Прејди на содржината

Обично ливадарче

Од Википедија — слободната енциклопедија
Обично ливадарче
Возрасен мажјак со перје во сезона на парење
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Муварчиња
Род: Saxicola
Вид: Обично ливадарче
Научен назив
Saxicola rubetra
(Linnaeus, 1758)

Обичното ливадарче (науч. Saxicola rubetra) е мала врапчевидна птица преселница која се размножува во Европа и западна Азија а зимува во Африка. Како што кажува името, оваа птица е обична, вообичаена и честа во Македонија.

Неговото научно име значи „мал каменест жител“, однесувајќи се на животната средина. Saxicola доаѓа од латинското saxum (камен) + incola (живеалиште); rubetra значи „мала птица“.[2][3]

Возрасна женка во Германија

Обичното ливадарче е слично по големина со неговиот роднина црвеногушката (Erithacus rubecula). Долго е 12–14 см и тежи 13–26 грама. Двата пола имаат кафеави горни делови прошарани со потемно, портокаловожолтеникави гради и грло кои се прелаваат во посветол речиси бел стомак, црнаква опашка со бела основа на надеворешните пердуви.[2][4]

Мажјакот во сезонско парењесезоната на парење има црнкава маска на лицето, речиси опкружена со силна бела линија над окото и на образот, стомакот и градите се посветло портокаловожолти, а на крилјата има бели шарки. Женките се целосно побледи, имаат покафеава маска на лицето, побледи гради, кремава линија на окото и образите и помали или воопшто немаат бели шарки на крилјата. Мажјаците зимно време и младенчињата се слични како женките, освен што кај мажјаците белите шарки на крилјата остануваат преку целата година.[2][5]

Овие птици се многу слични на женките и младемчињата на планинското ливадарче S. rubicola, и може да ги разликуваме по линијата над окото и посветлиот стомак.

Основниот повик му е ху-так-так, и тоа „так“ му е помеко и понекрцкаво од планинското ливадарче. Повикот го користат двата пола за контакт и како тревога од грабливци. Мажјакот има свиркачка и крескачка, но мека песна што ја користи во сезоната на парење и која е составена од мешавина на свиркања и такови, но и имитирања на најмалку 12 други птици.[2]

Распространетост и живеалиште

[уреди | уреди извор]
Младенче
Saxicola rubetra

Обичнот ливадарче се размножува низ Европа и западна Азија, од Ирска и северна Португалија, на исток до Новосибирск, и од северна Норвешка на југ до Шпанија, централна Италија, Македонија, и Кавказ.[2]

Таа е птица преселница која доаѓа на местата за размножување меѓу крајот на април и средината на мај, а заминува во август-септември. Зимува во тропска Африка од Сенегал на исток до Кенија на југ до Замбија. Мал број зимуваат во северозападна Африка, во Мароко, северен Алжир и Тунис.[2]

Поведение

[уреди | уреди извор]
Видео на кое се гледа типичното поведение на обичното ливадарче

Живеалиштето на оваа птица се каменитите отворени предели со ниска вегетација и грмушки. Користат и млади иглолисни шуми, до висина од 1-2 метра. Нив секогаш им треба некое повисоко место за перчење од каде ќе набљудуваат барајќи храна или ќе пеат праќајќи разни сигнали.

Гнездото го прават во ниската густа вегетација, каде несат 4-7 јајца што се инкубираат 11-14 дена. Младенчињата го напуштаат гнездото по 10-14 дена на нозе, зашто се уште млади за да летаат. Се оперјуваат по 17-19 дена, но и понатаму зависат од родителите за храна, уште 2 недели.[2] Овие птици кратко живеат, типично околу 2 години, а максимално забележано е над 5 години. Размножувањето започнува на едногодишна возраст.[3] Понекогаш се домаќини на паразитската кукавица.[2]

Тие се инсектојадни птици, исхраната им се состои од околу 80-90% инсекти, но и други безрбетници како пајаци, мали полжави и црви. Наесен јаде и мали овошја и бобинки.

Птицата сека да се перчи качена на врвот од некоја грмушка од каде лови инсекти, претежно на земја, но и летечки. Додека се така качени, особено мажјаците многу често ја шират опашката, а понекогаш и крилјата и блеснуваат со нивната бела внатрешност.[2]

Возрасните птици имаат само едно целосно митарење во доцно лето, по размножувањето, а пред преселбата. Младенчињата тогаш само делумно се митарат, на телото, а ги задржуваат пердувите за летање.[2]

Обичното ливадарче е вообичаена и честа птица во нејзиниот опсег и во Црвениот список на МСЗП е класифицирана како вид со најмала загриженост.[1] Сепак, некои популации сериозно се намалуваат, особено во западниот дел на опсегот, во Велика Британија, Ирска, Франција, Белгија, Холандија, Данска и Германија, најмногу заради интензивирање на земјоделието.[6]

  1. 1 2 BirdLife International (2012). Saxicola rubetra. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 Urquhart, E., & Bowley, A. (2002). Stonechats. A Guide to the Genus Saxicola. London: Helm Identification Guides. стр. 61–89, Plate 1. ISBN 0-7136-6024-4.
  3. 1 2 BTO BirdFacts Whinchat
  4. Hoyo, J. del, et al., eds. (2005). Handbook of the Birds of the World, vol. 10. Barcelona: Lynx Edicions. стр. 777. ISBN 84-87334-72-5.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
  5. Blasco-Zumeta, J. (undated). Laboratorio Virtual Ibercaja 333 Whinchat Архивирано на 26 декември 2011 г.
  6. Gibbons, D. W., Reid, J. B., & Chapman, R. A., eds. (1993). The New Atlas of Breeding Birds in Britain and Ireland: 1988–1991. T & A D Poyser ISBN 0-85661-075-5.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]