Народна волја

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Народна Волја)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Насловна страница на весникот (август 2006)

„Народна волја“ е македонски весник за теорија, историја, култура и уметност. До скоро време, „Народна волја“ беше единствениот македонски весник во Пиринскиот дел на Македонија, и воопшто, во Република Бугарија.[1]

Весникот излегува еднаш месечно и се печати двојазично, на македонски и бугарски јазик.

Историја на весникот[уреди | уреди извор]

Првиот број на „Народна волја“ излегува на 1 октомври 1980 год. во Сиднеј, Австралија. Како негови основачи се јавуваат повеќемина македонски емигранти, претежно од Пиринскиот дел на Македонија. Името „Народна волја“ е земено во спомен на истоимениот весник, издаван во почетокот на 20-тиот век од Јане Сандански и неговите приврзаници - санданистите.

За прв главен уредник на новата „Народна волја“ е избран Александар Христов (1929 - 2005). Поради неговото враќање во Лондон, заедно со него се сели и седиштето на редакцијата, па долги години потоа весникот излегува во Англија.

Во 1989 година во Република Бугарија паѓа тоталитарниот режим на комунистичкиот диктатор Тодор Живков со што се создадени неопходните услови за понатамошна демократизација на бугарското општество. Кај пиринските Македонци се раѓа надеж за подобрување на нивната положба, и така паѓа решение весникот да се пресели во родниот крај на неговите основачи. Во април 1992 година во Благоевград излезе првиот број во новото седиште, сега и со новата редакција, чиј главен уредник е Георги Христов, брат на Александар Христов. Оттогаш весникот излегува непрекинато до ден денешен.

„Народна волја“ и бугарската држава[уреди | уреди извор]

Иако регистриран според важечките бугарски закони, во првите години на излегувањето во Благоевград весникот се соочува со бројни проблеми. Така, без некакво образложување, Бугарската пошта одбива да потпише договор за дистрибуција низ земјата, а бугарските служби за безбедност преземаат разновидни мерки за да го попречат излегувањето на весникот. Таквите мерки, меѓу другото, се изразени и преку притисоци кон членовите на редакцијата или распространувачите на весници кои се осмелуваат да го продаваат весникот. Врв на сето тоа се неколкуте полициски акции, чиј резултат е запленување на одделни текстови, па и конфискување на целиот тираж на весникот.

По бројните протести на меѓународните организации за правата на човекот и слободата на изразување, како и поради приближувањето на Бугарија кон Европската унија, бугарската држава престана да се меша во работата на весникот „Народна Волја“. Сега тој излегува непречено, може да се најде во слободна продажба на киосците, а може да се нарача дури и преку Бугарската пошта.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

Дел од серијалот Јане Сандански
Јане 7.JPG