Клод Жозеф Верне

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Клод Жозеф Верне
Claude Joseph Vernet
Élisabeth-Louise Vigée-Le Brun - Joseph Vernet (1778).jpg
Портрет на К. Ж. Верне од Елизабет Виже Лебрен, 1778 г.
Роден(а)14 август 1714(1714-08-14)
Авињон
Починал(а)3 декември 1789(1789-12-03) (воз. 75 г.)
Париз
НационалностФранцузин
Познат(а) посликарство

Клод Жозеф Верне (француски: Claude Joseph Vernet; 14 август 1714 - 3 декември 1789) — француски сликар, познат по неговите предели и поморски теми.

Живот и дело[уреди | уреди извор]

Роден е во Авињон, Прованса, во семејството на успешниот украсен сликар Антоан Верне (1689–1753).[1] Веќе на четиринаесетгодишна возраст зема учество во изведувањето на најважните нарачки во татковото студио. По извесно време го губи интересот за украсување на дамски носилки, па трга за Рим во потрага по поголемо мајсторство. Пловидбата од Марсеј за Читавекја му остава силен впечаток и му поттикнува интерес за китовите. По самото пристигање, веднаш станува ученик на поморскиот сликар Бернардино Ферџони.[2]

Пробив и работа во Рим[уреди | уреди извор]

Во 1734 г. Верне преоѓа во Рим за да ги изучува пределните и поморските сликари како Клод Желе, каде го стекнува својот стил и тематика на работа.[3]

Постепено Верне се истакнува во уметничките кругови на Рим и стекнува углед. Неговиот стил се одликува со верно предавање на природните услови, но со своја необична сликовита вештина. Особено забележително е неговото претставување на човекот како суштински дел од глетката, и сосема вплотен во неа.[2] Во овој поглед, Верне извршил силно влијание врз Џовани Паоло Панини, со кој веројатно соработувал. Неговите дела редовно прикажуваат тематика од природата, но без изразена сентименталност, туку наполно украсно.[4] Во таа насока, самиот Верне забележал: „Можеби други знаат подобро да го насликаат небото, земјата и морето; но никој не знае да изработи слика подобро од мене“.[2] Стилот му останал прилично непроменет во текот на целиот работен век. Посветеноста на доловување на атмосферските услови и чувството за складност потсетуваат на Клод Лорен.

Верне проведува дваесет години во Рим, каде слика пристаништа, бури, спокојни глетки, месечева светлина и големи китови. Станува особено популарен меѓу англиските аристократи дојдени на Големата обиколка. Во 1745 г. се оженил за Англичанка, која ја запознал во градот.

Период во Париз[уреди | уреди извор]

Марсејското пристаниште (1754).

Во 1753 г. Верне е повикан во Париз, каде кралска заповед, изработува низа слики од пристаништа на Франција (денес во „Лувр“ и Националниот поморски музеј) по кои денес е најпознат.[4] Меѓу нив особено се издвојува делото Рошфорското пристаниште (1763) каде, според британскиот ликовен историчар Мајкл Леви, Вернер успева да создаде „кристално и атмосферски чувствително небо“ како во ретко кое дело. Во нив, Верне исто така настојува да ја долови раздвиженоста на пристаништата, прикажувајќи ги граѓаните во најразлични активности.

Во 1757 г. слика збир од четири дела насловени како Четирите времиња во денот на кои се претставени разните делови од едно деноноќие. Во целиот творечки живот, Верне постојано се навраќа на Италија како тема, што е видливо во подоцнежните дела како Насукан кит.[4] По враќањето од Рим, станува член на Кралската академија на сликарството и вајарството, иако во неа почнува да излага уште од 1746 и во наредните години, па сè до крајот на животот.

Смрт и оставнина[уреди | уреди извор]

Умира во својот стан во Лувр на 3 декември 1789 г. По неговите стапки поаѓаат синот Карл и внукот Орас Верне.

Вернеовите дела се пренесувале на бакропис и во печат од низа истакнати гравери, меѓу кои се издвојуваат Жак Филип Лебас, Шарл Никола Кошен, Пјер Франсоа Басан, Пјер Дире, Шарл Жозеф Флипар и Жан Жак Лево во Франција, како и Франсоа Вивар во Англија.[2]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Клод-Жозеф ВернеНационална галерија - Лондон (англиски)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3  Една или повеќе речениците пред наводов вклучуваат текст од дело кое сега е во јавна сопственостVernet s.v. Claude Joseph Vernet“. Енциклопедија Британика (XI) 27. (1911). Cambridge University Press. (англиски)
  3. „claude-joseph-vernet-a-storm-on-a-mediterranean-coast“. www.getty.edu/art/collection. 
  4. 4,0 4,1 4,2 Michael Levey. Painting and Sculpture in France, 1700–1789. Yale University Press. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]