Ели Кохен

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
EliCohen.jpg
Роден Елијаху Бен-Шаул Кохен
26 декември 1924 г.
Александрија, Египет
Починал 18 мај 1965 г.
Дамаск, Сирија

Елијаху Бен-Шаул Кохен (на хебрејски: אֱלִיָּהוּ בֵּן שָׁאוּל כֹּהֵן‎, на арапски: إيلي كوهين‎; 26 декември 1924 г. - 18 мај 1965 г.), повеќе познат како Ели Кохен — израелски разузнавач, припадник на Мосад. Се смета за национален херој во Израел поради своите придонеси за формирањето на државата. Особено е познат за својата разузнавачка работа во периодот од 1961 година до 1965 година во Сирија каде што изградил блиска соработка со политички и воени лица и успеал да се рангира на функцијата Главен секретар во Министерството за одбрана на Сирија.

Во 1965 година, Сириските контра-разузнавачки служби случајно го откриле ликот на Ели Кохен. Поради неговите дела, сириските власти го осудиле Кохен на смрт при што и покрај реакциите од меѓународната заедница, Ели Кохен бил обесен на Плоштадот на мачениците во централен Дамаск, Сирија на 18 мај 1965 година. Сепак, разузнавачките материјали кои Кохен ги собрал и ги испратил до неговите колеги во Израел пред неговото апсење одиграле важна улога во успесите на Израел во Шестдневната војна.

Биографија[уреди | уреди извор]

Рани години[уреди | уреди извор]

Ели Кохен е роден на 26 декември 1924 година во еврејска и ционистичка фамилија во Александрија, Египет. Во јануари 1947 година започнал со служба во Египетската армија како алтернатива на пропишаната сума која евреите требале да ја плаќаат во државата, но бил деклариран како неподобен врз основа на сомнителна лојалност. Следната година го напуштил универзитетот поради тоа што се соочил со вознемирување од страна на египетската организација Муслиманско братство и продолжил да се образува од дома.

Во 1949 година, неговите родители и тројца браќа заминале за Израел по формирањето на државата, сепак Кохен останал во Египет за да дипломира по електроника, но и да координира ционистички активности. Во 1951 година бил организиран воен удар, при што за тоа биле обвинети ционистите. Познат како таков активист, Кохен бил уапсен и испрашуван од тамошните власти.[1] Сепак, по започнувањето на Суецката криза, Египетските власти започнале со прогон на евреите во земјата. Под такви околности, во декември 1956 година, Кохен бил присилен да го напушти Египет. Преку брод од Неапол, Италија, Кохен имигрирал во Израел, пристигнувајќи на пристаништето во Хаифа.[1]

Разузнавачка кариера[уреди | уреди извор]

Во 1957 година, Кохен станува припадник на Израелските одбранбени сили и работи во областа на воено разузнавање, каде што станал контра-разузнавачки аналитичар. По одреден период ја напуштил својата работа и се обидел да се вработи во Мосад, но тоа поминало безуспешно. Сепак, по околу две години генералниот директор на Мосад, Меир Амит, барајќи агент кој ќе може да се инфилтрира во владата на Сирија, наишол на името на Кохен и одлучил да го регрутира. Во првите две недели бил ставен под надзор при што бил оценет како способен за работата. Тогаш Кохен бил информиран дека Мосад има намера да го вработи и учествувал во шест-месечен курс. Во извештајот за неговото регрутирање се вели дека ги поседува сите способности за да биде теренски агент.[2][3]

Сирија[уреди | уреди извор]

Кохен кај Голанските висини со поглед кон Израел, заедно со високи сириски воени функционери.

Првата и единствена задача на Кохен како агент на Мосад била во Сирија. Тој имал за цел да се инфилтрира кај сириските власти. Таквата мисија му започнува во февруари 1962 година кога пристингал во Дамаск, Сирија. Лажниот идентитет со кој настапувал Кохен бил сириски бизнисмен под името Камел Амин Табет (на арапски: كامل أمين ثابت) кој се враќал од Аргентина во својата родна земја Сирија. За да го утврди своето покритие, Кохен живеел во Буенос Аирес, Аргентина во текот на 1961 година.[4][5]

Тактиките на Кохен за градење на односи со сириските политичари, воени функционери и други важни јавни личности биле внимателно планирани од страна на Мосад. Во главно, ликот на Кохен, Камел Табет имал навик да го поминува своето време во барови. Па така, во станот на Табет во Дамаск често се одржувале ноќни забави на кои присуствувале разни високи сириски функционери кои биле опслужувани со алкохол на сопствено барање.[6]

Еден од најважните моменти во разузнавачката кариера на Ели Кохен е неговата посета на месноста Голански висини, во која во тоа време бил забранет пристап на цивили поради тоа што истата претставувала силно чувана воена област на Сирија. Извикувајќи сочувство за војниците изложени на сонце, Кохен успеал да нареди поставување на дрвја на секоја позиција. Израелската војска знаела за ова за време на Шестдневната војна и ги искористила како маркери за позициите зад кои се кријат сириските војници.[7]

Смрт[уреди | уреди извор]

Во 1964 година, Сириското разузнавање добива нов раководител, полковникот Ахмед Садини, кој немал доверба во своите колеги. Поради тоа, Кохен бил исплашен дека може да биде откриен, и на тајната посета на Израел во ноември 1964 година побарал неговата мисија да биде запрена, но таквото барање било одбиено.[1] Таквите претпоставки на Кохен станале реалност, и во јануари 1965 година, сириските власти започнале да работат на разоткривање на непријатели во своите кругови. Таквите напори на сириските власти биле успешни, и по откривање на радио преносите со кои Кохен пренесувал информации на израелските служби, на 24 јануари 1965 година тој бил уапсен во неговиот стан.

Ели Кохен веднаш бил осуден на смрт поради шпионажа. Поради таквата казнена мерка, од Израел започнала меѓународна кампања за помилување, но истата била неуспешна иако таа била подржана од многу јавни личности меѓу кои и папата Павле VI. На 18 мај 1965 година, Кохен јавно бил обесен од страна на сириските власти на Плоштадот Марижа во централен Дамаск. Неговата последна желба да се види со рабин била испочитувана и на патот кон плоштадот, Кохен бил во придружба на Нисим Андабо, 80-годишен главен рабин на Сирија.[2]

... Те замолувам моја мила Надија, не троши го своето време на плачење за нешто што поминало, сконцентрирај се на себеси и гледај напред кон подобра иднина!

— Последното писмо на Кохен, напишено на 15 мај 1965 година до неговата сопруга.[1]

Приватен живот[уреди | уреди извор]

Пред да започне со работа за Мосад, во периодот помеѓу 1958 и 1959 година работел како службеник за поднесување во агенција за осигурување во Тел Авив. Во 1959 година тој се оженил со Надија Мажалд, ирско-еврејска имигрантка и сестра на израелскиот автор Сами Мајкл. Заедно со Надија, Кохен имал три деца, Софија, Ирит и Шаи. Нивната семејна куќа била во Бат Јам, крајбрежен град во близина на Тел Авив.[8]

Погребување[уреди | уреди извор]

Камен споменик посветен на Ели Кохен во Ерусалим.

Во ноември 1965 година, по неколку месеци од убиството на Кохен, неговата жена Надија испратила писмо до тогашниот министер за одбрана на Сирија, Хафез ал-Асад во кое побарала прошка за чиновите на Кохен, надевајќи се дека ќе ги добие посмртните останки на својот сопруг, сепак тоа не се случило. Во фебруари 2007 година Турски официјален извор потврдил дека владата на Турција е спремна да биде посредник во враќањето на останките од Ели Кохен на неговата фамилија од страна на Сирија.[9]

Во август 2008 година, поранешниот шеф на кабинетот на Хафез ал-Асад, Монтир Маозили, изјавил дека местото на гробот на Кохен не е познато, тврдејќи дека тогашните власти го закопале телото на Кохен три пати за да спречат враќање на неговите останки преку специјална операција на израелските служби.[10]

Чествување[уреди | уреди извор]

Денес, Кохен се смета за национален херој во Израел. Многу улици и населби се именувани по него. Во 1987 година бил емитуван филмот „Невозможниот шпион“ кој е базиран на неговиот живот.[11] Неговото име е испишано на камен споменик во Градината на исчезнатите во Херцелската гора во Ерусалим, Израел.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Хронологија на Ели Кохен
  2. 2,0 2,1 Thomas, Gordon: Gideon's Spies: The Secret History of the Mossad
  3. Јоси Кац, A Voice Called: Stories of Jewish Heroism, Ерусалим, 2010, стр. 111
  4. Ефраим Кахана, Historical Dictionary of Israeli Intelligence, 2006 г.
  5. Абрам Шмит, Silent warfare: Understanding the world of intelligence, 2002, стр. 14.
  6. Ели Кохен, Еврејска виртуална библиотека (англиски)
  7. Иан Блек, Бени Морис, Israel's Secret Wars: A History of Israel's Intelligence Services, Њу Јорк, 2003, стр. 227.
  8. "Бескрајна агонија за легендарниот шпион Ели Коен и неговата вдовица". Haaretz (англиски). 14 мај 2010. конс. 17 јануари 2018. 
  9. "Дали израелскиот супер-шпион конечно ќе почива во мир?". The First Post (англиски). 20 февруари 2007. 
  10. "Поранешен помошник на Асад: Гробното место на Ели Кохен е непознато". YNet News (англиски). 30 август 2008. конс. 16 јануари 2018. 
  11. The Impossible Spy IMDB.com

Надворешни врски[уреди | уреди извор]