Мијат Мијатовиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мијат Мијатовиќ
Роден 15 март 1950
Чачак, СФРЈ
Починал 25 декември 2000
Скопје, Македонија
Занимање физичар
професор

Мијат Мијатовиќ (роден на 15 март 1950 година во Чачак - починал на 25 декември 2000 година во Скопје) — македонски физичар и универзитетски професор.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Мијат Мијатовиќ е роден на 15 март 1950 година во село Вуч­ковица, Србија. Основно училиште завршил во соседното село Кот­ража, а природно-математичка гимназија во Чачак. Дипломирал во 1973 година на отсекот за физика на Природно-мате­ма­тич­киот факултет на Универзитетот во Белград. Магистрирал во 1977 година на Природно-математичкиот факултет во Белград со одбрана на темата „Утицај вибрације кристалне решетке на функције одзива Изинговог модела“, а докторирал во 1980 г. на Природно-математичкиот факултет во Скопје со одбрана на докторската дисертација „Структурни премини кај квазиеднодимензионалите магнетици (Спин-Пајерлсов премин кај Изингов модел)“. Во периодот од 1974 до 1978 г. работел во Институтот за физика во Белград како помлад асистент, а од 1978 година се вработил на Институтот за физика на Природно-матема­тич­киот факултет во Скопје. За доцент бил избран во 1981 година, за вонреден професор во 1986 година, а за редовен професор во 1992 година. Ги предавал следниве предмети: статистичка физика со термоди­намика и астрономија со астрофизикана Природно-математичкиот факултет во Скопје, а статистичка физика и физика на цврсто тело на Природно-математичкиот факултет во Подгорица, Црна Гора.

Објавил 74 научни труда од областа на: квантната и статистичката механика, те­оријата на концентратори, непотенцијалните интеракции и диференцијалните равенки, од кои 60 се публикувани во меѓународни списанија, а другите во национални списанија или во зборници на трудови од научните собири. Презентирал 68 труда на научни собири претежно со меѓународен карактер. Тој бил соавтор на две монографии од областа на теоријата на концентратори и од диференцијалните равенки. Бил член на рецензентските тимови на две меѓународни списанија. Учествувал во работата на 8 научни проекти, од кои 4 во­дел (еден од нив бил југословенско-американски). Бил надворешен соработник на Институтот за јадрени науки „Вин­ча“ и на Институтот за фундаментални истражувања во Монтеродуни (Италија). Соработувал со научни институти и универзитети во Нови Сад, Белград и Подго­рица, Институтот за физика во Земун, Институтот за јадрени науки Винча, Универзитетот во Патрас (Грци­ја), Институтот за фундаментални истражувања во Флорида (САД)[2] .

Како член на Друштвото на физичарите на Маке­донија ја пројавил својата активност со одржување на голем број популарни предавања пред учениците и професорите по физика, а исто така и со активниот придонес во работата на комисиите за натпревари по физика. Бил претседател на Републичката Комисија за натпревари, како и член на Сојузната комисија за натпревари по физика. Посебно треба да се одбележи неговата активност во Македонското астрономско друштво на кое бил прв претседател, како и прв главен уредник на списанието Астрономски алманах. Со своето активно залагање придонел за популаризација на астрономијата во Македонија и за подигнување на нејзинит статус. Бил и претседател на Школата млади физичари. На двапати бил бил шеф на Институтот за физика.

Мијатовиќ починал на 25 декември 2000 година.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Мијатовиќ“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 946. Text "series " ignored (help)
  2. „Доктор Мијатовиќ Мијат - Редовен професор“. Природно-математички факултет - Скопје. http://www.pmf.ukim.edu.mk. Архивирано од изворникот на 2011-05-24. Посетено на 2020-08-18. Надворешна врска во |publisher= (help)