Златен стандард

Од Википедија — слободната енциклопедија

Златен стандард е монетарен режим или монетарен стандард во кој вредноста на домашната валута е утврдена во однос на вредноста на златото. Златниот стандард е форма на стоковиот или металистичкиот стандард.

Опис и одлики[уреди | уреди извор]

Златниот стандард претставува меѓународен монетарен систем во кој секоја земја ја утврдува вредноста на својата валута во однос на златото и се обврзува да ја одржи таа вредност на тој начин што е подготвена да купува и продава злато по утврдената цена. За да може да го прави тоа, земјата држи резерви во злато. Исто така, златниот стандард претпоставува слободен увоз и извоз на злато. Бидејќи секоја земја ја утврдува вредноста на својата валута во однос на златото, тоа значи дека меѓу одделните валути има фиксен девизен курс.[1] На пример, ако вредноста на фунтата е определена на шест фунти за унца злато, а една унца злато вреди 12 франци, во тој случај курсот меѓу фунтата и франкот би бил еднаков на два франка за една фунта.[2]

Во рамките на златниот стандард, ниедна земја нема повластена положба, туку процесот на монетарно присопособување е симетричен. На пример, ако централната банка на една земја ја зголеми паричната маса, тоа ќе предизвика намалување на каматните стапки во земјата, кои ќе бидат пониски во однос на странските каматни стапки. Поради тоа, луѓето ќе ја разменуваат домашната валута за злато кај домашната централна банка и потоа со златото ќе купуваат странка валута, која носи повисока каматна стапка. На тој начин, земјата која ја зголемила паричната маса ќе се соочи со одлив на капитал, а странските земји со прилив на капитал. Во домашната економија, претворањето на домашната валута во злато ќе доведе до намалување на паричната маса и пораст на каматната стапка. Од друга страна, претворањето на златото во странската валута ќе ја зголеми паричната маса во странство, а тоа ќе предизвика намалување на странската каматна стапка. Така, домашната и странската каматна стапка ќе се изедначат и пак ќе се воспостави рамнотежа.[3] Овој механизам на воспоставување на внатрешна и надворешна рамнотежа е познат како price-specie-flow mechanism, поим создаден од Дејвид Хјум.[4]

Златниот стандард имал неколку негативни страни:[5]

  • ја ограничува можноста за употреба на монетарната политика во борбата против невработеноста
  • обезбедува стабилност на цените само ако не се промени релативната цена на златото во однос на другите производи
  • без нови откритија на златна руда, земјата не може да ги големи своите резерви на злато во согласност со растот на економската активност
  • земјите со големи рудни наоѓалишта на злато би имале голема можност да лвијаат врз макроекономските услови во светот преку продажбата на злато

Историја[уреди | уреди извор]

Во индустриските земји од Западната полутопка, до почетокот на 1870-тите, многу земји имале воспоставено биметалистички стандард во кој домашната валута била врзана за златото и среброто. На пример, САД имале ваков монетарен режим до Граѓанската војна, а биметалистичкиот стандард бил најразвиен во Франција, која го напуштила во 1873 година.[6] Првата земја која целосно преминала на златен стандард била Велика Британија, каде во 1821 година банкнотите што ги печатела Банката на Англија станале заменливи за злато. Сепак, во повеќето западни земји, златниот стандард формално бил воспоставен во 1873 година; на пример, Франција формално го воспоставила златниот стандард дури во 1878 година, иако фактички преминала кон него на почетокот од 1850-тите; Германија преминала на златен стандард во 1875 година, кога го напуштила слободното ковање сребрени пари; САД го прифатиле златниот стандард во 1879 година; а Русија и Јапонија преминале кон златен стандард во 1897 година; златниот стандард бил напуштен за време на Првата светска војна, во некои земји повторно бил воспоставен по нејзиното завршување; на пример, САД се вратиле на златниот стандард во 1919 година, Британија се вратила во 1925 година, додека Швајцарија, Франција и скандинавските земји го направиле тоа во 1928 година; сепак, златниот стандард бил целосно напуштен во 1930-тите; на пример, поради големиот одлив на злато, во септември 1931 година, британската влада го укинала златниот стандард, а до крајот на годината тоа го направиле и Канада, Шведска, Австрија и Јапонија; под притисок на одливот нз злато и масовното пропаѓање на банките, во април 1933 година и САД го напуштиле златниот стандард; последната земја што се откажала од златниот стандард била Франција (1936 година).[7][8]

Денес, повеќето економисти се против идејата за повторно воспоставување на златниот стандард. Така, уште во 1923 година, Џон Мајнард Кејнс го нарекол златниот стандард „варварски реликт“. По доаѓањето на власт, во 1981 година, американскиот претседател Роналд Реган воспоставил посебна комисија, под раководство на Ана Шварц, со цел да ја испита ползата од евентуалното враќање на САД кон златниот стандард, но комисијата не препорачала таков потег.[6]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Paul R. Krugman and Maurice Obstfeld, International Economics: Theory and Policy (sixth edition). Boston etc. Addison-Wesley, 2002, стр. 513-514.
  2. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 33-34.
  3. Paul R. Krugman and Maurice Obstfeld, International Economics: Theory and Policy (sixth edition). Boston etc. Addison-Wesley, 2002, стр. 514-515.
  4. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 34.
  5. Paul R. Krugman and Maurice Obstfeld, International Economics: Theory and Policy (sixth edition). Boston etc. Addison-Wesley, 2002, стр. 515-516.
  6. 6,0 6,1 Paul R. Krugman and Maurice Obstfeld, International Economics: Theory and Policy (sixth edition). Boston etc. Addison-Wesley, 2002, стр. 516.
  7. Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 26.
  8. Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 33-36.