко 4:11). Зашто тие „гледајќи не гледаат, а слушајќи не слушаат, ниту разбираат“ (Матеј 13:11-13). Кога учениците го замолиле да го објасни значењето на параболата, тој одговорил:

И им рече: „Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите приказни?[2]

Потоа Исус им ја објаснил параболата за сејачот:

Според Матеј[уреди | уреди извор]

Матеј го наведува следното толкување на Исусовата парабола за сејачот:

18. Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот:

19. при секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граби посеаното во срцето негово; ете, тоа означува посеаното покрај патот.
20. А посеаното на камен е оној, што го слуша словото и веднаш со радост го прима;
21. но нема во себе корен и е непостојан: настане ли жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнува.
22. Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род.
23. А посеаното на добра земја е оној, што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а друг триесет.”

— Евангелие според Матеј, 13:18-23

Според Марко[уреди | уреди извор]

Марко го наведува следново толкување на Исусовата парабола за сејачот:

15. Посеаното покрај патот ги означува оние, кај кои се сее словото, но при кои, откако го чујат, веднаш доаѓа сатаната и им го граби словото, посеано во срцата нивни.

16. Исто така и посеаното на каменито место ги означува оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат,
17. но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога настане жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат.
18. Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото,
19. но грижите за овој век, примамливото богатство и други желби, кои, кога се вселат во нив, го задушуваат словото и тоа останува бесплодно.
20. А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го примаат и принесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто.”

— Евангелие според Марко, 4:15-20

Според Лука[уреди | уреди извор]

Лука го наведува следното толкување на Исусовата парабола за сејачот:

11. А оваа парабола значи: семето е словото Божјо.

12. Она, што падна покрај патот, се оние, кои слушаат; но потоа доаѓа ѓаволот и им го зема словото од срцата нивни, за да не поверуваат и да не се спасат;
13. а она на камен – се оние, кои кога ќе го чујат словото, со радост го примаат; но немаат корен и веруваат некое време, па штом дојдат искушенија, тие се откажуваат;
14. тоа, пак, што падна меѓу трње, се оние, што го слушаат словото, но кога отидат, се подаваат на грижи, богатства и наслади од овој живот и не донесуваат плод;
15. а оние на добрата земја, се тие што го слушаат словото и го пазат во добро и чисто срце, и принесуваат плод со трпение.” Штом го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе!

— Евангелие според Лука, 8:11-15)

Современи толкувања[уреди | уреди извор]

Питер Бројгел Постариот, Парабола за сејачот.

Повеќето проучувачи веруваат дека оваа Исусова парабола изворно е оптимистичка, бидејќи и покрај сите неуспеси, семето на крајот успева, пушта корен и дава голем принос.[3]

Има и такви кои се прашуваат дали појаснувањето во канонските евангелија првично било Исусово или било вметнато подоцна.[4] Некои веруваат дека Исус зборувал во алегориски параболи затоа што не сакал сите да го разберат, туку само неговите следбеници.[5] Тие веруваат дека е неопходно однапред да се има вера во Исус, инаку Исус нема да ги просветли туку само ќе ги збуни.[6]

Понекогаш параболата се толкува во смисла дека постојат неколку нивоа на спасение: Иринеј верува дека постојат разлики помеѓу небесните живеалишта на оние кои произведуваат стократно, оние кои произведуваат шеесеткратно и оние кои произведуваат триесеткратно.[7]

Според толкувањето на Мормонската црква, „зборот“ ги претставува сите канонски евангелија, кои не ги прифаќаат сите со иста посветеност:

Параболата јасно говори каде лежи одговорноста за царството Божјо и прифаќањето на Евангелието. Тоа не е во сејачот или во семето, туку во „почвата“, срцето на човекот.[8]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Евангелие според Матеј, 13:1-2
  2. Марко 4:13
  3. Kilgallen, John J., A Brief Commentary on the Gospel of Mark, 1989. pp. 82
  4. Joseph Smith, Teachings of the Prophet Joseph Smith, pg. 97.
  5. Kilgallen, John J., A Brief Commentary on the Gospel of Mark, 1989. pp. 84
  6. Kilgallen, John J., A Brief Commentary on the Gospel of Mark,, 1989. pp. 86
  7. Иринеј, Противу јереси, Књига V:36:1
  8. E. Keith Howick, The Parables of Jesus The Messiah (pg. 30)

Надворешни врски[уреди | уреди извор]