Лазурна степа

Од Википедија — слободната енциклопедија

„Лазурна степа“ е расказ од рускиот и советскиот писател Михаил Шолохов од 1926 година. Расказот е објавен на македонски јазик, во превод на Цветко Мартиновски, како дел од збирката „Донски раскази“, објавена во 1965 година од издавачката куќа Култура.

Содржина[уреди | уреди извор]

Во близината на реката Дон, на една лединка лежат дедото Захар, старец на 69 години, и неговиот внук. Гледајќи ја степата, Захар покажува на еден дол, кажувајќи му на внукот дека таму се наоѓа селото Тополевка, а до него во минатото се наоѓал имотот на богатото семејство Томилин. Потоа, дедото Захар започнува да ја раскажува својата приказна:

Таткото на Захар, кој бил закрепостен селанец во времето на царска Русија, му бил личен кочијаш на богатиот Евграф Томилин, кој во младоста служел во царската гарда, а потоа ја напуштил службата и, добивајќи голем имот од царот, станал земјопоседник. По смртта на татко му, Захар ја презел неговата работа, служејќи му на Томилин како возач. Господарот Евграф имал чудни навики и често го терал Захар со полна брзина да поминува со кочијата по дупките на патот, сè додека не се искршат тркалата на кочијата. Другпат, тој ги мачел до смрт или самиот ги убивал коњите што ја влечеле кочијата. Во една прилика, гоподарот Евграф го испратил Захар да повика лекар, а тој ѝ се нафрлил на жена му на Захар. Меѓутоа, Захар ги насетил намерите на неговиот господар и скришум се вратил назад и, без да го запали светлото во собата, го истепал господарот со камшикот. Две години подоцна, Евграф умрел, а него го наследил синот-офицер.

Една пролет, селаните од имотот на Томилин се побуниле и го избркале господарот, а неговата земја си ја поделиле меѓу себе. По една недела, Томилин се вратил назад со цела чета Козаци и ги нападнал селаните. Селаните набавиле оружје и го бранеле селото, но на крајот, сепак победила војската на Томилин. Тогаш, Козаците ги заробиле селаните-војници, а меѓу заробените биле и двајцата внуци на Захар, Семјон и Аникеј. Захар паднал на колена пред господарот Томилин и го молел да ги ослободи неговите внуци. Томилин се согласил, под услов двајцата лично да го молат за прошка. Меѓутоа, и покрај проколнувањата на Захар, неговите внуци воопшто не сакале да се понижат пред Томилин. Потоа, тука пристигнала жената на Семјон, со неговото мало дете.

Томилин им наредил на шестмина Козаци да ги одведат Семјон и Аникеј на една ливада, а тие двајца таму се соблекле, со намера својата облека да му ја дадат на Захар. Жената на Семјон дошла до него, барајќи и неа да ја стрелаат со мажот. Пред очите на Захар, Козаците ги стрелале тројцата - Аникиј, Семјон и жена му. Но, Аникиј не умрел, иако бил погоден од три куршуми. Затоа, Томилин наредил да го фрлат на патот, каде токму тогаш поминувала цела чета Козаци. Аникиј имал среќа и коњите го прескокнале, но тркалата од топовите му ги прегазиле нозете. Така, тој ден, војниците на Томилин стрелале 32 селани, а само Аникиј останал жив, но инвалид. По граѓанската војна, Аникиј продолжил да живее во селото и делувал весело, играјќи си со синот на Семјон. Еден ден, пролетта, кога селскиот трактор ги орал нивите, Аникиј се довлечкал во ораницата, легнал на земјата, зел една грутка и почнал да ја гали, да ја гушка и да ја банкува, тагувајќи поради тоа што имал 25 години, а никогаш во животот нема да заора.

По завршувањето на раскажувањето, Захар и внукот продолжуваат да одат по патот на кој се гледале две траги: една на волк, а другата на трактор.[1]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Лазурна степа“, во: Михаил Шолохов, Донски раскази, Култура, Скопје, 1965, стр. 84-95.