Мирка Гинова

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мирка Гинова
Родена 1916
Русилово, Воденско
Починала 27 јули 1946
Ениџе-Вардар, Грција
стрелана
Националност Македонка
Занимање учителка
Татко Костантин
Роднини Ташко Гинов, брат

Мирка Гинова (Русилово, Воденско, 1916[1] - Ениџе Вардар, 27 јули 1946) — борец од времето на Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција. Заедно со илјадници македонски и грчки патриоти, се борела против фашистичките окупатори на Грција, а подоцна и против силите на реакцијата и монархофашизмот. Мирка Гинова е првата жена стрелана во Грција од политички причини.

Животопис[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Мирка Гинова (во грчка варијанта - Ирина Гинис) е родена во сиромашно семејство во Русилово, мало село со околу 60 семејства, во близината на Островско Езеро, Воденско. На двегодишна возраст, останала без својата мајка (која умрела од грип), со што ја почувствувала сета горчина и страдања во животот. Основно училиште завршила во селото Катраница. Нејзиниот татко - Костантин Гинов, иако сиромашен, согледувајќи ја нејзината жед за знаење, со малку средства ја испратил на курс за учителки во Костур. По завршувањето на курсот за учители, Мирка подолг период се обидувала да се вработи, но шест години фашистичкиот режим на Метаксас ја попречувал да најде вработување. Имено, во овој период, диктаторскиот режим со крајна бруталност ги прогонувал Македонците, третирајќи ги како граѓани од втор ред и интернирајќи ги по пустите острови. Пред почетокот на Грчко-италијанската војна (29 октомври 1940 година), таа била назначена за учителка во едно село во Воденско. Мирка Гинова целата своја љубов ја насочила кон децата и за кратко време ја стекнала нивната доверба и почит, а целото село ја прифатило како нивна.

Револуционерна активност[уреди | уреди извор]

Биста на Мирка Гинова во Битола

Со почетокот на фашистичката окупација на Грција од април 1941 година, уште повеќе се влошилa положбата на Македонците во Егејска Македонија. Мирка Гинова се приклучила во редовите на ОКНЕ и младинската организација ЕПОН. Како активист на ЕПОН, илегално делувала во воденските и мегленските села. Таа ги организирала македонските младинки и младинци кои ја помагале народно-ослободителната борба, регрутирала нови борци, а самата заминала во партизани во 1943 година, во околината на Кајмакчалан. Мирка Гинова била секретарка на Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) за Воденскиот округ.

По ослободувањето на Грција, новата власт започнала да ги прогонува членовите на отпорот. Членовите на ЕЛАС биле масовно апсени, затворани и подложени на невидена тортура, а особено македонското население во Егејска Македонија било подложено на репресалии. Во 1945 година, Мирка Гинова се приклучила на Тајната ослободителна македонска организација (ТОМО) и при избувнувањето на Граѓанската војна во Грција учествувала во вооружените групи на Народноослободителниот фронт.

Смрт[уреди | уреди извор]

На 6 јули 1946 година, во местото Долга Ливада на планината Почеп, во близината на Воден, Мирка Гинова формирала мал партизански одред.[2] Набрзо, во една акција на 400 грчки жандарми и војници, одредот бил опколен и започнала борба во која Мирка Гинова (која единствено била вооружена) убила двајца жандари. Кога останала без муниција, била заробена, заедно со шестмината свои другари. Притоа, жандарите брутално се нафрлиле врз неа и, со распарчена облека и целата облеана во крв, ја носеле по улиците на Воден, но таа одела со исправена глава и цело време им се смешкала на луѓето кои се собрале да ја видат. Потоа, започнало ужасно мачење во кое Мирка Гинова била тепана со дрвени колци, кундаци и метална жица, под ноктите ѝ забивале шајки, а низ телото ѝ спроведувале струја. Потоа, таа била жива закопана до висина на вратот, додека жандармите пукале над нејзината глава.[3] Потоа, Мирка Гинова и шесте нејзини другари биле спроведени во Ениџе-Вардар. На судењето кое се одржало во градското училиште на 25 јули 1946 година, воениот суд ја осудил на смрт со стрелање. Заедно со другите соборци, Мирка Гинова била стрелана на 27 јули 1946 година. Покрај неа, биле стрелани и: Ристо Стојанов (45), Томе Михаилов (55), Георги Проев (25), Петре Поп Димитров (35), Димитар Лимбов (40) и Горгиос Муцакис - Алеко.[4] За време на судењето, таа ја покажала сета своја храброст. Иако свесна за последиците, пред судот во своја одбрана изјавила:

"Македонка сум и верувам во ГКП, бидејќи само таа партија ги претставува желбите на луѓето во Грција и гарантира за Македонците еднакви права со сите други. Се борев против Германците ... и сега сум горда дека умирам, бидејќи се борев против новите окупатори.”

Слична храброст, таа покажала и на самиот чин на стрелањето, кога не дозволила да ѝ ги врзат очите, а цело време ја пеела „Интернационалата”, викајќи „Ура за Комунистичката партија на Грција!”. Еден грчки војник, кој присуствувал на чинот на стрелањето, ги забележал последните мигови на Мирка Гинова. Во писмото испратено до нејзиниот татко, тој напишал:

„...Ви честитам за ќерката што сте ја родиле. Ја пресретна смртта со насмевка на усните, смело, пеејќи и сите присутни се зачудивме. Во 5.30 ѝ се доближив и прашав дали сака нешто да им напишам на родителите. А таа ми рече: ‘Ако милувате, пишете му го на татко ми следното: ‘Умирам за нешто во што верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна, за поарен живот на другите, а не за мојот‘. Беше чудесна, ниту пред смртта не покажа малодушност. А исто така и другите шестмина, но, повеќе таа. Не ви ги пишувам овие зборови за да ја пофалам вашата ќерка, туку ја изложувам само вистината што ја видов. Ве поздравувам јас, еден војник кого должноста го натера да присуствува на овој жален чин и ја имав желбата да ви ги напишам последните зборови на незаборавната Ирина, на сите позната како Мирка...”[5]

Почести[уреди | уреди извор]

Во Македонија нејзиниот лик претставува симбол на храброста на македонските жени. Нејзината храброст е опеана во народното творештво на Македонците од Егејска Македонија, како што се песните „Тихо Мирка си заспала[6] и „Мирка на Гинови“. Исто така, таа е опеана од страна на македонските поети, како што е примерот со песната „Мирка Гинова“ од Иван Чаповски.[7] Денес во нејзина чест низ Македонија има десетици институции, организации и улици кои го носат нејзиното име (на пример, Државниот ученички дом за средношколци и студенти во Битола, Домот на култура во Демир Капија итн.), а на градското шеталиште во Битола во 2006 година е поставена нејзина спомен-биста, дело на Драган Поповски-Дада.[8]

Тихо Мирка си заспала

Тихо Мирка си заспала
во Почепските планини,
во Почепските планини,
таму долу во ливади.

Насред ноќи пристигнале
втора чета комесари.
Гласот Мирка му го слушна,
одма Мирка се разбуди.

Во зората пристигнале
клети шпиони фашисти,
местото го заградија
жива Мирка ја фатија.

Жива Мирка ја фатија
во град Воден ја носија,
тешко Мирка ја мачија,
жива во гроб ја ставија.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, 358 стр.
  2. „Мирка Гинова-Μίρκα Γκίνοβα (1916-1946), Нова зора, 2 јуни 2010“. Архивирано од изворникот на 2020-01-23. Посетено на 2012-05-26.
  3. Pollitecon Publication. Архивирано од изворникот на 2019-10-01. Посетено на 2012-05-26.
  4. Мирка Гинова - Биографија, Macedonian Documents, 1 мај 2011.
  5. Македонска нација, 1 септември 2010
  6. Сокол ми лета високо - Збирка на народни песни од Егејска Македонија, Културно-уметничко друштво „Гоце Делчев“ - Скопје, Скопје, 1978, стр. 66.
  7. И. Чаповски, Мирка Гинова, Macedonian Documents, 19 март 2011.
  8. „Откриена биста на Мирка Гинова“, Вечер, бр. 13279, 23 август 2006.[мртва врска]

Литература[уреди | уреди извор]

  • Георги Ајановски „Ирина Гинова Мирка“, Скопје, 1992.
  • Ташко Мамуровски „Мирка Гинова (1916-1946): време, живот и дело“, Скопје, 1996.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]