Прејди на содржината

Италијански Езера

Од Википедија — слободната енциклопедија
Италијанските езера се наоѓаат на алпското подножје и го означуваат преминот помеѓу Алпите и рамнината на По.

Италијанските езера ( италијански: Grandi laghi prealpini, букв. „Големи Предалпски Езера“) ― група големи езера што лежат на јужната страна на Алпите, во сливот на реката По и Средоземното Море. Како што предложува нивното име, тие се во суштина сместени во северна Италија, меѓутоа, тие се делумно сместени и во јужна Швајцарија. Сите тие се леднички езера кои настанале по повлекувањето на ледниците на крајот од последното ледено доба. Групата е составена од езерата (од запад кон исток): Орта, Маџоре, Варезе, Лугано, Комо, Изео, Идро и Гарда.[1] Трите најголеми се сите над 100 км2, тоа се: Гарда (најголемото во Италија), Маџоре (најголемото во јужна Швајцарија) и Комо.

Езерата се наоѓаат во италијанските региони Пиемонт, Ломбардија, Венето и Трентино-Горно Адиџе/Јужен Тирол и во швајцарскиот кантон Тичино. Сите тие се наоѓаат барем делумно во Италија, додека две од нив (Маџоре и Лугано) се делумно во Швајцарија.

Италијанските Езера претставуваат популарна туристичко одредиште уште од римското време поради нивната блага клима и погледот кон Алпите.[2]

На географските широчини помеѓу 45° и 46° северно и на височини под 400 метри надморска височина, Италијанските Езера уживаат многу сонце и многу благо време. Регионот е познат по својата подсредоземна клима, што го прави најтоплата област во Швајцарија[3] и значително потопла од повеќето региони во северна Италија. Таму суптропските растенија можат да растат во текот на целата година во многубројните градини, особено оние на Боромеовите и Брисашките Острови. Во текот на зимата, езерата помагаат да се одржи повисока температура во околните региони (бидејќи водата ја ослободува топлинската енергија побавно од воздухот) при што снежните врнежи се непредвидливи и првенствено влијаат на повисоките височини околу езерата. Врнежите се најмали во текот на зимските месеци, а најобилни околу летото, достигнувајќи го својот врв во пролет и есен.[4][5][6]

Особено благата клима на Италијанските Езера го фаворизира растот на некои цврсти средоземни растенија, вклучително и маслиново дрво, чадорски бор, средоземен чемпрес, кинеска ветерничка палма и ананасова палма. Во близина на езерото Лугано е едно од ретките места во Швајцарија каде што се одгледуваат маслинки. Околу езерото Гарда може да се најдат и некои цврсти цитрусни дрвја, како што се тврдите лимони и сацума, кои се исклучително ретки на оваа географска ширина.[7]

  1. Gabriel Faure (1923). The Italian Lakes: Maggiore, Como, Orta, Varese, Lugano, Iseo, Garda
  2. „Italian Lakes“. 11 ноември 2015.
  3. Grünig, Andreas (1994). Mires and Man: Mire Conservation in a Densely Populated Country. Швајцарски сојузен институт за шумско, снежно и пејсажно истражување. стр. 27. ISBN 9783905620344. in the lowlying area of the canton Ticino, there is sub-Mediterranean climate and flora of the northern Italian lakes region
  4. Види на пример Локарно#Клима, Лугано#Клима or Комо#Клима
  5. The history of Lake Maggiore lagomaggioreonline.it. Посетено на 29 јануари 2022
  6. Lake Maggiore myswitzerland.com. Посетено на 29 јануари 2022
  7. Catherine Richards (2011). Lake Como, Lake Lugano, Lake Maggiore, Lake Garda - The Italian Lakes. Hunter Publishing, Inc. стр. 91. ISBN 978-1-58843-770-9.

 

Поврзано

[уреди | уреди извор]