Божидар Никетиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Божидар Никетиќ
Роден 18 јануари 1899
Сремска Каменица,  Србија
Починал 18 март 1963
Скопје, Македонија
Занимање универзитетски професор, невропсихијатар

Божидар Никетиќ (18 јануари 1899 Сремска Каменица - 18 март 1963 Скопје) — невропсихијатар, редовен професор, декан на Медицинскиот факултет во Скопје, и прв директор на болницата за нервни и душевни болести „Бардовци“ во Скопје.[1]

Животопис[уреди | уреди извор]

Божидар Никетиќ завршил основно образование во Сремска Митровица, Војводина, а гимназија во Нови Сад. Поради учество во Првата светска војна, морал да го прекине школувањето. Подоцна, студирал медицина во Прага и Виена, а дипломирал на Медицинскиот факултет во Грац, Австрија, во 1924 година. На полето на психијатријата започнал да работи од 1924 година, кога бил поставен за лекар во душевната болница Стењевац, која подоцна се преформирала во Психијатриска болница „Врапче“, близу Загреб. Таму работел 14 години, каде се стекнал и со звањето примариус.

Кариера[уреди | уреди извор]

Во 1938 година станал шеф на Невропсихијатриското одделение при болницата во Нови Сад. За време на Втората светска војна, Никетиќ работел прво во Психијатриската болница во Белград, а потоа во местото Тополница крај Ниш.[1] Во 1944 година, стапил во партизанските единици и бил поставен за командант на Медицинскиот баталјон при Четириесет и петтата народноослободителна ударна дивизија.

По ослободувањето Божидар Никетиќ бил назначен за референт за неврологија и психијатрија при Комитетот за заштита на народното здравје, и референт за нервни болести при Санитетската управа на ЈНА. Во 1947 година, бил избран за редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, по предметот „Неврологија и психијатрија“. Во 1951 година бил назначен за раководител на Нервната клиника во Скопје, од која создал современа невропсихијатриска клиника.

Кога на 9 декември 1954 година со одлука на Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија била основана болницата за нервни и душевни болести „Бардовци“, Никетиќ бил назначен за нејзин прв директор. На оваа должност останал сè до својата смрт, во 1963 година.[1]

Низ годините, Божидар Никетиќ бил претседател на Сојузот на лекарски друштва на Југославија, претседател на Здружението на невропсихијатри на Југославија, како и доживотен претседател на Здружението на невропсихијатри (денес - Здружение на невролози). Двапати бил избран за декан на Медицинскиот факултет во Скопје.

Бил одликуван со Орден на заслуги за народот од II степен, и со Орден на трудот од I и II степен.

Библиографија[уреди | уреди извор]

Божидар Никетиќ напишал повеќе научни трудови за одделни проблеми во невропсихијатријата и нејзините гранични подрачја, а посебно го интерресирал проблемот на ендемската гушавост и нејзиниот невропсихијатриски аспект.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 д-р Марјан Димитријевски: „Декани - 1947-2012“, Скопје, Медицински факултет, 2015 г., стр. ​17-19