Црвеногушка

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Црвеногушка
Erithacus rubecula with cocked head.jpg
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Муварчиња
Род: Црвеногушки
Вид: Црвеногушка
Биномен назив
Erithacus rubecula
(Linnaeus, 1758)
Подвидови

7-10, погл. во текстот.


     лете      преку цела година      Зима

Црвеногушка (науч. Erithacus rubecula) — мала инсектојадна врапчевидна птица од семејството на муварчињата (Muscicapidae), која порано била сместена меѓу дроздовите (Turdidae). Долга околу 12.5-14 см, и мажјаците и женките со исти бои - портокалови гради и лице обрабени со сиво, кафеави горни делови и белкави долни делови - оваа птица ја има низ цела Европа, на исток до западен Сибир, на југ до северна Африка. Ја има и во Македонија. Таа е обично постојан жител (не е преселница), освен од најсеверните делови на нејзиниот опсег.

Таксономија и систематизација[уреди | уреди извор]

Црвеногушката е еден од многубројните видови за првпат опишани од Linnaeus во неговото дело од 18 век, Systema Naturae, под името Motacilla rubecula.[2] Епитетот rubecula е деминутивна форма од латинскиот збор ruber, што значи „црвен“.[3] Родот Erithacus бил креиран од францускиот природонаучник Cuvier 1800 година, давајќи ѝ го на птицата денешното научно име E. rubecula.[4]

Британски подвид, Erithacus rubecula melophilus, сосема малку се разликува од континенталните птици

Во својот широк опсег низ континентална Европа, црногушките по малку се разликуваат, но не формираат посебна популација која може да се смета за подвид.[5][6] Подвидовите на црвеногушките имаат свои популации на островите или на повисоките планини.

На Канарските Острови[уреди | уреди извор]

Возрасен и младенче на Канарски Острови

Птици кои најмногу се разликуваат како подвид се оние на Канарските Острови, на Гран Канарија (E. r. marionae) и Тенерифе (E. r. superbus), кои може да се сметаат за два различни вида, или барем подвида. Се разликуваат по белиот прстен околу окото, интензивно обоените гради и сива линија која ги одвојува портокаловите од кафеавите делови. Стомакот му е бел.[7] Гетенски, и птиците од Гран Канарија и Тенерифе добро се разликуваат. Компарацијата меѓу marionae и superbus покажува дека првите имаат 10% пократки крилја од вторите.[5]

Опис[уреди | уреди извор]

Младенче

Возрасната црногушка е долга 12.5-14 см, има распон на крилјата 20-22 см и тежи 16-22 грама. Мажјакот и женката имаат слично перје, портокалови гради и лице, обрабени со синкавосиво од страните на вратот и градите. Горните делови се кафеавкави, стомакот им е белкав, а нозете кафеави. Клунот и очите им се црни. Младенчињата се точкави, кафеави со бело, со дамки од портокалово.[8]

Распространетост[уреди | уреди извор]

Црвеногушката е распространета од источна Европа до западен Сибир, на југ до Алжир и атлантските острови, на запад сè до Азорите и Мадеира. Ги нема на Исланд.[8] Далеку на исток досегаат до Кавказ. Скандинавските и руските птици мигрираат во Британија да ги избегнат острите зими. Овие мигранти се познаваат по посивиот тон на горниот дел од телото и посветлите гради. Тие, исто така, сакаат повеќе елови шуми, за разлика од британските птици кои се одомаќиниле во парковите и градините.[9]

Однесување[уреди | уреди извор]

Песна 1
Песна 2
Хранење од рака
Гнездо со пет јајца

Црвеногушката е дневна птица, иако има сведоштва дека се појавува да лови инсекти на силна месечева светлина или близу до светилки, ноќе.[6] Во британските и ирските градини таа чеесто доаѓа и не се плаши од луѓето, а особено ако се копа земјата, па чека да излезе некој црв или некоја друга свежо ископана храна. Оваа птица се смета за пријател на градинарите и никогаш не е повредувана од луѓето. За разлика од тука, во континентална Европа, птицата била ловена и убивана, па затоа е поплашлива.[8] Обично се храни со инсекти и црви, но наесен и зимно време, ја дополнува својата исхрана со бобинки и овошје.[9] Јаде и мешавина од специјални семиња подготвени и понудени од луѓето.[8]

Мажјакот има многу агресивно територијално однесување. Ги напаѓа другите мажјаци што се обидуваат да им влезат во територијата, а забележано е дека напаѓаат и други мали птици без особена провокација. Овие напади често се фатални, па дури 10% од возрасните црвеногушки умираат во некои области.[10]

Морталитетот е многу голем во првата година од животот, па затоа просечно, овие птици живеат 1.1 година. Но, ако ја преживеат првата година можат и долго да живеат, а забележана е возраст од 12 години.[11]

Размножување[уреди | уреди извор]

Црвеногушките може да одберат многу различни места за своето гнездо, всушност секоја дупка или длапка може да дојде предвид. Освен вообичаените пукнатини или затскриена места, овие птици го прават гнездото на многу чудни места како: во делови од машини, скари, кај рачките од велосипед, влакната на угоре свртени метли, фрлени котлиња, канти, саксии, па дури и шапки. Гнездото е направено од мов, лисја и трева, послани со помека трева, коса и пердуви. Имаат две до три легла годишно со по 5-6 јајца, кои се кремави испрскани со црвеникавокафеава боја.[12] Кога младенчињата го напуштаат гнездото, тие се целите шарени кафеави. По 2-3 месеца почнуваат да им растат портокалови пердуви на градите, па постепено се здобиваат со изгледот на возрасните.

Огласување[уреди | уреди извор]

Црвеногушката има свиркачко-црцоречка За оваа звучна податотека песна  во сезоната на парење, кога често пеат навечер, а понекогаш и ноќе заради што некои го мешаат со славејчето (Luscinia megarhynchos). Ноќното пеење на урбаните црвеногушки се случува на места кои се многу бучни дење, сугерирајќи дека пеат ноќе зашто е потивко и нивната порака може појасно да ја пренесат.[13] И мажјакот и женката пеат зиме, држејќи ја секој својата територија, а песната тогаш звучи потажно.[8] Женката се преместува на нова територија зимно време која е попогодна за исхрана, а мажјакот останува на истата територија.

Во културата[уреди | уреди извор]

Црвеногушката е присутна во британскиот фолклор и во северозападна Франција, додека во другиот дел на Европа речиси воопшто не е застапена.[14]

Таа се смета за птица на бурата и е жртвувана на Тор, богот на грмотевицата во нордиската митологија.[15]

Во британската традиционална приказна „Деца во шумата“, птиците ги покриваат мртвите тела на децата со лисја.[16]

Во поново време, црвеногушката се поврзува со Божиќ и често ја има на частитките, почнувајќи од средината на 19 век.[16] Исто така, ја има на многу божиќни поштенски марки. Ова доаѓа од една стара британска народна приказна, која се обидува да ја објасни бојата на црвеногушката. Легендата вели дека кога Исус умирал на крстот, оваа птица која тогаш била со обична кафеава боја, долетала до него и му пеела на уво за да го утеши во неговата болка. Крвта од раните на Исус ги испрскале градите на птицата и оттогаш овој вид го има знакот од Христос.[15] An alternative legend has it that its breast was scorched fetching water for souls in Purgatory.[16] Асоцијацијата со Божиќ, сепак, поверојатно произлегува од фактот дека поштарите во Велика Британија за време на кралицата Викторија носеле црвени униформи и го добиле прекарот „робин“ (црвеногушка); на картичките стоел амблемот на поштарите кои ги доставувале.[17]

На гласање организирано од весникот Тајмс, 1960 година, црвеногушката, неофицијално, е прогласена за национална птица на Британија. [18] Тогаш, оваа птица е употребена за симбол на Здружението за заштита на птиците.[19]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. BirdLife International (2012). Erithacus rubecula. Црвен список на загрозени видвови на МСЗП, верзија 2012.1. Меѓународен сојуз за заштита на природата. http://www.iucnredlist.org/apps/redlist/details/106006588. конс. 16 јули 2012 г.  (англиски)
  2. Linnaeus, C (1758) (на Latin). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata.. Holmiae. (Laurentii Salvii).. стр. 188. „M. grisea, gula pectoreque fulvis.“ 
  3. Simpson, D.P. (1979). Cassell's Latin Dictionary (5 издание). London: Cassell Ltd.. стр. 883. ISBN 0-304-52257-0. 
  4. (француски) Cuvier, G. (1800) Lecons d'Anatomie Comparée Paris.
  5. 5,0 5,1 Dietzen, C.; Witt, H.-H. & Wink, M. (2003): The phylogeographic differentiation of the robin Erithacus rubecula on the Canary Islands revealed by mitochondrial DNA sequence data and morphometrics: evidence for a new robin taxon on Gran Canaria? Avian Science 3(2-3): 115-131.
  6. 6,0 6,1 (германски)Pätzold R (1995). Das Rotkehlchen Erithacus rubecula. Neue Brehm-Bücherei. Magdeburg/Heidelberg: Westarp Wissenschaften/Spektrum. ISBN 3-89432-423-6. 
  7. Cramp S (ed.) (1988). Handbook of the Birds of Europe, the Middle East and North Africa. The Birds of the Western Palearctic. Volume V. Tyrant Flycatchers to Thrushes. Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-857508-4. 
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 8,4 Hume R (2002). RSPB Birds of Britain and Europe. London: Dorling Kindersley. стр. 263. ISBN 0-7513-1234-7. 
  9. 9,0 9,1 Jonsson, Lars (1976). Birds of Wood, Park and Garden. Middlesex, England: Penguin. стр. 90. ISBN 0-14-063002-3. 
  10. „The RSPB-Robin:Territory“. RSPB website. http://www.rspb.org.uk/wildlife/birdguide/name/r/robin/territory.asp. конс. 17 мај 2008 г. 
  11. „British garden birds - lifespan“. garden-birds.co.uk. http://www.garden-birds.co.uk/information/lifespan.htm. конс. 7 април 2007 г. 
  12. Evans G (1972). The Observer's Book of Birds' Eggs. London: Warne. стр. 85. ISBN 0-7232-0060-2. 
  13. Fuller RA, Warren PH, Gaston KJ. Daytime noise predicts nocturnal singing in urban robins. „Biology Letters“ том  3 (4): 368–70. doi:10.1098/rsbl.2007.0134. PMID 17456449. 
  14. Ingersoll, стр. 167
  15. 15,0 15,1 Cooper, JC (1992). Symbolic and Mythological Animals. London: Aquarian Press. стр. 194. ISBN 1-85538-118-4. 
  16. 16,0 16,1 16,2 de Vries, Ad (1976). Dictionary of Symbols and Imagery. Amsterdam: North-Holland Publishing Company. стр. 388–89. ISBN 0-7204-8021-3. 
  17. „BBC Science & Nature:Animals“. bbc.co.uk. архивирано од оригиналот на 25 мај 2012. https://archive.is/1xkW. конс. 3 јануари 2008 г. 
  18. „Robin“. BBC. http://www.bbc.co.uk/nature/species/European_Robin. конс. 24 септември 2010 г. 
  19. Public Petition Committee of the Scottish Parliament. National Bird (PE783). 10 November 2004. The Enterprise and Culture Committee of the Scottish Parliament Agenda (25th Meeting, session 2) on 31 Oct 2006

Литература[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]