Кратер (војсководец)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Александар и Кратер во лов на лавови. Мозаик во Пела.

Кратер (~ 370 - 321 п.н.е.) — македонски војсководец во служба на Александар Македонски и еден од дијадосите.

Роден е во семејството на благородникот Александар од Орестида (кај денешно Хрупишта, Костурско), а брат му бил адмиралот Амфотер. Кратер заповедал со фалангата и сета пешадија на левото крило во Битката кај Ис (333 г. п.н.е.). Во Хирканија бил испратен на задача против Тапурците, неговото прво независно заповедништво со македонската војска. Во Битката кај Хидасп (326 г. п.н.е., кај денешен Џелам во Пенџаб, Пакистан) заповедал со заштитницата (задните сили), сместена на западниот брег; неговите војници ја преминале реката само при крајот на битката.

На свечените венчавки во Суза, Кратер се оженил со персиската принцеза Амастрида, ќерка на Оксијатер, брат на Дариј III. На Кратер и Полиперхон им било доделено да предводат 11.500 ветерани на маршот назад во Македонија. Бил на должност во Киликија за да гради флота, кога разбрал за неочекуваната смрт на Александар во Вавилон.

Во 322 г. п.н.е. Кратер му се придружил на Антипатар во Ламиската војна против Атина. Со неговата киликиска морнарица допловил во Грција, и во 322 г. п.н.е. ја предводел војската во Битката кај Кранон. Кога Антигон кренал бунт против Пердика и Евмен, Кратер му се придружил, заедно со Антипатар и Птоломеј. Се оженил со ќерката на Антипатар, Фила. Загинал во битка во 321 г. п.н.е. некаде кај Хелеспонт во Мала Азија борејќи се против Евмен, кога Евменовиот залетан коњ паднал врз него.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]