Гранџ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Гранџ музиката (често нарекувана Seattle Sound) е произлезена од инди рок, инспирирана од хардкор панк, треш метал, и алтернативен рок. Комерцијален успех постигнува во доцните 1980-ти и раните 1990-ти, достигајќи го својот врв во мејнстримот во 1991 и 1994. Гранџот е создаден во градовите во Сојузната држава Вашингтон како што се Сиетл, Олимпија, и Портланд. Феноменот наречен гранџ се разликуваше од музиката во 80-тите.

Стил, корени и влијанија[уреди]

Гранџ музиката генерално се карактеризира со „валкани“ гитари, јаки рифови и тапани.„Валканиот“ звук е добиен со стилистичка промена во свирењето на панк рок, и со гитарска дисторзија и фидбек. Гранџот има бавно темпо и непостојани хармонии што не се наоѓаат во панк рокот. Текстовите обично се исполнети со гнев, фрустрација, досада, тага, страв и депресија - чувства што се присутни кај адолесцентите; многу гранџ музичари своите кариери ги имаат почнато како тинејџери. Меѓутоа, текстовите се должат и на други фактори, како што се сиромаштијата, неудобноста во поглед на социјалните предрасуди и генералното разочарување од состојбата во општеството. Но, не се занимаваат сите гранџ бендови со овие емоции. Пример за тоа е сатиричната песна на НирванаIn Bloom“, како и многу други гранџ песни во кои се одгледува смисла за хумор, а кои што останале во заден план, понезабележани од страна на публиката.

Seattle punk/metal banda The U-Men en Seattle, 1980s

Гранџот еволуирал од панк рок сцената во северозападниот Пацифик, бил инспириран од локалните панк бендови, како што се The Fartz, The U-Men и The Accused, како и од поп-панкерите The Fastbacks. Меѓутоа, најголемото влијание доаѓа од бавниот и хеви звук на The Melvins. The Melvins и The Wipers се сметаат за гранџ бендови, иако некои ги класифицираат како хардкор-панк бендови.

Марк Арм, вокалистот на бендот Green River (а подоцна Mudhoney), е познат по тоа што е прв го употребил терминот „гранџ“ за да го опише овој стил на музика. Арм го употребувал терминот во негативна конотација - стилот на неговиот бенд го нарекувал „pure grunge, pure shit“ („чисто ѓубре, чисто срање“). Но, од страна на медиумите ова било искористено за идентификација на бендовите што звучеле како Green River. Терминот тотално одговарал за опишување на „валканиот“ гитарски звук по кој е познат гранџот.

Формирани во 1983 г., се верува дека Green River го создале гранџот. Тие претставуваат инспирација за многу гранџ бендови, и покрај тоа што немале голем комерцијален успех. По распаѓањето на бендот во 1988 г., разделените членови ги формираат Mudhoney и Mother Love Bone, со кои и понатаму продолжуваат да свират гранџ. Green River употребува потврд звук што не е присутен кај подоцнежните гранџ бендови, но се појавува кај бендовите како што се Soundgarden and Alice in Chains. Како и да е, жанрот се создал како микс од раниот гранџ звук и алтернативниот рок, пред неговиот мејнстрим успех во 1990-те. За тоа најчесто се дава заслуга на групата Нирвана, којашто го измеша раниот гранџ и стилот на The Pixies. Употребата на стилот што е карактеристичен за The Pixies ќе го популаризира стилскиот пристап во гранџот и во другите алтернативни рок жанрови.

Уникатниот звук на гранџот се претпоставува дека е добиен поради изолацијата на Сиетл од другите алтернативни рок сцени. Меѓутоа, се претпоставува дека влијанието на гранџот доаѓа и од бендови од источниот брег како што се Sonic Youth and Dinosaur Jr., а и влиајнието на Тhe Pixies врз Нирвана и многу други бендови е огромно. Некои велат дека и хардкор панк бендот од Минесота наречен Hüsker Dü има влијаено врз гранџот. Откако неколку пати Нил Јанг и Перл Џем отсвиреле во живо и го снимиле албумот Mirror Ball, медиумите го прогласиле Нил Јанг за „кум на гранџот“, етикета базирана на неговата работа со бендот Crazy Horse.

Стив Тарнер од Mudhoney вели дека албумот од 1984 My War на Black Flag го имал најголемото влијание врз бендовите од Сиетл. Тарнер вели: „Многу луѓе го мразеа фактот дека Black Flag го забавија темпото на музиката... Но, овде кај нас беше супер - се радувавме затоа што звучеа чудно и заебано“. Иако треш елементи навлегувале во гранџот, сепак жанрот си остана лојален на своите панк корени. Менталитетот на бендовите сѐ уште беше длабоко вкоренет во панк сцената.

Концертите на гранџ бендовите се високо енергични и ја избегнуваат комплексноста на високобуџетните концертски презентации катактеристични за хеви метал бендовите од 80-тите, каде што се употребувале ласери, пиротехника и други технолошки и визуелни ефекти со кои се остава поголем впечаток врз публиката. Наместо тоа, гранџ бендовите настапуваат само со своите инструменти, енергијата ја носат со своите настапи и со самите себе како „визуелни“ ефекти (буџетот на ниеден концерт не бил поголем од минималните трошоци), додека пак во публиката вообичаено било правењето на „mosh pit“ (кај нас позната како „шутка“, што било карактеристично за обожавателите на панкот). Како и обожавателите, и музичарите учествувале во stage diving, crowd surfing, headbanging и pogoing, но сепак, публиката на гранџ концертите е најпозната по енергичното шуткање.

Мејнстрим популарност[уреди]

Пред гранџот да стане популарен, бил слушан само од тие кои што го свиреле. Бендовите свиреле во клубови со минимална публика, која главно се состоела од членовите на други бендови што чекале ред за настап. Кога бендовите почнале да издаваат албуми, продуцентските куќи биле оние што го презентирале гранџот на локалната публика. Sub Pop ги држеле најглавните бендови, а прилично позната продуцентска куќа била и Olympia labels. Други попознати куќи кои помогнале во етаблирање на гранџот се EMpTy Records, Estrus Records, C/Z Records и PopLlama Records.

Во ноември 1988 г., Sub Pop го преземале првиот чекор кон популаризирање на гранџот, со тоа што секој месец составувале компилации наречени Singles Club - песни од локалните гранџ бендови, кои фановите ги добивале месечно преку своите е-пошти. Со ова Sub Pop го издигнал гранџот на локално ниво, а со тоа се етаблирале како моќна продуцентска куќа на локалната сцена. Bruce Pavitt и Jonathan Poneman велат дека по нивното ангажирање на новинар од британското списание Melody Maker да напише текст за локалната музичка сцена, популарноста на гранџот почнала да зема се поголем замав. Со ова се помогнало луѓето надвор од Сиетл да се запознаат подобро со гранџот. Во овој период, на карајот на 80-тите, Mudhoney го имале најголемиот комерцијален успех и се сметаат за најуспешниот бенд, се до почетокот на 90-тите пред гранџот да стане национален феномен.

Grunge banda Gruntruck, Seattle, 1992

Генерално, заслугата за огормната популарност во раните 90-ти се дава на Нирвана. Популарноста на песната Smells Like Teen Spirit од албумот Nevermind, била големо изненадување за музичката индустрија. Албумот стана број еден низ скоро сите топ листи во светот и го отвори патот за бендовите слични на Нирвана. Перл Џем, кои го издале својот најуспешен албум Ten еден месец порано, почнале да го продаваат масовно по успехот на Нирвана. За многу луѓе гранџот бил асоцијација за овие два бенда со бунтовен однос кон мејнстрим нормите и културните и социјалните институции. Исто така и други бендови од Сиетл постигнуваат успех (главно, тоа се Алис ин чејнс и Саундгарден), но и бендови што не се дел од музичката сцена на Сиетл, како на пример Stone Temple Pilots од Сан Диего, Silverchair од Aвстралија, и Bush од Британија.

Повеќето обожаватели на гранџот веруваат дека популарноста на овој жанр пораснала заради намалената популарност на глам метал бендовите како што се Mötley Crüe, Poison, и Warrant, кои доминирале во текот на 80-тите (особено во САД). Глам металот е познат по мачо текстовите, драматичните рифови и недостаток на социјална свесност во трката по што поголема мејнстрим публика и заработувачка. Овие аспекти биле популарни во текот на 80-тите, но на почетокот на 90-тите имале спротивен ефект. Гранџот успеал да се пробие со текстови со анти-мачо содржина, социјално освестени и критички настроени кон општеството.

Обожавателите на гранџот сметаат дека медиумите, како и секога, непотребно посветиле преголемо внимание на стилот на облекување што го практикувале бендовите и нивните фанови. Тој бил мешавина од панкерски стил и облека карактеристична за луѓето од северозападот на САД, која се базирала на карирани кошули (карактеристични за дрварите). Ваквиот тип на облека бил евтин и овозможувал заштита од ладното време коешто владеело во овој регион. Во раните 90-ти, текстилната индустрија ја искористила фокусираноста на медиумите на гранџ „модата“ за свои комерцијални цели, пуштајќи во „мода“ облека дизајнирана според начинот на облекување на гранџерите. Медиумите го форсирале етикетирањето на гранџ сцената како генерација Х, во обид да креират следбеници на хипи движењето. Занемарувајќи ја музиката, медиумите цело време се концентрираат на фрапантности, како што е т.н. гранџ сленг. Тие отишле до таму што во The New York Times направиле сторија со лажни гранџ зборови, коишто наводно се употребуваат помеѓу фановите и бендовите, а што подоцна и било докажано од Меган Џаспер од Sub Pop дека е лага со намера да се искористи популарност на гранџот за комерцијални цели. Сето ова подоцна било документирано во документарецот наречен "HYPE".

И покрај овие новинарски тривијалности околу гранџот, музичарите продолжија да се облекуваат како што всушност се облекувале и пред тоа, игнорирајќи ја модата. На рок сцената вообичаена била скапата облека, за разлика од гранџерите кои што продолжиле да и даваат предност на едноставната, секојдневна облека: карираните кошули, фармерките, док мартинс чизмите или Конверс патиките.

Многу важни настани се случиле за време на ерата на гранџот, a веројатно не би се случиле ако гранџот не стекнел толку голема популарност. Алтернативниот рок што дотогаш се свирел само по локалните клубови и на факултетските радија влегол во мејнстримот откако големите продуцентски куќи веќе успеале да продадат на публиката и многу понепопуларни жанрови. Патувачкиот фестивал Lollapalooza е резултат на тоа, додека гранџот станал важен дел од фестивалот во 1992 и 1993. Во очите на медиумите, гранџот станал главен дел од поп културата, откако станал и дел од филмот Singles од 1992, каде што се појавуваат повеќе големи гранџ бендови. Истата година Nirvana и Sonic Youth се појавуваат во документарецот наречен 1991: The Year Punk Broke. Откако овие панк жанрови стануваат популарни, се овозможило оживување на панкот, во групите како што се Green Day и The Offspring кои постигнуваат голем успех.

Одбивањето на мејнстрим популарноста[уреди]

Масовната популарност на гранџот беше кратка. Повеќето фанови и музички историчари веруваат дека гранџ бендовите не можеле да доживеат долгогодишен успех и силна подршка од продуцентските куќи заради тоа што ја одбивале мејнстрим славата. Многу гранџ бендови почнале да ја одбиваат соработката со продуцентските куќи за создавање на радио хитови, и така продуцентите си нашле нови бендови што го сакале тоа, бендови кои се само оскудна имитација на гранџ бендовите, бендови кои што не ја добиле подршката од вистинските гранџ фанови. Сето ова ги натерало продуцентите да бараат нови стилови на музика кои што би се продавале добро.

Друг фактор којшто придонел за пропаѓањето на гранџот е појавувањето на новиот жанр наречен постгранџ. Постгранџот е варијација на вистинскиот гранџ, меѓутоа без валканиот звук што го поседува гранџот. Овој подвид на гранџот е откриен од продуцентите кои биле во потрага по звук сличен на гранџот, но со поп елементи за да може да се продава. Во средината на 90-тите продуцентските куќи почнале да потпишуваат со овие бендови во намера да им дадат голема популарност. Иако неколку постгранџ бендови, како што се Silverchair и Bush, постигнале успех, многу фанови ја разоткриле намерата и го отфрлиле овој жанр. Тоа е случај со бендовите Candlebox и Collective Soul. Овие обвинување стигнале и до оние постгранџ бендови што веќе доживеале комерцијален успех, со што нивната популарност била уште пократка и од вистинските гранџ бендови. Истиот третман го добиле и подоцнежните постгранџ бендови како што се Creed и Days of the New.

Употребата на хероин меѓу гранџ музичарите бил уште еден фактор што не им овозможувал да функционираат нормално. Смртта на Ендрју Вуд во 1990 г. била една од првите поголеми трагедии на гранџ сцената, со што тоа било и крај за Mother Love Bone. Употребата на хероин од страна на Курт Кобејн се претпоставува дека имала големо влијание врз неговата одлука да се самоубие (иако тоа досега не е потврдено). Кристен Фаф од Hole во 1994 г. и Лејн Стејли од Алис ин чејнс во 2002 г. исто така се претпоставува дека се покосени од преголемата употреба на хероин. Се верува дека гранџот почнал да пропаѓа со смртта на Кобејн во април 1994 година. Интересно е тоа што Кобејн е често фотографиран со маички на кои што пишува „Гранџот е мртов“.

За многу фанови, гранџот престанал да биде популарен кога Саундгарден се распаднале. Многу од гранџ бендовите продолжиле да егзистираат, како на пример Перл Џем и покрај тоа што гранџот излегол од мејнстримот. Гранџот сѐ уште има свои верни обожаватели. Тоа се докажа со необјавената песна на Нирвана "You Know You're Right", која што во 2002 г. котираше одлично на топ листите, додека документарецот With the Lights Out е еден од најпродаваните.

Гранџ Бендови[уреди]