Прејди на содржината

Левијатан (филм)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Левијатан (руски: Левиафан) — руски филм од 2014 година, во режија на Андреј Звјагинцев, кој е автор и на сценариото, заедно со Олег Негин. Главните улоги ги толкуваат: Елена Лјадова, Владимир Вдовиченков, Роман Мадјанов, Алексеј Серебрјаков и Сергеј Походаев. Филмот бил снимен во продукција на: A Non-Stop Production и RuArts Foundation for Contemporary Art, а продуцент е Александар Родњански. Кинематографијата е дело на Михаил Кричман, а монтажата ја извршила Ана Мас. Филмот трае 140 минути, а премиерно бил прикажан на 23 мај 2014 година на Канскиот филмски фестивал, каде ја добил наградата за најдобро сценарио. Вкупно, филмот добил четири награди на филмските фестивали и имал осум номинации.[1] [2]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Дејството на филмот се случува во мало гратче на брегот на Баренцовото Море, на северот од Русија. Во една куќа, што се наоѓа на убава локација на самиот брег, живее Николај (го игра Серебрјаков), заедно со младата сопруга Лилја (ја игра Лјадова) и синот од неговиот претходен брак, Роман, кој не ја сака својата маќеа. Корумпираниот градоначалник (го игра Мадјанов) сака да им го земе местото на кое се наоѓа куќата и затоа, Николај го повикува својот другар од армијата, Дмитриј, кој живее во Москва, каде што работи како адвокат (го игра Вдовиченков). Адвокатот со себе носи документи што ја докажуваат корумпираноста на градоначалникот и затоа му се заканува дека материјалите ќе ги објави во медиумите, ако не се согласи да му плати голема сума пари на Николај.

На почетокот, градоначалникот е преплашен, но потоа се созема и ги ангажира своите луѓе, кои го апсат Николај и го киднапираат Дмитриј, вперувајќи му пиштол во главата. Иако на почетокот се чини дека градоначалникот е притиснат, пресвртот настапува кога Дмитриј се впушта во сексуални односи со Лилја, а Николај ги фаќа на дело и го претепува својот војнички другар. По прељубата и заканата од градоначалникот, Дмитриј си заминува во Москва, а Лилја му се враќа на Николај, кој ѝ го простува неверството. Меѓутоа, неговиот син не сака да ѝ прости на Лилја, така што таа се фрла во морето. Корумпираната локална власт ја користи таа можност и го осудува Николај затворска казна од 15 години за наводното убиство на неговата жена. Така, градоначалникот слободно може да ја оствари својата цел и тој ја урива куќата на Николај, а детето Роман треба да избира меѓу живот во домот за сираци или да биде посвоен од пријателите на татко му.[3]

  1. IMBb, Leviathan (2014), Awards (пристапено на 30.11.2014)
  2. МКЦ, Пази се! Доаѓа Cinedays 13. 13-22 Ное., Скопје, 2014, стр. 40.
  3. МКЦ, Пази се! Доаѓа Cinedays 13. 13-22 Ное., Скопје, 2014, стр. 40.